Достапни линкови

Дали недостигот од работници ќе се решава со „увоз“ на странци


Илустрација
Илустрација

Предупредувањата дека земјава ќе треба да увезува работници веќе станува реалност. Компаниите се соочуваат со сериозен недостиг од работна сила. Државата ја зголемува квотата за работа на страци. Истовремено податоците на АВРМ покажуваат дека од странските работници најмногу „увезуваме’ управители.

Она што со години наназад се предупредуваше дека земјава останува без квалификувана работна сила сега веќе станува реалност.

Заварувачи, бравари, електричари нема ниту за лек.

Огласите за вакви работни позиции стојат објавени со месеци без никој да се пријави, а државата веќе е приморана да увезува работници од странство.

Претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајановска која и самата има компанија за производство и сервисирање на трансформатори и мотори, вели дека на огласите за вработување со месеци никој не се јавува.

„Не се јавува никој на конкурс. Никој воопшто не прашува ниту за плата. Едноставно нема интерес, на младите луѓе веројатно не им е предизвик да го работат тоа“, вели Трајановска.

Недостиг има од сите профили на работници

Додава дека во моментов во земјава недостасуваат работници од речиси секој профил.

Од технички до високо едуциран електро-машински кадар, а се забележува и недостиг од сметководители, за кои вели дека се потешко е да се најдат. Меѓу најдефицитарните се и градежните работници.

„Македонскте компании се желни за работници меѓутоа ги нема, не се проблем дури ниту платите, нашите луѓе заминуваат во странство од причина што нормално имаат повисоки плати но имаат посигурни услови за живеење“, додава таа.

АВРМ: Најмногу странски дозволи се издадени за управители

Додека компаниите мака мачат да најдат квалификувана работна сила, податоците од Агенцијата за вработување (АВРМ) покажуваат дека најголемиот дел од странските работници во земјава се управители.

Директорот на Агенција, Беким Мурати објаснува дека станува збор за странци кои решаваат да отворат свој бизнис тука, а ги има во сите сектори.

„Во различни сектори почнувајќи до ИТ секторот до угостителските дејности, речиси во сите дејности ги има, како и во бизнис менаџментот“, вели директорот Мурати

Од почетокот на годинава до АВРМ стигнале над 2 000 барања од странски државјани за работа во Македонија, а Агенцијата досега дала зелено светло за 1.718 странски државјани да работат во земјава.

„Според нашите податоци, според мислењата што ги имаме дадено, 1 718 барања се позитивни така што претежно се работници во градежниот сектор и управители, има од обични работници се до квалификувани работници кои решаваат да основат фирми во Македонија“, вели директорот Мурати.

Од каде доаѓаат странските работници?

Што се однесува до потеклото на земјите, директорот на АВРМ вели дека странските работници претежно се од Турција, како и од соседните земји, Србија, Косово и Албанија.

Минатата година на пример АВРМ доделила вкупно 4 700 позитивни мислења до МВР за работа на странски државјани од кои 799 биле за управители, потоа скоро 300 за општи работници тесари, 268 за армирачи, 93 за менаџери, 78 фудбалери итн.

Претседателката на организацијата на работодавачи Владанка Трајановска вели дека е изненадена што токму управители се најголемиот дел од странски државјани кои се анагажирани во Македонија , но претпоставува дека тоа се должи на одредени бенефиции што се нудат како странски инвестиции.

„Очигледно е дека отвораат компании кои ги користат бенефициите што им се нудат на овие простори“, вели Трајановска.

Во меѓувреме вели дека македонските компании, вклучително и нејзината, се приморани да размислуваат за работници од странство.

„Веќе размислуваме да ангажираме луѓе. Многу често слушаме дека одредени компании во Србија веќе ангажираат луѓе од Блискиот Исток. За нас тоа е се уште непознаница, но ќе мора да размилуваме во таа насока. Има огромен недостиг на заварувачи, бравари, електричари, она што е проблем во нашиот сектор“, вели Трајановска.

Се зголемува потребата од странски работници

Согласно со политиката за миграција, условите и флуктуацијата на пазарот на трудот, Владата годишно утврдува квота на работни дозволи преку која го ограничува бројот на странци на пазарот на трудот.

Според законите квотата не може годишно да надминува 5% од населението на Република Македонија кое законски е вработено, според податоците на Државниот завод за статистика.

Годинава таа квота изнесува 5 000 работници од странство.

Но, податоците на министерството за труд и социјална политика покажуваат дека државата во последниве години е приморана да ја зголемува квототата, бидејќи потребата од странска работна сила расте.

„Во последните неколку години квотата на странски работници беше 3250 лица на годишно ниво, но во текот на претходната година оваа квота во целост беше исполнета поради што во консултации со Агенцијата за вработување и останатаите релевантни институции и министерства беше дефинирана потребата од странска работна сила за 2023 година на 5000 странски работници“, велат од МТСП.

Потребата од потрагата по странски работници се должи на тоа што Македонија го губи своето работоспособно население.


Имено, и податоците од последниот попис покажаа дека од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население паднал за 12,4%, додека во исто време бројот на старо население над 65 години се зголемил за 17,2%.

Но, причините се и незаинтересираноста на населението за вршење одредени професии.

Недостигот од работна сила е проблем и во други земји.

Во Албанија доаѓаат работници од Филипини, во Германија од Балканот

Во Албанија на пример недостигот на работна сила, во конфекциските погони се пополнува со странци, пред сè од Филипини.

Таму има околу 20.000 слободни работни места, но нема заинтересирани за работа, па за да го пополни недостигот, оваа индустрија вработува странци, главно од Филипините.

„Во последниве години оваа индустрија се соочува со големи тешкотии во кадровската екипираност. Поради недостиг, бизнисите работат со намален капацитет. Вработуваме странци од азиските земји, главно од Филипни, но тоа не е решение, зашто тие само привремено се тука. Нивна цел е заминување во земјите на ЕУ“, изјави неодамна Ѓерѓи Ѓока, претседател на здруженето на претприемачи.

Но, според албанските медиуми, иселувањето не е единствената причина што претриемачите, од овој секотор не наоѓаат работници, туку тука се и ниските плати, долгите работни часови и тешките услови ги оддалечуваат Албанците од оваа индустрија, констатираат албанските медиуми.

Со сериозен недостиг од работна сила се соочува и Германија.

Во земјата недостасуваат милиони работници, поради што доселувањето и вработувањето наскоро може да бидат олеснети.

Шефот на пратеничката група на либералите во германскиот парламент Кристијан Дир неодамна изјави дека по фазата на гастарбајтери од шеесеттите и седумдесеттите, пазарот на трудот се затвораше, но сега мора да биде обратно и како што рече, денеска мотото мора да биде: секој што може да заработува со „свои раце“, веднаш мора да добие работна дозвола“.

Со оглед на ваквите состојби на пазарот на трудот Трајановска вели дека Македонија мора да размислува во иднина и за олеснување на процедурите за работа на странски државјани во земјава.

„Час поскоро мора да се направаат корекции во законот за вработување на странци, но потребна е и едукација и многу брзо треба да делуваме и да правиме корекции во регулативите“.

Од друга страна додава Трајановска државата мора да преземе и одредени мерки за да се спречи одливот на млади од земјава.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG