Достапни линкови

Вооружен напаѓач уби 19 деца во училиште во Тексас, Бајден бара ограничувања за оружјето


Луѓе во солзи по нападот на основно училиште во Тексас
Луѓе во солзи по нападот на основно училиште во Тексас

18-годишен вооружен уби најмалку 19 деца пукајќи во основно училиште во Тексас, додека одел од училница во училница, соопштија властите. Ова е најсмртоносниот напад во училиште во речиси една деценија, во земјата со многу лузни од вакви масакри. Бајден побара поголема контрола на оружјето.

Најмалку 19 деца и двајца возрасни загинаа во нападот на основно училиште во Тексас. Ова е најсмртоносниот напад во училиште во речиси една деценија, во земјата со многу лузни од вакви масакри. Напаѓачот беше убиен од полицијата. Како што изјави гувернерот Грег Абот, меѓу загинатите е и еден учител.

Неколку часа по нападот, семејствата сè уште чекаа информации за нивните деца.

„Моето срце е скршено денес. Ние сме мала заедница и ќе ни требаат вашите молитви за да го поминеме ова“, рече Хал Харел, началник на училишната област.


Нападот се случи само 10 дена по смртоносното, расистичко дивеење во супермаркет во Бафало, Њујорк, потенцирајќи го проблемот со честите масовни убиства во цркви, училишта и продавници.

Многу од ранетите беа итно префрлени во Меморијалната болница Увалде. Официјалните лица веднаш не го открија мотивот, но тие го идентификуваа напаѓачот како Салвадор Рамос, жител на заедницата на околу 135 километри западно од Сан Антонио. Од полицијата рекоа дека тој дејствувал сам.

Нападот се случи додека основното училиште „Роб“ ги одбројуваше последните денови од учебната година со низа тематски денови. Вторник требаше да биде „Footloose and Fancy“, кога учениците носат убава облека и чевли.

Училиштето има близу 600 ученици во второ, трето и четврто одделение. Огромното мнозинство од студентите се Латиноамериканци.

Рамос на социјалните мрежи навестил дека може да дојде до напад, според државниот сенатор Роланд Гутиерез, кој рече дека бил информиран од државната полиција. Тој истакна дека напаѓачот „предложил децата да внимаваат“ и дека купил две парчиња оружје откако наполнил 18 години.

Пред да се упати кон училиштето, Рамос пукал во својата баба, изјави Гутиерез. Според надлежните, таа преживеала, но не е позната нејзината состојба.

Инспекторите веруваат дека Рамос објавил фотографии на Инстаграм од два пиштоли што ги користел во пукањето. Полициските службеници издадоа повеќекратни налози за претрес во вторникот вечерта и собираа телефонски и други записи. Инспекторите, исто така, се обидувале да стапат во контакт со роднините на Рамос и трагаат по огненото оружје.

Нападот започнал околу 11:30 часот, кога вооружениот напаѓач запрел со својот автомобил пред училиштето и влетал во зградата, изјави Тревис Консидин, портпарол на Одделот за јавна безбедност во Тексас. Жител кој слушнал пукотници повикал полиција, а двајца локални полицајци го пресретнале напаѓачот, но и двајцата биле погодени.

Бајден бара нови ограничувања на огненото оружје

Изразувајќи жалење за оваа американска трагедија, вознемирениот и лут претседател Џо Бајден упати итен повик за нови ограничувања на огненото оружје. Бајден зборуваше од Белата куќа едвај еден час по враќањето од петдневното патување во Азија.

„Кога во Божјо име ќе се спротивставиме на лобито за оружје?“ рече Бајден со емоции. „Зошто сме подготвени да живееме со овој масакр? Зошто дозволуваме ова да се случи?“

Со него беше и првата дама Џил Бајден. Американскиот претседател, кому му имаат починато две деца, истакна дека ја познава болката.

„Да изгубиш дете е како да ти откинат дел од душата“, рече Бајден.

Тој ја повика нацијата да ги споменува во молитвите жртвите и семејствата - но и да работи понапорно за да ја спречи следната трагедија.

„Време е оваа болка да ја претвориме во акција“, рече тој.

Само една недела претходно Бајден, во пресрет на неговото патување во странство, отпатува во Бафало за да се сретне со семејствата на жртвите, откако напаѓач од расистички причини уби 10 лица во самопослуга во Бафало, Њујорк.

Две децении смртоносно вооружено насилство во училиштата во САД

Трагедиите што се случуваат наназад послужија како отрезнувачки потсетници за зачестеноста и бруталноста на американската епидемија на масовно оружено насилство. Нападот во Тексас е само еден во низата вакви случувања во земјата. Ова се некои од најсмртоносните масакри со оружје во училниците низ Америка во последните две децении.

Гимназија Колумбајн (1999)

Двајца тинејџери од Колумбајн, Колорадо, вооружени со асортиман на оружје и рачно изработени бомби, дивееле во нивното локално средно училиште. За време на масакрот на 20 април беа убиени 12 ученици и еден наставник. Уште 24 лица се ранети.

Колумбајн, чие име стана синоним за пукотници во училиштата, е едно од првите, и сè уште меѓу најсмртоносните, такви престрелки во САД.

Вирџинија Техника (2007)

Студент од Јужна Кореја на Политехничкиот институт во Вирџинија отвори оган во кампусот Блексбург, Вирџинија, убивајќи 32 студенти и професори пред да се самоубие.Триесет и три лица се ранети.

Вооружениот напаѓач очигледно ги идолизирал стрелците од Колумбајн, нарекувајќи ги „маченици“ во видеото, дел од манифестот исполнет со говор на омраза што го испратил до полицијата за време на пукањето.

Основно училиште Сенди Хук (2012)

20-годишен маж со историја на проблеми со менталното здравје ја убил својата мајка во Њутаун, Конектикат, на 14 декември пред да влезе во основното училиште Сенди Хук.

Застрелани се 20 деца на возраст од шест и седум години, како и шест возрасни. Стрелецот потоа се самоубил.

Родителите на жртвите на Сенди Хук водеа бројни кампањи за заострување на законите за контрола на оружјето, но нивните напори во голема мера не успеаја.

Средно училиште Марџори Стоунман Даглас (2018)

На 14 февруари, 19-годишен поранешен ученик во средното училиште Марџори Стоунман Даглас, кој бил избркан поради дисциплински причини, се вратил во училиштето во Паркленд, Флорида и отворил оган.

Убил 14 студенти и тројца возрасни вработени.

Студентите на Стоунмен Даглас станаа глсноговорници против вооруженото насилство под знамето „Марш за нашите животи“, лобирајќи за построги закони за контрола на оружјето и организирајќи протести и собири.

Нивната кампања се разгоре на социјалните мрежи, мобилизирајќи стотици илјади млади Американци.

Гимназија Санта Фе (2018)

Десет лица, меѓу кои осум студенти, загинаа кога 17-годишен студент вооружен со сачмарка и револвер отвори оган врз своите соученици во руралните средини Санта Фе, Тексас.

По трагедијата, гувернерот на Тексас, Грег Абот, најави 40 препораки, главно фокусирани на зголемување на вооружената безбедност во училишните кампуси и засилување на прегледите за ментално здравје за да се идентификуваат проблематичните деца.

Сопственоста на оружје може да биде точка на гордост за многу Тексашани, па дури и некои ученици од средното училиште Санта Фе се изјаснија против поврзувањето на пукањето со потребата за подобра контрола на оружјето.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG