Вести
Кинескиот претседател во посета на Москва од 20 до 22 март

Кинескиот претседател Кси Џинпинг ќе допатува во официјална посета на Москва од 20 до 22 март, во период кога Пекинг се обидува да му даде поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, а исто така го турка мировниот план со цел да се стави крај на конфликтот во Украина.
„За време на разговорите ќе се разгледуваат актуелни прашања за понатамошен развој на сеопфатно партнерство и стратешка соработка меѓу Русија и Кина. Планирана е и размена на мислења во контекст на продлабочување на руско-кинеската соработка на меѓународната сцена“, се вели во денешното соопштение на Кремљ.
Посетата доаѓа откако Путин неодамна го покани кинескиот лидер да ја посети руската престолнина.
Минатиот месец, Кина го претстави мировниот план за украинскиот конфликт што ги одразува руските ставови, вклучително и обвинувањето на Западот за неиспровоцираната инвазија. Кинескиот план, меѓудругото, предвидуваше прекин на огнот и мировни разговори.
Западот го отфрли кинескиот предлог, но Москва го поздрави.
Кинеското Министерство за надворешни работи исто така го потврди патувањето, велејќи дека Кси и Путин за време на посетата ќе разговараат за големи меѓународни и регионални прашања.
Портпаролот на Министерството, Ванг Венбин, на брифинг со новинарите изјави дека целта на посетата е дополнително зајакнување на довербата меѓу двете сили.
Непосредно пред почетокот на руската неиспровоцирана инвазија на Украина, Кси и Путин издадоа заедничка декларација во Пекинг минатиот февруари, кога рускиот лидер присуствуваше на Зимските олимписки игри.
Во декларацијата, двајцата лидери велат дека „пријателството меѓу двете држави нема граници, нема „забранети“ области на соработка“.
Оттогаш Кина одбива да ја осуди руската војна во Украина и ги критикува санкциите наметнати од Запад кон Москва.
Западните сојузници ја обвинија Кина дека размислува за испорака на оружје за Русија и го предупредија Пекинг да не го прави тоа.
Последната посета на кинескиот претседател на Москва се одржа во 2019 година. Путин и Кси се сретнаа и во септември, на регионалната безбедносна конференција во Узбекистан.
види ги сите денешни вести
Протести и контрапротести во Србија со различни барања до Обвинителството

Во една ноќ во Србија се одржаа два големи собири, еден антивладин протест и вториот провладин собир за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ. Првиот антивладин протест во градот Нови Пазар се одржа под мотото „Слободата владее со чаршијата“, додека вториот контрапротест беше одржан под паролата „Не ја даваме Србија“.
Српскиот претседател Вучиќ од бината поставена пред Собранието во Белград изнесе пет барања до институциите во Србија.
Како прво барање Вучиќ нагласи дека надлежните обвинителства, треба да поведуваат соодветни постапки со цел да се воспостави редот и мирот во државата, а особено целосно почитување на Уставот и законот.
Тој рече и дека бара да се утврди правна одговорност на сите лица кои учествувале во, како што рече, вандалските напади и нападите врз граѓаните за време на нивните мирни собири во Србија, а особено да се откријат и казнат сторителите, поттикнувачите и помагачите на „дивјачките напади врз мирно собраните граѓани во Ниш на 21 март 2025 година“.
Тој исто така побара на секој ученик и студент да им се даде можност да оди на училиште и да учи ако сака.
Како четврто барање тој наведе дека бара да се откријат сторителите, поттикнувачите и помагачите во извршување на активности кои вклучуваат напади на витални државни институции и објекти и да се спречи преземање на такви активности во иднина.
„Како петто, да се спречи каква било активност што самоволно и незаконски ја парализира економската активност и ги спречува граѓаните да ги извршуваат своите животни активности на вообичаен начин, во согласност со јавниот ред во кој секој може да смета на фактот дека во едно демократско општество државата ќе ги заштити неговите витални животни интереси“, рече тој.
Вучиќ на собирот рече дека „Движењето за народот и државата“ е потребно „бидејќи ни треба нова енергија и нова сила, нов план, не план до 2027 година, туку до 2035 година“.
„Бидејќи имаме арогантни локални функционери кои нема да разговараат со народот, ќе бидат заменети со оние кои сакаат“, рече Вучиќ.
Тој во својот говор се осврна и на влијанието на протестите врз економијата.
„Оваа година, да не го направеа ова против нашата земја, ќе бевме најбрзо растечката економија во цела Европа“, рече тој.
На собирот пред граѓаните се обрати и претседателот на Република Српска Милорад Додик, кој во Босна и Херцеговина се бара поради кршење на Уставот на Босна и Херцеговина. Додик рече дека дошол да го поддржи српскиот претседател Александар Вучиќ и неговите аспирации.
„Ние сме дел од обединетата српска нација и сакаме силна и силна Србија да ги надмине сите проблеми со кои се соочува“, рече Додик.
Во март Судот во БиХ распиша централна потерница, бидејќи тој не одговори на поканата на Обвинителството на Босна и Херцеговина за сослушување поради напад на уставниот поредок.
Од друга страна, во Нови Пазар демонстрантите со музичка програма на мирен начин изразија незадоволство од работата на институциите. На бината во позадина се емитуваат барањата на студентите, додека настапуваат Бојана Вунтуришевиќ, Марчело, бендовите „Белград унион“ и „Лоџик ерор“.
Протестот во Нови Пазар е еден од низата протести на студентите кои повеќе од четири месеци ги блокираат факултетите, барајќи одговорност за смртта на 16 лица при пад на настрешница во Нови Сад. Студентите бараат од Обвинителството темелна истрага и увид во документите кои се поврзани со реконструкцијата на настрешницата.
Група студенти со денови пешачеа од другите градови до Нови Пазар, на југот на Србија, за да им се придружат на тамошните студенти на протестот. Протестот започна во 19 часот со 17-минутен молк и на тој начин им оддадоа почит на жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад и на студентот на Универзитетот во Нови Пазар, Ернад Бакан, кој беше убиен од возач на автомобил на пешачки премин во Белград во 2019 година.
На антивладиниот собир има неколку илјади студенти и нивни поддржувачи од цела Србија и поголемите градови.
По излагањето на барањата на студентите и цитирање на строфи од Балашевиќ насобраните граѓаните го вклучија светлото на мобилните телефони да придонесат за атмосферата да биде по емотивна во знак на трагично загинатите лица од Нови Сад но и нивната упорност во барањата до Владата.
Блаце и Елез Хан со еден граничен премин

Ставена е во функција заедничката гранична контрола (One Stop Shop) на граничниот премин Долно Блаце – Елез Хан, каде е изградена нова физичка и дигитална инфраструктура со која е воспоставен функционален систем кој овозможува само едно застанување и една пасошка контрола.
Интегрираниот систем на една граница меѓу Македонија и Косово го пуштија во употреба македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти.
Според мремиерот Христијан Мицкоски, осовременувањето на граничниот премин е отворање на нова перспектива за граѓаните, стопанството и за регионот.
„На најдобар начин покажуваме дека границата не мора да биде ѕид, границата може и треба да биде наш заеднички мост, кој поврзува луѓе, идеи и можности, преку кој се зборува за доверба, соработка, економска соработка, развој на културата и туризмот“, рече Мицкоски.
Тој порача дека денешниот чекор е повеќе од билатерана политика и е дел од поголема слика, како што рече, слика во која целиот Западен Балкан се движи во иста насока кон Европската Унија. Оваа заедничка гранича точка, додаде, не е само премин помеѓу двете држави, туку премин кон европските вредности на соработка, интеграција и на слободно движење.
Косовскиот премиер Албин Курти посочи дека по подолг период ангажманот и посветноста резултирале со проект од голема важност за граѓаните на Северна Македонија и на Косово.
„Само во 2024 година над пет милиони граѓани ги поминале трите гранични премини меѓу двете држави, што укажува на врската меѓу нашите граѓани, но и потребата за слободен и брз проток на луѓе и стока“, наведе Курти.
Досега единствен граничен премин е воспоставен на границите со Србија и Албанија и тоа на граничните премини Табановце и Ќафасан. Со Албанија овој систем функционира од јули 2023 година, додека со Србија е во функција од 2019 година.
Еко-активисти бараат одговорност за загадувањето со цијанид на Крива Река

„Буџетот е магичното стапче за загадувањето“; „Од држава со питка вода ќе станеме држава само со техничка вода“;„Крива река не ви е крива“ беа дел од пораките на еко-активистите на протестот на 12 април во врска со загадувањето на Крива Река, кое се случи по хаварија во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“.
Пред Министерството за животна средина и просторно планирање присутните побараа одговорност, увид во анализите на водите како и мерки за заштита на водоснабдувањето во регионот.
Ивана Дракулевска од Зелен Хуман Град изјави дека последната хаварија во рудникот Тораница ја покажа човечката негрижа кон животната средина.
„Пукната цевка од рудникот ја загади Тораничка Река, која потоа се влева во Крива Река, па на видеоснимките од локалните жители можевме да ја видиме реката низ која наместо вода, изгледа како да тече бетон. Го немаме луксузот да бидеме рамнодушни и да молчиме, како што молчат оние што беа должни да го спречат овој инцидент“, изјави таа.
Дополни дека бараат да се покрене истрага за надлежните лица во инсистуциите кои, според нив, морале да си ја завршат работата согласно законот а тоа не го направиле.
„Особено Државниот инспекторат за техничка инспекција и за инспекторите кои не земале мостри дента на настанот. Дали го провериле и следеле квалитетот на опремата која што располагал рудникот, техничката опрема, цевките, дали се исправни, дали не, ова можело да се предвиди и да се превенира. Не можеме да очекуваме цевка која што е стара 30 години ќе трае вечно“, посочи Дракулевска.
Случајот со Крива Река се однесува на загадување на водата во реката, кое се случи по хаварија во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово започна истрага за да утврди причините и последиците од загадувањето. Истрагата потоа ја презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Водата во Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за било која намена. Ова го соопшти градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на 3 април, откако Општината ги добила резултатите и од втората анализа на водата од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а направена на барање на риболовното друштво „Мрена“.
И претходната анализа од минатата недела, направена на барање на општината од страна на лабораторијата „Технолаб“, покажа загадување со тешки метали, вклучително олово и цијанид.
Одговорноста за токсичната вода во и во Крива Река и во Тораничка, локалната власт ја гледа кај фирмата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, која стопанисува со рудникот Тораница.
Компанијата „Булмак 2016“, која е сопственик на рудникот „Тораница“ ги отфрла обвинувањата дека ја загадиле водата во Крива и Тораничка река.
„Можеби имало некакво загадување во Крива Река, но ние сме убедени дека по добивањето на резултатите од лабораторијата и сите чекори што ги презедовме, како компанија која има највисока А интегрирана еколошка дозвола, постапивме целосно согласно законските прописи и дека причината за заматување или загадување или било каква друга последица не е компанијата Булмак, односно не е рудникот Тораница“, изјави директорот на БУЛМАК, Тони Тоневски на 2 април.
ДУИ со реакција за ново осомничените во истрага за пожарот во Кочани

Албанскиот народ во земјава е под напад од институциите на сопствената држава, тврди опозициската партија ДУИ. Оваа реакција следува по информацијата дека Обвинителството ја проширува истрагата за пожарот во Кочани за нови 23 нови осомничени, како и неофицијалните информации дека се приведени поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во нивната реакција е посочено дека ваквиот начин на водење на истрагата за трагедијата во Кочани, не е правда, туку „одмазда за вклучувањето на Албанците во институционалните текови“.
„За да се заштитат себеси и своите, премиерот, министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител еднострано ја насочија истрагата против Албанците кои на каков било начин и кога било биле дел од институциите на системот. Јасно изјавуваме дека денес против Албанците е прогласена еднострана и неправедна агресија, без разлика дали станува збор за ДУИ, за албанските партии во власта или за Албанците воопшто“, е наведено во сооопштението на ДУИ.
Според соопштението од Јавното обвинителство, во тек е акција за приведување на повеќе лица, со цел проширување на истрагата за откривање на причините кои доведоа до пожарот во дискитеката „Пулс“ во Кочани при кој загинаа 59 млади луѓе, а двајца подоцна им подлегнаа на повредите.
Детали околу приведувањето на новите лица од институциите засега нема, но дел од медиумите повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи пишуваат дека на информативни разговори во полициски станици биле повикани и актуелниот министер без ресор кој од 2008-мата до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу. Според нивните информации повикан на инфомативен реазговор е наследникот на Салиу Аднан Џаферовски и актуелниот директор Џеват Селами.
Според информациите од ТВ 21 во проширеанат истрага се опфатени поранешните министри за економија уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев.
Црвена боја во знак на протест пред полицијата во Нови Пазар

Српските демонстрантите истурија црвена боја пред зградата на полицијата во Нови Пазар. Тие пред зградата се појавиле со транспренти и извикувале „Ви плаќаме“, „Нема да не газите“ и „Чаршијата е мала, а улицата голема“, јавува репортерот од терен на РСЕ.
Причината за овој потег, е инцидентот што се случи околу 9 часот, пред почетокот на протестниот собир во Нови Пазар.
Студенти кои го блокираа Универзитетот во Нови Пазар утрово го блокираа и кружниот тек на излезот од тој град. На тој начин требаше да ги спречат да поминат автобуси со приврзаници на владејачката Српска напредна партија на пат кон митинг во Белград.
На асфалтот седнаа студенти од Нови Пазар и од другите градови, а полицијата со влечење за раце ги отстрани од блокадата за да поминат автобусите. Учениците во блокадата тврдат дека во при тој инцидент бил повреден еден од учениците.
Студентот Аднан Алиќ кој беше дел од блокадата во изјава за РСЕ посочи дека бил сведок на инцидентот на кружниот тек на излезот од Нови Пазар. Тој изјави дека при полициската акција е повреден средношколец, на кој потоа му била укажана лекарска помош во болница.
„Имаше повреди на главата и раката. Во тој момент го видов. Се надевам дека не е сериозно повреден“, изјави Алиќ.
Алиќ за РСЕ опиша што се случило утрово на кружниот тек.
„Се собраа до стотина студенти, а пристигнаа и многу граѓани. Едноставно сакавме да го блокираме излезот од градот, за да не одат тие (приврзаниците на владата) во Белград“, ја опиша ситуацијата.
Тој вели дека полицијата била присутна од почетокот и дека во првиот половина час немало никакви инциденти, а толпата разговарала со полицијата.
„Потоа рекоа дека ќе треба да не отстранат, дека тоа што го блокираме е криминално дело. Останавме, не направивме никакво кривично дело. А потоа сите оттаму, со употреба на сила, не одведоа на страна за да поминат автобусите“, рече Алиќ.
Од Министерството за внатрешни работи (МВП) се уште не се огласија за овој настан.
Претходно студентите на новосадските факултети синоќа неколку часа го блокираа Јавното градско сообраќајно претпријатие (ЈГСП) „Нови Сад“, јави агенцијата Бета.
Тие беа пред трите влеза во таа компанија од 02:00 часот, па се до 07:30 часот, кога полицијата ја отстрани барикадата и тогаш тргнаа првите автобуси.
Студентите изјавија дека добиле информација дека автобусите на градското сообраќајно претпријатие во Нови Сад ќе се користат за превоз на поддржувачи на владата на митингот во Белград.
Собирот се одржува во екот на неколкумесечните масовни протести организирани од студентите кои ги блокираат државните универзитети со барање да се утврди одговорноста на властите за смртта на 16 лица во несреќата на железничката станица во Нови Сад.
Британските пратеници на итна седница за спас на фабрика за челик

Пратениците во Обединетото Кралство одржаа ретка парламентарна дебата на 12 април во саботата додека владата се обидува да усвои вонредна легислатива за да го спречи затворањето на последната британска фабрика што може да произведува челик.
Премиерот Кир Стармер рече дека неговата администрација планира да ја „преземе контролата“ врз фабриката „Бритиш стил“ која сега е во кинеска сопственост, за да спречи гаснење на високите печки и да ја спаси челичната индустрија во земјата.
Пратениците во саботата требаше да гласаат за нацрт-законот за преземање на управувањето со фабриката Сканторп, која вработува околу 2.700 луѓе.
Кинеските сопственици на „Бритиш Стил“, соопштија дека повеќе не е финансиски исплатливо да работат печките во единицата во северна Англија.
Но, поради шпекулациите дека потегот би можел да го отвори патот кон национализацијата, секретарот за бизнис и трговија Џонатан Рејнолдс му изјави во Парламентот дека „законот не ја пренесува сопственоста на владата“ и тоа ќе треба да се реши во подоцнежна фаза.
Тој рече дека „ефективната пазарна вредност на оваа компанија е нула“ и дека кинеските сопственици сакаат да го одржат бизнисот во Обединетото Кралство, но и да ја снабдуваат со челик од Кина за да продолжи.
„Ние се среќаваме во овие посебни околности затоа што владата треба да дејствува решително, со темпо и итно за да се погрижи челичарниците, високите печки на „Бритиш Стил“, да се одржуваат и да продолжат да работат, спасувајќи илјадници работни места и обезбедувајќи го нашето домашно производство на девствен челик“, изјави од говорницата во Парламентот, пратеничката од Лабуристичката партија и лидер на Долниот дом, Луси Пауел.
Претходно, министерот за индустрија на Велика Британија Сара Џонс рече дека ниту една приватна компанија не била подготвена да инвестира во фабриката.
Таа додаде дека предложеносто законско решение за вонредни состојби ќе предвиди кривични санкции доколку извршните директори не ги почитуваат упатствата да ги одржат отворените високи печки.
Британските пратеници заминаа на велигденските празници во вторникот и требаше да се вратат во парламентот до 22 април.
Долниот дом на парламентот последен пат беше отповикан од одмор во август 2021 година за дебата за ситуацијата во Авганистан кога владата поддржана од Запад падна во рацете на Талибанците.
Како показател за тоа колку сериозно владата ги сфаќа маките на „Бритиш Стил“, последната саботна седница на парламентот беше во октомври 2019 година на која се гласаше за договорот за Брегзит на поранешниот премиер Борис Џонсон.
Пред тоа пратениците последен пат седнаа на саботното отповикување на почетокот на Фолкландската војна меѓу Британија и Аргентина во 1982 година.
Компанијата „Бритиш Стил“ соопшти дека тарифите на американскиот претседател Доналд Трамп за секторот се делумно виновни за тешкотиите на фабриката.
Сепак, жестоката конкуренција од поевтиниот азиски челик е обвинета за големиот притисок врз загрозената европска челична индустрија во последниве години.
Фабриката на „Бритиш Стил“ во сместена во северниот дел на Англија е последната британска фабрика за челик која произведува челик од суровини наместо од рециклирани материјали откако фабриката Порт Талбот на Тата ја изгаси печката минатата година.
Протестен марш поради загадувањето на Крива Река

Протестен марш организиран од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ ќе се одржи денеска во Скопје по поради, како што велат алармантниот молк и неодговорното постапување на надлежните институции во врска со хаваријата и истекувањето на токсични материи од рудникот Тораница во Крива Река.
Маршот е најавено дека ќе започне од пред Министерството за животна средина и просторно планирање, а ќе заврши пред Пред Државниот инспекторат за животна средина.
„Протестот го користиме како алатка за да го насочиме фокусот таму каде што треба да биде – кон правото на здрава животна средина, кон одговорноста на институциите и кон правото на сите нас да знаеме што пиеме, што јадеме и што дишеме!“, се вели во нивното соопштение.
Претходно, на 7 април, Основното јавно обвинителство Куманово, информираше дека предметот за загадување на Крива Река во Крива Паланка ќе го преземе Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Кумановското обвинителство отвори предмет, по кој до нив пристигнала кривична пријава од актуелниот градоначалник на Крива Паланка.
„Сега го чекаме вештачењето од лабораторија. Стигна и кривичната пријава од градоначалникот која е квалификувана по член 218 „загадување на животната средина“, за тоа кривично дело надлежно е обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Разговарав со шефот на тоа обвинителство, подготвени се да го преземат предметот и да постапуваат понатаму. Ќе бидеме во контакт со нив“, изјави шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу Рамадани.
Водата во Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за било која намена. Ова го соопшти градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на 3 април, откако Општината ги добила резултатите и од втората анализа на водата од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а направена на барање на риболовното друштво „Мрена“.
И претходната анализа од минатата недела, направена на барање на општината од страна на лабораторијата „Технолаб“, покажа загадување со тешки метали, вклучително олово и цијанид.
Одговорноста за токсичната вода во и во Крива Река и во Тораничка, локалната власт ја гледа кај фирмата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, која стопанисува со рудникот Тораница.
Компанијата „Булмак 2016“, која е сопственик на рудникот „Тораница“ ги отфрла обвинувањата дека ја загадиле водата во Крива и Тораничка река.
„Можеби имало некакво загадување во Крива Река, но ние сме убедени дека по добивањето на резултатите од лабораторијата и сите чекори што ги презедовме, како компанија која има највисока А интегрирана еколошка дозвола, постапивме целосно согласно законските прописи и дека причината за заматување или загадување или било каква друга последица не е компанијата Булмак, односно не е рудникот Тораница“, изјави директорот на БУЛМАК, Тони Тоневски на 2 април.
Обвинителство: Проширена истрагата за пожарот во Кочани

Се проширува истрагата за откривање на причините кои доведоа до пожарот во дискитеката „Пулс“ во Кочани при кој загинаа 59 млади луѓе, а двајца подоцна им подлегнаа на повредите. Според соопштението од Јавното обвинителство, во тек е акција за приведување на повеќе лица, со цел проширување на истрагата.
Детали околу приведеувањето на новите лица од институциите засега нема, но дел од медиумите повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи пишуваат дека на информативни разговори во полициски станици биле повикани и актуелниот министер без ресор кој од 2008-мата до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу. Според нивните информации повикан на инфомативен реазговор е наследникот на Салиу Аднан Џаферовски и актуелниот директор Џеват Селами.
Според информациите од ТВ 21 во проширеанат истрага се опфатени поранешните министри за економија уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев.
Претходно на 11 април Основното јавно обвинителство Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување - притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека.
Како што се наведува во соопштението, само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката.
Последните информации од Обвинителството беа дека со истрагата се опфатени 34 луѓе, но за едно лице постапката е стопирана бидејќи почина.
Тоа е управителот на фирмата „ММММ кафе доел Кочани“ која управувала со дискотеката. Александар Карадакоски, всушност бил само фиктивен управител, а работел како шанкер во дискотеката. Тој е 60 тата жртва и почина на 4 април додека се лекуваше во Литванија.
Меѓу осомничените се и актуелниот градоначалник Љупчо Папазов, и двајца поранешни Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. Двајцата се во домашен притвор, додека Папазов е во затвор.
Под истрага и во притвор е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, како поранешен државен секретар, раководител, службено лице, помлад соработник во Министерството.
Осомничени се и поранешен директор на Пазарен инспекторат и инспектори. Меѓу осомничените е и сопственичката на фирмата која дала елаборат за употреба на објектот како дискотека, сопственикот на дискотеката кој е во притвор и неговиот син кој е на болничко лекување.
Американски судија дозволи депортација на пропалестински активист

Американскиот судија за имиграција во петокот одлучи дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп може да ја продолжи постапката за депортација на Махмуд Калил, студент на додиплонски студии на Универзитетот Колумбија и палестински активист, кој беше уапсен во Њујорк минатиот месец, јавува новинската агенција Ројтерс.
Судијата Џејми Команс од Судот за имиграција во Луизијана, соопшти дека нема овластување да ја поништи одлуката на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој минатиот месец, повикувајќи се на Законот за имиграција и националност од 1952 година, пресуди дека Калил треба да биде депортиран од САД бидејќи неговото присуство има „потенцијално сериозни негативни ефекти врз надворешната политика на САД“.
Оваа одлука не е конечна во однос на евентуалната депортација на Халил.
Во одделен случај во федералниот суд во Њу Џерси, американскиот окружен судија Мајкл Фарбиарц ја блокираше депортацијата додека го разгледуваше тврдењето на Калил дека со неговото апсење на 8 март бил прекршен првиот амандман на Уставот на САД, кој гарантира слобода на говорот.
Калил, кој е член на пропалестинското студентско движење во кампусот на Универзитетот Колумбија, е роден во палестински бегалски камп во Сирија, има алжирско државјанство и минатата година стана легален постојан жител на Соединетите држави. Неговата сопруга е американски државјанин.
Станува збор за случај кој го потикна интересот на медиумите и јавноста и кој се смета за испитување на обидот на администрацијата на републиканскиот претседател да ги депортира странските пропалестински студенти кои легално се наоѓаат во САД и против кои не е покренато обвинение, пишува новинската агенција Ројтерс.
Администрацијата тврди дека Калил и другите странски студенти кои учествуваат во пропалестинските протести им штетат на интересите на надворешната политика на САД, повикувајќи се на одредба од Законот за имиграција и националност што му дава на државниот секретар широко овластување да одлучи дали ќе ги депортира имигрантите.
Трамп по здравствениот преглед: Во многу добра форма сум

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се чувствува одлично и дека е „во многу добра форма“ по неговиот прв медицински преглед откако се врати во Белата куќа.
Седумдесет и осум годишниот претседател пристигна на 11 април во Медицинскиот центар Волтер Рид во предградието на Вашингтон на физички преглед кој го стави фокусот на кардио и когнитивните тестови.
Тој подоцна пред медиумите изјави дека „секој одговор му бил точен“ на когнитивниот тест и рече дека има не само „добро срце“, туку и „многу добра душа“.
„Мислам дека помина добро“, рече Трамп за прегледот, додавајќи дека го поминал „секој тест што можете да го замислите“ и дека извештајот се очекува да биде готов на 13 април.
Американските претседатели традиционално даваат детали за нивното здравје и благосостојба, иако не се принудени да го сторат тоа.
Трамп постојано беше обвинуван за недоволна отвореност за неговото здравје, но Белата куќа соопшти дека претседателскиот лекар Шон Барбабела ќе го прочита извештајот од прегледот и дека „се разбира“ ќе биде јавно објавен.
„Можам да потврдам дека претседателот е во многу добра форма, како што гледате речиси секојдневно“, рече портпаролката на Белата куќа Каролин Левит.
Трамп, многугодишен играч на голф кој, како што вели, се воздржува од алкохол и цигари, постојано се фали со својата енергија откако го започна вториот мандат. Но, тој е познат по тоа што се препушта на брза храна. Толку многу му се допаѓа што направи фотографска сесија во Мекдоналдс за време на неговата кампања минатата година.
Лекарот од Белата куќа во неговиот прв мандат, Рони Џексон, во 2018 година изјави дека со поздрава исхрана Трамп може „да доживее 200 години“.
Прегледите спроведени за време на неговиот прв мандат открија дека Трамп земал лекови за лекување на висок холестерол.
Извештајот на Џексон сугерираше дека Трамп треба да се стреми да изгуби 10 до 15 килограми, но рече дека генерално е во „одлично здравје“ без знаци на „никакви когнитивни проблеми“.
Возраста и когнитивното здравје станаа главен проблем на изборите во 2024 година, кога Трамп и тогашниот претседател Џо Бајден се соочија како најстари големи партиски кандидати во историјата.
Бајден, кој сега има 82 години, беше принуден да се откаже од трката откако вербално „се сопна“ на ТВ дебата против Трамп во јуни, која ја стави загриженоста за неговото здравје на врвот на агендата.
Откако се врати на функцијата, Трамп постојано ја споредуваше сопствената сила со Бајден, додека Белата куќа ја обвини претходната администрација дека го прикрива, како што вели, падот на Бајден.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете