Вести
Литванскиот парламент бара забрана за руски и белоруски спортисти
Парламентот на Литванија денеска го повика Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и другите спортски тела да им забранат на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат додека не заврши војната во Украина и додека не се процесираат воените злосторници и не се исплатат оштети.
Во својот предлог, парламентот посочи дека сите победи на руски или белоруски спортисти на Олимписките игри и други натпревари ќе бидат искористени за пропагандни цели од владите во Москва и Минск.
Литванскиот парламент, кој едногласно го усвои предлогот, е првиот национален законодавен дом кој повика на забрана. Украина се закани дека ќе ги бојкотира Олимписките игри доколку на нив се натпреваруваат руски и белоруски спортисти.
Досега, повеќе од 30 земји, вклучувајќи ги САД, Германија и Австралија, побараа забрана за учество на руски и белоруски спортисти на Олимпијадата во Париз во 2024 година.
Сепак, минатата недела Асоцијацијата на националните олимписки комитети на Африка (ANOCA) донесе резолуција со која го поддржува учеството на руските и белоруските спортисти на Летните олимписки игри 2024 во Париз како неутрални.
види ги сите денешни вести
Издадени 254 лиценци за производство на струја од обновливи извори
Од јануари заклучно со 31 октомври 2024 година Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) има издадено лиценци за нови фотоволтаични централи со вкупно инсталирана моќност од скоро 272 мегавати.
Согласно РКЕ, за десет месеци низ регулаторниот филтер поминати се вкупно 254 барања од приватни инвеститори кои ја имаат комплетирано потребната документација и за кои се издадени лиценци за нови фотоволтаични централи за производство на електрична енергија од обновливи извори.
„РКЕ согласно Законот за енергетика во своја надлежност издава лиценци и носи одлуки за менување, пренесување, продолжување, суспендирање, одземање и престанок на лиценци за вршење на одделни дејности од областа на енергетиката, како и за издавање на привремени лиценци и лиценци за пробна работа. РКЕ водејќи се од начелото на транспарентност, достапност и јавност има изготвено обрасци за сите приватни инвеститори во кои се наведени потребните документи со цел да се поедностави процесот во доставување на комплетни барања за добивање на соодветна лиценца“, стои во соопштението од РКЕ.
РКЕ во 2023 година има издадено лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 399 мегавати, додека во 2022 година се издадени лиценци за 152,2 мегавати.
РКЕ од март годинава усвои и регулатива со која се дозволува соларните централи да инсталираат батерии за складирање на струјата.
Батериите се важен сегмент во производството на струја од соларните електрани, бидејќи тие произведуваат во периоди од денот кога има сонце, а во тие периоди цените на берзите често се пониски поради големата понуда и малата побарувачка и струјата што ја произведуваат не може да се потроши целосно. Така, струјата оди во неповрат, а со батериите ќе може да се складира и потоа да се искористи во периодите кога нема сонце и кога е тоа потребно и да се продаде по подобра цена.
До правобранителот 40 претставки за загрозена животна средина, половината за загадениот воздух
Заклучно со октомври, четириесетина претставки од областа на животната средина оваа година стигнале во канцеларијата на Народниот правобранител. Половината од нив се за квалитетот на воздухот, а другите 20-ина се за други аспекти за загрозена животна средина.
Ова го соопшти народниот правобранител Насер Зибери кој денеска и утре (20 и 21 ноември) е домаќин на Меѓународна конференција „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која се организира во рамките на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“.
Во својот говор правобранителот Зибери ги наведе трајните штетни последици од загадувањето на животната средина врз животот и здравјето на населението, поврзаноста на загадениот воздух со смртноста и предизвиците со кои човештвото се соочува во последните децении. Притоа посочи дека токму најголемите загадувачи на светот не ги потпишале глобалните документи за заштита на екологијата.
Зибери изрази загриженост за состојбата со животната средина во земјава која како што рече „не оди во прилог на уставната заложба за гарантирање на правото на здрава животна средина утврдена во членот 43 од Уставот“.
„Начелниот став на Врховниот суд нè охрабрува дека работите ќе тргнат на подобро, затоа што тој начелен став ја обврзува државата да обезбеди здрава животна средина како една од гаранциите на нашиот Устав кон секој поединец“, рече Зибери.
Зибери апелираше и да се донесе нов закон за заштита на животната средина зашто актуелниот е од 2006 година, имал 24 пати измени оттогаш и, рече, „повеќе не е соодветна рамка за справување со овој проблем“.
Постојаниот претставник на УНПД во Северна Македонија, Армен Григорјан, порача дека заштитата на животната средина „не е само еколошко прашање, туку е и правда и фундаментално човеково право“ и затоа омбудсманите и институциите за заштита на човековите права „имаат се поголема улога во промовирање на еколошката правда“.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити во изјава за медиумите во однос на тоа што се презема против аерозагадувањето во градовите во државава, одговори дека политиките се насочени кон причините, а не кон последиците.
„Истражувањата покажуваат дека во урбаните средини домаќинствата користат се и сешто за греење, не од што сакаат туку затоа што немаат избор. Со „зелен фонд“ на Владата и од Министерството за животна средина ќе субвенционираме за да се зголеми бројот на тие што се греат на топлинска енергија во урбаните средини, бидејќи нив таму ги има, и да се вратат на нив, бидејќи таа е почиста и од гасификацијата. Ова се конкретни покрупни проекти. Најверојатно се размислува и термоелектраните кои се на јаглен да се затворат и до 2030 да се заменат со гасни централи и нови системи кои ќе придонесат за подобра животна средина“, рече Меџити.
Тој го спомна и загадувањето од сообраќајот и рече дека „поради недобра комуникација со Град Скопје“ доцни реализирањето на донација од шест електрични автобуси од Европската Унија. Воедно, додаде, дека се работи и на проблемот со отпадот односно дека во завршна фаза е депонијата Свети Николе, а се работи и на депонијата за Пелагонија за која, како што рече, се предвидени 26 милиони евра од ЕБОР.
Во Русија уапсен германски државјанин, обвинет за планирање саботажа на енергетски објекти
Руските власти уапсија германски државјанин обвинет дека планирал саботажа на енергетски објекти по наредба од Украина.
Федералната служба за безбедност (ФСБ) во денешното соопштение (20 ноември) наведе дека го привела германскиот државјанин Николај Гајдук во моментот кога од Полска влегувал во руската ексклава Калининград и запленила половина литар течен експлозив од неговиот автомобил.
ФСБ го обвини Гајдук, жител на Хамбург, дека планирал саботажа по наредба на Украинецот Александар Жоров, кој исто така живее во Хамбург.
Не е наведено дали Гајдук има и руско државјанство или виза за влез во земјата, ниту кога точно е уапсен, но се наведува дека тој бил вклучен во експлозијата на бензинска пумпа во Калининград во март 2024 година и дека против него е поднесена кривична пријава за терористички напад и шверц на експлозив.
Судот нареди Гајдук да биде ставен во истражен затвор до истрага и судење.
Песков: Замрзнат конфликт во Украина не е опција за Русија
Замрзнувањето на конфликтот во Украина не е опција за Русија, изјави денеска (20 ноември) портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков и додаде дека е важно Москва да ги постигне своите цели во конфликтот.
„Претседателот Владимир Путин јасно кажа дека опцијата за замрзнување на конфликтот не е прифатлива за нас. За нас е важно да ги постигнеме нашите цели, кои се добро познати на сите“, рече Песков, одговарајќи на новинарско прашање за можни преговорите за границата меѓу Русија и Украина.
Меѓудругото, Песков рече дека Русија е подготвена да ги нормализира односите со Соединетите Држави, но дека „нема да игра танго сама“.
„Русија, како што рече нашиот претседател, е отворена за нормализација. Но, не можеме сами да танцуваме. И нема да го направиме тоа“, рече портпаролот Песков.
Од руската инвазија на Украина поминаа 1000 дена. Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп во кампањата пред изборите на 5 ноември, тврдеше дека ќе стави крај на војната во Украина, но не понуди детали за тоа како ќе го стори тоа.
ОН: Луѓето во северниот дел на Газа не добиле помош повеќе од 40 дена
Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Стефан Дижарик изјави дека поради опструкциите од страна на Израел повеќе од 40 дена, речиси и да не е доставена помош за Палестинците кои се борат за опстанок во северна Газа, јави Анадолија.
Дижарик одговараше на прашањата на новинарите за случувањата на Блискиот Исток.
Нагласувајќи дека израелските војници го блокирале преминот кон северниот дел на Газа, Дижарик истакна дека жителите од овој регион речиси и да не добиваат помош повеќе од 40 дена и оти хуманитарната ситуација е особено тешка во одделни региони.
„Луѓето се борат за опстанок во опколените области во северниот дел на Газа“, рече Дижарик, повикувајќи се на информации добиени од Канцеларијата за координација на хуманитарните прашања (ОЦХА) на ОН.
Наведувајќи дека израелските војници продолжуваат да спречуваат помошта да стигне до подрачјата како што се Беит Ханун, Беит Лахија и Џабалија, Дижарик нагласи дека 27 од 31 обид за помош планирани само овој месец се одбиени, а останатите четири се сериозно успорени.
„Искрено кажано, сите обиди на ОН да ги поддржат луѓето во опколените области северно од Газа се отфрлени или блокирани“, рече Дижарик.
Портпаролот на генералниот секретар го сврте вниманието кон гладот што ќе настапи во регионот каде што се затворени сите пекарници и целосно е блокирано снабдувањето со гориво, пренесува Анадолија.
Опозицијата повторно го блокираше влезот на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад
Републичките и покраинските пратеници и советниците на опозициските партии во градското собрание втор ден по ред ја блокираат зградата на судот и обвинителството во Нови Сад.
Утринава нив пред обвинителството ги пречекаа силни полициски сили. Набргу по почетокот на блокадата почна интензивно туркање со припадниците на полицијата кои ги предупредија пратениците дека ќе употребат сила доколку не се тргнат и го ослободат пристапот до судот.
Пратениците во репбличкото собрание, Срѓан Миливојевиќ, Радомир Лазовиќ и Павле Грбовиќ, успеаја да влезат во зградата на судот, а полицијата потоа застана на вратата.
Во меѓувреме реагираше и министерката за правда Маја Поповиќ, која блокадата ја оцени како „невиден притисок врз судството во историјата на Србија“.
Пратениците на опозицијата бараат Вишото јавно обвинителство да соопшти кои се осомничените за пропустите кои доведоа до пад на настрешницата и смртта на 15 лица, како судот да одлучува по жалбите на лицата кои се приведени од апсењето по протестот на 5 ноември.
Настрешницата се урна откако зградата на Железничката станица во Нови Сад беше свечено отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.
По притисокот на јавноста, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, на 5 ноември поднесе оставка.
Обвинителството во Нови Сад досега сослушало 71 лице, но засега никој не е лишен од слобода.
Во Нови Сад беа организирани неколку протести на кои граѓаните побараа кривично гонење на одговорните за трагедијата.
Американската амбасада во Киев затворена поради можен воздушен напад
Амбасадата на Соединетите Држави во Киев соопшти дека добила „конкретни информации“ за можен воздушен напад и одлучила да ги прекине работните активности на 20 ноември.
Амбасадата во соопштението ги повикува своите вработени и американските граѓани во Киев веднаш да се засолнат во случај да биде објавена тревога за воздушен напад во главниот град на Украина.
„Поради претпазливост, Амбасадата ќе биде затворена, а на вработените во Амбасадата им се наложува да се засолнат“, се вели во соопштението, без да се наведат никакви детали за .можниот напад.
Предупредување за воздушен напад беше издадено за неколку украински региони, вклучително и Киев, рано на 20 ноември поради претстојните напади со руски беспилотни летала.
Денеска пресуда за велешката група за сексуална злоупотреба на дете
Во Основен кривичен суд Скопје денеска (20 ноември) во 13:30 часот ќе биде изречена пресудата за случајот со велешката група за сексуална злоупотреба и изготвување на порнографски материјал со дете-жртва.
Во јануари годинава, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го објави случајот, во кој првоосомничениот, 25-годишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закани над детето-жртва, им овозможил на останатите осомничени и на други непознати лица да вршат полови дејствија со жртвата. Овие дејствија вклучувале сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија.
Според обвинителството, првоосомничениот преку апликацијата Инстаграм остварил комуникација со четиринаесетгодишното девојче и ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал, кој потоа го користел како закана за да ја присили жртвата да доаѓа на други средби.
Забавите се случувале во станови на повеќе локации во Велес, каде присуствувале повеќемина кои прво конзумирале дрога и алкохол, а потоа вршеле полови дејствија врз детето.
Обвинение беше поднесено против 15 лица, од кои двајца се спогодија со Обвинителството и добија условни казни. Од останатите 13 обвинети, 12 се во притвор, а еден е во куќен притвор. Дел од обвинетите се соочуваат со минимум тригодишни затворски казни, додека дел со минимум осум години затвор.
Нетанјаху: Хамас повеќе нема да владее со палестинската енклава
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на посетата на Газа изјави дека Хамас нема да владее со палестинската енклава по завршувањето на војната и дека Израел ги уништил воените капацитети на оваа исламистичка група.
Нетанјаху рече дека Израел не се откажал од обидот да ги лоцира 101 преостанати заложници за кои се верува дека се уште се во енклавата и понуди награда од пет милиони долари за враќање на секој од нив.
Тој, исто така, вети дека на секој што ќе му помогне на Израел да ги ослободи заложниците ќе му биде помогнато да ја напушти опколената палестинска територија.
„Секој што ќе се осмели да им наштети на нашите заложници ќе има крв на главата. Ќе ве ловиме и фатиме. Кој и да ни донесе заложник, ќе најде безбеден начин тој и неговото семејство да излезат. Изберете си, изборот е ваш, но резултатот ќе биде ист. Сите ќе ги вратиме назад“, рече израелскиот премиер Нетанјаху.
Претходната понуда од ваков карактер Хамас ја отфрли како фарса. Групата соопшти дека преостанатите заложници ќе бидат ослободени само како дел од договорот за ставање крај на војната, укинување на блокадата и обнова на Појасот Газа.
Од околу 250 луѓе киднапирани од Израел за време на масакрот на Хамас на 7 октомври 2023 година, околу 100 од нив сè уште се во Појасот Газа, иако многу од нив можеби веќе не се живи. Некои роднини на заложниците го обвинуваат Нетанјаху дека го блокирал договорот за нивно ослободување со цел да ја продолжи војната и да ја задржи својата моќ.
Нетанјаху ја посети Газа заедно со министерот за одбрана на Израел и началникот на израелската армија, каде што беше информиран за оперативните активности.
УНИЦЕФ: Детската смртност ќе се намалува, но ќе се зголемуваат ризиците во 2050 година
Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) денеска (20 ноември) објави извештај во кој ги испитува потенцијалните искуства на децата кои ќе растат во 2050 година, фокусирајќи се и на ризиците и на напредокот со кои може да се соочат.
Наодите, објавени на Светскиот ден на детето, даваат измешана перспектива, покажувајќи напредок во здравјето и образованието на децата, но исто така предизвикуваат загриженост за растечките предизвици предизвикани од климатските промени.
УНИЦЕФ сугерира дека, благодарение на напредокот во медицинскиот и технолошкиот напредок, стапката на детска смртност ќе продолжи да се намалува.
До 2050 година, стапката на преживување на новороденчињата се очекува да достигне 98 проценти, а речиси 99,5 отсто од децата кои ќе преживеат раѓање се предвидува да живеат над петгодишна возраст.
Извештајот открива и значајни чекори во образованието. До 2050 година, 96 отсто од децата се очекува да завршат најмалку основно образование-што е зголемување од 80 проценти на почетокот на векот.
Додека УНИЦЕФ ги наведува можните исходи врз основа на тековните трендови, тоа не се предвидувања, туку сценарија кои би можеле да се откријат во зависност од различни фактори, пишува ДПА.
УНИЦЕФ предупредува дека и покрај овие придобивки, многу деца ќе се соочат со потешки климатски услови од оние пред нив.
До 2050 година, бројот на деца изложени на екстремни топлотни бранови би можел да биде осум пати поголем отколку во 2000 година. Поплавите на реките и шумските пожари се очекува да се зголемат, со што децата во ранливите региони се изложени на поголем ризик.
Особено изложени на ризик се децата кои живеат во области без пристап до инфраструктура отпорна на клима, чиста вода или медицинска нега, соопшти УНИЦЕФ.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете