Достапни линкови

Вести

Суспендирани полицајците на кои им побегна затвореникот Мемети

Четворицата затворски полицајци кои го превезувале затвореникот Беким Мемети што побегна од затворот Идризово, се суспендирани, потврди Министерството за правда за новинската агенција МИА. Одлуката за суспензија била донесена по спроведениот вонреден инспекциски надзор.

36 годишниот тетовчанец побегна кога бил превезуван со полициско комбе од затворот Идризово кон Ургентниот центар „Мајка Тераза“ при што го украл пиштолот на еден од полицајците и пукал кон него. Како што соопшти Управата за санкции, бегството настанало кога сив автомобил од марката „Ауди“ му попречило пат на полициското комбе, по што затвореникот влегол во него.

Министерството за внатрешни работи денеска објави меѓународна потерница за Мемети. Беким бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за трговија со дрога. По две години поминати во затвор, според пресудата казната ќе му истечела во 2040 година.

Повредениот затворски полицаец е префрлен во болница на натамошно лекување. Полицијата трага и по соучесниците во бегството на 36 годишниот тетовченец.

види ги сите денешни вести

Борел го повика Израел да прифати прекин на огнот во Либан

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, 18 ноември 2024 година.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, 18 ноември 2024 година.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска (26.11) ја повика израелската влада да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан, кој, како што рече, ги има сите неопходни безбедносни гаранции за Израел.

Говорејќи на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Италија, Борел рече дека нема оправдување за неспроведување на договорот со Хезболах поддржан од Иран, додавајќи дека треба да се изврши притисок врз Израел веднаш да го ратификува.

Радикалната либанска група Хезболах е на американската листа на терористички организации, додека само нејзиното вооружено крило е на црната листа на ЕУ, но не и нејзината политичка партија, која има места во либарскиот парламент.

„Да се надеваме дека денеска (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху ќе го одобри договорот за прекин на огнот предложен од САД и Франција. Нема повеќе изговори. Нема повеќе дополнителни барања“, рече Борел, критикувајќи ги израелските министри кои се против договорот.

Тој предупреди дека „Либан ќе се распадне“, ако нема примирје.

Израелските власти соопштија дека безбедносниот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе се состане денеска за да разговара за предложениот прекин на огнот. Меѓу преостанатите прашања е и барањето на Израел да го задржи правото да дејствува доколку Хезболах ги прекрши своите обврски од новиот договор.

Висок израелски функционер рече дека Израел најверојатно денеска ќе го одобри американскиот план за прекин на огнот со Хезболах.

Пред состанокот на безбедносниот кабинет на кој ќе се разговара за прекин на огнот во Либан, израелските авиони извршија напад врз станбена зграда во центарот на Бејрут и издадоа нови наредби за евакуација на 20 згради во јужните предградија на либанската престолнина.

Нападот срамни со земја зграда во населбата Баста во центарот на Бејрут, што е втор напад во последните денови во близина на центарот на градот.

Засега нема извештаи за жртви. Не е познато дали некој бил конкретно цел, иако Израел вели дека воздушните напади се насочени кон претставници и средства на Хезболах.

Израелската војска соопшти дека од вторникот наутро погодила околу 30 цели на милитантната група Хезболах во јужен Либан.

Борел, кој рече дека разговарал за изгледите за договор за време на неодамнешната посета на Либан, додаде и дека една од спорните точки е дали Франција треба да биде вклучена во комитетот што го надгледува спроведувањето на прекинот на огнот, со кој ќе претседаваат САД.

Тој рече дека Либанците конкретно побарале учество на Франција, но дека Израелците се сомневаат во тоа.

По нападот врз Израел во октомври 2023 година од страна на Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, неколкумесечните борби меѓу Израел и Хезболах ескалираа во целосна војна во последните месеци, при што Израел ги уби клучните лидери на Хезболах и испрати копнени сили во јужен Либан.

Во израелските напади во Либан, повеќе од 3.500 луѓе загинаа, а над 15.000 беа ранети, соопшти либанското Министерство за здравство. На израелска страна, околу 90 војници и речиси 50 цивили се убиени од ракети, дронови и проектили во северен Израел и во борбите во Либан.

Борел, исто така, ги критикуваше двојните стандарди на Западот во врска со потерниците на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за поранешниот израелски министер за одбрана Нетанјаху и за воениот лидер на Хамас, Мухамед Деиф, за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во конфликтот во Појасот Газа.

„Не можете да аплаудирате кога судот оди против (рускиот претседател Владимир) Путин и да молчите кога судот оди против Нетанјаху“, рече тој, повикувајќи ги членките на Европската унија да го поддржат МКС.

Италија, која претседава со Г7, во понеделникот рече дека се обидува да издејствува заеднички став на групата во врска со одлуката на МКС, но прашањето е тешко со оглед на тоа што САД рекоа дека не ја признаваат јурисдикцијата на судот и се противат на налогот за апсење на Нетанјаху.

Дел од Г7 се САД, Италија, Франција, Германија, Велика Британија, Канада и Јапонија.

Извори: Ројтерс, АП

По 200 евра казна за неплаќачите на македонските патарини

Илустрација - Македонска патарина
Илустрација - Македонска патарина

Казни од по 200 евра на сите кои се обиделе да избегнат плаќање на патна такса изрекло Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во 13 контролни акции на наплатните станици Гостивар, Тетово, Желино, Петровец, Миладиновци и Отовица, соопштуваат од ЈПДП.

Акциите ги организирале во соработка со Министерството за внатрешни работи и Инспекторатот за транспорт и сообраќај.

„Напоменуваме дека и во периодот што следи ќе продолжиме со зајакнати контроли на секоја рампа на Коридорите 8 и 10“, велат од ЈПДП.

Воедно, претпријатието бара поголема ангажираност и од страна на стручните служби, поточно од контролорите во Контролниот центар, за преземање поактивни мерки за намалување на бројот на возила кои избегнуваат плаќање на патарина, како и процесирање на избегнувањето плаќање преку соодветно фактурирање и достава на Фактури за ненаплатена патарина до корисниците на автопатски услуги кои не плаќаат патарина.

Русија ја нападна Украина со „рекордни“ 192 дронови и проектили

Украински војник покажува руски дрон кој беше соборен во Украина, 14 ноември 2024 година.
Украински војник покажува руски дрон кој беше соборен во Украина, 14 ноември 2024 година.

Во текот на ноќта, од понеделник кон вторник, Русија лансираше 188 беспилотни летала и четири крстосувачки ракети кон цели во Украина, што е рекорден број на проектили во еден напад, соопшти украинското воздухопловство.

Украинските противвоздушни системи, како што се наведува во соопштението на воздухопловните сили, „следеле 192 воздушни цели - четири балистички ракети Искандер и 188 непријателски беспилотни летала“, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Се додава дека 76 руски беспилотни летала биле соборени во 17 украински региони, додека други 95 беспилотни летала биле „изгубени на локацијата“ бидејќи нивните навигациски системи биле заглавени од украинските системи за електронско војување. Уште пет дронови го сменија курсот и полетаа кон Белорусија, се вели во соопштението.

Во ниту еден од 17-те целни региони немаше пријави за жртви веднаш, но критичните инфраструктурни објекти, како што се електричната мрежа во земјата и висококатниците беа оштетени во неколку региони, рекоа официјалните лица.

За време на нападот, градот Тернопил во западна Украина беше привремено без струја.

Во текот на изминатите неколку месеци, Русија ги напаѓаше украинските градови се пожестоко, со беспилотни летала, ракети и крстосувачки бомби, предизвикувајќи жртви и оштетена енергетската инфраструктура како што се приближува зимата.

Во вторник, на состанокот на Советот НАТО-Украина (НУЦ) во Брисел ќе се разговара за руското лансирање на експериментална хиперсонична ракета со среден дострел во Украина кој беше извршен минатата седмица.

Инаку, НУЦ беше формиран на самитот на НАТО во Вилнус минатата година за да ја зајакне соработката на алијансата со Киев и да ги поддржи аспирациите на Украина за членство во НАТО.

Состанокот на украинските претставници на НУЦ и 32-те земји членки на алијансата го свика Киев откако Русија на 21 ноември го погоди украинскиот град Днипро, како што рече претседателот Владимир Путин, со нова ракета наречена Орешник.

Путин рече дека овој потег е дел од одговорот на Москва на украинските напади на руска територија со ракетите ATACMS испорачани од САД и ракетите Storm Shadow доставени од Велика Британија.

Скопјанка чекала дете 37 години, го роди на 61

Ирена Алексиоска Папестиев, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Скопје, 26.11.2024
Ирена Алексиоска Папестиев, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Скопје, 26.11.2024

Жена од Скопје на 61 години роди здраво машко дете откако 37 години неуспешно се обидувала да остане трудна, објави директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Ирена Алексиоска Папестиев, на прес-конференција на 26 ноември.

„Во светот на медицината повеќе не постојат граници, и медицината во Македонија може да се мери со онаа во светот. Ова пациентка е прва која е останата бремена со сопствена јајце клетка што била замрзната, која добила ин - витро третман во нашата држава и целата бременост била следена во нашата држава, а породувањето е извршено на ГАК“, рече Алексиоска Папестиев.

Бебето се вика Петар и заедно со мајката денеска се пуштени дома. Директорката на ГАК рече дека овие родители не се откажале од својот сон, не потклекнале на неуспесите, на притисоците од околината и на предрасудите со кои живееме.

Мајката имала богато акушерско минато - имала десет неуспешни ин-витро оплодувања и десет спонтано абортуси. Имала и три претходни гинеколошки интервенции од кои две во Белград, а една на ГАК во Скопје. Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и дијабетес, но на крајот сѐ поминало во најдобар ред.

Таткото има 65 години, е во пензија и рекол дека тој ќе се грижи за бебето.

Во регионот, највозрасната жена која родила дете е од Србија, но со донирана јајце клетка. Во Индија има случај на прворотка и на над 70 години.

Турција побара од САД да биде изземена од санкциите за рускиот гас

илустрација
илустрација

Турција преговара со Соеднетите Држави за изземање од санкциите против Русија за да продолжи да купува руски гас, изјави министерот за енергетика Алпарслан Бајрактар.

Говорејќи по состанокот на владата, Бајрактар посочи дека одлуката на САД да воведат санкции за Гаспромбанк, делумно во сопственост на гасната компанија Газпром, може да создаде проблеми за Турција.

„Можеме да ги почувствуваме последиците. Нема да можеме да платиме, а ако не можеме да платиме, нема да можеме да купиме гас. Нашето Министерство за надворешни работи продолжува со преговорите за ова прашање“, рече тој.

Министерот нагласи дека на неговата земја и е потребен гас за да ја обезбеди побарувачката и потсети дека исклучок за гасот е применет со санкциите против Иран.

„На нашата индустрија и треба гас. Како што знаете, имаше санкции против Иран во минатото, но имаше исклучок за природниот гас. Ние сакаме таков исклучок од САД и за рускиот природен гас“, рече министерот.

Бајрактар вели дека не ја разбира администрацијата на Бајден во заминување.

„Остана уште месец и половина. Негативната страна е што е тешко да се укинат овие ембарга преку ноќ. Ако Турција не добие изземање, целта не е Русија, туку Турција. Нели е така?“, праша министерот.

Турција не воведе санкции против Русија и наведува дека сè уште се потпира на руските енергетски испораки.

Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија

Бојко Борисов, претседател на ГЕРБ
Бојко Борисов, претседател на ГЕРБ

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, соопшти дека со олеснување ја повлекува својата кандидатура за премиер на Бугарија.

„Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Категорично ја повлекувам кандидатурата. Чекаме премиер со еквидистанца“, изјави Борисов на прес-конференција, додавајќи дека веднаш ќе го врати мандатот кога ќе го добие.

„Ги добивме неопходните одговори и тие покажуваат дека во мене не гледаат добар лидер или премиер“, објасни Борисов, осврнувајќи се на ставот на „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“.

Тој истакна дека нема да се занимава со проблемите кои, како што рече, биле создадени во последните четири години.

„Говорат за премиер со политика на еквидистанца. Кажете го тоа име, јас сакам да се натпреварувам со него. Зошто не го ставија името на маса? Но, никој не кажува кој е,“ нагласи Борисов.

Инаку Борисов инсистираше на тоа дека и претседателот на парламентот и премиерот во евентуалната идна влада треба да бидат од ГЕРБ. Во понеделникот за прв пат дозволи претседателот на Собранието да биде од друга партија, но рече дека нема да отстапи од тоа да биде премиер.

ПП-ДБ постојано повторуваше дека за нив е неприфатливо Борисов да биде премиер. Претходно тие побараа и лидерска средба со ГЕРБ, но Борисов одби лично да учествува на таква средба.

Извршниот комитет на ГЕРБ вчера (25 ноември) ја потврди претходно донесената одлука дека лидерски преговори ќе се одржат само доколку се водат за формирање мнозинство и редовна влада.

На 27 октомври се одржаа седмите предвремени парламентарни избори во последните три години. Победник беше ГЕРБ со 69 пратеници, потоа ПП-ДБ со 37, „Преродба“ со 35, „ДПС - Нов почеток“ со 30, БСП со 20, АПС со 19, „Има таков народ“ (ИТН) со 18 и MECH со 12 пратеници. ГЕРБ ќе добие мандат од претседателот Румен Радев за формирање влада, а потребни и се уште најмалку два коалициски партнери за да има парламентарно мнозинство.

Претходно во 2023 г ГЕРБ и ПП-ДБ постигнаа компромис за заедничка влада на ротирачка основа. Во март 2024 година, кога се очекуваше Марија Габриел да ја преземе функцијата премиер од Николај Денков (ПП-ДБ), ГЕРБ ја повлече својата поддршка за владата.

ЕУ му донираше на ЈСП шест еколошки автобуси

Еколошки автобуси во Скопје (илустрација)
Еколошки автобуси во Скопје (илустрација)

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од Европската Унија.

„Оваа активност која денес ја спроведуваме е проект вреден 10 милиони евра којшто ќе придонесе за намалување на загадениот воздух, бидејќи тоа е еколошки проблем што го чувствуваме веднаш по почетокот на грејната сезона и со години го зема данокот врз здравјето на граѓаните,“ изјави амбасадорот на Европската унија во земјава, Михаил Рокас, на примопредавањето на шесте еколошки автобуси во Дирекцијата на ЈСП.

Проектот, како што додаде, ги опфаќа градовите Битола, Куманово, Скопје и Тетово, односно оние кои се соочуваат со зголемено аерозагадување.

„Транспортот е причина за големото количество емисии на јаглерод диоксид којшто го испуштаме во атмосферата. На овој начин овозможуваме граѓаните да можат да го користат јавниот превоз, наместо поединечни возила. Мора да го направиме јавниот транспорт колку може помалку да загадува“, нагласи Рокас.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска рече донацијата од Европската Унија е успех на Град Скопје, изразувајќи надеж дека ваквата активност ќе ги мотивира советниците на Град Скопје да гласаат и за набавка на уште 250 еколошки автобуси.

Донацијата на еколошките автобуси се случува во период кога граѓаните се соочуваат со секојдневни проблеми со јавниот превоз. Автобусите на ЈСП престанаа да возат низ скопските улици поради недостиг на гориво. Автобускиот превоз беше нормализиран по интервенцијата на Владата, која обезбеди нафта од државните резерви за седум дена.

Поранешна соработничка на РСЕ доби 4 години затвор во Сибир

Судско рочиште за случајот на новинарката Ника Новак за соработка со странска организација, Москва, Русија
Судско рочиште за случајот на новинарката Ника Новак за соработка со странска организација, Москва, Русија

Судот во сибирскиот град Чита ја осуди на четири години затвор новинарката Ника Новак, поранешна соработничка на сервисот на Радио Слободна Европа - Siberia.Realities.

Извори блиски до истрагата за РСЕ изјавија дека Новак е прогласена за виновна за „соработка со странска организација на доверлива основа“.

Новак минатата година беше уапсена во Москва, а подоцна префрлена во Сибир.

Нејзиниот случај беше означен како доверлив, а деталите не беа објавени.

Новак работеше за медиумската група ChitaMedia и беше главна уредничка на веб-страницата Zab.ru.

Во текот на 2022 година, таа беше соработничка на Радио Слободна Европа. Групата за човекови права Меморијал ја означи Новак како политички затвореник.

Законот за криминализирање на соработката со странски организации на доверлива основа беше усвоен во Русија во 2022 година, и тој дозволува кривично гонење за споделување некласифицирани информации со странски организации.

Српскиот министер за градежништво во оставка, Горан Весиќ префрлен во болница

Горан Весиќ, министер за градежништво во оставка
Горан Весиќ, министер за градежништво во оставка

Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија во оставка, Горан Весиќ, со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Управата за извршување на кривични санкции.

Весиќ е префрлен во Заводот врз основа на решение на Здравствената служба на установата, а поради влошување на неговата здравствена состојба.

„Сите притворени и осудени лица од Окружниот затвор во Нови Сад вообичаено се испраќаат на дијагностика во Заводот во Сремска Каменица секогаш кога за тоа постојат медицински причини“, велат од Управата за извршување на кривични санкции за РСЕ.

Весиќ во болницата го обезбедуваат припадници на Службата за безбедност, што е дел од редовната процедура при лекување на приведено лице во цивилна болница.

На 23 ноември му беше одредена мерка притвор во траење од 30 дена, по што тој започна штрајк со глад.

Весиќ беше уапсен на 21 ноември поради пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Тринаесет лица се во притвор во рамки на истрагата за уривањето на настрешницата на 1 ноември.

Дојава за бомба во судот во Сараево, прекинати сите рочишта

Кантоналниот и Општинскиот суд во Сараево
Кантоналниот и Општинскиот суд во Сараево

Во зградата каде што се наоѓаат Кантоналниот суд во Сараево и Општинскиот суд Сараево, утрината е пријавено дека е поставена бомба.

Според информациите, припадниците на Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон се на терен и вршат детален преглед, а во тек е евакуација на зградата.

Поради дојавата за бомба, одложени се сите рочишта во кантоналниот и општинскиот суд.

Меѓу поважните рочишта што требаше да се одржат денеска (26 ноември) се завршните зборови на Обвинителството на БиХ во врска со убиството на сараевските полицајци, како и случајот против поранешниот градоначалник на Сараево Ибрахим Хаџибајриќ.

Хаџибајриќ беше уапсен во мај минатата година. Оттогаш е во притвор. Покрај него, уапсени се уште шест лица. Обвинителството на кантонот Сараево тогаш објави дека Хаџибајриќ е осомничен за организиран криминал, злоупотреба на власта и перење пари.

Дојавите за поставени бомби во зградата каде што се сместени двата суда зачестија во последните месеци, но засега сите беа лажни.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG