Достапни линкови

Жените далеку од позициите каде што се одлучува


Во земјава има повеќе вработени високообразовани жени од мажи, но само 19 отсто од високите раководни функции во приватниот сектор се во рацете на жени. Во владата има само 4 жени и 17 мажи, а од 81 општини има само две градоначалнички.

Во земјава ниту половина од жените не учествуваат на пазарот на труд, додека тој просек во земјите од ЕУ е 71 отсто, покажуваат податоците на Заводот за статистика. Тоа значи дека повеќе од половина од жените ниту се вработени, ниту бараат работа.

Сè уште има машки и женски сектори, па така 63 отсто од вработените во секторот образование се жени, а 66 отсто од вработените во ИКТ секторот се мажи. Просечната плата во секторот ИКТ во декември 2021 година била над 59 илјади денари, а во секторот образование била 28.126 денари, односно двојно пониска. Сепак охрабрува податокот што се зголемува бројот на жени кои студираат на природни и технички науки, инженерство и математика. Во 2012 на овие факултети студирале 12 отсто жени, а во 2019 имало 43 отсто студентки.

Двојно повеќе жени од мажи во руралните средини имаат статус на неплатени семејни работници.

Под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“, а по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март, во Скопје се одржува шестиот Марш за женски права.

Во деловниот свет има сè повеќе жени работодавачки, но мажите и натаму предничат. Само 8 отсто жени биле работодавачки за сопствена сметка во 2020 година, наспроти 17,9 отсто мажи. На високите раководни позиции во приватниот сектор во 2020 имало само 19 отсто жени, а 79 отсто мажи.

Има повеќе вработени мажи од жени со основно и со средно образование, но на пазарот на труд има повеќе жени отколку мажи со високо образование. И меѓу вработените, има повеќе жени отколку мажи со високо образование.

Во академската 2020/2021 се запишале повеќе студентки од студенти, а и од дипломираните студенти, повеќето се жени.

Права за жените во руралните средини

Регистрираните земјоделки во земјава немаат право на породилно отсуство, затоа од Националната федерација на фармери побараа измени на Законот за здравствено осигурување, за да може регистрираните земјоделки да може да остварат право на родителско отсуство и боледување.

„Замислете како им е на тие жени, мајки, кои треба да остварат еднонеделни бебиња дома за да можат да работат на поле или на оние земјоделки и земјоделци кои се соочуваат со тешки болести и повреди од земјоделска механизација, а немаат право на боледување. Јас лично сум ја почувствувала оваа дискриминација како мајка, жена, земјоделка и затоа дејствувам овој проблем да се реши за идните мајки и млади земјоделки и земјоделци да имаат повеќе права и да не го врват оној пат кој ние сме го поминале“, рече претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска на презентација на Анализата за наоѓање правен механизам за остварување на правата на земјоделците.

Таа вели дека жените од руралните средини сè уште се соочуваат со социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека преку отворен дијалог и дебата ќе се бара решение на остварување на правото за користење на платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки.

Според податоците на НФФ само 5 отсто од жените во руралните средини се сопственици на свој имот, а проблемот не е во законите, туку во традиционалните норми кои се присутни во помалку развиените средини.

Живка Ѓурчиновска од селото Тумчевиште, Гостиварско пред неколку месеци за РСЕ рече дека не било лесно кога пред 11 години му кажала на својот сопруг дека сака заеднички да го работат семејниот бизнис и таа самата да си заработува.

„Живеам во мала средина каде што владее патријархално воспитување, дека мажот е глава на семејството и тој донесува одлуки и располага со парите, а жената само треба да работи по дома и да ги чува децата. Кога решив самата да се погрижам за мојата економска стабилност, беше малку тензично. Мажот ми ми велеше, зошто ти треба ова, што ти фали, имаш сè, ама јас не се откажав. Бев амбициозна и сакав сите да знаат дека можам и јас да водам бизнис и да заработувам чесно“, раскажува Ѓурчиновска.

Од производство на млеко и млечни производи, па до производство и обработка на поседи со лешници, оваа жена им докажала на своите соселани дека и жената може да биде подеднакво успешна како и нејзиниот сопруг. Иако пред многу години било незамисливо имотот да биде на име на жена, сега таа со гордост кажува дека конечно и таа е сопственик на земјиштето на кое произведуваат лешници.

Малку жени и во политиката

Жените во политиката малку ги има. Не е исклучок ниту последната влада која има 21 член, но само четири жени. Од осамостојувањето на Македонија, бројката на жени во влада се движи од нула до четири.

„Ако ја следиме оваа прогресија, тоа значи дека нам ќе ни требаат уште некаде 45 до 52,5 години за ние да стигнеме до некаков паритет во владата што е само по себе страшно. Така што се чини дека многу бавно напредуваме. Некој магичен број ни е во последнава декада четири, претходно ни беше два и се вртиме само околу таа бројка и никако да напреднеме, повеќе од 4 жени министерки“, рече за РСЕ Билјана Котевска, истражувачка во Институтот за европски политики ЕПИ, по изборот на новата влада.

Македонија заостанува во родовата рамноправност во извршната власт во однос и на светскиот и на европскиот просек. Така, ако во сега во владата имаме 19 отсто жени, европскиот просек според „UN Woman“ изнесува 34 проценти министерки.

Родова рамноправност има само во Собранието, оти законот е таков и предвидува квоти, квоти има и за советнички во општините на локалните избори, но не и при избор на градоначалници. Податоците за локалните избори покажуваат дека од 1996 година, кога за прв пат се одржале локални избори, па се до 2021 година, биле избрани вкупно 660 градоначалници. Од нив само 18 жени градоначалнички и 642 мажи градоначалници. И на минатогодишните локални избори беа избрани само две жени градоначалнички, во општините Старо Нагоричане и Град Скопје, што е само 2,5 отсто од вкупниот број на градоначалници и 4 градоначалнички помалку во однос на претходните локални избори.

Осмомартовски марш - „Сиромаштијата има женско лице“

На 8 март напладне во организација на организациите под чадорот на Платформата за родова еднаквост се одржи осмомартовски марш под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“.

„И покрај тоа што ние жените сме еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаме еднаквост во речиси ниту еден аспект од нашите животи, на работа или дома, во политиката и социјалниот живот. Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок. Општество во кое жените се невработени и преработени, незаштитени, виктимизирани, објективизирани и лишени од своите права, е сиромашно општество“, порачуваат организаторите.

Жените живеат подолго од мажите

Во Македонија жените живеат во просек подолго од мажите. Според очекуваното траење на животот во земјата, жените живеат 77,9 години, а мажите 73,6 години.

Според податоците на Заводот за статистика за 2020, најголем дел од децата се родени од мајки на возраст од 25 до 29 години. Според возраста најмногу бракови се склучени од невести на возраст од 20 до 24 години. Просечна возраст на невестата при склучување брак е 27 години.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG