Драги сограѓани (или можеби сте туристи), вие што останувате да слушнете барем некоја песна од уличните свирачи, вие што не си заминувате веднаш плаќајќи за слободата да не ги слушнете, со вас би правел партија, секта, тајно друштво, бенд, што и да е...
Со оваа реченица Иван Шопов ќе го заокружи својот мини расказ „Неоправдано отсутни“. Еден од многуте од неговата актуелна книга „Скопје – Изгубените чевли на градот“. Изданието чии стотина страници, со дузина одбрани тематски фотографии и згора како „бонус“ неколку анти-разгледници - од Дорјан, Пазин, Софија, Кикинда и Загреб, ве тераат да му се враќате наново и наново. Да го погалите нежно градот и да му ги допрете стапалата, како што ќе забележи на корицата.
Роден 1987 година во Скопје, Иван Шопов дипломирал Општа и компаративна книжевност на факултетот „Блаже Конески“. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитански прозен ракопис во 2010 година, збирката песни во проза „Меше на годината“ две години подоцна, збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ во 2018 и мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научивме за пишувањето од Застава 750“ минатата година.
Пишува и поезија и хаику, а расказите му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.
РСЕ: Во време на светска пандемија, кога станавме заточеници на сопствените четири ѕида и на градот, во едицијата ПРОаЗА на ИЛИ-ИЛИ, излезе твојата книга мини-раскази „Скопје – Изгубените чевли на градот“. Втора во чиј наслов стои градот на Вардар. Од каде толку љубов, прегратки и насмевки кај Иван Шопов за ова и вакво Скопје?
Постои одредена иронија во тоа што книгата, во голема мера инспирирана од безбројните прошетки низ Скопје, излегува во време кога движењето низ градот и надвор од него ни е сериозно ограничено. Од своето раѓање живеам во овој град, тоа е амбиентот во кој сум ги доживеал речиси сите формативни искуства – и убави и неубави. Сепак, за Скопје немам само љубов, прегратки и насмевки – имам и критики, цинизам, пцости... Како што поминуваат годините, овој град станува сѐ посуров, непријателски кон оние што живеат или престојуваат во него... За бруталната интервенција врз неговото централно подрачје подобро и да не зборуваме. Токму таквата интервенција врз она што е „голема приказна“, „голема слика“ на градот ме поттикна да се занимавам со микронаративите во Скопје, оние нешта преку кои окото бегло ни поминува додека се занимаваме со дневните рутини. Инаку, и самиот имам кажувано многу тешки зборови за Скопје, но ми пречеше тоа што сѐ повеќе се фаќав како се изразувам негативно за него. И ваков каков што е, градот може да понуди возбудливи, необични, магични искуства, па решив во новата книга да се занимавам со нив.
РСЕ: Колку пати му паднало на ум досега на авторот, посебно еве сега додека ги испишувал овие страници, да го напушти и да се збогува со Скопје за да потем му се врати со мисла дека „некои луѓе никогаш не заминуваат од него“?
Досега не сум помислил да го напуштам Скопје засекогаш. Имам потреба да побегнам од овој град, да не сум во во Скопје извесно време, но кога се враќам од некое патување и на влезот од градот ја читам таблата со натпис „добредојдовте во Скопје“, тоа го сфаќам некако буквално. Да, уште се чувствувам добредојден во мојот град. (Ете, уште го нарекувам и мој.) Не сум сосема сигурен што го создава моето чувство на припадност кон Скопје - „минатиот труд“, изодената километража по скопските улици, сеќавањето на местата што ги нема, уживањето на фините места што сѐ уште ги има, многубројните драги луѓе кои уште се тука, имагинарното Скопје од литературата и уметноста, или сите овие нешта по малку. Како и да е, сѐ уште сум скопјанец кој сака да остане тоа.
РСЕ: Кога и дали некогаш, според писателот кој несомнено ги „почувствувал плускавците на родниот град“, Скопје ќе си ги најде чевлите во кои му е удобно? Можеме ли притоа сите ние, скопјани, дојденци, љубопитни, добронамерни, гости, да му помогнеме да го стори тоа?
Веќе не сум сигурен дека можеме да ги најдемe фамозните чевли во кои на Скопје ќе му биде удобно. Меѓу нас кажано, Скопје е тежок табиетлија. Но, можеме да му помогнеме да се чувствува удобно кога е босоного, барем да не го посипуваме тлото со уште трње. Еден познаник, во неформален разговор ми рече: кога Скопјани би го сакале Скопје барем малку повеќе, за два дена ќе стане прекрасен град. Ми звучеше наивно и романтично, но можеби има некаква вистина во ова.
РСЕ: Со овие кратки раскази станува ли Иван Шопов современ алтернативен хроничар на Скопје кое полека исчезнува, го снемува и бива заменето со еден подруг лик и друг тип на паланечко поведение? До кога ќе го држи таквата потреба?
Книгата нема хроничарски амбиции, барем не експлицитно. Ако воопшто може да се нарече хроника, тоа е една интимна хроника на мигови, слики и доживувања во Скопје. Ептен алтернативна, микрохроника. Можеби овде-онде во некој од текстовите е „замрзнато“ парче од Скопје што по извесно време ќе може да служи и како некаков документ. Потребата да пишувам за Скопје веројатно никогаш нема да ме напушти. Откако книгата ја испративме во печатница, веќе напишав неколку нови текстови, нови скопски „антиразгледници“. Веројатно секогаш пишувањето е борба против минливоста, нека е тоа и сосема индиректно, дури и кога авторот нема документаристички, историографски, мемоаристички или хроничарски амбиции. Некогаш, наместо со пишување, тоа го правев на попримитивен начин: во мојот дом сѐ уште чувам парче мермер од стариот плочник кај фонтаната во Градски парк. Кога го реновираа пред петнаесетина години, сѐ беше раскопано, а старите парчиња од плочникот беа наредени на купишта. Местото изгледаше како археолошко наоѓалиште или град во кој беснее војна. А среде хаосот – стотици млади луѓе кои се дружеа до изгрејсонце. Секако, идејата дека на овој начин постигнувате нешто против минливоста е илузија, но неопходна илузија.
РСЕ: И, кога веќе го „решивме“ барем за некое време Скопје, „градот на непостојаноста“ како што пишуваш, каде сега талка фокусот, мислата на Шопов? Што бележи тој во себе и потем истура онака својски на хартија. Со каква литературна форма сега си сакал да се поигрува? Се крчка ли нешто на компјутерот? Се спрема ли за ракување со публиката?
Ух, никако не го „решив“ Скопје. Во моментов, имам скици за барем уште два книжевни/уметнички проекти поврзани со Скопје. Но, за тоа ќе зборуваме кога ќе им дојде времето. Убаво рековте дека фокусот ми талка: освен што работам на нови проекти за Скопје, повремено го дополнувам циклусот раскази за Пазин – фантастичното мало хрватско гратче во кое поминав незаборавен месец, скицирам идеи за сликовници, му се навраќам на започнатиот роман „Паника во музејот“ За ракување со публиката сѐ уште не се спремам. Не дека не ми недостасува живиот контакт со публиката, но многу поважен е контактот на публиката со книжевното дело. А тоа, и покрај вонредната состојба, сѐ уште не е попречено. До мене веќе стигнаа реакции на читатели што ја прегрнале книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ и таа прегратка вреди многу повеќе од ракувањето со мене на некаква промоција.
РСЕ: Книгата беше печатена и излезе во време на пандемија, кога навидум читањето ни стана мелем за убивање на секојдневието. Едновремено во период кога промоциите се мислена именка и некако се збогувавме барем со „дотогашниот“ живот. Како сега да се стигне до читателот? Ќе се научиме ли поинаку да му пристапиме, да го предизвикаме да се нурне во нечие писание? Ќе треба ли да се редефинираат и некои работи во книжевноста каква што ја познававме, или ваквото време работи за неа?
Пандемијата ги принуди културните работници како и публиката повеќе да се ориентираат кон онлајн културата. Дали тоа ќе биде привремена мерка или трајна тенденција, останува да видиме. Не мислам дека вонредната состојба нешто ќе промени во самата книжевност. Можеби краткорочно, на тематски план, ќе доминираат карантинските и изолациски приказни. Писателот повторно ќе биде соочен со истите предизвици кога стои сам пред празниот лист хартија, односно пред белиот екран. Она што може да се промени повеќе е начинот на дистрибуција на книгите. Времето на пандемија и изолација не работи ниту против ниту за книжевноста - читањето останува активност која нуди задоволство неспоредливо со кое било друго. Сведувањето на книгата на инструмент за „тепање време“ е банализирачко, а романтизирањето на изолацијата е опасно. За многу луѓе, читањето беше секојдневна потреба и пред пандемијата. Но, за оние што се принудени да работат од дома, да се грижат за домаќинството, семејството и образованието на децата, пандемијата сигурно не носи дополнително време за читање и „медитација“.
РСЕ: Конечно, во овој контекст до каде сте со прибирање/публикување на приказните за заедничкиот со Владимир Лукаш - КЦ 750? И, како натаму ја замислувате неговата иднина? Ќе имате сили за нови и поинакви пристапи до публиката? Ќе тргнете ли повторно со фиќото по градов, во земјава со цел за понудите содржини кои ќе побараат поинаква комуникација со гладните за мали, но слатки и умни културни дешавки какви што имавте лани при неговата промоција?
Досега собравме триесетина приказни кои ги објавивме на Фејсбук страницата на КЦ 750. Првиот ударен бран на собирање приказни помина, или, како што е популарно се вели денес, го достигнавме пикот во собирање приказни. Одвреме-навреме добиваме и нови, но не брзаме да ги објавиме во книга, туку на оваа цепенковска дејност гледаме како на нешто долгорочно. Во моментов активностите се паузирани и ќе почекаме да видиме како ќе се развива ситуацијата со корона-вирусот. Во оптимистичко сценарио, кога епидемијата ќе стивне КЦ 750 ќе се врати на скопските улици со нови минималистички културни настани. Но, ако нештата со вирусот не се смират или ескалираат, ќе најдеме и други начини да стигнеме до публиката. Ако сопствениците на фиќо научиле нешто, тоа е да импровизираат. А ќе научи да импровизира и еден културен центар сместен во фиќо.