Достапни линкови

Земјотрес 3 – Фестивал на независна музика во МКЦ


ПМГ Колектив.
ПМГ Колектив.

Замислен како музички фестивал со отворен концепт зад кој ќе стојат македонските независни дискографски куќи, оваа сабота, на 7 февруари, на три сцени во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи третиот ЗЕМЈОТРЕС на кој е предвидено учество да земат над дваесеттина релевантни претставници на актуелната алтернативна домашна сцена.

Мухамед Ибрахими, КАЛЧР ДИВЕЛОПМЕНТ, ФОНИЈА, ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, Душко Јаневски, МИЛКО, Д ЏОН, ПАЛИНДРОМ, Пиколомини, Роботек, ВЕРКА, се само некои од артистите и бендовите кои што ќе се појават на една од трите сцени на третото издание на ЗЕМЈОТРЕС кое што ќе се одржи оваа сабота, на 7 февруари, од 19 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје.

Се обидовме да направиме настан кој ќе ги предизвика пред сè новите генерации за да дојдат и да се запознаат со феноменот на таа алтернативна музика, или ако сакате алтернативна култура пошироко. И од таму идејата да се соберат што е можно повеќе бендови од разно-разна музичка провиниенција, разно разни музички стилови, од најнепознати македонски бендови кои можеби по прв пат настапуваат, до некои најрелевантни и веќе успешни во нашава средина и сето тоа за ултра-ниска цена на влезниците.
Мирко Попов, ПМГ Колектив.

Станува збор за фестивал на македонските независни дискографски куќи со потполно отворен концепт, инициран од Направи заедно, 69 Рикордс и ПМГ Рекордингс, и за случување кое настојчиво опстојува на идејата современата музика да ја третира како уметност, бунт и придобивка на оние кои што творат на дадениов простор. Станува збор, како што вели Мирко Попов, за екипа на луѓе која што се обиде да направи нешто што на некој начин ќе биде визионерско и така ќе ги мобилизира новите генерации за она што се случува на алтернативната музичка сцена. Тој дополнува дека, наспроти она што се случуваше во 1980-те или 1990-те, сега живееме во време кога младите луѓе масовно се „палат“ на новосоздадената музика а „народњаците“ успеаја да ја продадат својата доктрина како „урбана“.

Буквално нашата држава, сè повеќе и повеќе, се однесува како некоја држава која нема никаква потреба од култура пред сè, а камоли од контра или некоја алтернативна култура од која подоцна се раѓаат најважните културни сегменти во земјата.
Мирко Попов, ПМГ Колектив.

„Се обидовме да направиме настан кој ќе ги предизвика пред сè новите генерации за да дојдат и да се запознаат со феноменот на таа алтернативна музика, или ако сакате алтернативна култура пошироко. И од таму идејата да се соберат што е можно повеќе бендови од разно-разна музичка провиниенција, разно разни музички стилови, од најнепознати македонски бендови кои можеби по прв пат настапуваат, до некои најрелевантни и веќе успешни во нашава средина и сето тоа за ултра-ниска цена на влезниците за да не биде препрека за било кој да дојде и да ги погледне нивните настапи“, вели Попов.

Тој појаснува дека уште првата година, при промовирањето на идејата, тие како организатори на ЗЕМЈОТРЕС наишле на добар прием, за да веќе лани фестивалот „ги напне“ капацитетите на МКЦ и едноставно експлодира. Забележува дека не би сакал да биде претерано оптимистичен, но од пројавениот интерес на социјалните мрежи, не се сомнева дека приказната ќе се повтори и во оваа пригода.

„Е, сега прашање е колку од таа публика реално се прелева во онаа редовната која потоа посетува концерти и настани кои не се толку извикани како ЗЕМЈОТРЕС, но се надевам дека на подолги патеки дефинитивно успеваме да направиме една солидна регрутација и дека интересот за некоја алтернативна култура би требало само да расне“, вели Попов.

Но, наспроти таквото сознание, тој вели дека сите други параметри, а зад кои стои државата не одат во прилог на стимулирањето на ваквите субкултурни случувања. Потенцира дека тие не очекуваат никаква подршка бидејќи алтернативната култура сама себе се креира како реакција на општите случувања, но вели дека им пречат постојаните замки што им ги поставува власта.

„Буквално нашата држава, сè повеќе и повеќе, се однесува како некоја држава која нема никаква потреба од култура пред сè, а камоли од контра или некоја алтернативна култура од која подоцна се раѓаат најважните културни сегменти во земјата. Но, помалку важно, ние си ја работиме и ќе продолжиме да си ја работиме својата работа и сега најбитно ни е ако, здравје боже, се остварат прогнозите за посетеност на фестивалот, потем ќе мора да седнеме и искрено да се запрашаме како понатаму и што значи натамошен развој на едно вакво случување за кое мислам дека до сега успеа да ја постигне основатата поента зошто е смислено и реализирано“, вели Попов.

Интересно е и тоа што, само две недели подоцна од скопската епизода, на 21 февруари, во Н.У. Центар за култура – Битола, ќе се одржи тамошното издание на ЗЕМЈОТРЕС 3 за кое е предвидена мешана програма со некаде 12 бендови и артисти и каде се очекуваат имиња како ПАРКЕТИ, НОВИОТ ПОЧЕТОК, ПМГ КОЛЕКТИВ, ГАЛАТЕА, Сашо Рејсид и други.

Кон ова само уште информација дека и оваа година како и минатите, освен музичката програма во холот на МКЦ ќе бидат поставени штандови со изданијата на дискографските куќи како и со промотивните материјали на бендовите кои ќе настапат на ЗЕМЈОТРЕС 3.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG