Достапни линкови

„Тие одат во Украина“- социјалните мрежи фрлаат светлина врз воената мобилизација на Русија


Доказите собрани од социјалните мрежи покажуваат дека руските војници и опрема масовно се преместуваат од Далечниот исток на земјата. (слика од датотека)
Доказите собрани од социјалните мрежи покажуваат дека руските војници и опрема масовно се преместуваат од Далечниот исток на земјата. (слика од датотека)

Десетици објави на социјалните мрежи ја откриваат трагата на руските воени единиците кои се испраќаат во региони во близина на Украина, откри истрагата на рускиот сервис на РСЕ, додавајќи докази за активност за која западни официјални лица страхуваат дека е увертира за нова офанзива. Марк Крутов

Објавите на руски јазик на социјалните мрежи помагаат да се разоткријат обемот и природата на воената мобилизација на Москва во услови на зголемени тензии со НАТО и ја расветлуваат загриженоста изразена од роднините на војниците кои се упатени на запад во очигледно распоредување во близина на Украина, покажа заедничката истрага на Рускиот сервис на РСЕ и покажува Тимот за известување на конфликти (CIT).

Истрагата, делумно заснована врз реакциите на бројните објави на платформата за споделување видеа TikTok од луѓе кои се чини дека се руски војници, како и размената со пријателите и роднините кои се автори на некои од коментарите, придонесуваат за зголемените докази за засилување на руската војска во близина на Украина, додека преговорите меѓу Русија и Западот продолжуваат без никаков напредок досега.

Иако објавите не даваат конкретна индикација за тоа дали претседателот Владимир Путин одлучил да започне нова воена офанзива насочена кон Украина, тие служат како доказ дека војниците и опремата масовно се преместуваат од Далечниот Исток на Русија и нудат редок поглед на стравувањата што ги искажуваат роднините на војниците.

Во околу половина од објавите, забележува истрагата, пријателите и роднините на руските војници пишуваат за испраќањето на војниците „на задача“ или „на обука“.

Повеќето јасно кажуваат дека дестинацијата на тие патувања е Белорусија, северниот сосед на Украина и цврст руски воен сојузник, додека други помалку конкретно велат дека одат во области во близина на Украина.

Ненадејната најава за заеднички руско-белоруски воени вежби во Белорусија следниот месец ја зголеми загриженоста дека може да биде неизбежна инвазија на Украина. „Мојот сопруг исто така замина за Белорусија на 7 јануари“, напиша една жена на социјалните мрежи.

САД ја зголемуваат воената помош за Украина додека растат тензиите со Русија

Во допишување со рускиот сервис на РСЕ на 18 јануари, жената, која одби да го каже своето име, рече дека нејзиниот сопруг го напуштил регионот Забајкалие на далечниот исток на Русија и сега е во Брест, во близина на границата на Белорусија со Полска.


Друга жена, од Владивосток на Далечниот Исток, на видео објавено на социјалните мрежи наведе дека нејзиниот партнер -- член на руската поморска пешадиска бригада 155 -- заминал „но, не на обука“, што имплицира дека бил на мисија што може да вклучи борба. Контактирана од новинар на РСЕ, таа рече дека нејзиниот партнер е испратен „во Украина“, без да разјасни од каде го знае тоа.

Од есента, американски и други официјални лица предупредуваат дека разузнавачките податоци покажуваат оти Русија се подготвува за можна нова инвазија на Украина, по заземањето на Кримскиот Полуостров во март 2014 година и поддршката на сепаратистичките сили во источниот регион познат како Донбас од април 2014 година.

Последната проценка на Киев е дека Русија собрала околу 127.000 војници во близина на границите на Украина. Руските власти постојано велат дека Москва не планира нова инвазија врз Украина. Но, има и коментари кои не исклучуваат операција која навидум би била одговор на провокација од Украина.

Руски воени конвои на Крим
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

Белата куќа во минатата недела ја обвини Русија дека испраќа диверзанти во источна Украина со цел да организира инцидент што може да даде изговор за инвазија доколку не се исполнат огромните барања на Москва за промени во европската безбедносна архитектура, вклучително и крај на проширувањето на НАТО.

Ердоган ја повика Русија да не ја напаѓа Украина

Русија соопшти дека заедничките руско-белоруски вежби треба да започнат на 9 февруари и да траат 10 дена. Но, коментарите на социјалните мрежи сугерираат дека на оние што се испраќаат во Белорусија често им се дава многу долг временски рок, односно нема индикации за тоа колку долго ќе бидат отсутни. „Не е јасно за колку месеци тие одат“, напиша една жена.


Анализата на профилите на социјалните мрежи испратени од роднините на руските војници сугерира дека голем дел од војниците кои се упатуваат на запад од далечниот исток на Русија им припаѓаат на групи како поддршка на воената полиција, специјалните сили и тактичките тимови.

Западната разузнавачка заедница и независните аналитичари се поделени во нивните предвидувања за најверојатната форма на евентуалната руска воена кампања против Украина, но повеќето експерти се согласуваат дека е мала можноста за копнена инвазија што ќе доведе до обид за заземање на украинските градови, бидејќи тоа може да ја остави Русија заглавена во долготраен конфликт.

Објавите што ги анализираше CIT дополнително укажуваат дека голем дел од рускиот воен контингент кој пристигна во Белорусија можеби го запрел своето патување далеку од областа на заедничките вежби и наместо тоа се сместил околу градот Хомел, на само 40 километри од границата со Украина.

Украина тврди дека има докази за вмешаност на Русија во сајбер нападите

Тврдењата на роднините на некои војници дека нивните синови, браќа или сопрузи добиле наредба да патуваат на „вежба“ содржат ехо од 2014 година, кога руските војници испратени на границата со Украина не биле однапред предупредени дека ќе бидат вклучени во воен конфликт.

CIT наведува дека коментарите што се однесуваат на стотици војници кои се упатуваат на запад од Далечниот исток сугерираат дека формациите може да останат во Белорусија и во западна Русија уште многу месеци.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG