Достапни линкови

Самит на ЕУ - ништо ново за проширувањето на Балканот


Loop Video - EU Samit 1.mp4

Лидерите од Западен Балкан се во Брисел на Самитот на европските лидери. Во заедничкиот документ објавен во пресрет на Самитот, премиерите и претседателите на ЕУ повикуваат да се забрза процесот на проширување. Но, нема ништо ново за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија за историски и јазични прашања, кој го блокира европскиот пат на Скопје, а со тоа и на Тирана.

Денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес со две земји, но не можеме, затоа што една држава го блокира целиот процес на проширување, изјави денеска во Брисел високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на Самитот ЕУ- Западен Балкан.

„Овој случај уште еднаш покажа дека консензусот е проблем при одлучувањето. Не можеме да продолжиме, затоа што една земја блокира“, потенцира Борел.

Тој истакна дека ЕУ мора да стори се за да го вклучи Западниот Балкан во „својот свет“, нагласувајќи дека тоа ќе може да се направи со покана на земјите од регионот да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ и на други собири.

„Мораме да продолжиме да го спречиме гаснењето на европскиот пламен на Западниот Балкан“, потенцира Борел.

Добра вест е напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина во сферата на енергетиката.

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека е од најголема важност земјите од Западен Балкан да добијат ветување дека ќе им се даде можност да влезат во ЕУ.

„Граѓаните на Западен Балкан веќе 20 години чекаат можност да станат членки на ЕУ. Од најголема важност е тие да добијат веродостојно ветување по многуте напори што ги направија на патот. Германија чувствува одговорност да им даде можност на земјите да се приклучат, рече Шолц пред Самитот на ЕУ-Западен Балкан.

Според него, Германија ќе ги поддржи земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ и чувствува одговорност да биде успешна на тој пат.

ЕУ и натаму нема забелешки за евентуалното отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, што беше споменато во претходниот период. Во однос на Србија и Косово, ЕУ повикува на итни резултати во нивниот 11-годишен дијалог.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се надева на решение со кое ќе се тргне ветото на Бугарија за деблокада на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

„Разговарав утрово со премиерот Димитар Ковачевски и се надевам, но не сум сигурен,“ рече Вучиќ во изјава за новинарите во Брисел пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Валкан.

Во однос на тоа дали е прифатливо билатерални прашања да станат дел од
процесот на пристапување во ЕУ како што бара Бугарија, Вучиќ одговори дека исто му е направено и на Белград со Приштина со поглавјето 35.

„Не можам да кажам дека господинот Ковачевски е среќен, ќе видиме што ќе се случи “, додаде Вучиќ.

Албанскиот премиер Еди Рама пред почетокот на Самитот ЕУ- Западен Балкан изјави дека е срамно што една земја членка на НАТО- Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО- Албанија и Северна Македонија во време на жестока војна во дворот на Европа. Според него, Албанија не се чувствува како жртва бидејќи секогаш ќе има некоја земја која може да блокира.

„Во исто време ние не го менуваме нашиот курс. Она што треба да го правиме е да продолжиме да ја градиме Европа дома“, изјави Рама, додавајќи дека можеби ова е нов ден за Европа, но не и за Бугарија.


Во Бугарија, иако повеќето партии дадоа поддршка на „францускиот предлог“ за деблокирање на бугарското вето, синоќа падна владата на Кирил Петков и постои неизвесност дали „францускиот предлог“ ќе биде поддржан и на кој начин.

Од друга страна, во Скопје се засилува отпорот против францускиот предлог за кој се смета дека е неповолен за земјата. Премиерот Ковачевски пред заминувањето за Брисел порача дека нема да се прифати предлогот ако нема чиста формулација на македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, како и вклучувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот откако ќе почнат преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Тоа се клучните елементи, за „францускиот предлог“ да биде прифатлив за македонската страна, напиша премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук. Во меѓувреме, помалите коалициони владини партнери како ЛДП, Демократски сојуз и ДОМ најавија дека ако биде прифатен предлогот ќе ја напуштат владината коалиција. Синоќа во Скопје имаше и протест за неприфаќање на „францускиот предлог“ на стотина граѓани организирани преку Фејсбук. Насобраните сметаа дека предлогот е базиран на бугарските барања и е на штета на македонските национални интереси.



Како и да е, на денешниот состанок на лидерите на ЕУ и на Западен Балкан во Брисел, агендата ќе вклучува усогласување на регионот со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, ограничување на руското влијание и борба против руската пропаганда и дезинформации. ЕУ и Западен Балкан ќе се сретнат пред Европскиот совет што ќе се одржи денеска и утре. Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе одат во Брисел и покрај претходните нивни изјави за целта на нивното учество. Сепак, вчера се договорија да учествуваат на самитот.


Лидерите на ЕУ и Западен Балкан, според најавата, ќе разговараат за напредокот на Западен Балкан во евроинтеграциите, предизвиците кои доаѓаат од руската агресија врз Украина, напредокот на инвестициите од Економскиот и инвестицискиот план (ЕИП). Од лидерите на ЕУ се очекува јасно да изразат недвосмислена поддршка за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и да го искористат моментумот на актуелните политички случувања за преземање нови чекори во соработката на европскиот континент. Според соопштението на Советот, целите на состанокот вклучуваат истражување на иновативни начини за унапредување на пристапните преговори, поттикнување реформи и напредок во постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот, надградба на ревидирана методологија за проширување.


Состанокот ќе биде и можност за продлабочување на понатамошната соработка во услови на заеднички предизвици кои произлегуваат од руската агресија врз Украина. Особено, од лидерите се очекува да ги идентификуваат клучните мерки за зајакнување на отпорноста на партнерите од Западен Балкан на хибридни закани, особено сајбер заканите и дезинформациите, како и нивната заштита од земјотреси на пазарите на енергија и храна. Тема ќе бидат клучните инвестиции во рамките на ЕИП, кој обезбедува клучни средства за регионот да се соочи со геостратешки предизвици, особено со цел да се подобри поврзаноста и енергетската безбедност, но и да се поттикнат инвестициите на приватниот сектор за поддршка на зелената и дигиталната трансформација на континентот.

Исто така, се наведува дека средбата на лидерите ќе биде можност за промовирање на мерки насочени кон создавање можности за младите и борба против одливот на мозоци во регионот, решавање на прашањето за помирување и унапредување на добрососедските односи. Лидерската средба исто така има за цел да го зајакне чувството на припадност на заедницата кај граѓаните на ЕУ и Западен Балкан.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG