Достапни линкови

Метастазираат проблемите на Онкологија


Жени чекаат на шалтер за прием во скопската Клиника за онкологија
Жени чекаат на шалтер за прием во скопската Клиника за онкологија

Или нема цитостатици, или нема апарат за радиотерапија, а кога има апарат нема кој да работи со него. Ова се основните проблеми со кои се соочуваат пациентите заболени од рак, а ги нотира државниот ревизор. За сите нив последнава деценија известуваше Радио Слободна Европа, но се уште не се решени.

Скопската Клиника за онкологија е во топ десет должници на листата на Министерството за финансии. Заклучно со декември минатата година, оваа болница има долгови во вредност од речиси 10 милиони евра, и дополнителни 4,7 милиони евра кои допрва треба да ги исплати. Државниот ревизор утврдил дека клиниката е до толку заглавена во долгови што тоа може да влијае и на квалитетот на здравственити услуги кои им ги дава на болните од рак.

Вкупниот долг на Клиниката во 2021 година изнесувал 10,5 милиони евра, поради што Клиниката за онкологија е тужена за неплатени фактури за лекови и медицински материјал. Самата клиника набавувала лекови на реверс за кои не била формирана цена и до Фондот фактурирала трошок помал од реалниот.

Ревизорот утврдил дека е неизвесна исплатата на долгот што го има Клиниката од 825 илјади евра кон другите клиники за здравствени услуги, како и дека од Министерството за здравство и должи на клиниката 2,6 милиони евра за услуги од 2009 до 2021 година.

„Оваа состојба има влијание врз финансиската состојба на Клиниката и квалитетот на услугите што се даваат на граѓаните, и создава ризик од застарување на побарувањата. Ревизијата укажува дека е потребно Клиниката во Соработка со Министерството и Фондот, да изнајдат решение за надминување на состојбата со ненаплатени побарувања“ се вели во извештајот.

Дополнително ревизорите утврдиле дека во клиниката не е правилно спроведен попис по што не располагаат со конкретни информации за побарувањето и обврските.

Лекови на реверс и помали фактури кон ФЗО од реалните

Во последниот извештај ревизорот утврдил дека клиниката си набавувала лекови и медицинска опрема на реверс без однапред одредени цени, а хемотерапијата и хормоналната терапија за лечење на пациенти од канцер е ненавремено набавена.

За проблемите во набавките на цитостатици и хемотерапија пишувавме неколку пати. Проблемите со цитостатиците и хемотерапијата кои ги нотира ревизорот во извештајот за 2021 година на терен станаа поголеми во 2022 година. Со месеци доцнеше тендерската набавка на цитостатици, па пацинети беа приморани да чекаат за терапија која може да им го спаси животот, иако рокот од 21 ден кога е неопходно да ја примат дозата им изминал.

Во Македонија секоја година околу 6.000 луѓе во просек се дијагностицираат со рак, а ракот е и втора најчеста болест од која се умира во земјава.

Кога во јавноста се појавија и наводи за можно препродавање цитостатици од оваа Клиника, тогашниот министер за здравство Беким Сали прати ревизија и побара оставка од директорот. Како причина го наведе долгот од 12 милиони евра на Клиниката, што ја стави во тој период клиниката во топ 5 должници во земјава.

Од МЗ тогаш тврдеа дека проблемот со лековите ќе го решаваат со онколошки конзилиум кој ќе носи одлуки за „правилна и подобрена покриеност на пациентите со биолошка терапија“. Појаснуваа дека сега се обновуваат онколошките протоколи, а протоколите ќе бидат „адаптирани во рамките на актуелните можности на буџетот на клиниката“. Детали во јавноста за новите протоколи нема.

Медицински апарати фаќаат прашина, а пациентите поминуваат стотици километри во потрага по лек

Еден од проблемите кои ги нотира ревизорот е и некористење на набавен апарат за лекување на болни од рак линеарен акцелератор. Радио Слободна Европа во 2021 година истражуваше за набавени три медицински апарати уште во 2013 година вредни милиони евра за лекување на канцер кои фаќаат прашина во магацин затоа што за нив не е изграден соодветен бункер каде што требало да бидат сместени.

Станува збор за линеарни акцелератори кои зрачат високоенергетски зраци, со чија помош локално се уништуваат туморските клетки или во најмала рака го стопираат нивниот раст и развој.

За време на мандатот на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во 2013 година беа набавени четири линеарни акцелератори. Еден за градската болница „8 Септември, кој свечено го пушти во употреба поранешниот министер Венко Филипче во 2019 година, пет години откако беше купен.

Поранешниот министер Венко Филипче на пуштање во употреба на линеарен акцелератор за малигни заболувања во градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје.
Поранешниот министер Венко Филипче на пуштање во употреба на линеарен акцелератор за малигни заболувања во градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје.

Вториот беше наменет за државната клиника за онкологија и беше поставен во 2015 година, две години по неговата набавка, но до сега немаше информација дали во тој период беше пуштен во употреба. Ревизорот сега утврдил дека за овој апарат нема соодветна просторија. Другите два линеарни акцелератори беа наменети за Битола и Штип, а нивната вредност според Министерството за здравство изнесуваше 3,2 милиони евра.

Тогаш своето искуство во битката со ракот за РСЕ го сподели битолчанката Вера Огненовска која со полни 70 години и метастази во коските, за да прими радиотерапија која се третира еднаш дневно, неколку денови по ред беше принудена да лежи во скопската клинка затоа што во нејзиниот роден град не бил ставен со години во функција веќе набавениот линеарен акцелеаратор.

„Зрачната терапија ја примив во Скопје, затоа што во Битола нема, не работи апаратот и пациент сум во Скопје. Останав таму за да ја примам зрачната терапија после операцијата“, вели Огненовска.

Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров на камен темелник на бункерите наменети за апартите во јавност тврдеше дека Битола ќе стане втор онолошки центар во земјава.

Министерот за здраство Никола Тодоров во посета на битолската болница
Министерот за здраство Никола Тодоров во посета на битолската болница

Тодоров тогаш рече дека дотогаш во Македонија имало само два акцелератори поставени во главниот град Скопје и дека често пати се случувало еден да откаже, бидејќи машините постојано работеле над нивните можности.

„На овој начин, освен што граѓаните од овој регион ќе добијат подобра услуга, подобра услуга ќе добијат и оние во Скопје, бидејќи сега таму ќе се намали бројот на тие кои имаат потреба од таа услуга, а ќе се подобри квалитетот на услугата“, изјави Тодоров.

Но, тоа ветување не е исполнето од ниту еден министер за здравство и по изминати десет години од поставените камен темелници за букерот. Пациентите се жалат дека работите на терен со години се поинакви од она што го кажуваат политичарите.

Кузмановска: Голгота на пациентите со карцином од дијагноза до лекување
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:55 0:00
Директен линк

Ревизорите во онколошката клиника утврдиле и дека проблеми со фирмите кои се задолежни за сервис на апаратите за лекување на болните од рак.

„Во постапките за сервисирање на опрема за која економските оператори имаа монополска позиција или ексклузивно право, се склучуваат договори за целосен сервис при што не постои можност да се спореди, утврди реалноста на исплатените средства во однос на обемот на извршените услуги“, се вели во извештајот на државниот ревизор за 2021 година.

Ревизорот утврдил и проблеми со платите и систематизацијата на вработените

Во извештајот за скопската клиника за онкологија за 2021 е утврдено дека вработените на скопската клиника за онкологија се распоредени на позиции кои не се во согласност со систематизацијата, како и дека им се определени несоодветни коефициенти и додатоци на плата.

Дополнително ревизорот забележува дека Клиниката за онкологија во Скопје е главна за услуги во областа на онкологија и радиотерапија иако за тоа има услови и во други медицински центри во земјава. Според ревизорот одговорност за ваквата состојба во клиниката сноси поранешниот директор Никола Васев кој на оваа функција беше назначен во 2017 година и неговиот заменик Нехат Нухи.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG