Достапни линкови

Убиство за чест во Иран: отсечена глава на сопругата


Грозоморното „убиство за чест“ на 17-годишната Мона Хејдари го потресе Иран и ја обнови дебатата за насилството врз жените и недостатокот на закони за нивна заштита.
Грозоморното „убиство за чест“ на 17-годишната Мона Хејдари го потресе Иран и ја обнови дебатата за насилството врз жените и недостатокот на закони за нивна заштита.

Откако Саџад Хејдари ја обезглавил својата 17-годишна сопруга Мона Хејдари, тој парадирал со нејзината отсечена глава по улиците на југозападниот ирански град Ахваз во обид да докаже дека е чесен човек. На интернет беше објавена снимка од таквата сцена на која се гледа како тој се смешка.

Убиството на Мона Хејдари, кое беше објавено на 5 февруари, е последниот публикуван случај на „убиство за чест“ во кое главно жени се убиваат од нивните машки роднини врз основа на тоа дека го обесчестиле своето семејство со наводни морални пропусти -- вклучително бегање од дома, вршење прељуба, барање развод, па дури и неосновани обвинувања за нарушување на угледот на семејството.

Грозоморното убиство во главниот град на провинцијата Кузестан ја шокираше нацијата и ја обнови дебатата за широко распространето насилство врз жените и недостатокот на правна заштита.

Папата Франциск повика да престане насилството врз жените

Мона Хејдари, наводно, побегнала во Турција неколку месеци пред нејзиното убиство за да живее со Сириец што го запознала преку интернет. Младата сопруга и мајка на 3-годишен син била убиена неколку дена откако се вратила во Иран, бидејќи наводно добила гаранции од нејзиното семејство дека ќе биде безбедна.

Нејзиниот сопруг и неговиот брат, кој наводно помогнал во извршувањето на злосторството, се во притвор. Извештаите велат дека Мона Хејдари била принудена да се омажи за својот братучед и дека го родила својот син кога имала само 14 години.

Според извештаите на иранските медиуми, таа била изложена на насилство од нејзиниот сопруг, кој одбил да се разведе неа.

Многумина во Иран го обвинија исламскиот правен систем, како и патријархалната култура и традиции на земјата за поттикнување средина за ваквото убиство, што доаѓа помалку од две години откако 14-годишната Ромина Ашрафи беше обезглавена од нејзиниот татко на северот на Иран.

Таткото на Ашрафи, кој пред да ја убие се консултирал со адвокат за да дознае каква казна може да се соочи за злосторството, подоцна беше осуден на осум години затвор.

Социологот Хосеин Газиан од САД за РСЕ изјави дека многу мажи веруваат оти жените во нивните семејства се нивна сопственост.

„Мажите ги поседуваат умот и телото на жените. Тие повлекуваат линија и сметаат дека е општествена должност да ја заштитат нивната чест. Ако не успеат, тие веруваат дека треба да ја докажат својата чест, и често го прават тоа со убивање на жените“.

„Нема закон“

Пратеничката Елхам Азад вели дека „нема закон со извршна гаранција“ за заштита на жените од насилство во Иран. Таа изрази надеж дека тековната легислатива за заштита, достоинство и безбедност на жените од насилство ќе спречи такви ужасни злосторства во иднина.

Кина, Русија и Иран меѓу најлошите прекршители на верските права

Нацрт-законот, предложен од владата на тогашниот претседател Хасан Рохани во јануари 2021 година, но чека да биде усвоен во закон од парламентот, го криминализира насилството врз жените, вклучително дејство или однесување што предизвикува „физичка или ментална штета“ на жените.

Хјуман рајтс воч оцени дека, и покрај тоа што има „голем број позитивни одредби“, предложеното законодавство не ги исполнува меѓународните стандарди.

„Не добивме никаков резултат“

Адвокатот Ебрахим Никдел Гадам, кој го застапуваше случајот од висок профил на Ашрафи, во тоа време на суд тврдеше дека иранскиот закон не создава пречки за такви убиства.

Тој рече дека таткото на Ашрафи не ја добил највисоката казна што може да ја добие за убиство на дете, што е казниво од три до 10 години. Тој беше изземен од законот за „одмазда“ - што значи смртна казна - бидејќи според исламскиот кривичен законик тој беше старател на девојчето.

Никдел Гадам вели дека судот не прифати дополнителна казна внатрешен егзил, што е дозволено според иранскиот закон.

„Иако мајката на Ромина ужасно се плашеше за себе и оваа загриженост беше покрената многу пати на суд, ние не добивме резултати. Зошто? Затоа што има проблеми на ова поле кога е во прашање законот“, вели Гадам.

Тој, исто така, оценува дека лесните казни за оние кои ги убиваат своите женски роднини го отвораат патот за повеќе такви убиства.

„Гледаме дека тие не се справија со случајот и бруталното убиство како што треба за да дадат пример, а резултатот беше дека помалку од две години подоцна сме сведоци на уште еден трагичен настан, уште еден изгубен живот“, рече тој.

Хади Гаеми, извршен директор на Центарот за човекови права во Иран со седиште во Њујорк вели дека иранските власти се „одговорни за смртта на Хејдари како и нејзините убијци“.

„Репортери без граници“ со осуда за приведувањето новинари во Иран

„Обезглавената детска невеста би можела да биде жива денес доколку владата на Иран имаше закони против суровата практика на детски бракови и заштита од семејно насилство“, напиша Гаеми на Твитер.

Не се води веродостојна статистика за убиствата за чест во Иран. Се верува дека многу случаи не се пријавени и се премолчуваат.

Активистката Атефе Баравие изјави во минатиот месец дека во изминатите две години 60 жени во провинцијата Кузестан биле жртви на „убиства од чест“, додека ниту еден од сторителите не се соочил со судска постапка и семејствата не поднеле тужби.

Таа смета дека реалниот број на такви убиства веројатно е поголем.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG