Вести
ОН: Од почетокот на инвазијата во Украина убиени се 364 цивили
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека ја потврдиле смртта на 364 цивили во Украина, од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Канцеларијата со седиште во Женева соопшти дека во саботата на полноќ биле ранети 759 цивили.
Канцеларијата користи ригорозна методологија и известува само за жртвите за кои може да потврди дека се загинати.
Од таму велат дека веруваат оти реалните бројки се многу поголеми, „особено на територијата контролирана од владата и посебно во последните денови“.
Тоа е затоа што протокот на информации е ограничен во услови кога се водат борби, а многу извештаи сè уште треба да се поткрепат со информации.
Украинските власти изнесуваат многу повисоки бројки.
види ги сите денешни вести
Кремљ вели дека сè уште нема планови за разговори со Трамп
Кремљ соопшти дека во моментов нема планови претседателот Владимир Путин да се сретне со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, во услови на зголемени разговори за изнаоѓање мировен договор за ставање крај на руската војна против Украина.
Трамп на конвенцијата на конзервативците на 22 декември рече дека Путин рекол дека „сака да се сретне со мене што е можно поскоро“.
Како одговор, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 23 декември за агенцијата ТАСС, изјави дека „досега немало вистински сигнали“ за средба со Трамп пред неговата инаугурација која треба да се одржи во јануари.
Борбите меѓу Русија и Украина се засилија во последниве недели, при што Москва лансираше бранови беспилотни летала и ракети низ украинската територија, главно насочени кон цивилната и енергетската инфраструктура.
Киев се спротивстави со напади врз руски нафтени и енергетски цели веднаш внатре во руската територија, а во текот на викендот беа погодени згради во Казан, главниот град на руската република Татарстан, која е богата со нафта.
Минатата недела Путин ги закачи изгледите за руски отстапки пред публиката во Вашингтон и на Запад, велејќи повеќе од еднаш за време на неговата годишна конференција за прашања и одговори дека Русија е подготвена за компромис.
Но, тој приложи бројни услови за идејата за компромис, сугерирајќи дека целта на Москва да ја потчини Украина и да добие големи безбедносни гаранции од НАТО и Западот останува на сила, како и дека не го смета за легитимен лидер, украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп рече дека ќе се работи на тоа војната брзо да заврши и за време на неговите забелешки на конвенцијата велејќи дека „ таа војна е ужасна и мора да се заврши“.
Аналитичарите велат дека зад затворени врати во Москва, Киев, Брисел, Вашингтон и другите престолнини, дипломатите, избраните лидери и воените офицери се подготвуваат за наоѓање решение за најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна, во која за 34 месеци загинаа или беа ранети повеќе од 1 милион мажи од двете страни.
Фицо: Путин најави дека Русија ќе продолжи со испораките на гас за Западот и за Словачка
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека рускиот претседател Владимир Путин најавил дека Русија е подготвена да продолжи со испораките на гас за Западот.
„Рускиот претседател Владимир Путин ја потврди подготвеноста на Русија да продолжи со испораките на гас за Запад и Словачка, што е практично невозможно по 1 јануари 2025 година, со оглед на позицијата на украинскиот претседател“, напиша Фицо на својата Фејсбук страница.
Фицо, кој вчера (22 декември) разговараше со Путин во Москва, истакна дека неговата посета на Русија е реакција на изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се противи на транзитот на руски гас преку Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков синоќа изјави дека нема да има официјално соопштение од средбата меѓу Путин и Фицо.
Студентите излегоа на нов протест во Белград
Дел од студентите кои веќе неколку недели ги блокираат факултетите на универзитетот во Белград, денеска (22 декември) го блокираа и белградскиот плоштад „Славија“.
Ова беше уште еден во низата протести на кои се бара одговорност за трагедијата во Нови Сад каде на 1 ноември при пад на настрешницата на железничката станица загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Околните улици околу плоштадот беа затворени за сообраќај, а на протестот се собраа илјадници луѓе.
Дел од демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Генерален штрајк на студентите и работниците во солидарност“, „Матурантите се со студентите“, „Секоја акција предизвикува реакција“.
Во 16:30 часот започна и петнаесетминутниот молк за жртвите од трагедијата во Нови Сад, а некои од насобраните демонстранти ги вклучија светилките на мобилните телефони.
Едно од барањата на организаторите на протестот е и лицата кои напаѓаа демонстранти да бидат идентификувани и кривично гонети.
Тие бараат и ослободување на уапсените активисти на протестите и запирање на кривичната постапка против нив.
Во блокадите, на студентите им се придружија и голем број земојделци, актери, просветни работници…
Секој ден во Србија дел од студентите, учениците и граѓаните застануваат по 15 минути на градските сообраќајници, со цел да им оддадат почит на жртвите од падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Блокирани се над 50 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.
Под притисок на јавноста, српскиот претседател Александар Вучиќ на 11 декември најави дека на веб-страницата на Владата ќе бидат објавени 195 документи, тврдејќи дека тоа е целосната документација за железничката станица во Нови Сад.
И додека надлежните тврдат дека ги исполниле сите нивни барања, студентите велат дека објавената документација не е целосна и не одговара на прашањето кој е одговорен и што се случило.
Градежниот факултет во Белград на 19 декември објави дека направил прелиминарна анализа на расположливата документација за зградата на железничката станица во Нови Сад, објавена на веб-страницата на Владата и дека заклучокот е оти недостигаат клучните документи.
Бетонската натстрешница во Нови Сад се урна само неколку месеци по свеченото отворање на железничката станица откако реконструкцијата траеше три години, а официјалните лица тврдеа дека таа е направена според највисоките европски стандарди.
13 лица беа уапсени поради сомневање за пропусти при реконструкцијата. Меѓу нив беше и поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, кој по неколку дена излезе од притвор.
Омерагиќ е нов претседател на ФФМ, Пандев спортски директор
Мaсар Омерагиќ е нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), а поранешниот репрезентативец Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции.
Изборот на новото раководство се случи денеска (22 декември) кога се одржа вонредното изборно генерално собрание на ФФМ.
Како што соопштија од федерацијата, Омерагиќ со акламација е избран за прв човек на македонскиот фудбал.
Во обраќањето, тој порача дека „нема волшебно стапче, но има и визија и трпение и добар тим околу себе“.
„Рак рана години наназад беше корупцијата и врските како начин за успех каде што многу млади вистински таленти се демотивираа и откажуваа од фудбалот. Во многу од државите фудбалските работници го променија тоа, на ред сме ние. Нулта толеранција за корупција во фудбалот и вистинска шанса за секој квалитетен талент кој мотивирано ќе работи да се докаже и успее, а успехот на секое дете помогнат од нас, ќе биде успех на целата јавност и држава“, рече Омерагиќ.
По вонредното собрание, тој одржал состанок со членовите на Управниот одбор на кој за потпретседател на ФФМ бил избран Марјан Стојкоски од Општинскиот фудбалски сојуз Прилеп.
За в.д. генерален секретар на Федерацијата, пак, е назначен Дрилог Ганиу, досегашен заменик на првиот оперативец во „Куќата на фудбалот“.
Две фудбалски легенди, пак, ќе бидат советници во кабинетот на Омерагиќ.
„Еден од великаните на македонскиот фудбал, Илија Најдоски заедно со нашиот поранешен репрезентативец, Агим Ибраими се назначени за советници во кабинетот на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ“, соопшти ФФМ.
Пред да дојде до изборот на новото раководство на ФФМ, изборното собрание ја прифати оставката на досегашниот претседател на Федерацијата Муамед Сејдини.
„Овие години ќе останат незаборавни за мене и верувам за сите кои го сакаат нашиот фудбал. Од историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, преку големата победа против Италија, успесите во Лигата на нации, па сè до инфраструктурните проекти кои трансформираа многу фудбалски терени во нашата земја. Сето ова е резултат на заедничката работа и посветеноста на сите нас“, рече Сејдини.
Тој беше на чело на ФФМ седум години откако на позицијата го наследи претходниот претседател Илчо Ѓорѓиоски.
Пекинг за новата американска помош за Тајван: Вашингтон да не си игра со оган
Кинеската влада излезе со критика за најновата американска најава за продажба на оружје на Тајван, предупредувајќи го Вашингтон да не си игра со оган.
Ова следува откако американскиот претседател Џо Бајден на 22 декември одобри пакет помош од 571 милион долари за Тајван.
Одделот за одбрана еден ден претходно објави дека го одобрил пакет помош од 295 милиони долари.
Во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи се повикуваат САД да престанат да го вооружуваат Тајван и да ги запрат, како што се наведува, „опасните потези кои го поткопуваат мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“.
Кина го смета Тајван за своја територија, а американската продажба на воена опрема и друга помош има за цел да му помогне на Тајван да се одбрани и да го одврати Пекинг од воен напад.
Новата воена помош доаѓа набргу по претходниот пакет од 567 милиони долари на крајот на септември. Тој вклучува и 265 милиони долари за купување на приближно 300 тактички радио системи.
Министерството за надворешни работи во Тајпеј го поздрави одобрувањето на двете продажби, објавувајќи на социјалната мрежа Икс дека со тоа се потврдува „посветеноста“ на американската влада кон Тајван.
Иранскиот лидер ги повика Сиријците да се спротивстават на бунтовничката влада
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, ги повика Сиријците да се спротивстават на новата влада предводена од бунтовниците откако беше соборен поранешниот претседател Башар ал Асад, велејќи дека бунтот бил организиран од Западот.
Говорејќи во обраќањето на 22 декември, Хамнеи рече дека Сиријците, особено младите во земјата, „со силна волја треба да застанат против оние што ја дизајнираа и оние кои ја спроведуваат несигурноста“.
Асад ја напушти земјата на 8 декември, откако организација Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) – прогласена од САД за терористичка, ја собори владата.
Асад доби политички азил во Русија од страна на претседателот Владимир Путин, додека ХТС почна да воспоставува привремена влада. Лидерот на ХТС, Риад ал-Асад, рече дека е уверен оти фракциите кои помогнаа да се собори Асад ќе се обединат како една сила.
Соборувањето на Асад многумина го сметаа за уште еден удар за Техеран бидејќи регионалните групи кои важат за сојузници на Иран и се дел од т.н. оска на отпорот, претрпеа големи неуспеси изминатите 14 месеци.
Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, беше десеткуван од Израел во војната што ја започнаа израелските сили во Појасот Газа откако оваа милитантна група во октомври изврши напад на израелска територија убивајќи над 1.200 луѓе, и земјаќи околу 250 заложници.
Тој конфликт се прошири во Либан, упориштето на Хезболах кој исто така е поддржан од Техеран. Хезболах, кој контролира голем дел од јужен Либан, се состои од милитантна група и политичка партија.
Тој е прогласен за терористичка организација од САД, додека ЕУ тоа го направи само за вооруженото крило, а не и за политичката партија.
Политичката партија на Хезболах има свои пратеници и во либанскиот парламент.
Откако групата започна напади во знак на поддршка за Хамас, Израел сериозно го ослабна и Хезболах убивајќи го нејзиниот долгогодишен лидер, како и голем дел од неговите највисоки функционери.
Договорот со посредство на САД за ставање крај на непријателствата во Либан стапи на сила минатиот месец.
Хамнеи ја минимизираше поврзаноста на Иран, велејќи дека припадниците на Хезболах се бореле против Израел врз основа на нивните верувања.
„Тие постојано велат дека Исламската република ги загубила своите прокси сили во регионот. Тоа е грешка. Ако еден ден планираме да преземеме акција, не ни се потребни прокси сили“, вели иранскиот лидер.
Русија лансираше стотина дронови кон Украина
Русија денеска (22 декември) лансираше повеќе од 100 беспилотни летала кон Украина, од кои половина биле соборени, тврди украинската војска.
Украинското воздухопловство соопшти дека кон регионите Херсон, Миколаев, Чернихив, Суми, Полтава, Харков, Запорожје, Житомир и Киев биле лансирани беспилотни летала при што 52 од вкупно 103 биле соборени.
Во овие напади, според украинската војска биле оштетени деловни објекти и станбени згради, но нема жртви.
Во последните недели, Русија ги засили своите воздушни напади против Украина, а украинскиот претседател Володимир Зеленски на 21 декември рече дека Москва само изминатата недела лансирала повеќе од 550 наведувачки бомби, речиси 550 беспилотни летала и 20 проектили.
Од почетокот на војната, Русија систематски ја гаѓа цивилната и енергетската инфраструктура на Украина, интензивирајќи ги нападите особено на почетокот на грејната сезона со што предизвикува тешкотии и прекини на електричната енергија за Украинците трета зима по ред.
Киев ја обвинува Русија дека цели на станбени згради, додека Москва ги отфрла обвинувањата.
Последниот напад со стотина дронови доаѓа еден ден откако украинските сили со дронови погодија висококатници во Казан, главниот град на руската република Татарстан, богата со нафта.
Украина инвестира многу во производството на беспилотни летала, делумно за да го компензира недостатокот на војници на бојното поле.
Претходно овој месец, украинското Министерство за одбрана соопшти дека на вооружените сили во првите 11 месеци од 2024 година им префрлило 1,2 милиони беспилотни летала.
Украинските сили изминатиот период ги користеа дроновите со долг дострел за да целат кон објекти кои се клучни за руските воени сили, како што се места со оружје и енергетски објекти. Тие се обидоа да избегнат цивилни цели делумно поради загриженост за тоа каква реакција ќе има од нивните западни поддржувачи.
Мицкоски: Не би шпекулирал каде е Груби, но не е чист како солза
Премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да шпекулира каде се наоѓа поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од ДУИ по кого е распишана меѓународна потерница како еден од осомничените во истрага за Државна лотарија.
„Различни се информациите, не би шпекулирал дали е во Албанија или Косово. Факт е дека не бил чист како солза бидејќи ако бил, немало потреба да биде бегалец од правдата - ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност“, рече Мицкоски пред новинарите во Гевгелија на 22 декември, каде присуствуваше на поставување камен темелник за изградба на трговски центар.
Изјавата на Мицкоски доаѓа откако вчера актуелниот прв вицепремиер во неговата влада и министер за животна средина Изет Меџити, во интервју за албанската телевизија „Ора њуз“ кажа дека неговите информации се оти Груби повеќе не е во Косово туку во Албанија.
На 15 декември, кога во јавноста излегоа информации дека Груби наводно избегал во Косово, тој се огласи преку Фејсбук велејќи дека дента патувал за приватна посета и веднаш штом ги заврши обврските „ќе се врати дома кај семејството“.
Веќе следниот ден, Јавното обвинителство соопшти дека отворило истрага за набавката на ВЛТ апарати во Државна лотарија.
Груби и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, се осомничени како соизвршители на делото проневера во службата, додека уште четири други лица како членови на комисијата за јавни набавки се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.
И Груби и Бајрами се недостапни за органите на прогонот, а на 18 декември за нив беше распишана меѓународна потерница. На двајцата, ден претходно, судот им одреди и мерки притвор од по 30 дена.
Истрагата за Груби следуваше откако претходно на 9 декември тој, заедно со неговото семејство и судијата Енвер Беџети завршија на црната листа на САД поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање“, кој исто така од претходно е под американски санкции.
Груби тогаш се огласи дека е „чист како солза“ и рече дека ќе се повлече од јавниот живот за да не биде ничиј политички товар.
Случајот со Груби е тема и во секојдневните прозивки меѓу политичките партии.
Најголемата опозициска партија СДСМ ја обвинува Владата и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека се виновни за бегството на Груби.
„Косовската граница е решето, отворена за бегање на криминалци и терористи. Тошковски поим нема каде се наоѓа Груби и после сите скандали треба да се поднесе оставка“, реагираа социјалдемократите преку партиско соопштение на 22 декември.
Мицкоски, пак, во денешната изјава за медиумите одговори дека пораките што ги испраќаат и СДСМ и ДУИ „не се во насока на одлучна борба против криминалот и корупцијата“ и ги обвини дека како владејачка коалиција претходно функционирале како заштитници „не само на политичките, туку на вистинските криминалци“.
УХМР најавува студен бран со врнежи од дожд и снег
Студен бран од утре (23 декември) во Северна Македонија најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според прогнозите, времето утре ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд и снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните и крајните источни делови (над 25 л/м2) на земјава, каде на планините ќе се зголеми постојната снежната покривка. Помала снежна покривка, пак, ќе се формира и во некои од пониските места.
Се очекува и засилен ветер кој во текот на ноќта ќе дува и со брзина од над 60 километри на час.
До четврток, според УХМР, ќе се задржи променливо облачно, студено и ветровито време со локални врнежи претежно од снег, особено во среда.
Денеска (22 декември), пак, утринските температури беа најниски на Попова Шапка – минус седум. Таму има и најголема снежна покривна од 32 сантиметри. Слично утрово било и во Маврови Анови со минус седум степени и снег од 29 сантиметри.
Под нулата температурата била и во Крушево, Битола, Крива Паланка, Охрид, Прилеп, Берово, Скопје, Струмица, Кавадарци, Виница и Тетово. Највисока утринска температура била измерена во Гевгелија од три степени Целзиусови.
„Водовод“: Водата во Скопје е безбедна за пиење
Водата од градскиот водовод во Скопје е безбедна за пиење, соопшти надлежното јавно претпријатие откако вчера (21 декември) се изврши сериозен зафат за санација на водоводната мрежа во главниот град.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење, со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи“, соопштија од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.
Испитувањата на водата биле извршени денеска (22 декември) од страна на секторот Санитарна контрола во рамки на јавното претпријатие.
Мониторингот, велат, опфатил девет клучни места од кои биле земени примероци: Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош.
„Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа, како и со полимераза верижна реакција метода за микробиолошката анализа“, додаваат од ЈП „Водовод и канализација“.
На 21 декември околу 2 часот беше затворен еден од двата главни вентили на скопскиот водовод со што најголемиот дел од Скопје остана без вода за пиење.
Најавениот зафат и прекинот на водата, предизвика зголемена потрошувачка на вода во маркетите, дел од угостителите најавија дека нема да работат, додека од болниците во главниот град посочија дека се подготвени да ги изведуваат итните операции.
По повеќечасовниот прекин, во попладневните и вечерните часови – зависно од населбата, жителите на Скопје повторно добија вода од градскиот водовод.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете