Достапни линкови

На Путин му се брза да добие одговор од Запад – блеф или?


Рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата годишна прес-конференција во Москва на 23 декември.
Рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата годишна прес-конференција во Москва на 23 декември.

Со сеопфатните безбедносни барања на Русија и стравувањата од нова инвазија врз Украина во фокусот, претседателот Владимир Путин ја искористи својата годишна прес-конференција за да сигнализира дека Кремљ сака резултати од разговорите со Западот - но нема да чека долго. Стив Гутерман

Пораката на рускиот претседател Владимир Путин до Соединетите Држави, НАТО и Киев на неговата годишна прес-конференција може да се сумира вака: „Среќни празници - а потоа, ќе видиме“.

Кореографираниот, речиси четиричасовен настан на 23 декември беше проследен со внимание по руското военото трупање во близина на границите на Украина и повиците на Москва за опсежни „безбедносни гаранции“ од Вашингтон и НАТО, како и имплицитната закана повторно да го нападне својот сосед доколку неговите барања не се задоволени наскоро.

Белата куќа: нема договор за нови разговори Бајден-Путин

Во забелешката што изгледаше дизајнирана да ја намали загриженоста дека руска офанзива би можела да биде неизбежна, Путин рече дека Русија „досега видела позитивна реакција“ на, како што Москва ги нарекува, нејзините предлози.

Всушност, тие се барања за радикални промени на безбедносната инфраструктура изградена во Централна и Источна Европа од распаѓањето на СССР во 1991 година и крајот на комунизмот во регионот. Американските власти веќе рекоа дека некои од овие барања се неприфатливи.

„Нашите партнери од САД ни кажаа дека се подготвени да ја започнат оваа дискусија, овие разговори, на самиот почеток на следната година. Се надевам дека тоа ќе биде така“, рече Путин.

Ова беше пресврт од 180 степени на она што го рече заменик-министерот за надворешни работи задолжен за односите со САД за одговорот на Западот пред помалку од една недела, па се чинеше дека сигналот е дека дипломатијата сега ќе дојде до израз.

„Се чинеше дека Путин малку се оградува од агресивното држење што го зазеде претходно, изразувајќи оптимизам за разговорите со САД следниот месец“, изјави за РСЕ Вилијам Кортни, поранешен директор за Русија, Украина и Евроазија на Белата куќа, наведувајќи:

„Не би ме изненадило сега да има дебата во Кремљ, или меѓу политичките елити, за мудроста да се започне војна. Секако, од економска перспектива, неговите економски советници мора да му кажат дека последиците од нивното однесување би можеле да бидат поразителни“.

„Дајте ни гаранции!“

Во исто време, Путин изгледаше решен да ѝ каже на публиката дома и во странство дека Москва нема да чека долго на конкретни дејствија за да се смират, како што вели, нејзините безбедносни грижи. „Треба да ни дадете гаранции. Вие! И без никакво одлагање! Сега!“ рече Путин, мислејќи на Западот.

Путин разговарал со Макрон и Шолц за односите НАТО-Русија

Со намера да ја отфрли идејата дека военото засилување може да биде блеф или дека Москва би можела да биде задоволна само со разговори, тој рече дека дејствијата на Русија ќе зависат „не од тоа како ќе течат разговорите, туку од безусловното осигурување на безбедноста за Русија“.

Притоа тој го повтори едно од главните барања на Москва, велејќи: „Јасно и прецизно им дадовме до знаење дека секое понатамошно проширување на НАТО кон исток е неприфатливо“.

Тоа е став за кој западните официјални лица пак, велат дека е неприфатлив, бидејќи Русија не може да има вето за членството во НАТО за Украина или која било друга земја.

Путин ги повтори неоснованите или неаргументираните аргументи - вклучително и сугестијата дека Западот сака да ја искористи Украина како терен за растурање на Русија.

Најмалку двапати, тој даде забелешки кои директно го доведуваат во прашање правото на Украина да биде суверена држава, нешто што тој го направи и во минатото.

Путин налутено се нафрли со едно од централните тврдења што ги поткрепуваат барањата на Русија, тврдејќи дека НАТО ја „излажал“ Москва во 1990-тите мислејќи дека нема да ги прифати поранешните држави од Варшавскиот пакт или поранешните советски републики.

Одржување на притисокот врз Киев?

Путин, исто така, ја повтори својата критика кон владата на Володимир Зеленски, демократски избраниот претседател на Украина.

И тој го повтори своето неосновано тврдење дека падот на Виктор Јанукович, претседателот пријател на Москва, кој побегна од Украина во 2014 година по неколкумесечни проевропски протести во Киев, беше резултат на „крвав државен удар“ поддржан од Западот.

Поентата можеби беше да се продолжи притисокот врз Киев и Западот, а во исто време да се сигнализира дека Москва се надева на напредок во разговорите.

Дали таа надеж е вистинска е предмет на дебата меѓу политичките аналитичари, од кои некои мислат дека Русија планира да ги искористи своите предлози како изговор за воена акција против Украина.

Шефот на НАТО Столтенберг ја повтори поддршката за Украина

Други веруваат дека зголемувањето на околу 100.000 војници во близина на границите на Украина и на Крим кој е контролиран од Русија е поверојатно да биде лост за да се добие барем дел од она што Москва го сака од Киев и Западот.

„Мислам дека не сме стигнале, па дури и приближиле до точката од која нема враќање во однос на можна нова руска офанзива против Украина“, изјави Џон Хербст, поранешен американски амбасадор во Украина, додавајќи: „Не се сомневам дека Путин може да ја сврти својата политика, ако чувствува потреба за тоа. Путин игра на отстапките што ќе ги добие со закани“.

Украински војници подготвени за можен руски напад
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:52 0:00

Путин традиционално ја одржува својата годишна прес-конференција во декември. Во овој случај, времето се чинеше дека одговараше на целите на рускиот лидер, кој често користи реторика за навидум надворешни закани за да собере поддршка и да го одвлече вниманието од проблемите дома.

Путин започна со поставување на неколку прашања за економијата, како што тоа често го прави, и како и обично, неколку новинари прашаа за проблемите со квалитетот на животот што ја мачат Русија 30 години по распадот на Советскиот Сојуз и 22 години откако тој првпат стана претседател.

Русија и Кина во обединет фронт за време на зголемени тензии со Западот

Имаше и вообичаени меки топки, како на пример во кој руски град би живеел, не вклучувајќи ги Москва или Санкт Петербург. (Неговиот одговор: Санкт Петербург, неговиот роден град.) Но, најмалку три од 35-те прашања беа фокусирани на ситуацијата околу Украина.

Провокативни коментари

Таа земја беше предмет на бројни провокативни коментари од Путин, коментари кои доведоа до зголемена загриженост за неговите намери. Москва го контролира украинскиот регион Крим и ги поддржува сепаратистите кои држат делови од две источни провинции од 2014 година.

И додека ги повторуваше тенденциозните тврдења за Украина, НАТО и Западот, Путин исто така ги повтори долгогодишните позиции за прашања како што се труењето и затворањето на непријателот на Кремљ Алексеј Навални, поширокото задушување на граѓанското општество и несогласувањето што драматично ескалираа во минатата година.

Тој, исто така, ги допре и ги отфрли новите откритија за тортурата зад решетки во Русија и сè уште неразјаснетите атентати на истражувачката новинарка Ана Политиковскаја во 2006 година и на опозицискиот политичар Борис Немцов во 2015 година.

Без докази, тој даде неколку сугестии кои критичарите ги отфрлаа како неискрени или лажни во минатото: дека противниците на Кремљ како Навални се пиони во странски заговори со цел да ѝ нанесат штета на Русија „од внатре“; дека затворската тортура не е полоша отколку во западните земји; и дека односот на Русија кон поединци и групи кои се сметаат за „странски агенти“ е помалку угнетувачки отколку во западните земји како што се Соединетите држави и Британија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG