Достапни линкови

Подобро загаден воздух, отколку празен стомак и ладен стан


Аерозагадување во Скопје.
Аерозагадување во Скопје.

Воздухот оваа зима се очлекува да биде позагаден од претходните поради енергетската криза и зголемената употреба на мазут и јаглен. Граѓаните иако се свесни за проблемот, во моментов повеќе стравуваат од високите трошоци во нивните домови, додека нови истражувања покажуваат загрижувачки резултати од изложеноста на загаден воздух.

Здравата животна средина повторно е во втор план, овој пат поради неизвесноста од енергетската криза и растечката инфлација. Градовите во Македонија скоро секоја зима се меѓу „светските рекордери“ по загаден воздух, а очекувањата за претстојнава сезона се состојбата со аерозагадувањето да биде уште полоша, со оглед на најавите за зголемена употреба на мазут и јаглен.

Во јавноста постои свест за здравствените ризици од загадениот воздух, но активисти со кои разговаравме сметаат дека очекувано е годинава граѓаните повеќе да бидат загрижени дали нивните семејства ќе имаат топол дом поради ударот од високите цени. Од друга страна тие велат дека власта ја користи енергетската криза како оправдување за еколошките проблеми.

„Граѓаните веќе се погодени од големата финансиска криза и огромните поскапувања на прехранбените производи и се останато. И кај тие граѓани што се свесни за штетноста на аерозагадувањето, се плашам дека таа свест нема да биде пред потребата за топол дом и храна за нивните семејства“, вели активистот Аријанит Џафери од граѓанското здружение „Еко-герила“ од Тетово.

И додека фокусот е ставен како да се помине тешката зима, нови истражувања покажуваат загрижувачки резултати од изложеност на загаден воздух. Студија спроведена врз мајки непушачи во Шкотска и Белгија дава загрижувачки резултати: токсичните честички од аерозагадувањето стигнуваат и до белите дробови и мозокот на неродените бебиња.

За високото аерозагадување во Македонија изработени се повеќе истражувања кои укажуваат на ризикот врз здравјето на илјадници граѓани, особено за децата како најчуствителна група, бидејќи нивниот организам е во развој и имаат побрзо дишење.

Власта во моментов се обидува да ги набави потребните количини на јаглен и мазут за производство на струја за потребите на бизнисот и граѓаните. Неизвесно е дали топланите во Скопје ќе обезбедат гас, во спротивно ќе треба да употребуваат мазут за скопјани да имаат парно греење.

Министерот за животна средина просторно планирање Насер Нуредини деновиве изјави дека е очекувано зимава аерозагадувањето да биде зголемено.

„Ние ќе увеземе мазут и јаглен, најмалку што бараме е да се почитуваат стандардите за мазутот и јагленот што го увезуваме. Свесни сме дека институциите: болници, градинки, училишта се најголемите загадувачи. Најверојатно оваа зима ќе има зголемување на загадувањето“, рече Нуредини.

Тој апелира граѓаните да внимаваат со што се греат, да бидат поефикасни и да се греат со дрва и пелети кои се според стандардите, а не со материјали кои со согорувањето испуштаат штетни материи.

Но, можни ли се некакви решенија во ситуација кога е сигурно дека зимава воздухот ќе биде високо загаден?

Џафери смета дека општините, централната власт и граѓаните можат да применат одредени мерки за делумно ублажување на загадувањето, иако според него власта и оваа година доцни.

Општинските инспекции треба постојано да бидат на терен и да спречат граѓани или фирми да согоруваат отпад, пластика, гуми и други материјали, потребно е и субвенционирање на јавниот превоз за граѓаните помалку да ги користат автомобилите, вели тој.

„Во однос на долгорочни мерки, уште денес треба да се почне со инсталирање на соларни панели и фотоволтаици и да се олеснуваат околностите за да може секое домаќинство да произведе своја струја. Исто така треба да се овозможи државна и финансиска помош за сите домаќинства кои ќе инсталираат соларни панели или фотоволтаици. Секој изгубен ден ќе не чини многу“, вели Џафери.

Државата треба да обезбеди евтина струја и евтино дрво за греење кое помалку ќе загадува од јагленот и мазутот, како и од употребата на моторни масла, пластиката и гуми во печките, додава Џафери.

Но, Владата деновиве најави пролонгирање на воведувањето на зелените давачки за деривати, односно за еколошка такса за енергенти што ќе се однесува за сите домаќинства и компании.

Џафери смета дека енергетската криза повеќе ѝ служи на власта како оправдување за големото аерозагадување, бидејќи како што вели, воздухот беше многу загаден и во минатите години кога немаше енергетска криза.

Само податоците од загадувањето од јагленот покажуваат дека скоро секоја година се надминати нивоата пропишани во законодавството. Емисиите на прашина од согорувањето на јаглен во Македонија се зголемуваат и ги надминуваат нивоата од националните планови за намалување на загадувањето.

За главниот град Скопје извори на загадување се затоплувањето, индустријата, сообраќајот, урбанизацијата. Податоците на Светската банка покажуваат дека три четвртини од населението во Македонија, се грее или готви на дрва, а во руралните средини до 95% од населението користи дрва и дека аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно. Други истражувања покажуваат дека оваа бројка е над двојно поголема.

Колку е штетно аерозагадувањето покажува најновата студија спроведена врз мајки непушачи во Шкотска и Белгија, особено поради тоа што била спроведена на места со релативно ниско аерозагадување.

Познати се податоците дека загадениот воздух е поврзан со зголемен број на спонтани абортуси и предвремено родени бебиња, а новото истражување во Белгија и Шкотска покажува дека илјадници јаглеродни честички кои ги вдишувале мајките за време на бременоста, биле пренесени преку крвта и плацентата до фетусот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG