Издавачки центар ТРИ, од 25 до 27 септември, во Јавна соба во Скопје, како организатор ќе го потпише првото издание на Фестивалот за европска литература „Европски приказни“. Со тоа оваа издавачка куќа практично заокружува уште еден успешен проект посветен на квалитетната литература која доаѓа од различни страни на Стариот континент.
Препознатлив по внимателниот избор на наслови, врвниот превод, оригиналниот дизајн и реализација, честите гостувања на автори, како и по сопствениот информативен блог-канал (prikazni.mk) – овој проект, реализиран со помош на програмата „Креaтивна Европа“ на Европската унија и Министерството за култура, воведува нови практики и поставува повисоки стандарди во издаваштвото во нашата држава, а ја задоволува и големата потреба од оригинални и квалитетни дела кои се наменети и за помладата и за повозрасната публика.
Фестивалот на европска литература „Европски приказни“, во чиј поднаслов ќе биде забележано дека донесува Приказни вредни за раскажување и чија тенденција е да ја претстави токму оваа оригинална едиција на книги, во рамките на своето прво издание предвидува неколку централни настани – гостување на две големи авторски имиња од Португалија и Грција – Афонсо Круш и Калија Пападаки, изложба на оригинални дизајнерски решенија на книгите од едицијата изработени од познати домашни автори, предавања, дискусии и работилници посветени на книжевниот превод кои ќе се одржат на Европскиот ден на јазиците, како и неформални средби и дружења кои имаат за цел да го доближат најдоброто од европската литература и да понудат поинакво искуство за љубителите на добрата книжевност.
Отворањето е планирано да се случи во среда на 25 септември, во 20 часот, со Изложба на сите графички решенија за објавените книги и запознавање со актуелните имиња на уметничко-дизајнерската сцена.
Наредниот ден, од 19.30 часот, во Јавна соба љубителите на убавата литература ќе имаат можност да другаруваат со познатиот португалски писател Афонско Круш и да присуствуваат на македонската промоција на неговиот роман „Да купиме поет“ на која промотори ќе бидат Владимир Мартиновски и Наташа Сарџоска.
В петок, во истиот термин и простор, се очекува гостувањето на писателката Калија Пападаки и промоцијата на нејзиниот роман „Снегулки“, дело добитник на Европската награда за литература, а овојпат промотори ќе бидат Елизабета Баковска и Емилија Мајсторова-Стојановска (преведувач).
Во пресрет на ова првично издание на „Европски приказни“, Александра Филиповска од Издавачки центар ТРИ, знае да каже дека потребата за организација на еден ваков Фестивал пред сè се наметнува од недоволна организација на ваков тип настани воопшто, каде на едно место читателите ќе имаат можност да се запознаат со авторите одблизу, со преведувачите кои се еден од најважните фактори за едно дело да се донесе за нашата публика, со дизајнерите и всушност на тој начин да биде заокружена нивната заложба за поголема промоција на современи европски автори, претставување и промоција на преведувачите и нивната важна улога во пренесувањето на делата на македонски јазик и погласно да се проговори за визуелниот аспект на приказните – за кориците, преку соработката со локалните дизајнери.
„Целта е, на публиката да и се доближат овој тип литературни дела кои носат свежина во пишувањто и кои навистина нашата публика заслужува да ги прочита затоа што се работи за реномирани автори – добитници на важни признанија и награди – кои со своето пишување го редефинираат поимот книжевност и играат важна улога во земјите од каде што доаѓаат. Секогаш има потреба од ваков тип фестивали, нема премногу, публиката бара лично запознавање, да се запознае со сите вклучени елементи во процесот на издавање на книгата... Со тоа се поставуваат различни теми за дискусија во издаваштвото од типот на квалитетни преводи, стандарди во пишувањето и издавањето и така со ред“, вели Филиповска.
Од таму во рамките на програмата и не само како „дополнителни настани“, особено се значајни и двете планирани работилници – онаа за превод и толкување со Наташа Сарџоска на тема „Те преведов или те предадов?“ и исто родната од француски јазик во соработка со проф. д-р Ирина Бабамова од Филолошкиот факултет што ќе го одбележат и Европскиот ден на јазиците .
Овие настани (планирани за четврток и петок во 18 часот) се посветени на книжевниот превод, како и на спецификите и предизвиците во преведувањето на книжевни дела на македонски јазик. Тие се насочени не само кон преведувачката заедница, јазичните редактори, уредниците, како и кон сите заинтересирани за оваа професија.
Затоа не чуди кога Наташа Сарџоска истакнува дека со работилницата сака да му даде посебно значење на книжевниот преведувач и воопшто преведувачот којшто во многу контакти е занемарен и на некој начин невидлив.
„Со насловот „Те преведов или те предадов?“ сакам да укажам на тоа колку еден преведувач може да биде значаен, но и фатален за едно книжевно дело. Колку може да го скрати, одземе, но и да го додаде, да го направи поубаво тоа книжевно дело. Затоа решив да направам една интерактивна работилница, ќе преведуваме песни и извадоци од македонски автори и потоа ќе ги споредуваме преводите за да видиме колку секој превод е свет за себе. Колку секој книжевен превод може да биде уникатно дело неспоредливо со другиот превод на истото тоа дело. Сакам едноставно да укажам на тоа колку преведувачот е автор, колку може да биде втор автор и колку некогаш се случува и самиот да биде нов автор или како што вели еден пријател и книжевен преведувач Ѓоко Здравески – кога еден преведувач ќе преведе една поетска песна таа станува негова. Односно престанува да биде само на поетот“, смета Сарџоска.
Таа и со дополна дека работилницата е отворена за сите што сакаат да дојдат и да се нурнат во светот на преводот, дека не мора тоа да бидат преведувачи, туку и обични љубители на книгата, на пишаниот збор, студенти... и дека таа ќе биде среќна да разговара со нив и да ги сподели нејзините професионални искуства и како книжевен преведувач и како толкувач на француски, италијански, португалски и шпански јазик.
Конечно, со првото издание на „Европски приказни“ од Издавачки центар ТРИ веруваат дека на тој начин овојпат ги поставуваат основите, а дека од година во година манифестацијата ќе ја надградуваат со нови проекти, со повеќе гости...дека се надеваат оти таа ќе трае повеќе денови и дека ова е само почеток на една културна приказна која има тенеденција да прерасне во традиција и да стане значаен дел од културното милје во земјава.