Во конкуренција од 39 книги од минатогодишната книжевна продукција, жири-комисијата во состав Владимир Јанковски, претседател и минатогодишен лауреат, Катица Гароска-Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева како претставничка на фондацијата „Славко Јаневски“, со мнозинство на гласови одлучи „Денот на црвот“ од Симона Јованоска, издание на „Или-Или“ од Скопје, да биде добитник на наградата „Роман на годината“ за 2021. Во најтесниот избор по трите изборни круга влегоа и „Деса“ од Ивана Трајаноска („Арс либрис“), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски („Или-Или“) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).
Говорејќи за ваквиот избор Владимир Јанковски истакнува дека романот „Денот на црвот“ претставува „успешно книжевно остварување во кое авторката на умешен начин комбинира различни приказни, егзистенцијални ситуации и човечки судбини“.
„Композициски, книгата може да се чита како еден вид книжевна симфонија во која голем број елементи дијалогизираат едни со други, на моменти се оддалечуваат и се доближуваат, за повторно да се спојат и обединат во една смисловна целина. Романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот. Станува збор за полиперспективен книжевен текст, во кој контрапунктот и пресвртот, варијациите на темите и мотивите, нивната игрива и луцидна сопоставеност создаваат богат и слоевит роман“, појаснува Јанковски.
Во контекст на ваквото образложение, чисто како потсетување, еве што ќе забележи писателката Јагода Михајловска Георгиева во својата рецензија за делото:
„Денот на црвот“е роман што од ред во ред, од страница во страница постојано изненадува. Од почеток до крај без застој и без празен од. Почетокот на романот е сосема неочекуван. Навестува дека делото е можна „басна“ со воведувањето на главните ликови: Црвот и Чавката. Но, тоа е итра замка што ја откриваме во продолжение. Приказната на спомнатите два лика, понатаму низ многубројни варијанти се преточува во животните судбини на јунаците што му припаѓаат на нашиот род. Од нашето совремие. Се испреплетуваат меѓусебно, се заплетуваат, се расплетуваат, понекогаш ритамот е толку вртоглаво брз што прилега на оној од анимираните филмови. Но, овие, на Јованоска, се повеќе и од живи. Цела една галерија од живописни ликови! Секој на свој начин уникатен, а сепак сите поврзани со една заедничка нишка: ослободување од „прангите“, од внатрешните и од надворешните зандани, посегнување кон Слободата.
И, по ваквото појаснување, некаде минатото лето, Јованоска говорејќи за испишувањето на својот деби роман ќе рече:
„Веројатно требаше да ми се случат некои големи животни промени, како да речеме да станам мајка два пати, за да се сменам и во однос на трпение и во однос на ставови, на карактерот... Од таму на таквата изјава гледам како на некоја искра. Некоја идеја. Некоја желба. Дека ете еден ден ќе морам да си поставам и да си го остварам и тој предизвик – да напишам роман. Сепак, ни на крај на памет не ми беше дека ќе почнам да го пишувам во една од најтешките години за мене и на поновата историја на човештвото, на предизвиците со кои што се соочивме во 2020. Пишувањето го почнав некаде во април минатата година. Без цел, визија, без ништо... Едноставно знаев само дека треба да го почнам и романот го завршив за некои четири месеци. После безмалку цела една година го корегирав за да стигнам до оваа верзија сега“.
Инаку, родена 1985 година во Гостивар, Симона Јованоска најнапред завршила средно Економско училиште во родниот град, а потоа и Економски факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“. Четири години подоцна со расказот „Последниот кат“ ќе биде второ пласирана на Конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“, а „Денот на црвот“, кој се појави како 195 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на Или-Или, е нејзин прв роман.
И, кога сето ова е познато, видно возбудена од ваквиот след на настаните авторката на чинот на соопштувањето на наградата не крие дека од еден таков тежок период еве за неа „излегла една мала-голема победа којашто дополнително во иднина би и претставувала мотивација да биде подобра во тоа што со толку љубов го прави“.
„Никогаш нема да пишувам наменски или да се допаднам на било кој. Секогаш ќе пишувам за да држам до себе и да останам своја. Не смеам да заборавам да кажам дека никако немаше да успеам да го заокружам ова без подршката на тие што ми се најблиски, сопругот кој што ми е прв критичар, довербата која што ми ја дава мојот издавач Ненад Стевиќ Нено од „Или-Или“ , мојот рецензент Јагода Михајловска Георгиева која уште од првиот момент ме бодреше да ја завршам во тие неизвесни времиња, кога се кршеа копјата и сакав да се откажам, кога беше тешко...и еден куп други драги пријатели кои ми даваа совети и така ми помогнаа книгата да ја добие пожелуваната форма. Искрено се надевам дека е ова шанса романот да дојде до пошироката публика, утре да добие некој превод, можеби и второ и трето издание... Секако реакцијата од публиката е многу важна. Треба да се види што е она што нејзе и се допаѓа или не за да авторот утре биде подобар“, вели Симона Јованоска.
Конечно наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари, а од Фондацијата „Славко Јаневски“ до претстојното свечено доделување на признанието ( кое е планирано некаде за август – септември годинава) ќе се обидат да направат повеќе промотивни настани со што би ја популаризирале и книгата и значењето на наградата.