Но, со оглед на тоа што западната воена алијанса нема обврска да ја брани Украина, која не е членка на НАТО, некои од најтешките одлуки би можеле да паднат врз Европската унија.
Тие вклучуваат како да се удри Москва со какви било нови економски санкции, последиците од каков било недостиг на руски природен гас во Европа и прифаќањето луѓе кои бегаат од војна.
Лукашенко најави воени вежби на Белорусија и Русија
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека дипломатијата во минатата недела околу правно обврзувачките безбедносни барања дошла до „ќорсокак“.
Експертите се поделени околу тоа дали Русија ќе ја нападне Украина. Кремљ собра 100.000 војници во близина на границите на Украина за што западот вели дека е подготовка за војна за да се спречи Украина некогаш да му се приклучи на НАТО. Русија негира дека планира инвазија.
НАТО веќе ја интензивира стратегијата што ја применува откако Русија го анектираше полуостровот Крим од Украина во 2014 година, со повеќе одбранбено воено планирање, поддршка на Украина со тимови за сајбер војна и барање дијалог со Москва.
Бидејќи постои ризик од прелевање на каков било конфликт на територијата на НАТО околу Црното Море, Алијансата се соочува со дилемата колку повеќе да се подготви и како да го поддржи Киев.
Иако НАТО се согласи на самитот во Букурешт во 2008 година дека Украина еден ден ќе стане членка на НАТО, Алијансата не е обврзана со нејзиниот основачки договор да ја брани Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден ја отфрли можноста за испраќање американски војници во Украина за да се борат против руските војници.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на 30 ноември рече: „Важно е да се направи разлика помеѓу сојузниците на НАТО и партнерот Украина... Украина е партнер, високо ценет партнер“.
Двајца дипломати на НАТО за новинекста агенција Ројтерс изјавија дека чекорите на Западот за поддршка на Украина може да се движат од повеќе американско вооружување и беспилотни летала за украинските вооружени сили до засилена обука на украинските војници - особено на начините за реагирање на какви било руски ракетни напади.
Русија ќе прибегне кон воени средства за безбедност доколку политичкиот курс не успее
Британија веќе почна да ја снабдува Украина со противтенковско оружје. Столтенберг рече дека западната воена алијанса ќе потпише договор за поблиска соработка во сајбер-безбедноста со Киев во наредните денови, без да даде повеќе детали, по сајбер нападите врз веб-страниците на украинската влада во минатата недела.
НАТО се фокусира врз Балтикот
Ханс-Лотар Домроез, пензиониран германски генерал кој водеше една од највисоките команди на НАТО до 2016 година, рече дека доколку Русија ја нападне Украина, НАТО „ќе го подигне нивото на тревога“.
„НАТО би можел да го зајакне источниот фронт, испраќајќи поголеми воени единици во Полска и балтичките земји, нешто што НАТО досега го отфрлаше. НАТО, исто така, би можел да отвори база на трупи во југоисточна Европа“, изјави тој за Ројтерс.
Тоа сепак би било во одбрана на територијата на НАТО, но би испратило порака за решителност до Русија.
Од 2014 година, НАТО има приоритет за зајакнување на Балтикот и распореди четири мултинационални борбени групи со големина на баталјон предводени од Канада, Германија, Британија и САД во Летонија, Литванија, Естонија и Полска.
Естонскиот премиер изјави за Ројтерс дека балтичките земји разговараат со сојузниците за зголемување на воените распоредувања на нивна територија, а Столтенберг рече дека секој руски напад врз Украина ќе ја поттикне одлуката.
Столтенберг ја предупредува Русија дека скапо ќе плати ако ја нападне Украина
Данска минатата недела се согласи да испрати уште четири воени авиони Ф-16 во Литванија и фрегата за да помогне во патролирањето на Балтичкото Море.
Се работи и на тоа да дојдат повеќе американски војници и оружје од преку Атлантикот.
Можно прелевање во Црноморскиот регион
Пензионираниот американски генерал Бен Хоџис, кој командуваше со силите на американската армија во Европа од 2014 до 2017 година, вели дека сојузниците на НАТО треба да се подготват за пошироки последици од каква било руска инвазија на Украина.
Тој предупреди дека милитаризираниот полуостров Крим стана руски „непотоплив носач на авиони“.
„Би очекувал дека ако има нова офанзива од значителни размери, постои можност за прелевање, без разлика дали е на море, во воздух, сајбер просторот“, изјави Хоџис за Ројтерс, наведувајќи:
„Ако има нова офанзива, тогаш имаме три сојузници на НАТО во регионот на Црното Море: Романија, Бугарија и Турција. Треба да ги преземеме сите чекори за нашата колективна одбрана“.
Двајцата дипломати на НАТО рекоа дека сојузничките министри за одбрана најверојатно следниот месец ќе разговараат за испраќање повеќе сили во седиштето на мултинационалната дивизија на НАТО во Романија.
Хоџис вели дека посуштински оперативен центар ќе вклучува повеќе поморски и воздушни вежби, размена на разузнавачки информации, поголемо следење на руските подморници и комерцијални посети на пристаништа на Крим и на крајот подобра подготовка за конфликт.
Романија се залага за поголемо поморско присуство на НАТО на Црното Море, но нејзиниот сосед Бугарија е претпазлив да не ја провоцира Русија.
Клучно би било вклучувањето на Турција, членка на НАТО, но не и на ЕУ.