Достапни линкови

Францускиот предлог стигна во бугарскиот Парламент, Скопје засега молчи


Прес-конференција на министерот за надворешни работи Бујар Османи во Охрид.
Прес-конференција на министерот за надворешни работи Бујар Османи во Охрид.

Македонските владини претставници знаат што содржи францускиот предлог за кревање на бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ, но пред државата да излезе со официјален став дали е тој прифатлив, се чека ставот на сите земји членки на ЕУ, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи. Во меѓувреме документот пристигна во бугарското Собрание .

Францускиот предлог во врска со кравањето на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, е испратен до Комисијата за надворешна политика на бугарското Национално собрание.

Ова денеска го соопшти бугарската новинска агенција БТА, иако засега не е позната содржината на францускиот предлог.

Се шпекулира дека Франција, која во моментов претседава со Советот на ЕУ, предлага условите на Бугарија за Северна Македонија да бидат вклучени во преговарачката рамка на земјата за пристапување во Европската унија, а дека ЕУ треба да го гарантира нивното спроведување, пренесува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Така, со согласност на Скопје и сите други земји членки на ЕУ, вклучително и на Бугарија, ќе може да започне преговарачкиот процес, а неговиот развој да зависи од спроведувањето на бугарските барања.

Бугарскиот сервис на РСЕ пренесува дека според бугарското национално радио (БНР), во документите испратени од француското претседателство, меѓу бугарските услови за пристапување на Северна Македонија во ЕУ се додадени барања за спроведување на реформи и законски измени како што се реформите во судството и борбата против корупцијата.

Во една од точките се наведува дека „пристапните преговори предвидуваат посебно внимание да се посвети на заштитата и недискриминаторскиот третман на граѓаните од малцинските групи и заедници во Северна Македонија“, како одговор на барањето на Софија за официјално признавање на бугарската заедница.

Додадено е и барање за борба против говорот на омраза и дискриминацијата. Што се однесува до јазичниот спор, ЕУ ги забележува намерите на Бугарија и Северна Македонија да дадат еднострана декларација за македонскиот јазик, пренесува БНР.

Рамката за преговори го вклучува и барањето за постигнување конкретни резултати и совесно спроведување на билатералните договори, вклучително и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година и Софиската декларација од мај 2018 година.

Македонија ги чека ставовите на земјите членки на ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска не го коментираше францускиот предлог за кревање на бугарското вето, иако рече дека македонскиот државен врв е запознаен со неговата содржина.

Османи рече дека во моментов било поважно за предлогот прво да ги слушнат ставовите на сите земји членки на ЕУ, а потоа да го кажат и нивниот став.

„Сметам дека наша позиција треба да биде да чекаме што ќе кажат земјите, а ние после ќе ги кажеме нашите забелешки дали е нешто прифатливо или не“, изјави Османи на прес-конференција на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид. Тој на новинарско прашање одговори дека имаат инфорации за содржаната на фрацускиот предлог.

„Доколку се решиме за некој одговор или одлука, се разбира дека ќе бидат консултирани пратениците и опозицијата“, рече Османи.

Официјалниот француски предлог за укинување на бугарското вето за Македонија, според најавите, денеска беше испратен до сите земји членки на ЕУ, вклучително и во Бугарија, каде се очекуваше тој да стигне пред пратениците во бугарското Собрание, како што претходно изјави и премиерот на Бугарија Кирил Петков.

Но, во бугарското Собрание дeновиве атмосферата е тензична околу пратеничкото мнозинство и за најавеното гласање за недоверба за бугарската влада.

Денеска и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање за содржината на францускиот предлог, изјави дека за македонскиот идентитет и македонскиот јазик нема да се преговара.

Тој додаде дека до македонските власти засега не е пристигнат предлог кој е усогласен со сите земји членки на ЕУ.

„Доколку земјите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија, усогласат предлог во однос на проширувањето на следниот Самит, тој ќе биде испратен до нас и ќе ги дадеме нашите забелешки“, рече Ковачевски.

Во однос на позициите на државата, тој наведе дека тие се многу јасни позиции, односно дека за македонскиот јазик и за идентитетот на народот не се разговата од кој било аспект.

Но, опозициска ВМРО-ДПМНЕ францускиот предлог го оцени како „капитулација“ на македонската дипломатија и на државата, а дека за тоа се виновни премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во партиско соопштени ВМРО-ДПМНЕ наведе дека францускиот предлог „буквално“ ги става бугарските барања во преговарачка рамка за Македонија на патот кон ЕУ и тоа според опозициската партија е „чекор за бугаризација.“

„Тоа значи дека Македонија или ќе треба да се бугаризира на патот кон ЕУ или никогаш нема да стане членка на Унијата“, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

Опозицијата вели дека нема да прифати внесување на Бугарите во Уставот доколку нема писмени гаранции од Софија и Брисел дека тоа ќе биде последно бугарско барање и бара од Ковачевски и Османи да одговорат како дозволиле бугарските барања да влезат во францускиот предлог, кој треба да биде рамката во која се предвидува вклучување на Бугарите во Уставот, негирање дека македонската нација постоела пред 1945, како и негирање на македонската јазична, историска и идентитетска посебност.

Османи за ваквите коментари на опозицијата рече дека со нив таа се обидува да направи атмосфера пред утрешниот протест пред Владата во Скопје, но рече дека нивните ставови и извори не биле кредибилни.

„Овие обиди на опозицијата да го стави, овој важен и многу сензитивен процес за државата, во функција на партиските активнисти за утре или задутре, мислам дека е несериозно“, рече Османи.

Тој додаде дека опозицијата во интерес на државата и граѓаните можела да им се обрати на претставниците на власта, да комунуицира со нив и да понуди помош.

„Ние ќе ги споделиме сите инфорамции што ги имаме со нив затоа што сметам дека ова прашање ги надминува рамките на едни политички партии, рамките на Влада и ги засега сите граѓани и државата“, рече Османи.

Бугарскиот парламент денеска треба да одлучи кога ќе се одржи расправата за гласањето недоверба на Владата. На гласањето треба да му претходи дебата во Собранието и во рок од 24 часа по дебатата да се гласа.

Тензичната атмосфера во бугарското Собрание дополнително се зголеми откако вчера беше разрешен претседателот на Собранието Никола Минчев кој доаѓа од партијата на премиерот Кирил Петков, а денеска тензиите меѓу пратениците од власта и опозицијата продолжија со тоа што дојде и до физички контакт меѓу народните избраници. Темата за Македонија беше меѓу изговорите за вчерашната смена на претседателот на Собранието, Никола Минчев.

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека Владата на Кирил Петков треба да ги отфрли сите сомнежи дека може да се повлече од ветото за Република Северна Македонија. Според Радев, секоја измама или обиди за замена и заобиколување на националната позиција ќе има тешки последици.

Премиерот Петков најави дека францускиот предлог ќе биде ставен на гласање во Собранието пред да се одржи јунскиот самит во Брисел на 23 и 24 јуни.

Бугарија веќе две години ги блокира претпристапните преговори на Македонија за влез во Европската Унија. Меѓу барањата од бугарска страна се немешање во внатрешните прашања во државите, воведување конкретни механизми за спречување на говорот на омраза, продолжување на работата на комисиите, но и вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG