Годинава ќе биде клучна за електро-енергетскиот стожер во земјава РЕК „Битола“ зашто треба да отпочне една од клучните мерки за подобрување на животната средина и добивање на интегрираната А еколошка дозвола. Според планот, годинава треба да се изврши реконструкција на електростатските филтри на едниот блок, а потоа постапката ќе тече сукцесивно на вториот блок во 2021 година и на третиот во 2022-та. Тендерот за овој зафат, со кој треба да се намали издувот на прашина за пет пати, односно од 100 милиграми на помалку од 20 милиграми ПМ 10 честитки беше распишан во март минатата година, а поништен во октомври поради забелешки од формално-правен карактер. Од раководството на РЕК велат дека тендерот повторно ќе биде распишан на почетокот на годинава.
„Беше поништена самата јавна набавка во делот на управната постапка. Ги искористивме овие два-три месеци кои следуваа по поништувањето да направиме темелна анализа на јавната постапка за да не ни се случи повторно истото. И ве убедувам дека јавната набавка во почетокот на оваа година ќе биде распишана. Триесет до четириесет дена ќе трае постапката, дополнителен период има за жалби, управна постапка. Но убеден сум дека овој пат јавната набавка успешно ќе заврши“, вели Златко Ќурчиевски, директор на РЕК „Битола“.
Реконструкцијата на филтрите се дел од мерките што треба РЕК да ги спроведи за да добие А интегрирана еколошка дозвола. Нацрт-еколошката дозвола деновиве беше поставенa на јавна расправа пред надлежните институции, еколошките здруженија и граѓаните. Дозволата содржи 84 страници со бројни услови кои РЕК ќе треба да ги спроведи до 2026, за да се задоволат еколошките стандарди во производството на струја од јаглен. Мерките чинат 300 милиони евра.
„Оваа постапка беше почната во 2007 година, а заклучно законската регулатива требаше да биде завршена до 2014 година. Но, за жал, тие проектирани желби останаа само на хартија, зашто во тој период буквално ни една од предвидените активности не беше реализирана. Со промената на раководството во АД ЕСМ и РЕК во 2018 година ја реактивиравме постапката со ресорното Министерство за животна средина, го усогласивме оперативниот план ланската година и оваа постапка треба да заврши заклучно со 2026 година“, вели Ќурчевски.
АД ЕСМ во мерките кои ќе треба да се спроведат ќе вложи 300 милиони евра сопствени средства.
„Подготвени сме да се справиме со предизвиците, во нашите финансиски проекции влезени се овие средства, сукцесивно се поделени по години. Започнуваме со постапката за објавување оглас за реконструкција на електростатските филтри, во текот на овој месец треба да започне. Реконструкцијата на филтрите сукцесивно ќе се довива 2020, 2021 и 2022 година. Од 2022 до 2023 треба да ја започнеме и постапката за добивање потројка за десулфуризација и целиот процес со двете најголеми ставки од оперативниот план да завршат конечно во 2026 година“, рече директорот на РЕК.
За периодот од 2007 до 2014 година, кога не биле преземани соодветни мерки, не се изречени казни. Тие се предвидени дури откако ќе се издаде дозволата во случај да се прекине со понатамошното спроведување на потребните мерки.