Авантуристичка тура за најмладите – „Зачекори во Здраво Скопје“, во организација на издавачки центар ТРИ, ќе се одржи в петок, а по повод 56 години од скопскиот земјотрес, што се случи на 26 јули 1963 година.
Карванот ќе посети 10 значајни и автентични локации, а ќе биде проследен со многу изненадувања, игри и забава. Зборно место е фонтаната во Градскиот парк, а крајна дестинација е Музејот на Град Скопје.
„Целта на оваа авантура е преку едукативна, забавна содржина најмалите да го запознаат градот од спомените на возрасните и да ја почувствуваат вистинската магија на Скопје“, велат од издавачкиот центар ТРИ.
Турата ќе се реализира во соработка со „Музеј на Град Скопје“, од каде доаѓа подготвен водич за да ги едуцира најмалите, и јавното претпријатие „ЈСП – Скопје“, кое обезбеди панорамски автобус за учесниците.
„Предвидено е децата да го доживеат градот во едно несекојдневно и авантуристичко издание“, велат организаторите.
Авантуристичка тура, е инспирирана од интерактивниот водич „Здраво Скопје“ од авторското дуо Кокидо.