Достапни линкови

„Земјотрес 4“ - Енергијата на македонската независна сцена во МКЦ


Дваесеттина бендови и артисти распоредени на три подиуми и 18 независни домашни издавачки етикети ја чинат суштината на четвртото издание на „Земјотрес“, прогресивната фестивалска платформа на независната македонска музичка сцена, што ќе се одржи оваа сабота, на 6 февруари, во Младинскиот културен центар во Скопје.

Со над 1000 продадени влезници уште во предвечерието на настанот, годинешниот „Земјотрес“, фестивалот на независната македонска музичка сцена, несомнено ја оправдува својата мисија. Замислено како прогресивна платформа на независните дискографски куќи, бендови и артисти, еднаш во годината да го демонстрираат најновото и најдоброто од доменот на своето работење на еден сериозен фестивал, случувањето, за релативно кратко време, се издигна до вистинска алтернативна провокација за младата публика која не ги мириса сеприсутните „турбо-фолк“, „турбо-поп“ и „демек урбани“ содржини.

Задоволството е големо затоа што успеавме многу бргу да ја постигнеме целта овој настан да стане значаен, па дури и да се издигне во фестивал на кој на бендовите им импонира да се појават и да свират.
Мирко Попов, „Пи-Ем-Џи Рикордингс“.

За ова несомнено се заслужни иницијаторите „69 Рикордс“ и (денес непостоечката) „Направи заедно“, кои заедно со агилните „Пи-Ем-Џи Рикордингс“, и натаму го чинат организационото јадро на манифестацијата.

„Задоволството е големо затоа што успеавме многу бргу да ја постигнеме целта овој настан да стане значаен, па дури и да се издигне во фестивал на кој на бендовите им импонира да се појават и да свират без разлика дали тие притоа се апсолутно непознати и притоа се јавуваат и грчевито се трудат да влезат во редот на одбраните или, пак, станува збор и за некој веќе етаблиран состав кој кога ќе го контактираме не го крие задоволството да стане еден од учесниците на случувањето“, вели Мирко Попов од „Пи-Ем-Џи Рикордингс“.

Тој дополнува дека во случајов не станува збор за „правење пари“ иако сите добиваат хонорар за настапот, но тој е „симболичен“ и далеку од вистинскиот што би требало да го добијат. Појаснува дека суштината е во тоа сите да се соберат на едно место и да предизвикаат внимание од пошироката јавност. Да ги натераат младите, посебно тинејџерите, средношколците... да бидат дел од ваквото поголемо алтернативно искуство.

„Основната поента, или една од главните идеи за овој Фестивал е да привлечеме што е можно поголем број на млади луѓе кој ќе дојдат уи можеби за прв пат ќе се сретнат со некоја алтернативна музика, алтернативна култура. На некој начин да бидеме една сосема поинаква понуда во однос на она што тие деца го добиваат во нашиот град, нашата земја...а генерално понудата се состои од турбо, некоја фолк или сомнителна урбана понуда која наголемо се продава како „урбана“, така да мислам дека успехот во оваа сфера на „Земјотрес“ е главната работа за мене и навистина сум среќен кога ќе видам во МКЦ некаде 1000 „клинци“ од свои 16-17 години како се радуваат на една културна, добра, интересна, напредна музика ете тоа е суштината и што нас не радува најмногу како организатори.“

А, четвртото издание на Фестивалот ќе донесе перформанси на повеќе од 20 бендови и артисти на три подиуми. Во Денсинг салата е најавено да свират СПАНК, ПРОЏЕКТ ОРФЕУС, ФАНК ШУИ, ХАРДФЕЈСИД, СМАТ, НОВИОТ ПОЧЕТОК, СЕТСТАТ и Мирко Попов, ПИ-ЕМ-ЏИ КОЛЕКТИВ и Диџеј Гоце САФ. Во холот на киното „Фросина“ се предвидени настапите на НБК и ТВИСТЕР, СВАТОВСКИ, ТЕЛЕМАМА, ГАВМЕНТ, ЏУН, АНА О., ЛАЈТМОТИВ, КАРНЕИЏ ДОМИНИОН и ФАЈТИНГ ВИНДМИЛС, а на техно сцената се очекуваат Тони Димитров, Марчин и Андреас ХЗ, Горан Кан, ДЕФЕКТ 13...

Од друга страна, пак, со годинешново издание на „Земјотрес“, за кое очајнички се бара карта повеќе, се затвора промотивниот период, па не е чудо што организаторите уште сега размислуваат за натамошниот развој и подигањето на нивото на квалитетот на Фестивалот.

Сепак, едно е сигурно тие не гледаат на него како на „комерцијално случување“.

„Ние не го гледаме Фестивалот како „комерцијален“. Барем во моментов нам не ни е поимливо да одиме во тој правец. Помила ни е таа една платформа на некој Саем на независната музика која што би сакале да ја задржиме повеќе на ентузијазам и на идеологија отколку да се претвориме во некаков максимално професионален фестивал кој би требало квантитативно да се шири. Квалитативен развој – да, но не сум сигурен дека квантитативното раснење би било добро за оваа наша чиста идеја“, заклучува Попов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG