Русија и Украина заедно извезуваат речиси една третина од светската пченица и јачмен, повеќе од 70 насто од сончогледовото масло и се големи снабдувачи на пченка. Русија е најголемиот светски производител на ѓубрива.
Светските цени на храната веќе се искачуваа, а војната ги влоши работите, спречувајќи околу 20 милиони тони украински жито да стигнат до Блискиот Исток, Северна Африка и делови од Азија.
На преговорите за безбедни коридори за извлекување на житото од пристаништата на Украина во Црното Море е постигнат мал напредок, а итноста се зголемува како што пристигнува летната сезона на жетва.
„Ова треба да се случи во следните неколку месеци или ќе биде ужасно“, вели Ана Нагурни, која студира кризен менаџмент на Универзитетот во Масачусетс Амхерст и е член на одборот на Киевската школа за економија.
Таа додава дека 400 милиони луѓе ширум светот се потпираат врз украинските резерви на храна. Организацијата на ОН за храна и земјоделство проектира дека до 180 милиони луѓе во 41 земја би можеле да се соочат со криза со храна или полошо ниво на глад оваа година.
Каква е состојбата?
Вообичаено, 90 проценти од пченицата и другото жито од полињата во Украина се испорачуваат на светските пазари по море, но се задржани од руската блокада на брегот на Црното Море. Дел од житото се пренасочува низ Европа со железница, но количината е мала во споредба со морските патишта.
Испораките се исто така забавени, бидејќи железничките пруги на Украина не се совпаѓаат со оние на нејзините соседи на запад.
Заменик-министерот за земјоделство на Украина, Маркијан Дмитрасевич, побара од пратениците на Европската унија помош за извоз на повеќе жито, вклучително и проширување на користењето на романското пристаниште на Црното Море, изградба на повеќе карго терминали на реката Дунав и намалување на бирократијата на полската граница. Но, тоа значи дека храната е уште подалеку од оние на кои им е потребна.
„Сега треба да ја поминете цела Европа за да се вратите во Медитеранот. Тоа додава неверојатна сума на трошоци за украинското жито“, вели Џозеф Глаубер, виш научен соработник во Меѓународниот институт за истражување на политиката за храна во Вашингтон.
Украина од почетокот на војната можеше да извезува само 1,5 до 2 милиони тони жито месечно што е помалку од 6 милиони тони, наведува Глаубер, поранешен главен економист во американското Министерство за земјоделство.
Ниту руското жито не излегува. Москва тврди дека западните санкции врз нејзината банкарска и бродска индустрија го оневозможуваат извозот на храна и вештачко ѓубриво од Русија и ги плашат странските бродски компании. Руските власти инсистираат на укинување на санкциите за да се дојде до жито на глобалните пазари.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и другите западни лидери велат дека санкциите не важат за храната.
Што велат страните?
Украина ја обвини Русија за гранатирање земјоделска инфраструктура, палење полиња, крадење жито и обид да ѝ го продаде на Сирија, откако Либан и Египет одбија да го купат.
Сателитски снимки направени кон крајот на мај од страна на Maxar Technologies покажуваат дека бродови под руско знаме во пристаништето на Крим биле натоварени со жито, а потоа неколку дена подоцна се вкотвиле во Сирија.
Зеленски: разговорите за отворање на украинските пристаништа се „комплексни“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија предизвикала глобална криза со храна. Западот се согласува, а официјални лица како претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и државниот секретар на САД Ентони Блинкен велат дека Русија ја користи храната како оружје.
Русија тврди дека извозот може да продолжи откако Украина ќе ги отстрани мините во Црното Море и кога бродовите што пристигнуваат ќе бидат проверени дали носат оружје.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вети дека Москва нема да ја „злоупотреби“ својата поморска предност и дека „ќе ги преземе сите неопходни чекори за да се осигура дека бродовите можат слободно да заминат од таму“. Украинските и западните власти се сомневаат во ветувањето.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу оваа недела рече дека е можно да се создадат безбедни коридори без потреба од чистење на морските мини, бидејќи е позната локацијата на експлозивните направи.
Но, сè уште ќе останат други прашања, како на пример дали осигурителните компании ќе обезбедат покритие за бродовите.
Дмитрасевич вели дека единственото решение е да се победи Русија и да се деблокираат пристаништата: „Ниту една друга привремена мерка, како што се хуманитарните коридори, нема да го реши проблемот“, смета тој.
Како стигнавме тука?
Цените на храната се зголемуваа и пред инвазијата, поради лошите временски услови и лошата жетва што ги намалуваше залихите, додека глобалната побарувачка силно се врати од пандемијата на ковид-19.
Глаубер ги наведе лошите жетви на пченица во минатата година во Соединетите држави и Канада и сушата што им наштети на приносите на соја во Бразил.
ОН суспендира дел од помошта за храна во Јужен Судан поради недостиг на пари
Погоден од климатските промени и Африканскиот рог се соочува со една од најлошите суши во последните четири децении, додека рекордниот топлотен бран во Индија во март ги намали приносите на пченицата.
Тоа, заедно со зголемените трошоци за гориво и за вештачко ѓубриво, ги спречи другите големи земји-производители на жито да ги пополнат празнините.
Кој е најтешко погоден?
Украина и Русија главно извезуваат основни производи во земјите во развој кои се најранливи на зголемувањето на трошоците. Земјите како Сомалија, Либија, Либан, Египет и Судан во голема мера се потпираат врз пченица, пченка и сончогледово масло од двете завојувани нации.
„Товарот го носат најсиромашните. Тоа е хуманитарна криза, без сомнение“, оценува Глаубер. Покрај заканата од глад, спиралните цени на храната ризикуваат политичка нестабилност во таквите земји. Тие беа една од причините за арапската пролет и постојат грижи за нејзино повторување.
„Владите на земјите во развој мора или да дозволат да се зголемат цените на храната или да ги субвенционираат трошоците. Средно просперитетна земја како Египет, најдобар увозник на пченица во светот, може да си дозволи да апсорбира повисоки трошоци за храна“, смета Глаубер, додавајќи: „На сиромашните земји како Јемен или земјите од Рогот на Африка - навистина ќе им треба хуманитарна помош“.
Цените на основните производи како пченица и масло за јадење во некои случаи се повеќе од двојно зголемени. Во Судан и Јемен, руско-украинскиот конфликт дојде на врвот на долгогодишните домашни кризи. УНИЦЕФ предупреди на „експлозија на смртни случаи на деца“ доколку светот се фокусира само врз војната во Украина и не дејствува.
Агенциите на ОН процениле дека повеќе од 200.000 луѓе во Сомалија се соочуваат со „катастрофален глад“, приближно 18 милиони Суданци би можеле да доживеат акутен глад до септемврии оти 19 милиони Јеменци се соочуваат со несигурност во храната оваа година. Цените на пченицата во некои од тие земји се зголемија за дури 750 насто.
„Генерално, сè стана скапо. Било да е вода, било да е храна“, вели Јустус Лику, советник за безбедност на храна во хуманитарната група CARE, откако неодамна ја посети Сомалија. Во Либан, пекарите кои порано имаа многу видови леб, сега продаваат само основен бел пита леб за да го зачуваат брашното.
Што се презема?
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш со недели се обидува да обезбеди договор за деблокирање на рускиот извоз на жито и вештачко ѓубриво и да ѝ се дозволи на Украина да испорачува стоки од клучното пристаниште Одеса.
Но, напредокот е бавен. Огромно количество жито е заглавено во украинските силоси. И доаѓа уште - жетвата на зимската пченица во Украина започнува наскоро, ставајќи поголем притисок врз складиштата, иако некои ниви веројатно ќе останат неожнеани поради борбите.
Серхи Хребцов не може да ја продаде планината со жито на неговата фарма во регионот Донбас, бидејќи транспортните врски се прекинати. Недостигот на купувачи значи дека цените се толку ниски што земјоделството е неодржливо. „Има некои опции за продажба, но тоа е како само да го фрлите житото“, рече тој.
Американскиот претседател Џо Бајден вели дека работи со европските партнери на план за изградба на привремени силоси на границите на Украина, вклучително и со Полска, решение кое исто така ќе се однесува на различните железнички пруги меѓу Украина и Европа. Идејата е житото да може да се пренесува во силосите, а потоа „во камиони да се пренесе низ светот. Но, потребно е време“, изјави Бајден.
Чад прогласи вонредна состојба поради кризата со храна
Дмитрасевич вели дека капацитетот за складирање на жито во Украина е намален за 15 милиони тони откако руските трупи уништија силоси или окупираа локации на југ и исток.
Што чини повеќе?
Светското производство на пченица, ориз и други житарки се очекува да достигне 2,78 милијарди тони во 2022 година, што е за 16 милиони тони помалку од претходната година - прв пад во последните четири години, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на ОН.
Цените на пченицата се зголемени за 45 насто во првите три месеци од годинава во споредба со претходната година, според индексот на цените на пченицата на ФАО. Растителното масло скокна за 41 насто додека шеќерот, месото, млекото и рибите исто така двојно поскапеа.
Зголемувањата поттикнуваат побрза инфлација ширум светот, ги поскапуваат намирниците и ги зголемуваат трошоците за сопствениците на ресторани, кои беа принудени да ги зголемат цените.
Некои земји реагираат обидувајќи се да ги заштитат домашните залихи. Индија го ограничи извозот на шеќер и пченица, додека Малезија го запре извозот на живи кокошки.
Меѓународниот институт за истражување на политиката за храна оценува дека ако недостигот на храна стане поакутен како што војната се одолговлекува, тоа би можело да доведе до повеќе ограничувања на извозот што дополнително ги зголемуваат цените.
„Уште една закана е оскудното и скапо ѓубриво, што значи дека полињата би можеле да бидат помалку продуктивни, бидејќи земјоделците штедат“, вели Стив Метјус од Gro Intelligence, компанија за земјоделски податоци и аналитика.
Има особено големи недостатоци на две од главните хемикалии во вештачко ѓубриво, од кои Русија е голем снабдувач. „Ако продолжиме да имаме недостиг на калиум и фосфат каков што ги имаме во моментов, ќе имаме пад на приносите“, рече Метјус.