Достапни линкови

Вести

Путин и Си ќе присуствуваат на самитот на Г20 во Индонезија

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг
Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг планираат да присуствуваат на самитот на Г-20 на индонезискиот остров Бали од 15 до 16 ноември, изјави индонезискиот претседател Џоко Видодо. Тој исто така, рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски бил поканет, иако Украина не е членка на Г20. Тој, наводно, потврдил дека ќе присуствува лично или виртуелно. Си не патувал на меѓународно ниво од почетокот на пандемијата ковид-19.

Заврши состанокот на Г-20, многу земји ја осудиле војната во Украина

Џакарта се соочи со притисок од Западот да го исклучи Путин поради неиспровоцираната руска инвазија врз Украина. Сепак, Индонезија се обиде да одржи неутрален став, а Видодо оваа година ги посети и Киев и Москва. Самитот на Г20, исто така, доаѓа во време на големи тензии меѓу Кина и Соединетите држави околу статусот на Тајван и кинеските претензии во Јужното Кинеско Море.

види ги сите денешни вести

Владата ќе му позајми гориво на ЈСП од државните резерви

Илустрација - Градски автобус на ЈСП во центарот на Скопје
Илустрација - Градски автобус на ЈСП во центарот на Скопје

На Градот Скопје ќе може да позајми дел од нафтените резерви на државата. Ваква одлука се донесе на денешната (21 ноември) вонредна владина седница, на која се расправаше за недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје.

Како што велат од Владата, на седницата била констатирана лошата состојба и недостиг на гориво за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).

„Се донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Со ова се овозможува да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата“, стои во владиното соопштение.

Од Владата посочуваат и дека денеска, меѓудругото, Бирото за јавни набавки донело одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје, како и дека, со ова, Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај.

Веќе втор ден на скопските улици сообраќаат по триесетина автобуси на градското сообраќајно претпријатие поради недостиг на нафта, а граѓаните со часови чекаат автобус.

Ова не е прв пат, скопјани да имаат проблем со јавниот превоз. Во февруари годинава, за прв пат Скопје остана цел ден без јавен превоз, затоа што вработените во ЈСП стапија во штрајк поради неисплатени плати. Претходно во 2022 година неколку дена штрајкуваа и приватните превозници затоа што градот со месеци не им исплаќаше за извршената услуга.

Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за да се нормализира јавниот превоз во Скопје.

Црна Гора прва од Западен Балкан стана дел од Единствената зона за плаќање во евра, СЕПА

Илустрација - Банкноти во евра.
Илустрација - Банкноти во евра.

Црна Гора е првата земја во регионот на Западен Балкан која стана дел од Единствената зона за плаќање во евра (СЕПА).

Европскиот совет за плаќања (ЕПЦ) објави дека Црна Гора презела значителни напори за усогласување на црногорските национални платежни системи и регулативи со стандардите на Европската унија.

Се проценува дека ова е важна пресвртница на нејзиниот пат кон членство во ЕУ.

Како што е наведено, сите постоечки учесници во платежната шема на ЕПЦ, би требало да можат да испраќаат или примаат кредитни трансфери, инстант кредитни трансфери и директни задолжувања во СЕПА.

Усогласеноста на црногорските финансиски институции со платежните шеми на СЕПА, според календарот на ЕПЦ, ќе биде овозможена од април 2025 година, додека датумот на оперативна подготвеност за давателите на платежни услуги од Црна Гора ќе биде објавен подоцна.

„Вклучувањето на финансиските институции од Црна Гора е природна прогресија на проектот СЕПА, што ја покажува посветеноста на Европа за усогласување на електронските плаќања во регионот што се протега надвор од Европската унија“, рече генералниот директор на ЕПЦ, Џорџо Андреоли.

Што е СЕПА?

Единствената зона за плаќање во евра им овозможува на клиентите да вршат безготовински плаќања во евра – преку кредитен трансфер и директно задолжување – насекаде во ЕУ, како и во земјите кои не се членки на ЕУ, на брз, безбеден и ефикасен начин, како во националните плаќања.

СЕПА беше воведена за кредитни трансфери во 2008 година, проследено со можноста за директно задолжување во 2009 година и беше целосно имплементирана до 2014 година во Еврозоната.

Регионот на СЕПА се состои од повеќе од 30 европски земји, вклучувајќи неколку земји кои не се дел од еврозоната или Европската унија.

Судот во Хаг бара апсење на Нетанјаху и воениот лидер на Хамас, Деиф

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (лево) и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант на церемонија во воена база на 31 октомври.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (лево) и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант на церемонија во воена база на 31 октомври.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг денеска (21 ноември) издаде налози за апсење на Мухамед Деиф, воен командант на Хамас- која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, како и за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана, Јоав Галант.

Сите тројца се обвинети за извршени злосторства против човештвото и воени злосторства поврзани со нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година од страна на Хамас и последователната воена интервенција на Израел во Појасот Газа.

Соопштението доаѓа по изјавата на обвинителот на МКС, Карим Кан, во мај, дека барал налози за апсење на одговорните за наводните злосторства во врска со војната во Газа.

Израел не ја признава јурисдикцијата на МКС. Судот тврди дека не е потребно прифаќање на неговата јурисдикција од страна на Израел.

Активисти со блокади бараат да не се урива Стариот савски мост во Белград

Активисти пред полицискиот кордон на приодот кон Стариот савски мост, 21.11.2024.
Активисти пред полицискиот кордон на приодот кон Стариот савски мост, 21.11.2024.

Граѓани и активисти се собраа денеска (21 ноември) кај Стариот савски мост во Белград, противејќи се на неговото отстранување, што е план на градските власти.

Според репортерите на Радио Слободна Европа, присутни биле околу 50 граѓани и активисти, додека полициски кордон ги обезбедува градежните активности.

Граѓаните се собраа и вчера, кога полицијата приведе дел од нив. Меѓу приведените се Саво Манојловиќ, лидерот на опозициското движење „Крени-промени“ и градскиот советник на тоа движење, Александар Јовановиќ.

Истиот ден започна демонтирањето на мостот. Поради ова активистите го блокираа Бранковиот мост на еден час.

Градските власти тврдат дека мостот е небезбеден и дека на негово место ќе се изгради модерна сообраќајница.

Од друга страна, противниците на уривањето на Стариот савски мост посочуваат дека тоа е нетранспарентен проект и дека мостот има историско значење за градот. Тие сметаат дека мостот треба да се реконструира.

Еден од предлозите е тој да биде наменет само за јавен градски превоз, за велосипедисти и за пешаци.

Градските власти досега четири пати најавуваа затворање на Стариот савски мост и негово демонтирање, но активистите со протести и поддршка на дел од граѓаните го одложија.

Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во Северна Македонија ќе наиде на противење на Албанците од Балканот

Косовската претседателка Вјоса Османи
Косовската претседателка Вјоса Османи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи во своето годишно обраќање пред Собранието на Косово, порача дека „секој обид да се поткопаат“ правата на Албанците во Северна Македонија, „ќе наиде на решително противење и непоколебливо единство на Албанците од целиот Западен Балкан“, јави агенцијата МИА.

„Гледаме многу загриженост кај Албанците во Северна Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор и сакам да ги уверам сите дека ќе дадеме сé од себе за да не се направи чекор назад, туку само чекори напред. Албанците се конститутивен народ во Северна Македонија со одлучувачки придонес за демократизацијата и евроатлантската интеграција на земјата, затоа секој обид за поткопување на нивните права ќе наиде на решително противење и непоколебливо единство на Албанците од целиот Западен Балкан“, рече Османи.

Годишниот говор на Османи во Собранието на Косово, годинава, како и лани, го бојкотираше најголемата парламентарна опозициска партија, Демократската партија на Косово, како и Алијансата за иднината на Косово, додека само пратениците на третата албанска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово, беа присутни во собраниската сала.

Стано: Нападот со интерконтинентална ракета е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

Петер Стано, портпарол на Европската комисија
Петер Стано, портпарол на Европската комисија

Извештаите дека Русија употребила интерконтинентална балистичка ракета за напад врз цел или цели во Украина, претставуваат јасен сигнал за понатамошна ескалација на конфликтот од страна на рускиот претседател Владимир Путин, изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

„Тој започна со предизвикување прехранбена и енергетска криза, сега се повеќе и повеќе се обидува да игра со гладот и зимата, а тоа што со дронови, бомби и проектили ја таргетира енергетската и цивилната инфраструктура во Украина, е јасен показател на желбата за ескалација и тероризирање на населението“, рече Стано.

Според него, Путин повторно игра на картата на нуклеарна закана со неодамна ажурираната нуклеарна доктрина на Русија, а дополнително на европско тло повика и севернокорејски војници.

„Се ова се јасни сигнали за желба за ескалација, а не за желба за изнаоѓање пат кон мирот. Секако, употребата на интерконтинентална балистичка ракета би била уште една квантитативна и квалитативна промена во пристапот и јасен сигнал за ескалација“, додаде Стано.

Запрашан дали на користењето на интерконтинентална балистичка ракета може да се гледа како на прв чекор кон нуклеарен напад, Стано одговори дека Путин игра на картата на нуклеарната закана цело време од почетокот на агресијата врз Украина.

„Тоа започна со заземањето и воените операции во околината и во објектите на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа во Запорожје. Да не заборавиме, таа е се уште окупирана од руските војници, кои одвреме-навреме се доведени во ситуација да се борат многу блиску до оваа нуклеарна постројка“, рече Стано.

Во одговор на прашање дали нападот со интерконтинентална балистичка ракета врз Украина може да се смета како сигнал на Москва до Брисел и ЕУ, Стано истакна дека секој чекор од страна на Русија со илегалната агресија врз украинскиот народ е порака до Украинците, Американците, Европејците и до целата меѓународна заедница дека Путин е непредвидлив агресор, кој патем е баран за можни воени злосторства од страна на Меѓународниот кривичен суд.

Русија изврши голем ракетен напад врз Украина рано на 21 ноември, што предизвика штета во најмалку два региони, објавија украинските воздухопловни сили и регионалните лидери, а целата земја беше во состојба на готовност за воздушен напад неколку часа.

Затворениот руски математичар Мифтахов ставен во самица

Азат Мифтахов
Азат Мифтахов

Рускиот математичар и политички затвореник Азат Мифтахов е ставен во самица на седум дена, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Според групата за поддршка на Мифтахов, одлуката била донесена откако тој пријавил дека се чувствувал загрозен од цимерот во неговата ќелија.

Во писмото што го сподели групата, Мифтахов објаснил дека наместо да биде префрлен во друга ќелија, тој бил сместен во самица.

Останува нејасно дали Мифтахов ќе биде вратен во истата ќелија по неговата самица.

Неговата група за поддршка соопшти дека цимерот на Мифтахов најверојатно е ментално болен. Мифтахов вели дека човекот добил третман додека бил во притвор, но сепак бил осуден на повеќе од 10 години затвор и сега е во ќелија без пристап до медицинска нега.

Мифтахов моментално ја отслужува казната во затвор во Димитровград, Улјановската област. Во март 2023 година, тој беше осуден на четири години затвор за „оправдување тероризам“.

Обвиненијата произлегоа од коментарите што Мифтахов, наводно, ги дал додека отслужувал претходна казна, во кои му изразил поддршка на Михаил Злобицки, кој го изврши самоубиствениот напад во 2018 година на зградата на Федералната служба за безбедност во Архангелск. Во нападот загина само Жлобицки.

Пред тоа, Мифтахов одлежа пет години и девет месеци под обвинение за хулиганство за неговата наводна вмешаност во нападот на канцеларијата на владејачката партија Единствена Русија во Москва во 2018 година.

Тој и неговите поддржувачи остануваат на ставот дека се невини, наведувајќи дека во текот на истрагата бил мачен и принуден да потпише признание, кое тој го повлекол.

Во 2019 година, руската организација за човекови права Меморијал го призна Мифтахов како политички затвореник.

По распадот на Сириза, ПАСОК станува главна опозиција во Грција

Парламентот во Атина, Грција (илустрација)
Парламентот во Атина, Грција (илустрација)

Грчката социјалдемократска партија ПАСОК стана водечка опозициска сила во парламентот откако повеќе пратеници ја напуштија левичарската партија Сириза.

ПАСОК, кој во минатото беше доминантна партија во Грција, сега има шанса да се натпреварува со десноцентристичката Нова демократија, предводена од премиерот Киријакос Мицотакис.

Сириза, која до неодамна беше водечка опозициска партија, сега има само 29 пратеници, додека ПАСОК располага со двајца повеќе.

Падот на Сириза започна со серија внатрешни проблеми, вклучувајќи борби за лидерската позиција. Клучен момент беше напуштањето на двајца пратеници, кои дополнително ја ослабнаа партијата.

Со новиот статус како главна опозициска партија, ПАСОК добива и поголеми привилегии, вклучувајќи повеќе време за говор во парламентот. Партијата планира да го искористи овој момент за да привлече гласачи кои се незадоволни од владејачките партии.

ПАСОК беше на власт во Грција повеќе од три децении, но изгуби голем дел од поддршката на граѓаните по 2010 година, кога прифати меѓународен пакет помош во замена за строги мерки за штедење.

Сириза дојде на власт во 2015 година со ветување дека ќе ја прекине политиката на штедење, но подоцна го промени курсот и прифати нов пакет помош. Последниот изборен пораз на Сириза во 2023 година доведе до оставка на лидерот Алексис Ципрас, кој беше заменет од Стефанос Каселакис.

Сепак, неговото раководење предизвика незадоволство кај пратениците, што доведе до нивно напуштање и формирање нова група. Каселакис подоцна најави создавање нова политичка партија, со што дополнително ја ослаби Сириза.

Владата ќе одржи вонредна седница за проблемот со јавниот превоз

илустрација
илустрација

Владата за денеска (21 ноември) во 14 часот закажа вонредна седница на која ќе се расправа за проблемот со јавниот превоз во главниот град. Скопјени од вчера имаат редуциран градски превоз поради недостиг на гориво за автобусите. Најголем дел од автобусите се лоцирани во базите во „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров.

За денеска во 18 часот е закажана и вонредна седница на Советот на Град Скопје.

Од советничката група на СДСМ предлагаат Владата под итно да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, да се свика надзорна расправа во Собранието за состојбата во главниот град, како и да се донесат измени за Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив, коишто Собранието треба да ги усвои по скратена постапка за да се обезбеди финансиска стабилност на Градот.

Од Либерално демократската партија пак преку соопштение побараа оставка од градоначалничката Арсовска.

Од Град Скопје одговорноста во врска со кризата што настана Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, ја префрлаат на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите.

Од Бирото за јавни набавки денеска ги отфрлија ставовите во соопштението од Град Скопје како непримерни и непрофесионални нагласувајќи дека ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна.

Од Основното јавно обвинителство соопштија дека ги следат сите информации и веќе се дадени одредени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.

За утре (22 ноември) се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои најавија дека ќе се приклучат на протестот.

Захарова: Сили на НАТО во Украина значи влегување на Алијансата во војна со Русија

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска предупреди дека испраќањето сили на НАТО во Украина ќе доведе до катастрофални последици за целиот свет и ќе означи влегување на алијансата во војна против Русија.

Таа ја коментираше изјавата на естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цакна, кој повика на испраќање воени сили од европските земји во Украина со цел да се „зајакне“ мировниот договор со Русија.

Захарова нагласи дека присуство на трупи на НАТО на украинска територија ќе биде „еден од клучните чекори кон ескалација на конфликтот“ и ќе има сериозни последици за Европа и остатокот од светот.

„Не разбирам, можеби тие не сфаќаат, но појава на контингенти на НАТО на територијата на Украина ќе значи директно влегување на алијансата во војната против Русија. Ние веќе неколку пати ги предупредивме за ова“, рече Захарова.

Според неа, таквиот развој на настаните би значел „катастрофа“, не само за Европа, туку и за целиот свет.

Захарова, исто така, ја критикуваше Естонија и другите балтички земји, нарекувајќи ги „радикално крило на НАТО“ кое поттикнува ескалација на конфликтот со Русија. Тие земји, како што истакнува таа, поддржуваат зголемување на тензиите со „агресивни, провокативни изјави“ кои само „водат до нови жртви“.

Таа, исто така, истакна дека членките на НАТО се одговорни за одбивањето на Киев да преговара со Москва, поддржувајќи ја употребата на оружје со долг дострел и дозволувајќи и на Украина да користи оружје што може да ја нападне руската територија.

Захарова нагласи дека таквите изјави се „неодговорни, агресивни и провокативни“.

Русија продолжува да повторува дека секое натамошно зајакнување на присуството на НАТО во Украина дополнително ќе ги усложни шансите за постигнување мировно решение во регионот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG