Во времево на разни „изми“, политичко лудило и нагласена желба за моќ, владеење и доминација, во времево на талкања и се некакви лесно сварливи понуди без било каква вредност во нејзината суштина, на урбано Скопје ќе му се случи петтото издание на Фестивалот на европската литература „БукСтар“, зад кој веќе половина декада со својот габарит и смисол за исчекор напред стои Издавачката куќа „Антолог“.
Организаторите оваа година посегнаа по слоганот „Отаде“ со цел да го постават прашањето „Што се наоѓа отаде сивата магливост по слушнатите приказни на црната и белата страна?“. И со тенденција, како во годиниве наназад, да се обидат преку книжевноста да ги објаснат не само културолошките промени, туку и да иницираат создавање на сопствена слика за она што ни се случува во општеството. Во средините во кои оставаме белег во времето.
Да ја заокружат сопствената потреба да бидат манифестација со нагласена социјална ангажираност и едноставно во рамките на својата временска отсечка да брануваат понагласен интерес кај пошироката јавност, нудејќи содржини што се податливи за полесно разбирање на напластените проблеми со кои се соочува општеството денес.
За таа цел, „БукСтар“, на македонската публика желна умно скроени дискусии и излегувања од комодитетот на својата зона, годинава и носи шест автори со спротивни заднини, тематики и интереси. Творци како Халдора Тородсен од Исланд, Чехот Михал Вивег, Кадер Абдолах од Холандија, лауреатот Евгениј Водолазкин од Русија, нам добро познатиот хрватски драматург и писател Слободан Шнајдер и популарниот српски рапер и писател Марко Шелиќ Марчело.
Тие во случајов ќе се обединат со домашните творци и заедно ќе дискутираат на темите опфатени во нивните романи: религија, националност, традиција, политика, сексуалност и вечно присутната желба за моќ. Како што велат организаторите ќе се обидат да протолкуваат дека „отаде“ шизоидните наративи во секојдневието, постојат личните приказни на луѓето кои најдобро сведочат за хаосот на идеологиите.
Програмата, по свеченото протоколарно отворање во Младински културен центар-Скопје, ќе започне во кино „Фросина“ со претставувањето на на Халдора Тордсен и промоцијата на нејзиниот роман „Двојно стакло“, добитник на Европската награда за книжевност во 2017 година. Промотор ќе биде Ана Мартиновска.
Веднаш потоа е планирана и промоцијата на романот „Воспитувањето девојки во Чешка“ од Михал Вивег. За делото ќе говори Јасна Котеска, а модераторка на обете претставувања е Ана Василева.
Во вторник на 8 октомври, во востановениот термин од 19 часот, Мерсиха Исмаиловска најнапред ќе ги претстави книгите „Бележникот на татко ми“ и „Куќата на џамијата“ од иранскиот писател што пишува на холандски јазик - Кадер Абдолах, за да потем уследи и промоцијата на книгите „Лавр,Соловјов и Ларионов“ и „Авијатичарот“ на големиот руски писател Евгениј Водолазкин, годинашниот добитник на наградата „БукСтар“. За делата е предвидено да говори македонскиот писател Венко Андоновски, а модерат на настаните на втората вечер е Ана Јовковска.
И, на 9 октомври, на третата вечер на „БукСтар“, предвидени се две промоции. Овојпат на балкански автори. Првично, Ана Стојановска ќе говори за „Исцелување на светот“, романот на Слободан Шнајдер, потем на публиката ќе и се обрати и режисерот Владимир Милчин, за да извадок од делото на хрватскиот автор прочита Сузана Киранџиска.
По ова ќе следува и претставувањето на „Малтерего“ од Марко Шелиќ Марчело. За белградскиот хип-хоп артист и писател, познат по своите социјално ангажирани текстови и еклектичен пристап, ќе говорат и неговиот роман ќе го промовираат Ѓоко Здравески и Иван Шопов.
И, кога сме веќе кај него да кажеме и тоа дека овој уметник кој години наназад работи и на полето на едукација на младите луѓе од цел Балкан, ден пред тоа во Фестивалскиот центар тоа ќе одржи работилница со студенти и средношколци од Скопје.
А, кога веќе го почнуваме прелистувањето на специјалните настани на „БукСтар 2019“ неизоставно треба да бидат споменати двете дискусии организирани во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.
Така, најнапред на 8 октомври гостите Кадер Абдолах и Михал Вивег, заедно со нашите Луан Старова, Оливера Чорвезировска и Соња Стојменска – Елзецер како домаќин ќе дебатираат на тема „Да се биде европски романописец денес“, а наредниот ден од 17 часот е планирано да се одржи книжевната средба насловена како „Во сенката на читателот“. Оваа средба ќе биде модерирана од Весна Мојсова-Чепишевска, при што своите размисли и ставови ќе ги споделат гостинката Халдора Тородсен и македонските авторки Калина Малеска и Фросина Пармаковска.
Продолжува и поткастот „Гол ручек“ при што поетот и литературен критичар Душко Крстевски за свои гости во „Фросина“ е најавено да ги има, Тордсен, Марчело, Водолазкин и Андоновски. Покрај можноста да се присуствува на снимањето на новите епизоди од првиот книжевен поткаст кај нас, тој ќе биде пренесуван и преку страницата на МКЦ на социјалните мрежи.
Инаку, овие три фестивалски дена ќе бидат збогатени и со петтото издание на Саемот на европската литература, каде што ќе може да се набават книги добитнички на Европската награда за книжевност и други дела од европски автори по намалени цени. Покрај организаторот „Антолог“, на саемот ќе земат учество уште и книгоиздателствата „Арт конект“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Готен“, „Или-или“, „ПНВ публикации“, „Полица“ и „Три“.
На 10 октомври, пак, од 10 часот во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје специјално предавање ќе одржи годинашниот добитник на наградата „BookStar“ – Евгениј Водолазкин.
Освен тоа што студентите и гостите ќе можат да поразговараат непосредно со овој голем руски писател и да ги слушнат неговите видувања за романот денес, во оваа пригода ќе му биде доделена и наградата „BookStar 2019“ за романот „Авијатичарот“, со што ќе заврши и официјалниот дел на Фестивалот.
Кон ова само уште информацијата дека дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Јана Андева, настанот е организиран во соработка со Младински културен центар, а поддржан е од програмата Креативна Европа на Европската Унија, Министерство за култура на Република Македонија, мрежата „Традуки“, Институтот за преводи на Русија, Холандскиот литературен фонд, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Република Чешка, Исландскиот книжевен центар и Друштвото на писатели на Македонија.