Достапни линкови

Бремените Ромки се соочуваат со предрасуди и дискриминација


Документарен филм за предрасудите и дискриминациите со кои се соочуваат бремените Ромки
Документарен филм за предрасудите и дискриминациите со кои се соочуваат бремените Ромки

Анкетата „Грижа за здравјето на Ромите“ покажа дека во Битола дури 32 проценти од Ромки воопшто не посетуваат гинеколог, 77,8 проценти не вршат преглед на градите, 71, 4 проценти не знаат за мамографија, 86 проценти од испитаниците не знаат кои мерки за превенција од рак се нудат бесплатно. Во однос на гинеколошките прегледи кај ромското население има многу предрасуди, посебно кога во прашање се невини девојчиња.

Бесплатните превентивни гинеколошки прегледи за бремените Ромки се многу малку искористени. Недостигаат матични гинеколози, а има и случаи на незаконската наплата на услуги кај некои од нив, кои инаку се бесплатни. На ова укажа документарниот филм „Дали си подготвена“ снимен во рамки на Кампања за подигање на јавна свест за репродуктивно здравје и здрава бременост кај ромското население преку проектот „Баир- Здружена акција“.

„Имав регистрирано матичен гинеколог кој почна да ја води мојата бременост. Во почетокот на мојата бременост кога и да направев преглед секогаш ми беше наплаќан. Иако бев свесна дека не е во ред од негова страна, радоста која ја чувствував ми беше поважна и не сакав да се занимавам околу правата кои ми беа злоупотребувани. На крај решив да се откажам од него и си регистрирав друг гинеколог кој редовно ја следеше мојата бременост без да ми наплати ни еден денар“, раскажува Узурџан Маликовска, ромски здравствен медијатор.

Таа додава дека Ромките тешко успеваат да регистрираат матичен гинеколог од женскиот пол.

„Традицијата и културата на муслиманските жени не дозволува матичен гинеколог од машкиот пол, па затоа сакаат прегледите да им ги извршува жена. Но, често се случува да бидат одбиени зашто бројот е пополнет и немаме место за нови пациенти“, вели Маликовска.

Узурџан Маликовска , ромски здравствен медијатор.
Узурџан Маликовска , ромски здравствен медијатор.

Тони Анастасиевски, специјалист гинеколог-акушер, матичен лекар на поголем број Ромки вели дека редовните прегледи се значајни зашто голем дел од родилките се малолетни, а кај некои и бременостите се зачестени, една по друга.

„Забележувам дека кај нив најчесто имаме забременување од 14 до 16 години, а главните проблеми настануваат по раѓање гледано од социо-психолошки аспект зашто има незрелост да се биде родител. Важно е втората или третата бременост да биде неколку години по првата кога ќе бидат зрели родители“, вели Анастасиевски.

Гинекологот и акушер Емилија Јашовиќ –Сивеска укажува дека „на бремената жена која е прворотка ѝ следуваат бесплатно 10 гинеколошки прегледи, а на повеќеротката седум, кои не мора секогаш да се ултразвучни“.

Анкетата „Грижа за здравјето на Ромите“ направен во проектот покажа дека во Битола дури 32 проценти од Ромки воопшто не посетуваат гинеколог, 77,8 проценти не вршат преглед на градите, 71, 4 проценти не знаат за мамографија, 86 проценти од испитаниците не знаат кои мерки за превенција од рак се нудат бесплатно. Во однос на гинеколошките прегледи кај ромското население има многу предрасуди, посебно кога во прашање се невини девојчиња.

„Девојките немаат доволно знаење. Се прашуваат што ќе се случи ако одам на гинеколог, ќе ја загубам невиноста? Што ако некој ме види, што ќе каже за мене дека не сум невина? Истото го мислат и нивните родители. Не знаат дека кога одиш на гинеколог постојат посебни прегледи, те прашуваат дали си или не невина. Постапката во тој случај е друга и не можеш да ја загубиш невиноста’’, вели Фатма Бајрам–Аземoвска од „Сумнал“ –Битола.

Филмот „Дали си подготвена“ зборува за многу работи поврзани со здравјето на Ромките кои досега биле премолчувани. Финансиран е од Европска Комисија во партнерство на италијанската невладина организација -COSV, Преда Плус Фондација и Општина Битола.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG