Достапни линкови

Томислав Османли: Во креативно патување, сѐ додека се може!


Кога еден учен со габарит каков што има Томислав Османли во разговорот, меѓу другото, ќе ви каже дека „културата и уметноста се или злоупотребени како до пред некоја година, или се заборавениот ресор на власта“, тогаш е повеќе од јасна позицијата на творештвото во нашава Македонија.

Томислав Османли е новинар, писател, колумнист, есеист, драматург и теоретичар на медиуми. Интелектуалец од „старински ков“. Цврст во ставовите и по напреден во мислата од мнозина кои сметаат дека годините им се привилегија. И, уште поважно – човек со зовриен вруток на творечка енергија. Еден од оние кои изникнаа во весникот „Млад борец“ и кои со право можат да бидат пример во професијата, посебно сега и овде кога „копи-пејст новинарството“ е практика, а неписменоста идеологија што треба да биде дебело наплатена. Кога сите на тилот ја имаат испишано бројката што ги продава.

Роден 1956 година во Битола, тој е автор на 26 книги, романи, раскази, есеи, драмски текстови и сценарија. Неговата студија „Филмот и политичкото“ (1981 година, Млад борец) е првата македонска теоретска книга посветена на Седмата уметност, а „Стрип, запис со човечки лик“ (1987, Млад борец), првата македонска теоретска книга посветена на Деветтата уметност. Неговата прва збирка раскази „Пеперутката на детството“ е објавена 1993 година во издание на Мисла. Книгата јудео-балкански раскази и новели „Светилка за Ханука“ (2008) стана лауреат на наградата „Прозни мајстори“, а неговиот роман „Дваесет и првиот“ беше прогласен за Роман на годината во 2009 година, а потоа и избран за макдонски претставник во книжевниот натпревар за наградата „Балканика“.

Познат е и по оригиналното сценарио за филмот „Ангели на отпад“ на неговиот татко Димитрие Османли кој беше прикажуван на меѓународните фестивали во Сан Диего, Каиро, Белград, Пула, Подгорица, Рим...и имааше дводневна специјална проекција во Националната сала на Кенеди центар во Вшаингтон, САД.

Неговата пиеса „Двајца во еден“ од 1998 година беше поставена на сцената на театарот Џон В. Гејнс во Њупорт, Вирџинија, а со книгата драмски текстови „Ѕвездите над Скопје“, заедно со 12 други балкански автори, бееше воведен во Литературниот годишник на Енциклопедија Британика за 2001 година.

Тој е и преведуван писател на многу јазици, а бил член и на редакциите на списанијата „Идеје“ од Белград, „Погледи“, „Разгледи“, „Театарски гласник“, „Културен живот“...

Добитник е на бројни награди и признанија, член на Друштвото на писателите на Македонија и на македонскиот ПЕН клуб.

Конечно, Османли иако дипломирал право, целиот живот му го посветил на уметничкото творештво и на новинарство во културата. Во контекст, на ова само уште и информацијата дека непосредно по ова интервју од печат излезе неговата книга „Парадоксион“ (ВиГ Зеница) како четиво со жестоки книжевно впечатливи книжевни набои кои „без задршка шибаат по современата отуѓена стварност“.

Деновиве беше промовирана вашата книга „Нajстари приказни: Митови од мугрите на западната цивилизација“ чија цел е „на јасен и автентичен начин на младата читателска публика да ѝ се доближат најстарите приказни што се појавиле во мугрите на западната цивилизација“. Од каде идејата и потребата на Томислав Османли да се бави со оваа проблематика? Со оваа популација, посебно.

- Па, најдлабоката мотивација произлегува од моите дамнешни интересирања за древните култури. Она што отсекогаш длабоко ме допирало е, ако така можам да кажам, е археологијата на духот на старите цивилизации; желбата да ги поимам мудростa, нивните верувања и значењата на нивните ритуали... Отсекогаш ме интересирале тајните на дамнешните луѓе, способноста да опстојуваат не само физички туку и духовно на овој непроменето жесток свет, како и тоа од каде потекнува силата и трајноста на нивните идеи, етички погледи, мистични (но и фундаментални научни и философски учења!) изразувани на толку богати начини во духовното наследство на старите цивилизации, нивните чудесни ликовни прикази и вербални повести... Тие наративи и дел од тие значења сакав да им ги доближам и на нашите млади читатели, низ раскажувањето на пет древни митови и два митски епоса, хомеровите „Илијада“ и „Одисеја“. Тие древни повести, фантастични и симболички, заситени со слоеви и значења што се примопредавале и преминале и на нашиот континент токму во хеленска антика и тука ги добиле своите нови форми, пишувани изрази, но и специфични ликови и сказови, ги одбележале и темелите и на нашава, условно западна цивилизација, подоцна биле додатно распространувани, модификувани и одново актуелизирани во нови повести, преданија, бајковни и други книжевни форми. Вклучително и во нашата фолклорна раскажувачка традиција. Мислам дека поради сите тие откриени и скриени значења, и пред сѐ поради тоа што се тоа во суштина општи но и цивилизациски споменици на самиот западен свет на кој ние денес му припаѓаме, младите генерации нив треба, фабуларно точно и смисловно добро, да ги запознаваат. Историјата е учителка на општиот живот на минатото; митовите, пак, можат да бидат вобудливи учители за човечките драми и за трајните морални вредности.

Со „Шапката на професорот Даштевски“, сте еден од осумте македонски творци од различни генерации кои се застапени во Антологијата на современиот балкански расказ на грчки јазик, чиј автор и издавач се Д-р Ставрос Г. Дајос и солунската издавачка куќа „Литератус“. Што значи ова лично за вас како писател и воопшто за македонската култура?

-Создавање антологија на балканското расказно творештво е убав, респективен зафат на соседната книжевна култура, и пред сѐ на иницијаторот и авторот на антологијата, Д-р Дајос. Такви издавачки зафати сме имале и ние во Македонија, а нив претходно ги мало и во соседна Грција, но одамна, кога геополитичката и геопоетичката мапа на Балканот била поразлична. Така, во 1981 година објавена е антологија на балканскиот расказ во која биле застапени по пет автори од тогашните вкупно шест балкански земји. Самиот антологичар Дајос при преставувањето на својот труд, укажува дека неговата антологија на балканскиот расказ опфаќа седумдесетина автори и прози во опфат од доајенските, до поновите генерации со по осум писатели од сега веќе дванаесетте балкански национални литератури, меѓу нив, се разбира, и авторите од македонската раскажувачка дејност. Појавата на оваа антологија од над четири стотини страници е дел од интересирањата на истражувачите за книжевните парадигми во новата стварност на Балканот. Таа бездруго е израз и на новата клима и комуникации што се отвораат и на културен план во која без задршка, како рамноправна со другите, се прифаќа и македонската книжевна стварност. Ние писателите веруваме дека овие соработки ќе продолжат во натамошни и поживи авторски и книжевни размени, со многу побројни преводи на поединечни дела и нови запознавања и културни соработки, како со Грција, така и со останатите балкански литератури.

Вие сте често присутен со своите објави во соседството, во земјите од регионов. Ако знаеме дека токму творештвото, односно културата е градителот на мостовите на пријателство и разбирање а не политиката, колку сме свесни денес повеќе од било кога и посебно на Балканот за потребата од една таква плодотворна и вибрантна комуникација?

-Во значењето на културата во меѓу-балканските соработки, најдлабоко сум убеден. На пример, „Антологијата на балканското расказно творештво“, според исказ на нејзиниот автор, вклучувајќи ги нашите присуства таму, требаше да биде промовирана на годинашниот меѓународен Саем на книгата во Солун. Тоа е исклучителна, богато посетена манифестација што низ повеќето хали на солунското сајмиште се одржува секоја година кон средината во мај; и на која, заедно со неколку наши автори, веќе два пати сум учествувал со свои авторски претставувања организирани од нашата генерална конзулка, госпоѓа Маја Апостолова. Сега требаше ние осуммината македонски писатели да бидеме поканети непосредно од грчкиот издавач „Литератус“, но тој крупен културен настан на кој Антологијата требаше да му биде повод, за жал не се случи поради пандемијата која беше во најакутната фаза. Затоа авторот и издавач во мај ја пушти својата, ете и делумно наша книга, во продажната мрежа на поголем број книжарници низ Грција. Се разбира дека многу ме радува што на прочит на експертите и на љубителите на литературата од соседната земја им се нудат и нашите осум, тематски различни раскази.

Од друга страна, пак, деновиве ме израдува и уште една грчка објавата - на еден исклучителен поетски портрет на Блаже Конески, проследен со одлични преводи на шест негови песни и со текст со исклучителни комплименти за личноста и делото на македонскиот поетски и лингвистички корифеј, во најновиот број на грчкото месечно електронско книжевно списание „Карта“ (Χάρτης), насловено „Житија на Блаже Конески“ (Συναξάρια του Μπλάζε Κόνεσκι https://www.hartismag.gr/hartis-18/metafrash/synaxaria?fbclid=IwAR37KLqvrddl6Qj4rtqRikP3CXz2hXfHgG5HZfeAdoGmBAUNt78ZNYHdDt8). Од друга страна, јас во моментов преведувам шеесетина песни за антологијата на современата грчка поезија, која со изборот на дваесетина поети, ја работи Елизабета Линднер Костадиновска. Самиот очекувам објава на расказ во претстојниот број на солунското печатено книжевно списание „Енекен“ (`Ενεκεν), знам дека нашиот поет Митко Гогов истотака соработува со поети од регионот и поседно од Грција, а бедуго има и други соработки во подготовка...

Уметничката комуникација е импулс што ги наткрилува културните дистанци. Културната соработка од една страна е најдобрата пионерска дипломатија, а од другата – кога таа е развиена – најдобриот показ за паѓањето на предубедувањата од различен вид пред силата на уметничките творби, преводи и објави. Иако некои од тие предубедувања, за жал сведоци сме, денес се дури и обновени и зајакнати, но наспроти тоа, во тие ситуации, уметниците можат да бидат најагилните миротворни дипломати, градители на мостови на културните комуникации, со соседите пред сѐ, бидејќи нивниот суштински простор не е политичкиот, туку естетскиот...

Сепак, за тоа дејствување на културните дејци потребни се предуслови пред сѐ дома.

Верувате ли дека еден ден ќе ги напуштиме бастионите во кои нашата кусогледост и дневната политика нѐ имаат заробено? Како да го сториме тоа?

- Неопходна нѝ е стратегија на нашиот жив и повеќекратен културен настап, пред сѐ книжевен и посебно во соседните културни и уметнички милјеа, но и многу подалеку, секаде кајшто можеме да допреме со убавиот збор и уметнички творби. Но, за тоа денес кај нас едвај и да се води сметка. Културата и уметноста се или злоупотребени како до пред некоја година, или се заборавениот ресор на власта, како последниве години. Во тие рамки, писателите се најбројните и најпродуктивните, а едновремено статусно и финансиски најдепривилегирани меѓу уметниците во нашава земја, а нашите писателски асоцијации безгласни во барањето подобрени статуси за македонскиот писател.

Имам чувство дека работите повеќе од било кога. Пред извесно време камерната пиеса „Двајца во Еден“ и есејот „Возвишеното – супраестетичка категорија“ објавени во два броја на српското списанието „Екереман“, а пред извесно време во уште едно реномираното литературно списание „Балкански књижени гласник“, во Белград беше објавен и вашиот најнов драмски текст „Враќање дома“ кој говори за спротивставените генерации, делбите, политизациите, социјалните трауми...Од каде толку енергија и потреба во годините кога мнозина можеби и си пожелуваат да слезат „од возот во забрзано движење“? Што го води низ творештвото Томислав Османли? Која е неговата девиза?

-Искрено речено таа енергија никогаш не ми недостигала. И мене творештвото ми е и вокација и хоби, а последниве четири години и комплетна професија. Мислам дека гориво на таа динамика се незгаснатите интелектуални љубопитства, истражувањата во различни домени и на нови теми кои даваат нови инспирации, е чувство на свежина и авантура во авторската работа. Тие сили непрекинато ме сподвижуваат и благодарејќи им ним создадов и теоретски студии, и есеистички објави, и белетристички книги, сценарија, пиеси... За сега не чувствувам замор од тие возбудливи патувања низ широките простори на уметничкото, есеистичкото, теориското творештво. Ми се чини дека од возот кој го спомнувате, нема да слезам до крајот на животот. Во таа смисла, мојата девиза е: во креативно патување, сѐ додека се може.

Ова што сега ни се случува поодамна го имаше како фикција во литературата, на филм...во стриповите. Како теоретичар на стрипот и автор на неколку книги за македонскиот стрип, филм, медиуми...имате ли време да следите што се случува актуелно на домашната сцена, што работи новата генерација на творци, на стрип цртачи? Каде е местото на македонскиот стрип, театар, драматургија во еден поширок контекст?

-За жал не сосем, но се обидувам да следам колку што ми допушта послободниот дел од времето. Мој впечаток е дека имаме повеќе творци и еден респективен творечки потенцијал во доменот на стрипот одошто медиумски платформи. Имаме исклучителни стрип цртачи. И денес како впрочем и порано во 80-те и 90-те на минатиот век, недостасуваат списанија и печатена продукција на стрипови. Недостасуваат критичари, публицисти и теоретичари на стрипот. Во таа смисла особено ме радуваа творечките афирмации на авторот Александар Стеванов кој посветено работи и објавува прилози и истражувања на стрипот, а наскоро ќе се појави и неговата трета монографија посветена на стрип феномени, за која авторот ме почести со барање да напишам предговор... Инаку, наши цртачи работат за странски издавачи на стрип, а таа нивна креативна активност останува непозната за пошироката јавност. За жал, на пати сценаристичките предлошки по кои работат се жанровски диктирани, маниристички и потекнуваат од странски автори. Би било добро кога би барале поводи во домашната традиционална или актуелна литература. Имаме литературни дела кои одлично можат да се изразат во стрип и како предлошки со локални глетки, со наши приказни, бои и мириси, да доживуваат универзални комуникации. Слична е состојбата и со домашниот театар, во кој недостасуваат нови домашни драмски текстови. На сцените не проблеснуваат нови имиња на домашната драматургија и ќе остане така сѐ додека таканаречената „нова реалност“ не нѝ се пројави како нова свест и за нас самите. Имаме добри режисери, но за жал, немаме современ домашен театар што ќе „ве дрмне“, жив и ангажиран, каков што имавме во седумдесеттите и осумдесеттите, театар кој ќе нѐ соочи со нас самите и со нашево време и со минатото, но од современа драмска гледна точка.

Што читате и уште повеќе што пишувате во овие пандемски времиња? Имате ли сега поголема инспирација, мотивација или и вас ве толчи ваквата ситуација во која сигурно ни се загрозени дел од некогашните слободи што ги уживавме? Какви ќе излеземе по ова? Попаметни, по свесни или...?

- Читам белетристичка литература, домашна и преведена, слушам аудио-раскази и симнувам текстови од интернет, преведувам и пишувам... Во таа смисла пандемијата не му штети ниту на моето творештво. Ги сакам дружењата и посетите на културни настани кои пандемијата времено ни ги одзема. Па сепак, во перидот на карантините и јас како и многу други автори, заборавам на одземената слобода на движење и дружење, излегувајќи од дома со пишување и патувајќи со возот во забрзано движење од Вашата сликовита метафора. Предноста на писателот како и на сликарот и на композиторот е што тој работи повлечен во спокојот на приваноста. Што се однесува до тоа какви ќе изелеземе од оваа состојба – како кој. Сите бездуго со една нова здравствена, но и социјална и професионална свест. Јас конкретно ќе излезам со три свои нови објави, една стара одново публикуван труд книгата урбани есеи „Медиумот што недостасува“ во издание на „Бегемот“ и две нови книги, „Најстари приказни“ и наскоро книгата раскази „Парадоксикон“, исто така ќе излезам со повеќе предговори и рецензии кон книги на други автори, со вакви интервјуа, со стриминг-промоции како неодамнешната посветена на книгата „Најстари приказни“ која само во нејзниното реално врметраење ја споследија над илјада и шестотини посетители на големата виртуелна книжарница на „Литература.мк“ https://www.facebook.com/literatura.mk/videos/700778464069296/.

Неодамна имавте онлајн промоција на книга. Некако како да почнуваме само виртуелно да живееме. Виртуелни претставувања, виртуелни изложби, театар на интернет... Каква, според вас, ќе ни биде културата на иднината? Уште повеќе утрешнината?

-За жал таа, догледно, ќе биде таква: култура што се промовира од растојание, преку книгите и особено преку социјалните медиуми. Ние всушност одамна живееме во симулакруми и социјално сѐ поразделени. Сега тие се покажуваат како полезни. Сепак, реалноста на Корона само нѐ потсетува на една друга, тивка и современа пандемија - на отуѓеноста, на осаменоста која ја шириме комуницирајќи не човек со човек, туку преку куп социјални посредници: мобилни телефони, социјални мрежи, таблети, лаптопи, дури електронски тротинети за брзи и самостојни возења... Ќеиф ми е кога ќе видам цели семејства на велосипеди и деца на помошни седала на еден од родителите...Оваа планетарна микробиолошка зараза нѐ потсетува на макросоцијалната, економска и политичка пандемијата на отуѓеноста и осаменоста што го завладуваат современиот свет и човек. За разлика од онаа за ковидот, на вакцина против „новата реалност“, светска и европска: еготистичка, ксенофобична, сѐ понационалистичка и попротекционистичка, овој свет хипер-конзервативен свет воопшто не сака да работи... За Ковид, вакцина за сезона-две ќе пронајдат лабораториите, додека на онаа за пандемијата на тоталната отуѓеност и на економските дебаланси на апсурдно богатиот и уште поапсурдно сиромашниот свет, не работи никој, освен, се разбира, историјата. Лично не би сакал лек да најде „дијалектиката на балансот“ која функционира како жесток закон токму на историјата. Тоа значи дека ништо не сме научиле од неа, а ги имаме сите средства на социјалната држава да ја зауздаме и неа и на новото општество да му овозможиме далеку поправична распределба, ослободување од сиромаштијата на најранливите социјални слоеви...

А кај нас, пред сѐ во културата?

- И оваа болест на нашата истоштена култура со тоа и оваа опасна епидемија ќе бидат совладани, но до пристигањето до тоа здравствено безбедно тло ќе ни требаат и нерви, и трпение, и солидарност, и културни форми и ангажмани од нов вид. Некои се веќе на лице како промоцијата која ја спомнавте, некои пак допрва ќе ги создава времето и нужноста. Лично не сум поборник на лесните и на пасивните, „безболни“ медиуми како спас во време на корона, од забавата на компјутери и мобилни телефони до гледањето само телевизија, иако телевизијата сега ја добива својата нова шанса и тест. Сепак не можам, а да не ги видам и нивните предности токму врз најновото искуство кое само што го спомнав. За поздравување е отворањето на трите нови канали националната телевизија, но сега се потребни и промени во нив самите со нови емисии од културата. Едно од нештата што на медиумски план треба да се смени е духот оттука и содржините на т.н. комерцијални ТВ станици базиран на политички програми без мерка, на багателни турски серии и на евтини ноти. Она што ја продава програмата ја издава вистинска, уметнички валидна култура. Во меѓувреме ќе треба да ѝ се враќаме на книгата и на елитната уметност, на образовните програми и на програмите од културата, на рок’ен-ролот како звук на епохата, а не на доминирачкиот, багателизиран музички поп или турбофолк кој го разорува вкусот на новите генерации... На сите тие како заборавени и потиснати програмски вредности овие денови нѐ потсетуваат репризите од времињата кога телевизијата беше културен, а не – одново ќе подвлечам – гол потрошувачки феномен. И бараат нови творби на елитниот културен дух и идентитет. Неопходни се промени и во концептот на нашата генерална култура како структура, концепт, пристап... Каква што ја познаваме до сега, таа дефинитивно го одживеа своето поново време. Не знам дали тоа ќе се случи. Скептичен сум...

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG