Достапни линкови

РЕК Битола со најголеми емисии на сулфур диоксид на Балканот


Архива - РЕК Битола.
Архива - РЕК Битола.

Термоелектраните на јаглен на Западен Балкан продолжуваат да емитуваат „неверојатно високи количини на загадувачи во воздухот.“ РЕК Битола е еден од најголемите загадувачи, но граѓанските организации се сомневаат дека комбинатот ќе ги намали емисиите до 2027 година.

Со емисии на прашина 2,5 пати повисоки од дозволеното и со двојно зголемени емисии на сулфур диоксид за само една година, електранта РЕК Битола е една од најголемите загадувачи во регионот, а можеби и во Европа, објави мрежата на граѓански организации „Бенквоч“ во извештај за најголемите загадувачи на Балканот насловен „Усогласи или затвори.“

Емисиите на сулфур диоксид од електраната во Битола се најголем проблем, се вели во извештајот, според кој, тие се дуплирани за само една година, од 52.823 тони во 2018 година на дури 105.431 тони во минатата 2019 година.

„Со ова трите блока во комбинатот станаа инсталација со најголеми емисии на сулфур диоксид во регионот, а можеби и во Европа“, се вели во извештајот на „Бенквоч.“

Извештајот е продолжение од истражувања од минатата година кои покажаа дека термоелектраните на јаглен на Западен Балкан продолжуваат да емитуваат „неверојатно високи количини на загадувачи во воздухот“ – повеќекратно поголеми од дозволените со Националните планови за намалување на емисиите.

Стратегијата - напуштање на јагленот или само пуста желба

Електраните на јаглен РЕК Битола и РЕК Осломеј долго време работат со застарена технологија, а според предвидувањата е можно во иднина да се соочат со недостиг на снабдување со јаглен.

Во моментов земјава увезува 30 отсто од потрошувачката на енергија, а остатокот го добиваме главно од производството на термоелектраните на лигнит во Битола и Осломеј и од големите хидроцентрали.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ велат дека постапката за добивање на Дозвола за усогласување со оперативен план за АД Електрани на Северна Македонија, Скопје – Подружница РЕК Битола е во крајна фаза, односно изготвена е Нацрт верзијата на дозволата и согласно Законот на животна средина објавена е во веб-страната на МЖСПП.

„По однос на постапката за добивање на дозвола за АД Електрани на Северна Македонија, Скопје – Подружница РЕК Осломеј, истата е во фаза на подготовка на Нацрт-Дозвола за усогласување со оперативен план“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

За намалувањето на емисиите, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини неодамна изјави дека потребно е да спроведат мерки кои ќе водат до ниска емисија на јаглерод.

Нуредини зборуваше на конференција за зајакнување на процесот на регионална консултација за климатски промени и безбедност во Југоисточна Европа, Источна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија, посочувајќи дека е потребна меѓународна соработка и инвестиции за избегнување на можните сценарија предизвикани од климатските промени.

„Нашата мисија е да предложиме мерки и политики кои ги намалуваат емисиите на јаглерод и ја зголемуваат одржливоста на нашата земја и регионот преку сеопфатен и транспарентен процес“, рече Нуредини.

Националниот план за намалување на емисиите е механизам со кој големите капацитети треба постепено да ги намалуваат емисиите до 2027 година, но од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ наведуваат дека според развојот на настаните во енергетскиот сектор во Северна Македонија, се помалку е веројатно дека ќе биде инсталирана постројка за десулфуризација во Битола во периодот до 2027 година.

Процесот за поставување на филтрите во РЕК Битола е започнат во 2007 година и според тогашната законска арегулатива тој требаше да заврши до 2014 година и електраната да ја добие потребната А – Интегрирана еколошка дозвола.

Постапката беше реактивирана во 2018 година, а најавите беа дека таа комплетно треба да заврши до 2026 година, како што неодамна изјави директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски.

„АД ЕСМ ќе инвестира над 300 милиони евра за подобрување на еколошките перформанси на производниот процес на РЕК Битола“, рече Ќурчиевски.

Но, од друга страна Македонија неодамна донесе нова Стратегија за енергетика според која земјата во следните две децении планира да ги затвори сите термоелектрани на јаглен и да направи транзиција кон обновливи извори на енергија.

Давор Пехчевски – кординатор за аерозагадување во Бенквоч и еден од авторите на истражувањето – вели дека приоритет е да се донесе Програмата за имплемнтација на стратегијата за развој на енрегетиката со која ќе се избере зелено сценарио кое забрзано ќе почне да се спроведува.

„Ова ќе овозможи во најкраток можен рок да се намалат работните часови на комбинатот и тој да се затвори во определениот рок, а со тоа да се елиминира проблемот со загадувањето што произлегува од него“, вели Пехчевски.

Граѓанските организации за заштита на животната средина стратегијата за енергетика ја оценија како значаен чекор кон нискојаглероден развој, но дел експерти за енергетика се сомневаат во нејзината реализација, како што велат, главно поради недостаток на насоки и финансиски потенцијал.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG