Петар Андоновски како човек и автор, како писател и културен деец, како борец за човечки права и слободи е како пролетна бура. Со секогаш нацртана насмевка на лицето и мил збор освојува на прва топка. Пријатен и непосреден, тој влегува во онаа мала група на луѓе со кои ви е убаво да говорите за се и сешто. Најмногу, се разбира, за литература. А, на тоа поле е цар. Еден од оние кои уште од сега оставаат неизбришлива трага во македонската книжевност и воопшто во домашната култура.
Роден 1987 година во Куманово, тој зад себе има една поетска збирка „Ментален простор“ ( 2008) и три романи за издавачката куќа Или-Или - „Очи со боја на чевли“ од 2013 кој досега има три изданија, „Телото во кое треба да се живее“ - две години подоцна, исто толку изданија и наградата Роман на годината на Утрински весник, и „Страв од варвари“ од 2018 за која неодамна му припадна Европската награда за литература.
Од таму разговорот со него, во некоја рака таа вербална „партија шах“, беше повеќе од пријатна можност наново да се споделат размисли кои несомнено извираат од актуелниот момент на времево во кое живееме.
По блага временска дистанца од соопштувањето на веста во јавноста, како писателот Петар Андоновски го „преживеа“ добивањето на Европската награда за литература? Колку престижното признание му беше зрак светлина во овие пандемиски времиња?
- Во овие времиња кога луѓето се само бројки на заболени и починати, убавите вести изгледаат до таа мера нереално што се прашуваме со што јас заслужив да ми се случува нешто убаво. Веста за Европската награда за литература ја доживеав како во свет во кој владее глад да сум уловил риба во замрзнато море.
Колку наградите можат да ја галат суетата на авторот и колку наедно можат да се престорат во камен обесен околу вратот? Каков е вашиот однос кон признанијата?
- Наградите се како искачување на планина. Убаво е чувството да се биде на врвот. Но секое наредно искачување е потешко зашто себеси си задавате повисок врв од претходниот, а никогаш не можете да знаете дали ќе успеете да се искачите или ќе останете на некој рид и од далеку ќе ги гледате висините.
Конкуренција за наградата ви беа автори како Давор Стојановски, Ѓорѓи Крстески, Михајло Свидерски... генерација која се чини допрва ќе треба да го каже својот збор и не само во литературата. Верувате ли условно во заеднички настап или...?
- Од мојата генерација излегоа многу моќни книжевно гласови. Убаво е чувството кога за конкуренција имате подеднакво добри автори. Но колку сите заедно да сочинуваме универзум, сепак секој сме свет за себе. Сите функционираме одделно.
Ќе најдете ли простор и натаму да бидете гласен во поимањето на културата како насловна страница во нашево локално, балканско практицирање на политиката?
- Културата секогаш треба да биде гласна. Улогата на културата е да го менува општеството. Во спротивно не е култура туку естрада и ќе служи само за забава.
Рецензентите за „Страв од варвари“ ќе забележат дека, меѓу другото, мајсторски сте си поиграле со историјата. Дека во вашето дело „варварството“ егзистира на индивидуален и колективен план. Дека е силен стравот од секој вид другост, дека варварите се состојба на духот...Во една ваква ситуација зарем не ви се чини дека состојбите само ќе ескалираат? Дека и покрај се нема да ја научиме лекцијата?
- Искушението секогаш има различно лице. Тоа постои колку што постои и животот. Дали од искушението ќе излеземе како победници или како губитници зависи колку сме ја научиле лекцијата. Од нас зависи дали планетата е во самата зора на нејзиниот живот или во нејзиниот самрак. Премногу себично се однесувавме кон природата, кон животните, кон самите себе. Сега е време тоа да го промениме. Утре може ќе нема.
Пандемијата и политиката не вратија кон стравот за нашата опстојба. Ве плаши ли таквата слика за нас самите?
- Одбивам да живеам во свет во кој владее страв, одбивам да живеам во свет на физичка дистанца каде нема да можам да ги гушнам луѓето што ги сакам, одбивам да живеам во свет во кој претстави, промоции, музеи, ќе гледам онлај, одбивам да живеам во свет со затворени граници. Сакам да верувам дека човекот не е себично и арогантно суштество туку одговорно и хумано, и дека ќе излеземе од лавиринтот во кој се наоѓаме сега.
Претпоставувам дека ни вам лично не ви беше лесен овој дво-месечен период. Како вие лично се обидувавте да се извадите од нелагодната позиција. Со читање, пишување, трагање по нови вистини...Ви недостигаше ли некогашната динамика – промоции, дружби, гужви... ?
- Мојата хедонистичка природа тешко дека целосно ќе можам да ја скротам. Животот и луѓето ги сакам. Но она што научив во овие два месеци е повеќе да си го почитувам сопственото време. Луѓе, книги, филмови од кои не можете да научите ништо ново и кои нема да променат ништо во вас се непотребно потрошено време. Научив да се радувам на мали нешта. На секој нов збор на внук ми, на прошетките со кучето, на станувањето рано наутро. Исто така научив и дека не треба да ги менуваме другите, туку да се смениме себеси.
Дали времето на условно украдена слобода Петар Андоновски го искористи за својот иден авторски исчекор? Успеа ли да се извлече од сеопштата апатија и да ја започне својата нова пишувачка авантура?
- Без осамување нема креативност. Писателите често се во самоизолација. Цел април бев дома. Единственото излегување ми беше кога го шетав кучето. Најголемиот дел од времето го поминав во пишување на мојот нов, четврт по ред роман со наслов „Неверство“, кој треба да излезе во септември годинава за книгоиздателството Или-Или.