Достапни линкови

Вести

Киев ги критикува резултатите од „измисленото“ гласање во областите окупирани од Русија како „неважни и безвредни“

Референдум за приклучување на регионите на Украина под руска контрола кон Русија, во Севастопол
Референдум за приклучување на регионите на Украина под руска контрола кон Русија, во Севастопол

Киев денеска оцени дека референдумите организирани од Москва за станување дел од Русија, одржани во четири украински региони делумно контролирани од Москва, се „ништовни и безвредни“, и го повика Западот „значително“ да ја зголеми својата воена помош за Украина. Претходно, властите инсталирани од Русија во украинскиот регион Доњецк денеска прогласија победа на референдумот за приклучување кон Русија со над 99 отсто гласови „за“. Денис Пушилин, шефот на самопрогласената Народна република Доњецк, го нарече „историски ден“ за регионот. Доњецк е еден од четирите окупирани региони во Украина каде што се одржа петдневно гласање на таканаречените референдуми кои Киев и Западот ги осудија како измама. Властите поддржани од Русија во сите четири региони објавија огромно мнозинство за по набрзина договорените гласања.

Проруски официјални лица велат дека гласањето за анексија во Украина го дало очекуваниот резултат: огромно одобрување

Четирите региони - Доњецк и Луганск на исток и Запорожје и Керсон на југ - сочинуваат околу 15% од украинската територија. Гласачките кутии биле носени од куќа до куќа од официјални лица во, како што велат Украина и Западот, нелегитимна, принудна акција за да се создаде правен изговор за Русија да ги анектира четирите региони. Рускиот претседател Владимир Путин тогаш може да го прикаже секој обид на Украина да ги врати овие региони како напад врз самата Русија. Тој минатата недела рече дека е подготвен да користи нуклеарно оружје за да го брани „територијалниот интегритет“ на Русија. Украина постојано предупредуваше дека руската анексија на територии ќе ја уништи секоја шанса за мировни преговори, седум месеци откако Русија го нападна нејзиниот сосед.

види ги сите денешни вести

Пред македонската амбасада во Белград, оддадена почит на загинатите во пожарот во Кочани

Пред амбасадата на Северна Македонија во Белград, денеска (18 март) им беше оддадена почит на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Студенти и граѓани палат свеќи и оставаат цвеќе пред зградата на македонската амбасада во Белград, Србија.

Во Србија и во Босна и Херцеговина денеска е Ден на жалост поради трагедијата во Кочани, додека во Црна Гора- Ден на жалост беше на 17 март.

Денеска е Ден на жалост и во Бугарија.

Во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа најмалку 59 млади лица, а беа повредени 155 граѓани.

Од повредените, 89 пациенти се на лекување во земјава, а 76 се транспортирани во соодветни здравствени установи во странство.

Северна Македонија официјално го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, првично барајќи итна евакуација на 15 пациенти со тешки изгореници. Како одговор, девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Унгарија, Луксембург и Норвешка – веднаш понудија помош преку овој механизам.

Турција ги осуди израелските напади врз Газа и повика на глобална акција

Појас Газа
Појас Газа

Турција денеска (18 март) ги осуди најновите израелски напади врз Газа, наведувајќи дека масовното убивање Палестинци претставува нова фаза во тоа, што го опиша како „политика на геноцид“ на Владата на Нетанјаху.

„Израел му пркоси на човештвото со кршење на меѓународното право и универзалните вредности на најсериозен начин“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Во него се предупредува дека агресивните акции на Израел ја загрозуваат регионалната стабилност во момент кога се интензивираат меѓународните напори за мир.

„Агресијата што ја покажа израелската Влада ја загрозува иднината на регионот. Неприфатливо е Израел да предизвикува нова спирала на насилство“, се наведува во соопштението од Министерството.

Анкара ја повика меѓународната заедница да заземе цврст став против Израел, повикувајќи на итна акција за траен прекин на огнот и испорака на хуманитарна помош за Газа.

Потврдувајќи ја позицијата на Анкара, Министерството ја нагласи и непоколебливата поддршка на Турција за палестинската кауза и посветеноста на регионалните мировни иницијативи.

Состојбата на повредените е релативно стабилна, 76 пациенти се транспортирани во странство

илустрација
илустрација

Релативно стабилна е состојбата на повредените во дискотеката, но не може да се каже каква ќе биде состојбата понатаму, бидејќи се уште е рано, рече денеска (18 март) заменик министерот за здравство Јовица Андовски, во изјава за медиумите.

Во „пластика“ имало хоспитализирано 17 пациенти, на Токсикологија 13, на Торакална 4, Траума 2, Детска хирургија 4, Карил 14, Стара градска 12, градска општа болница „8 Септември“ 18, Штип 3, Пулмологија 2, или вкупно 89 пациенти во земјава.

Вкупно 76 пациенти се транспортирани на лекување во странство. Последни, ноќеска биле префрлени во Хрватска, Словенија и Виена по двајца, тројца во Атина.

Планирани биле уште префрлувања во странство. Во Виена, Полска, Шведска, Холандија, Италија, Хрватска, Норвешка и Словенија.

Стигнати биле доктори од неколку странски земји. Докторите од Белгија биле на терен и правеле анализа на најтешко повредените на КАРИЛ. Од Израел дошле неколкумина, а се очекуваат уште неколку, кои ќе бидат распределени во Клиничкиот центар и ,,8 Септември". Пристигнале и по шест доктори од Чешка и ВМА од Белград.

Андовски додаде дека од шест пациенти во Анкара од кои првично пет биле интубирани, сега биле екстубирани, значи состојбата им се подобрила.

Полска и балтичките држави се повлекуваат од Договорот за забрана на противпешадиски мини

илустрација
илустрација

Министрите за одбрана на Полска, Естонија, Летонија и Литванија во заедничко соопштение изјавија дека нивните земји ќе ја напуштат Конвенцијата од Отава за забрана на противпешадиски мини со цел да ја подобрат својата безбедност по руската инвазија на Украина.

Повлекувањето од договорот од 1997 година, што министрите им го препорачаа на лидерите на нивните земји, кои имаат заедничка граница со Русија, ќе им овозможи повторно да почнат да акумулираат противпешадиски мини.

„Со оваа одлука испраќаме јасна порака: нашите земји се подготвени и можат да ги искористат сите неопходни средства за заштита на нивните потреби во безбедносната сфера“, се наведува во соопштението на министрите за одбрана.

Тие тврдат дека по ратификацијата на Конвенцијата од Отава за забрана на противпешадиски мини, се влошила безбедносната состојба во регионот.

„Во светло на ова нестабилно и променливо безбедносно опкружување, обележано со руска агресија и континуирана закана за евроатлантската заедница, од суштинско значење е да се проценат сите мерки насочени кон зајакнување на нашите способности за одвраќање и одбрана“, истакнуваат министрите.

Минатата недела, литванскиот министер за одбрана најави дека Финска, која исто така се граничи со Русија, можеби ќе одлучи да се повлече од Конвенцијата од Отава.

Радев: Бугарија е подготвена да преземе уште повредени од пожарот во Кочани

Румен Радев, претседател на Бугарија
Румен Радев, претседател на Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска (18 март) изрази сочувство до роднините на загинатите во пожарот во Кочани и се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија.

Радев изјави дека Бугарија е подготвена да прифати на лекување повеќе повредени и оти се чека македонските власти да кажат дали има потреба од преземање на уште десет лица.

Во бугарските болници во моментов се хоспитализирани 14 повредени, кои беа пренесени со воено-транспортен авион „Спартан“ и со амбулантни возила на софиската Итна медицинска помош.

„Во готовност се и авионот „Спартан“ и медицинските тимови, така што ќе продолжиме да даваме помош. Бугарија е подготвена и ќе продолжи да помага во се што е потребно. Најважно е што оваа трагедија покажува дека луѓето од двете страни на границата можеби ќе мора да се потпираат еден на друг, но не само во денови на искушенија како денешните, туку заради нашата заедничка европска иднина“, рече шефот на бугарската држава.

Тој им се заблагодари на бугарските медицински тимови и воениот персонал за брзата реакција и професионалноста во транспортот на повредените и за укажаната специјализирана медицинска помош.

Македонската амбасадорка Агнеза Руси Поповска, која го пречека претседателот Радев во амбасадата, изјави дека денеска во Софија се очекува да пристигнат министрите за здравство и за надворешни работи Арбен Таравари и Тимчо Муцунски за да ги посетатат повредените македонски граѓани хоспитализирани во бугарските болници.

Во Бугарија денеска е прогласен ден на жалост во спомен на жртвите во Кочани и солидарност со народот во Северна Македонија.

Бугарскиот Црвен крст, Националната болница за превенција и контрола на заразни болести „Н.И. Пирогов“ и Националниот центар за трансфузиона хематологија организираат крводарителска акција за повредените во пожарот. Како што пренесуваат бугарските медиуми, само во првите два часа над 120 луѓе во Софија дарувале крв за настраданите во трагедијата во Кочани.

Станков: Приоритет ни се обдукциите и идентификацијата за да може роднините да ги подигнат телата

Дикотеката „Пулс“ во Кочани, 17 март 2025 година
Дикотеката „Пулс“ во Кочани, 17 март 2025 година

Приоритет ни е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на луѓето, за да може роднините да си ги подигнат телата, изјави за МИА, Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, во врска со обдукциите на жртвите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, што се случи рано утрото во неделата.

Тој подвлече дека постапката ќе биде завршена, тогаш кога ќе заврши обдукцијата и идентификацијата на сите тела.

Идентификацијата, вели тој, не се извршува само со обдукција, туку и со ДНК анализи.

Станува збор за два паралелни процеса.

„Работиме со планирано темпо. Паралелно се вршат и обдукција и ДНК анализи. Собрани се ДНК материјали за споредба, од роднините на починатите. Очекуваме брзо да се заврши работата. Не може точно да се каже кога, приоритет ни е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на луѓето, за да може телата да си ги подигнат роднините“, нагласи Станков.

Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 150 повредени се згрижени во земјава и странство.

Денеска е ден на жалост во неколку земји од регионот. Србија, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина го прогласија денешниот ден 18. март за ден на жалост по повод трагедијата во Кочани пред два дена.

Низ македонските амбасади во светот се отворени книги на жалост. Отворени се книги на жалост и во Собранието и во Министерството за надворешни работи.

Израел ги напаѓа Газа, Либан, Сирија, заканувајќи се дека повторно ќе разгори војна

Газа по новите напади на израелските сили, 18 март 2025 година
Газа по новите напади на израелските сили, 18 март 2025 година

Израел започна опсежни воздушни напади во Појасот Газа, Либан и јужна Сирија во, како што рече, целни напади врз екстремисти кои планираат терористички напади, што повторно ги разгоре тензиите кои се закануваат да го зафатат регионот во нов, крвав конфликт.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 17-ти март рече дека и дал инструкции на војската да преземе „силна акција“ против Хамас поддржан од Иран (кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација)како одговор на одбивањето на исламистичката група да ги ослободи сите преостанати заложници и нејзиното отфрлање на новите предлози за прекин на огнот.

„Израел отсега ќе дејствува против Хамас со зголемена воена сила“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.

Покрај нападите врз Хамас во Газа, израелската војска соопшти дека извршила воздушни напади и во јужен Либан и јужна Сирија.

Првичните извештаи од палестинските власти во Газа говорат дека во нападите загинале најмалку 80 луѓе, а десетици се повредени, но тие рекоа дека бројот веројатно ќе се зголеми. Информацијата не можеше да биде независно потврдена.

Израелската војска соопшти дека нападите во Газа биле насочени кон команданти и водачи на Хамас од средно ниво и инфраструктурата на групата.

Таа рече дека е подготвена да продолжи со нападите врз Хамас онолку долго колку што е потребно и дека ќе ја прошири кампањата надвор од воздушните напади. Израелските тенкови и војници беа силно активни во Газа за време на претходната одмаздничка операција.

Израел се консултираше со Белата куќа за нејзините последни напади врз Газа, изјави портпаролката Каролин Левит за Фокс њуз.

„Како што претседателот Доналд Трамп јасно кажа - Хамас, Хутите во Јемен, Иран, сите оние кои сакаат да го тероризираат не само Израел туку и Соединетите Држави, ќе ја видат цената што ја плаќаат. Ќе биде пекол“, рече Ливит.

Трамп на 5 март го предупреди Хамас дека ќе има „пекол“ доколку веднаш не ги ослободи сите заложници, откако Белата куќа потврди дека имала тајни разговори со екстремистичката група.

Ројтерс цитираше висок претставник на Хамас дека Израел „еднострано го завршува“ договорот за прекин на огнот во Газа и дека акцијата ја загрозила судбината на преостанатите израелски заложници.

Насилството доаѓа во време на спорови меѓу Израел и Хамас за тоа како да се одржи трифазен прекин на огнот кој започна на 19 јануари, вклучително и размена на преостанатите заложници што ги држеше Хамас за палестински затвореници во израелските затвори.

Заседание на Советот за општи работи на ЕУ

илустрација
илустрација

Подготовка на мартовскиот Европски совет, односите ЕУ-Велика Британија и приоритетите на блокот за 2025 година, ќе бидат главни теми на денешното заседание (18 март) на Советот за општи работи на Унијата (ГАК) во Брисел.

Состанокот на министрите и државните секретар на земјите членки на Унијата одговорни за европски прашања ќе започне со расправа за нацрт-заклучоците за Самитот на ЕУ закажан за 20-21 март 2025 година.

Во поканата до шефовите на држави или влади на членките на Унијата за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта посочи дека главни теми на оваа лидерска средба ќе бидат конкурентноста, најновите случувања во врска со Украина и следните чекори околу европската одбрана.

Во продолжение на заседанието на ГАК, неговите челнови ќе разменат мислења за односите меѓу ЕУ и Велика Британија, како и за приоритетите на Унијата за годинава, во чии рамки Полското претседателство ќе презентира ажуриран Патоказ за Европскиот семестар за 2025 година.

Исто така, Советот ќе расправа и за Нацрт-препораката за економската политика на Еврозоната и се очекува да им ја предложи на европските лидери за усвојување.

Предвидено е ГАК да усвои и заедничка декларација за законодавните приоритети на ЕУ за 2025 година, како и заеднички заклучоци за целите и приоритетите на политиката на Унијата за периодот за 2025-2029 година.

ЕУ вети повеќе од 5 милијарди евра за Сирија

илустрација
илустрација

Донаторите на конференцијата предводена од Европската Унија (ЕУ) ветија 5,8 милијарди евра за помош на новите сириски власти, кои се соочуваат со хуманитарни и безбедносни предизвици по падот на Башар ал Асад.

Ветувањата дадени вечерта на 17 март на собирот во Брисел се помалку од минатогодишните 7,5 милијарди евра грантови и заеми, а претставниците на ЕУ како главен фактор ги наведоа кратењата на американската помош.

ЕУ организира годишна конференција од 2017 година, но таа се одржа без учество на претставници на режимот на Асад, кој беше изолиран поради репресијата што ја вршеше.

За прв пат на конференцијата присуствуваше висок функционер од Дамаск - сирискиот министер за надворешни работи Асаад Хасан ал Шибани, заедно со европски и арапски министри и претставници на меѓународни организации.

Според податоците на ЕУ, на околу 16,5 милиони луѓе во Сирија им е потребна хуманитарна помош, а на 12,9 милиони луѓе им е потребна помош во храна.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на состанокот најави зголемување на обврските на ЕУ за Сиријците во земјата и регионот на речиси 2,5 милијарди евра за 2025 и 2026 година, што вклучува зголемување од околу 160 милиони евра во споредба со претходното ветување за оваа година.

Хајат Тахрир ал-Шам, групата што го собори Асад, е прогласена за терористичка организација од ОН, но ЕУ сака да соработува со новите власти се додека тие ги одржат ветувањата дека транзицијата ќе биде инклузивна и мирна.

Според ОН, Сирија изгубила 40 години развој поради војната и ќе и треба најмалку една деценија да се врати во предконфликтната состојба, а поради економската криза речиси целото население живее под прагот на сиромаштија.

Распишана централна потерница по Додик, Вишковиќ и Стевандиќ

Претседателот на ентитетот Република Српска (РС) Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на парламентот на РС Ненад Стевандиќ
Претседателот на ентитетот Република Српска (РС) Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на парламентот на РС Ненад Стевандиќ

Судот на Босна и Херцеговина издаде централна потерница за Милорад Додик, претседателот на на ентитетот на Република Српска (РС), Радован Вишковиќ, премиер на РС и Ненад Стевандиќ, претседател на Собранието на РС, потврди денеска (17 март) за Радио Слободна Европа (РСЕ), Обвинителството на БиХ.

Судот на БиХ им одреди мерка притвор во траење од еден месец, откако ќе бидат доведени на сослушување, беше потврдено од Судот на БиХ за РСЕ на 14 март.

Додик, Вишковиќ и Стевандиќ се осомничени за кривичното дело нарушување на уставниот поредок, а во последните денови не одговараа на повиците да дадат изјави во Обвинителството на БиХ.

Тројцата се уште не се изјасниле за налогот за апсење, ниту пак е познато каде се во моментов.

Сите полициски агенции во Босна и Херцеговина, вклучително и Државната гранична полиција на БиХ, се должни да постапат во согласност со оваа одлука на Судот на БиХ, што треба да го спречи и нивниот евентуален обид за преминување на границата со соседните земји.

Во БиХ има 16 полициски агенции, од кои ниту една досега не ја коментираше распишаната потерница.

Министерот за внатрешни работи на ентитетот на Федерацијата БиХ, Рамо Исак, за РСЕ изјави дека Министерството за внатрешни работи на БиХ се уште официјално не го добило налогот за апсење.

„Не можеме да коментираме повеќе. Чекаме официјално да биде издаден налогот за апсење“, изјави Исак за РСЕ.

Обвинителството на БиХ ги интензивираше своите активности по серијата сецесионистички потези на владата на РС предводена од Додик, со кои на 13 март беше усвоен нацрт-новиот устав, со кој Република Српска се дефинира како држава.

Претходно, на 6 март, Обвинителството соопшти дека од декември минатата година води истрага поради постоење основи на сомнение дека е сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“.

Кривичниот законик на БиХ за ова предвидува затворска казна од пет години, но и можност за забрана за вршење должност.

На крајот на февруари беа донесени неуставни закони, со кои се забранува работата на државните правосудни и полициски институции на територијата на ентитетот РС.


Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG