Украина на 6 јуни ги обвини руските сили за кревање во воздух на големата брана и хидроцентрала Каховка, во делот на јужна Украина што тие го контролираат.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во првата реакција на уништувањето на браната Каховка, ја обвини Украина за саботажа.
Браната Нова Каховка е висока 30 метри и долга 3,2 километри.
Уништувањето на браната Нова Каховка на реката Дњепар од страна на руските сили доведе до целосно или делумно поплавување на неколку населби кои се наоѓаат покрај реката, рече гувернерот на јужниот украински регион Херсон на 6 јуни.
„Од 7:30 часот, следниве населби се целосно или делумно поплавени: Тјахинка, Лвив, Одрадокамјанка, Иванивка, Микилске Токаривка, Поњативка, Билозерка и микрообласта Острив во градот Херсон. Другите населби ќе бидат поплавени, ние сме подготвени“, изјави Олександр Прокудин за националната телевизија.
Евакуацијата на приближно 16.000 луѓе од загрозената област на десниот брег на Днепар е веќе во тек, додаде Прокудин.
Песков рече дека недвосмислено може да се каже дека станува збор за саботажа од украинска страна. Тој вели дека саботажата „потенцијално може да има многу сериозни последици за десетици илјади жители во регионот“.
Градоначалникот на Нова Каховка, инсталиран од Москва, Владимир Леонтиев рече дека украинските напади на браната ги уништиле нејзините вентили и „водата од акумулацијата Каховка почна неконтролирано да тече низводно“.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека ја следи ситуацијата. Украинската агенција за нуклеарна енергија,пак, предупреди дека уништувањето на браната Нова Каховка може да претставува опасност за безбедноста нануклеарната централа Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа.
„Водата од акумулацијата Каховка е неопходна за станицата да добие струја за кондензаторите на турбините и безбедносните системи. Сега езерцето за ладење на станицата е полно“, соопштија од Енерхоатом, кои се оператор на фабриката.
Од МААЕ велат дека централата треба да има доволно вода за да ги лади своите реактори „неколку месеци“ од езерцето лоцирано над резервоарот создаден од браната.
„Затоа е од витално значење ова езерце за ладење да остане недопрено. Ништо не смее да се направи за потенцијално да се поткопа неговиот интегритет. Ги повикувам сите страни да се погрижат да не се направи ништо за да се поткопа тоа“, рече шефот на МААЕ Рафаел Гроси.
Наталија Хуменјук, портпаролка на Јужните одбранбени сили на Украина за РСЕ изјави дека руските сили ја кренале во воздух браната Нова Каховка, по видео снимките што се појавија на социјалните мрежи од уништувањето на браната во близина на градот Херсон.
Осуда од меѓународниот фактор
Шефот на НАТО Јенс Столтенберг го нарече „безобразен чин“, додека претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изрази „шок“.
„Уништувањето на браната Каховка денес става во опасност илјадници цивили и предизвикува сериозна штета на животната средина. Ова е срамен чин, кој уште еднаш ја покажува бруталноста на руската војна во Украина“, напиша Столтенберг на Твитер.
Мишел рече дека Русија треба да одговара за „военото злосторство“ за уништување на цивилната инфраструктура.
„Шокирани од нападот без преседан на браната Нова Каховка. Уништувањето на цивилната инфраструктура јасно се квалификува како воено злосторство и ние ќе бараме одговорност од Русија и нејзините помошници“, рече Мишел.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, исто така, ја префрли вината на Москва за уништувањето на браната.
Со вода од браната се снабдува и Крим
Браната е изградена во 1956 година. Нејзините примарни цели се производство на електрична енергија, наводнување и навигација.
Браната, која беше подложена на модернизација во 2019 година, го снабдува со вода и полуостровот Крим, окупиран од Москва.
Украинските власти претходно предупредија дека дефектот на браната може да ослободи 18 милиони кубни метри вода и да го поплави Херсон и десетици други области каде живеат стотици илјади луѓе, како и да предизвика дефект во блиската нуклеарна централа, што е окупирана од руската армија.
Зеленски свика итен состанок
Претседателот Володимир Зеленски свика итен состанок за да се реши кризата.
Тој на Твитер објави видео од браната и напиша дека рушењето на браната и хидроцентралата Каховка „само му потврдува на целиот свет дека тие мора да бидат протерани од секој дел на украинската земја“.
„Ниту еден метар не треба да им се остави, бидејќи секој метар го користат за терор. Само победата на Украина ќе ја врати безбедноста. И таа победа ќе дојде“, напиша Зеленски на Твитер и ги повика граѓаните да им веруваат само на информации од проверени извори.
Радио Слободна Европа не можеше да ја потврди автентичноста на снимката.
Министерството за внатрешни работи на Украина на Телеграм напиша дека браната Каховка е крената во воздух и ги повика жителите на 10 села на десниот брег на реката и делови од градот Херсон низводно да ги земат потребните документи и домашни миленици, да ги исклучат уредите и да одат.
Во исто време, Министерството за внатрешни работи на Украина предупреди на можни дезинформации.
Снимката од она што се чини дека е надзорна камера која гледа во браната која кружи на социјалните мрежи, наводно, покажува блесок, експлозија и пукање на браната, јавува Асошиејтед прес (АП).
Украина и Русија претходно меѓусебно се обвинуваа дека ја гаѓале браната, а во октомври минатата година Зеленски предупреди дека Русија ќе ја уништи браната за да предизвика поплава.
Со месеци властите, експертите и жителите изразуваа загриженост за протокот на вода низ и над браната Каховка.
Во февруари нивото на водата беше толку ниско што многумина стравуваа од оперативни проблеми во нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија, чии системи за ладење се напојуваат со вода од резервоарот на браната.
До средината на мај, по обилните дождови и топењето на снегот, нивото на водата се искачи над нормалното, поплавувајќи ги околните села.
Украина контролира пет од шесте брани долж реката Дњепар, која се протега од нејзината северна граница со Белорусија до Црното Море и е критична за снабдувањето со вода за пиење и електрична енергија во земјата.
Браната Каховка, најоддалечена низводно во Херсонската област, е под контрола на руските сили.