Прилепската болница доби магнетна резонанца но нема доволно лекари за читање на резултатите
Прилепската болница пред неколку недели доби апарат и одделение за магнетна резонанца, кое беше свечено пуштено во функција, а на отворањето присуствуваа и Премиерот Димитар Ковачевски како и министерот за здравство Беким Сали.
Отворањето на одделението Владата го окарактеризира како ново зајакнување на дијагностиката во оваа установа и олеснување на пристапот на пациентите од регионот до оваа здравствена услуга.
„Со ова, продолжуваат инвестициите во опрема во интерес на приближување на оваа софистицирана дијагностичка процедура до пациентите“ изјави министерот за здравство на отворањето на одделението.
Апаратот е од голема корист бидејќи Прилепчани по децении чекање, конечно за оваа услуга нема да мора да патуваат до Скопје.
Освен жителите на Прилеп, корист ќе имаат и жителите од околните градови како што се Крушево, Македонски брод и другите помали општини.
Според најавите одделот треба да опслужува 120 000 жители од тој регион.
Од прилепската болница велат дека дневно се одобрени по пет термини за магнетна резонанца, а месечно се планираат да се снимаат околу 100-тина пациенти.
Но, проблемот сега откако болницата го доби апаратот за дијагностика е што нема доволно лекари кои треба да ги читаат резултатите на пациентите и понатаму да ги дијагностицираат и да им препишат терапија.
Директорката на болницата, Кети Смилевска вели дека мора да бараат помош од докторите од другите болници бидејќи немаат доволно радиолози. Во моментов болницата има тројца вакви специјалисти.
„Персоналот кој што ја извршува методата средно техничкиот персонал е обучен и имаме доволно персонал, а од аспект на докторите кои што треба да ги читаат резултатите, побаравме испомош и од докторите од другите болници кои што доаѓаат и во нашата болница затоа што имаме недостаток од доктори радиолози и имаме договор со нив дека тие ќе ги читаат резултатите“, вели директорката на болницата - Кети Смилевска.
Џабе апарти, ако нема кадар кој да ги работи
Во прилепската болница само во изминативе две години 57 лекари, сестри и останат медицински персонал се пензионирале.
Болницата со месеци чека Министерството за здравство да одобори нови вработувања, но зелено светло се уште нема.
„Имаме побарано согласности за вработувања од сите профили вклучително и лекари, медицински сестри, болничари како и административен персонал и сите барања за вработувања кои што ги имаме дсотавено се на основа на пензионирања кои што биле направени во последните две години“, вели директорката Смилеска.
Слична е состојбата и во другите болници низ земјава.
Поради недостиг од лекари охридската болница во ноември мораше да го затвори одделот за педијатрија.
Од болницата алармираа дека мора да се најде решение, а како проблем го посочија и менаџирањето и организацијата на здравствените власти.
„Со години наназад се примал персонал којшто не треба да е воопшто во општа болница - Охрид кој што нема медицинско образование, нас ни требаат сестри и лекари другото не ни треба, ние имаме еден тон други служби кои не ни користат, со години се примаат, која власт како се менувала примала“, изјави тогашниот директор д-р Горан Балески.
Тоа значи дека болницата во Охрид пред некои 5 години требало да размислува на овој проблем, да прати млади лекари на специјализација за педијатрија за сега да направи кадар, вели д-р Александра Георгиева од Здружението на лекари специјализанти.
„Кога ќе се направи мапирање за колкав кадар ни треба и од каков профил тогаш млади лекари би се вработиле во тие институции, би биле пратени во Скопје за да специјализираат во својата област, но од друга страна ќе треба директорите на клиниките, но и министерството за здравство да ја преземат политичката одговорност во смисла на замрзнување на трансферите. Тоа е голем проблем бидејќи многу често колегите се вработуваат во внатрешноста, започнуваат со специјализација и потоа им се потпишува трансфер во одредена институција која можеби нема толкава потреба од кадар и останува „гапот“ во внатрешноста на државата“, вели д-р Георгиева.
Од Лекарската комора велат дека не располагаат со бројка на лекари кои ја напуштиле државата во последните години.
„Лекарската Комора води регистар на лиценци, како и издава потврди (good standing) со кои потврдуваме дека докторите се членови на Комората и дека против нив не се води постапка пред Судот на честа при Лекарската комора. Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти како и на оние кои заминуваат да живеат и работат надвор од Република Северна Македонија. Во 2021 се издадени 132 вакви потврди. Треба да се истакне и дека во наведените податоци секоја година во просек околу 25 доктори повторно бараат да им се издаде потврда, што значи одат во странство на едукација и потоа се враќаат“, велат од комората.
Зошто младите лекари бегаат во странство?
Платите и финансиите не се единствениот мотив што многу млади лекари по завршувањето на медицинските студии одлучуваат да се иселат од земјава.
Дел од студентите по медицина со кои разговараше РСЕ велат дека постојат и многу други причини што, наместо во земјава, одлучуваат професионално да се реализираат надвор од неа, меѓу кои и условите, но и можноста за научно истражувачка работа во земјава.
„Јас сметам дека ресурсите се примарна причина зошто еден млад човек би заминал во странство, но под ресурси не мислам само на финансискиот аспект, иако и тој секако е важен, туку еднставно целата опрема и услови за работа која би ја имале на располагање во запдните поразвиени земји - не ја имаме тука и тоа директно влијае на задоволството кое еден лекар би го имал од својата работа и квалитетот на услугите кои што може да му ги пружи на својот пациент, секако тука би ги спомнала и поголемите можности за научно истражувачка работа како и подобрите услови за специјализација“, вели Љубица Баткоска од Здружението на студенти по медицина.
Проблем со кој се соочуваат младите лекари по завршувањето на студиите е и тоа што со месеци чекаат да почнат со платената пракса која е задолжителна од пред неколку години и е платена, а која истовремено е и услов за да запишат специјализација.
Од здружението на студенти по медицина алармираат дека многу од нив чекаат со месеци за државата да одобри средства и апелираат на решавање на овој проблем.
„Со тоа автоматски губат право на аплицирање на конкурс за специјализација кој што би излегол во таа тековна година. Постојат и позитивини примери во кои колеги веднаш добиваат одобрување за започнување со стажот и со истиот завршуваат пред да излезат конкурсите за специјализација, така што ние како здружение би ја искористиле оваа прилика да апелираме доколку е можно таму каде што постои проблем да се реши, со што колегите не би бегале да специјализираат во странство, каде што оваа пракса не мора да ја имаат за да конкурираат“, вели студентката.
Д-р Бојан Трајковски пак од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти пак за недостигот од медицински кадар посочува на неколку проблеми.
„Целиот проблем е што ние немаме целосна систематизација каде што би знаеле точно колку каде треба чекаме конкурси за специјалализација, се надевам и конкурси за вработување, најчесто се решава интерно, но сето тоа е во соработка со Министерството за Финансии кои одобруваат пари, многу сериозна процедура, каде што најголемиот дел од конкурсите не можат да ги дадат затоа што имаат меѓуинституционален проблем за да можат да вработат, а дека има потреба од лекари и те како има“ , вели д-р Трајковски.
Како министерство за здравство ќе го решава проблемот со недостиг од специјалисти?
Во земјава најмногу фалат гинеколози, анестезиолози и педијатри. Овие специјалности се најдефицитарни, велат од министерството за здравство.
На прашањето на РСЕ како ќе се решава овој проблем, здравствените власти велат дека во следниот период ќе се прави анализа на потребите од лекари специјалисти и субспецијалисти, а најавуваат и измени во Програмата за специјализации и субспецијализации, но без да прецизираат какви.
„Во следниот период ќе се пристапи кон сеопфатна анализа на потребите од лекари специјалисти и субспецијалисти во насока на подготовка на нова четиригодишна програма за специјализации и субспецијалзиации во јавни здравствени установи за период 2023-2026“, одговорија од ресорното министерство.
Не може државата и здравството да почнува одново со секој нов Министер
Д-р Георгиева вели дека проблемот е што државата нема јасна здравствена политика на долг план, а секој нов министер почнува одново со реформи во здравството.
„Се уште немаме план за здравствена политика кој што би бил имплементиран во следните 10 години и секој нов министер гради сопствен наратив за тоа како треба да изгледа здравствениот систем, неодамна остваривме средба со министерот и еден колега кажа мудра мисла која ќе ја цитирам и која би сакала да ја испратам до здравствените власти а тоа е: „Не може државата и здравството да почнува одново со секој нов кабинет. Здравствените власти треба да имаат план и концепт којшто реално би се спроведувал во пракса за развојот на нашето здравство“, порачува докторката Георгиева.
И во последниот извештај на Европската Комисија за Македонија во делот на здравството беше нотирано дека токму пристапот до лекари специјалисти во јавните здравствени установи е проблематичен, потенцирајќи дека здравството во земјата се соочува со загуби на медицинскиот персонал особено лекарите специјалисти коиили преминуваат во приватните здравствени установи или пак заминуваат во странство.
Дополнително беше нотирано и дека не само што нема кадар туку персоналот продолжува и со потребата од специјализирана обука за користење напредна здравствена опрема. Повеќе прилози за здравството во секцијата: „Болестите на здравството“.