Достапни линкови

Светото тројство во здравството - недостиг на лекари, опрема и пари


Пари, лекари специјалисти и опрема, хронично недостигаат во македонскиот здравствен систем. Пациентите се жалат дека со месеци чекаат за термин за одредени специјалистички прегледи. Лекарите, пак, бараат да се вработат нови колеги за навреме да ја пружат потребната нега на пациентите.

Ако веќе имате закажан термин за специјалистички преглед ќе завршите работа навреме. Но, проблемот е да дојдете до закажување на термин за специјалистички преглед, велат пациентите кои ги сретнавме во скопскиот клинички центар Мајка Тереза.

Пензионерката Виолета Петрова од Штип вели дека не и пречи гужвата во скопската клиника, но проблем ѝ е што нема редовно слободни термини за специјалистички прегледи.

Таа вели дека во родниот град не може да ги направи сите прегледи кои ѝ се потребни за нејзината здравствена состојба, затоа што нема доволно лекари специјалисти во Клиничката болница во Штип, па затоа неколку пати во месецот мора да доаѓа до главниот град и лекот да си го бара во Клиничкиот центар Мајка Тереза. На Петрова овој пат ѝ бил потребен преглед на неврологија, но за термин чекала долго време.

„Е сега малку е проблем со закажувањето ако не го фатиш моментот кога треба да се закаже термин, требало до 25-ти во месецот кога се ослободувале термините, а јас и не знам кога ги ослободуваат термините, тоа матичните и специјалистите знаат, треба да реагираш на време, а така има термини ако тие денови ги фатиш“, вели таа.

Петрова објаснува дека во Штип, сликата е слична кога станува збор за едноставни прегледи. Ем се чека за одредени анализи, ем не се целосни, па за да добие конкретна дијагноза мора повторно да доаѓа до Скопје.

„И таму е проблем со прегледи специјалистички, и со термини, тука на пример наместо во два дена во еден завршив работа, ме примија со упат за снимање кој ми беше за наредниот ден и тоа пријатно ме изненади, за да не доаѓам два дена. Така што во овие пандемиски услови можеби и нормално е, не знам. Можеби треба да се направи некоја реорганизација со тие термини и да се вработи повеќе персонал“, вели таа.

Хронични болки на здравството - нема доволно лекари, пари и опрема
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:41 0:00

Како до термин за преглед?

Според податоците од системот „Мој термин“ за ехо на дојка нема термин, што значи дека штипјаките за тој преглед ќе мора да одат до Свети Николе, каде најрано за една недела би им закажеле, или пак до Скопје каде што може само на Институтот за радиологија да го направат снимањето, но за тоа ќе треба да почекаат најмалку еден месец за слободен термин. А за одредени болести како што ракот на дојка, еден месец може да значи многу изгубено време во битката со канцерот.

И штипјаните во тој поглед се дискриминирани по место на живеење, затоа што за уролошки преглед и преглед на простата во Клиничката болница во Штип, термин нема, односно не се прави тој преглед, покажуваат податоците од „Мој термин“. За да си го проверат своето машко здравјево најкус можен рок штипјаните мора да одат до Македонски Брод. А доколку се расположени да чекаат таа здравствена услуга ќе ја добијат во Скопје за 20 дена или пак да си платат приватно.

Искуството на штипјанката Петрова не е единствената приказна што може да се слушне во болничките ходници во скопската клиника. Пациентите од внатрешноста имаат сериозен проблем да дојдат до специјалистички прегледи кои ги нема во нивниот град, па покрај чекање треба да поминат и стотина километри до главниот град само за преглед. На пример пациентите од Кочани за голем дел од прегледите патуваат до Штип или до Скопје.

„Немаме лекари, тоа е ужас, еден хирург, еден интернист имаше, жена од Виница, мислам дека отиде во пензија“, вели Коле Дуплев жител на Кочани.

„Мој термин функционира, ама еве ме сега барам упат за ренген или Пробиштип или Виница, тука во Кочани нема, не работи,“, вели Живко Стаменков.

Проблеми со закажување на термини во скопската клиника имаат и скопјани.

„Некаде оди брзо, некаде споро оди, на закажано веќе завршивме работа. Тешко на тие од надвор што доаѓаат, ние од тука што сме и да почекаме не е страшно.“

„Сега ако чекаш за операција нормално е да чекаш.“

„Се работи за итно, а се чека по три до четири месеци дури да закажеш. Стварно многу тешко, и треба многу среќа, претежно им се затворени сите термини“, велат анкетираните скопјани во Клиничкиот центар Мајка Тереза.

Недостигаат лекари специјалисти

Недостигот на лекари специјалисти е проблем и за самите лекари. Најмладиот хирург, Катерина Мирчевска, што го сретнавме во кочанската болница вели дека тоа многу им ја отежнува работата.

„Немаме готови специјалисти на дофат, хирургијата е тимска работа, потребен е тим и тука е еден од проблемите. И да сакаме да работиме, ни треба колега кој би ја покрил на пример амбулантата за итни случаи“, вели таа.

Нејзината колешка од Велес, матичната лекарка Лилија Чолакова -Дервишова забележува дека и недостигот на опрема и медицински материјал е една од причината поради која се „шетаат“ пациентите до Скопје.

„Не може секој да оди до Скопје, не може секој да се праќа до клиниките, значи нуклеарна медицина во Македонија имате на две места во Скопје и Битола, наместо да има во секој град. А проблеми со тироидна жлезда има енормно, никој не јодира население. Еве за нашиот град имате само ТСХ да испитате, нема на пример да проверите антитела. Медицината е прекрасна наука, но треба оној кој што ја сака државата да овозможи брзо да одиме до резулати и дијагнози и брзо до терапија и санирање на проблемите. Ако некој нема можности таа тироидна може да доведе до оштетување, до ослепување“, вели таа.

Болниците до „гуша“ во проблеми

Но, проблем се и парите. Општите болници во внатрешноста се до „гуша“ во долгови. Охридската болница веќе со месеци има блокирана сметка. Како ли ќе ги плати сметките за струја, се прашува директорот на болницата Горан Балевски.

„Не само сметките за струја, туку и целата состојба со ковид кризата и сметките за кислород. Само за споредба да направам, пред кризата инфективното одделение трошеше по една боца кислород годишно, а за време на ковид кризата инфективно трошеше по 200 боци во еден ден. Тоа е огромно зголемување на трошоците, па зголемени трошоци за дежурства, на сметките на општата болница, во поглед на сметките за струја. Тешко е да се води општа болница во кризата, а државата некако мора да помогне“, вели Балевски.

Општата болница во Охрид минатата година неплатила сметки во вредност од 3,2 милиони евра. Директорот Балевски објаснува дека финансиски болницата е неодржлива и не може да опостои, особено со толку доверители „на врат“.

„Многу тешко издржуваме, се снаоѓаме некако, со молење на некој начин. Многу тешко дека ќе ги регулираме тие обврски кон доверители. Ако наеднаш државата не ги покрие тие долгови, ние како општа болница не можеме да го решиме тоа. Ни треба или Министерството за здравство или Фондот за здравство да не доведе до некоја ситуација со која болницата ќе биде оддржлива“, вели тој.

Должничката листа на болници кои имаат блокирани сметки е голема. Според изворите на Радио Слободна Европа најмалку осум клиники и две општи болници имаат блокирани сметки од извршители.

Пандемијата за двојно им ги зголеми сметките на сите болници

Но, тие не се единствени со долгови, сите клиники и болници за минатата година должат речиси сто милиони евра. Пандемијата со ковид- 19 речиси за двојно им ги зголеми сметките на сите болници, особено на оние кои беа ковид центри и на болниците во внатрешноста. Но, тие и пред коронакризата веќе беа во долгови.

Во однос на тоа кој колку е задолжен, податоците од Министерството за финансии покажуваат дека општите болници заедно должат 14 милиони евра, додека сите клиники во државната болница должат 34 милиони евра. Останатите 20 милиони евра им припаѓаат на здравствените домови и институции.

Прв на листата на должници во декември 2021 година е Клиниката за онкологија со доспеан долг од 6,4 милиони евра, кој само до јули истата година изнесувал 2,4 милиони евра.


Веднаш по неа е Градската болница „8-ми септември“ со долг од 4,3 милиони евра која за време на пандемијата беше претворена во ковид центар и примаше само пациенти заразени со коронавирус, додека другите оддели не примаа пациенти. Но и пред пандемијата, односно во 2019 година оваа болница го „држеше“ второто место со вкупен доспеан долг од 4,7 милиони евра.

„Бронзениот медал за најзадолжени болници“ оди кај Институтот за трансфузиона медицина со минус од 4,3 милиони евра.

Од Министерството за здравство за ваквата должничка ситуација на здравствениот систем само кусо коментираат дека одблизу ја следат работата на сите јавно-здравствени установи и соодветни служби ги следат сите аспекти како од функционирањето на установите од стручен апсект, така и од финансиски аспект.

„Во однос на преземањето мерки, тоа е директно поврзано со причините за настанувањето на долговите, ако се земе в предвид дека секоја установа има определен буџет кој претходно е усогласен во соработка со ФЗОМ“, се вели во одговорот на Министерството за здравство до Радио Слободна Европа.

Ревизор - Фондот им исплаќа на болниците пониски цени од реалните

Но, државниот ревизор при чешлањето на сметките на болниците и на Фондот за здравство утврдил дека една од причините за наталожените долгови на болниците и клиниките тоа лежи во несменетиот ценовник според кој многу поевтино од вистинската вредност им ги плаќа здравствените услуги на болниците.

Директорот на Охридската болница Балевски вели дека долговите се трупаат со нереалните цени кои им ги исплаќа Фондот за операциите кои ги прават. На пример за една операција во која се користи модерна опрема и материјал и после сумата која легнува на сметка од Фондот е смешна.

„Ако една класична операција на бубрег Фондот ја калкулира 60 илјади денари, а вие во таа операција имате вклучено тројца уролози, тројца хирурзи, анестезиолог, анестезиолошки техничар, сестра , материјал што се користи во општа болница Охрид се користи во болниците во Словенија. Ако таа операција Фондот ја плаќа 60 илјади денари во странство или во приватните болници таа операција чини 3 илјади евра. Тука се разликите на цените. Ние не добиваме доволно пари за услугите кои ги даваме, затоа се тие разлики“, вели Балевски.

Фондот по забелешките на ревизорот во 2018 година напрвил делумна промена на Ценовникот и тоа за висината на инфлацијата од 2012 година до 2018 година односно во висина од 15 проценти. Фондот наместо целосно да ги надоместува извршените здравствени услуги е принуден да обезбеди средства за целосно функционирање на неодржливите јавни здравствени установи.

„Како резултат на сите наведени состојби дел од јавните здравствени установи имаат искажано повисоко ниво на извршени услуги и соодветно на ова повисоко ниво на реални трошоци во однос на договорениот надоместок“, се вели во ревизорскиот извештај на Фондот за здравство.

Примери од Словенија

Македонија и Словенија имаа неколку заеднички работи, речиси иста територија и број на жители но и сличен здравствен систем. На пример во двете земји има по 14 општи болници. Но, разликата е во тоа што пациентите во Словенија се лекуваат претежно во општите болници во нивните градови, и само 20 проценти од нив добиваат третман во клиничките центри, додека македонските пациенти главниот дел од здравствените услуги го добиваат само во клиничкиот центар во Скопје.

Ивана Стојкова

Додека за најголем дел од здравствените услуги македонските пациенти се приморани да доаѓаат на скопските клиники, во Словенија на пример, земја слична по големина на Македонија пациентите си завршуваат работа во здравствените домови во близина на нивното место на живеење.
Само една петтина од словенечките пациенти се лекуваат во клиничките центри и тоа само оние кои имаат потреба од лекување со помош на специјалисти лекари од повеќе области. Ова за Радио Слободна Европа го раскажува докторката Хатије Исмаили, родена во Гостивар, а веќе 20 години работи како гинеколог во Словенија.

„Имате здравствени домови, тоа е како амбулантен дел, близу болниците и тоа се само амбуланти со сите струки од интерна медицина, педијатрија, гинекологија, така што покриена е целата земја. Словенија е мала исто како Македонија, 2 милиони луѓе, но целиот регион е покриен со болници, има 14 болници, така што не е оптоварен клиничкиот центар во Љубљана како што е на пример во Скопје. Има два клинички центри Марибор и Љубљана, но само 20 проценти одат таму, друго ние се покриваме во малите болници“, вели таа.

Пациентите во Словенија не одат преку ред - искуство на македонска докторка
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:05 0:00
Директен линк


Таква слична поставеност на здравствениот систем има и во Македонија. Но македонските лекари велат е нефункционален. Проблемот лежи во недостиг на волја, стратегија и добра организација, вели доктор Божидар Кочоски од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти.

Затоа пациентите чекаат со месеци за термини, се прават дупли испитувања и сето тоа резултира со незадоволство.

Според него треба да се направат регионални болници кои ќе се опремат со апаратура и во кои ќе се вршат покомплексни процедури, за пациентите да можат да добијат заштита во своето место на живеење.

„Децентрализацијата ние ја понудивме како модел кој што би се поставил на основа на регионални болници, значи регионализација, во која што ќе формираат неколку центри кои ќе може да обезбедат здравствени услуги од покомплексен тип, кои што ќе можат да интегрираат повеќе и апаратура и професионалци од различни видови области, кои што ќе можат да обработат поголем број на пациенти, со цел зголемување на стручноста кај лекарите и подобрување на вештините што ги работат и помали центри кои што ќе ги опслужуваат овие регионални центри. Можно е и треба да се направи“, вели тој.

Голем дел од македонските пациенти кои мораат да чекаат за термин на државно одлучуваат да си платат во приватните клиники. За разлика од нив словенечките пациенти речиси сите здравствени услуги ги добиваат навремено и без врски, вели доктор Исмаили.

„Нема толку приватно здравство, бидејќи нема потреба. Нема многу чекање операции, има ред. Нема со познанства или корупција и ако има -има многу малку, можеш да дојдеш на ред за сите услуги, нормално за некои операции се чека, но тоа се е јавно и се знае. Ако јас на некој пациент му дадам приоритет, тоа се контролира зошто е тоа така – може да платам казна и јас и пациентот и мора да има причина за тоа, доколку не е така следуваат казни, а тоа се оди електронски, некако 90 проценти ќе кажам функционира како што треба и тоа ни олеснува затоа што се знае како оди и пациентите се дисциплинирани“, вели таа.

Врските, подароците во плик, корупцијата во здравството може да се намалат со казнување и заштита на свиркачите, вели доктор Кочоски. Но тој лоцира и друг сериозен проблем, а тоа е недостатокот на лекари во примарната заштита, што во иднина може да остави сериозни последици врз здравјето на населението и пристапот до здравствена заштита.

„Просечната старост на лекарите кои што работат во примарната заштита е над 55 години, имаме недостиг на педијатри, на фамилијарни лекари, и сето тоа креира не само незадоволство туку и една дупка во здравствената заштита што ја добиваат пациентите“, вели тој.

Доктор Исамили која пред две години во Словенија беше избрана за најдобар доктор вели дека лекарите таму мора постојано да ги надоградуваат своите вештини, тоа им ги овозможуваат болниците, а целта е да бидат во тек со новите методи и развојот во медицината.

„Тука се истражува секоја грешка. Ако има компликација се истражува зошто како што треба да се направи следниот пат, не може ниту една операција да помине лошо, а да не се истражи, мора да го оправдаш и да докажеш со потписи, постапки и се е документирано, до час кога сме дале лек, кога сме го викнале пациентот како сме го третирале итн“.


Она што и Македонија и Словенија го имаат како проблем е недостигот од лекари. Но разликата е во причините. Словенските студенти не покажуваат голем интерес за медицинските науки, додека во Македонија, младите лекари по студиите се соочуваат со проблематични услови за работа, но и партизираност во системот, што ги тера да ја напуштат земјата и да работат во странство, велат нашите соговорници.

Функционална децентрализација на здравствениот систем е хронична болка која со години го мачи македонското здравство. Нити една владејачка гарнитура во изминативе две децении не го реши овој проблем. Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари вели дека колу 60 проценти од вкупните здравствени услуги ниво на држава се даваат исклучиво во скопскиот клинички центар, Градската болница 8 септември и по некоја скопска поликлиника.

„Во периферијата општите болници за жал се претворени во амбуланти кои што во комунизмот беа како селски амбуланти. Велам дека тоа е така за жал, имаме човечки ресурси и капацитети кои само треба само да се мотивираат за да работат повеќе. Секундарното здравство скоро е атрофирано за жал“, вели Таравари.

Таравари објаснува дека дел од решението на проблемот е да се принудат општите и клинички болници надвор од Скопје да го спроведат тоа што им е по статут на болница и она што им е како работна задача.

„Во Тетово има Клиничка болница, исто во Штип и Битола има Клиничка болница. Ако ги анализирате и видите што здравствени услуги даваат ќе видите дека ни половина од тоа што е предвидено. Не успеавме да направиме бариери да не доаѓа се во клиничкиот центар во Скопје и болницата 8 ми септември. Има кадар, има човечки ресурси, а не им се дозволува, не им се дава на здравствените работници таму да работат повеќе отколку тоа што го прават актуелно. А имаат капацитет за повеќе, не мора за секоја хернија или за секоја холитизијаза да доаѓаат до Скопје. Има одредени операции кои може и мора да се направат во клиничките болници“, вели Таравари.

Директорот на охридската болница Горан Балевски вели дека се свесни за проблемот и дека се трудат охридските пациенти да не ги праќаат на прегледи во Скопје.

И Балевски како и Кочоски решението го гледа во регионализација на здравството, односно да се направат регионални центри според стручноста и квалитетот на болниците и да се укрупнат во една.

„Во Охрид на пример има расштркани болници, имате кардиолошко, костозглобно, општа болница Охрид, општа болница Струга, нефрологија Струга. Тоа се пет болници на 14 километри, немате потреба, во ниеден здравствен систем тоа не може да го издржи. Тоа се пет управни одбори, пет директори, пет заменици, пет лаборатории. Треба една болница да се направи на ранг на клинички центар, ви гарантирам дека од охридскиот регион многу ретко се ќе праќаат за Скопје“, вели Балевски.

Според докторите со кои разговараше РСЕ еден од начините за реформирање и вистинска децентралзиација на здравствениот систем е со подобрување на финансиските состојби на „презадолжените“ болници, обнова на апаратите кои ги користат и потикнување на младите специјалисти лекари да се вработуваат во општите болници и клиниките во внатрешноста.

Во меѓувреме македонските граѓани плаќаат придонеси за здравствено осигурување, но не ги добиваат во целост здравствените услуги за кои плаќаат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG