Требаше да бидат во авангардата на модернизирана украинска армија, обучена за западните тактики од француски инструктори, вооружени со западно оружје, опремени да соборат поголем дел од руската армија на бојното поле.
Тоа не се случи.
Наместо тоа, 155-та посебна механизирана бригада на украинската војска е зафатена од дезертирања, инкриминации и сега, од остри критики од јавноста кои ги обвинуваат командантите за неспособност.
Командантот на бригадата беше ненадејно сменет минатиот месец, веднаш по враќањето од обука во Франција, а главната агенција за спроведување на законот во Украина ги истражува извештаите дека десетици, веројатно стотици, нејзини војници отсуствувале без покритие за службено отсуство.
Проблемите на бригадата се појавија во очајно време за Украина, кога нејзиното население е исцрпено од речиси тригодишната војна, а нејзината војска е исцрпена од немилосрдните руски офанзиви.
Проблемите и јавните прозивки, исто така, ги илустрираат пошироките прашања што ја мачеа украинската војска со месеци, ако не и со години и, велат експертите, ја попречија нејзината способност да води ефикасна целосна одбрана или напад, против поголемата, подобро опремена руска сила.
„Обуката што замислував дека треба да се случи во третата година од војната, каква што требаше да биде, ја нема“, изјави за украинскиот сервис на РСЕ, еден поручник, кој моментално е на неовластено отсуство од бригадата.
„Јас, на пример, не знам што треба да правам. Не сум подготвен да се откажам и да извршувам какви било наредби со необучени луѓе. Плус, и јас сум необучен. Јас командувам со 30-ина луѓе. Не сум подготвен да ги ризикувам нивните животи“, вели тој.
„Во Франција не ме учеа апсолутно ништо“, рече офицерот, кој сакаше да остане анонимен бидејќи јавната критика на војската може да резултира со кривично гонење.
Најмалку 59 војници од бригадата ги напуштија терените за обука во Франција без овластување, рече офицерот, бројка што ја повтори Јуриј Бутусов, познат украински воен дописник кој ја опиша бригадата како „целосен организациски хаос“.
Во интервјуто, Бутусов рече дека одлуката зад обуката и формирањето на бригадата се повеќе политички.
„Едноставно, нема смисла да се создаваат такви бригади кои не се целосно екипирани, кои немаат време за обука, како што гледаме“, рече тој за Украинскиот сервис на РСЕ.
„Ако кажеме дека ни треба нова бригада, тогаш ова е прашање што треба да трае најмалку една година за да се заврши. Покрај индивидуалната обука, треба да обезбедиме менаџмент на многу нивоа“, смета Бутусов.
Неизбежен хаос?
Западните сојузници вложија милијарди долари во оружје и опрема за вооружените сили на Украина, опремувајќи ги со модерна технологија за да се борат против поголемата руска армија со повеќе оружје на располагање.
Тие, исто така, се обидоа да ги преквалификуваат вооружените сили на Украина, оддалечувајќи ги од доктрината и тактиките со кои израсна нивниот офицерски корпус обучен од Советскиот сојуз, и да воведат размислување во стилот на НАТО, како што е комбинираното вооружување и нагласување на помалите бригади, наместо на поголемите дивизии.
Но, освен со оружјето, Украина се соочи и со поголем проблем: луѓе. Критичарите во и надвор од Украина негодуваат дека украинските власти не успеваат да изградат одржлив систем на регрутирање, мобилизација и обука, за да ги надополнат исцрпените единици.
Украинската команда создаде неколку нови бригади. Некои единици беа испратени на обука во Германија. Друга единица која беше формирана во Франција минатата година со голема помпа е 155-та посебна механизирана бригада, наречена бригада „Ана од Киев“, именувана по киевската принцеза од 11 век, која подоцна стана кралица на Франција.
Францускиот претседател Емануел Макрон го најави создавањето на единицата за време на прославите на годишнината за инвазијата во Нормандија во Втората светска војна во јуни.
Два месеци подоцна, околу 2.000 украински војници, приближно половина од стандардната бригада на НАТО, беа испратени во Франција на обука која вклучуваше инструкции за напредни француски системи за оружје; Макрон подоцна беше во посета на единицата со голем публицитет во октомври.
Кога 155-та почна да ротира назад кон Украина кон крајот на ноември, украинските сили веќе се мачеа со месеци обидувајќи се да го спречат забрзувањето на руските офанзиви на повеќе места низ линијата на фронтот од околу 1.100 километри.
На 12 декември, командантот на бригадата, полковникот Дмитро Рјумшин, беше сменет, само неколку дена пред бригадата да се упати во борба. Причината за отпуштањето на Рјумшин беше нејасна, но тој објави изјава на Фејсбук страницата на бригадата во која им се заблагодарува на војниците и офицерите на единицата за нивната „лојалност и професионалност“.
Неколку дена претходно, пратеничката Марјана Безухла го критикуваше начинот на кој била замислена бригадата, велејќи дека таа била споена случајно од други единици, што пак ги лишило другите единици од трупите.
„Што се случи со 155-та: иако Французите се обидоа да ја направат бригадата специјализирана, таа не беше поштедена од глупави воени одлуки, кои ја распаднаа единицата“, напиша таа на Фејсбук и додаде дека „Во бригадата владее хаос“.
Тоа го повтори и Серхи Стерненко, активист и блогер кој пишува за корупцијата и претходно бил поврзуван со екстремно десничарска паравоена група.
„Зошто да се создаде нова бригада кога постојните бригади беа критично и недоволно екипирани, ако потоа беше поделена за да се доделат луѓе на старите бригади? Која е поентата?“ Стерненко рече во пост на платформата X. „Покрај ударот врз нашиот имиџ во француските очи, каде дел од бригадата беше обучен и опремен, повторно претрпевме големи загуби и исцрпеност“.
„Ова лудило мора да се прекине пред целосно да ја поткопа способноста на армијата да организира отпор“, напиша тој.
„Подобро ќе отсуствувам без службено покритие“
И покрај пријавените организациски проблеми, бригадата делумно се распореди за да помогне во одбраната на Покровск, град во Донбас кој е под голема закана од опколување од руските сили. Извештаите велат дека единицата исфрлила тенкови Леопард од германско производство и француска артилерија.
Но, поручникот на бригадата, кој зборуваше за РСЕ под услов да остане анонимен, рече дека дел од опремата што им била обезбедена е скршена; багери, на пример, се користат за копање ровови и заштитни средства. Тој опиша и некои од проблемите со командните наредби.
„Кога се вративме од Франција, дел од бригадата веќе беше во близина на Покровск. Тогаш добивме наредба да се префрлиме во пешадијата и многу луѓе заминаа на отсуство без службено покритие. Денови подоцна, бевме испратени во регионот Дњепропетровск. И следниот ден добивме наредба да одиме во населба на 20 километри од линијата на фронтот“, рече тој.
„Мојот командант ми напиша: „Соберете девет луѓе. Утре ќе одиш на одредено место.“ Го прашав што треба да правиме таму. Тој рече: „Не знам“, рече поручникот. „Тоа е, командантите се непрофесионални, тие немаат обучено луѓе“.
Тој рече дека некои војници мислат: „Попрво би одел на отсуство без службено покритие. Ако ме фатат, тогаш барем, порано или подоцна, вратата од затворот ќе се отвори. Капакот на ковчегот никогаш нема да се отвори“.
Непотврдени извештаи сугерираат дека бригадата претрпела непропорционални жртви во одбраната на Покровск, нешто што Бутусов рече дека е значајно.
„Повеќето од војниците во 115-та, на линијата на фронтот се обидуваат чесно да ги исполнат своите должности“, напиша Бутусов во својата објава на Фејсбук на 31 декември. „Но, поради одреден криминален однос кон животите на војниците, 155-та бригада претрпе значителни загуби уште од првите денови“ на распоредувањето.
Друг војник на бригадата, кој исто така зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека критиката на Бутусов е во голема мера вистинита, но е нецелосна.
„Ситуацијата со формацијата беше уште полоша отколку што тој опиша“, рече војникот.
Државното биро за истраги, водечката агенција за истражни постапки во Украина, потврди за украинската служба на РСЕ, дека ги истражува извештаите за дезертирање на војници. Претставник на бригадата одби да коментира.
Запрашан за проблемите на бригадата, претседателскиот кабинет на Франција, Елисејската палата, го упати прашањето до француското Министерство за одбрана.
„Украинските вооружени сили беа тие што го организираа изборот на украинскиот воен персонал за да ја формираат оваа бригада и да управуваат со процесите“, соопшти Министерството. „Исто така... Украинските вооружени сили ги одредуваат условите за распоредување на [бригадата] во Украина“.