Достапни линкови

Ескобар: Работиме на што побрза евроинтеграција на Северна Македонија


Габриел Ескобар и Бујар Османи
Габриел Ескобар и Бујар Османи

Специјалниот американски претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар порача дека со европските партнери работат на тоа да обезбедат побрза евроинтеграција на Северна Македонија. Министерот Османи вели дека нема намера да ги намали очекувањата, во декември да има одлука за почеток на преговорите

Со порака за силна поддршка на американската администрација за брза евроинтеграција на земјата, заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар си замина од Скопје. По средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи тој се заблагодари за континуираната поддршка и посветеност на Северна Македонија во НАТО и истакна дека заедно со европските партнери работат за да обезбедат побрза интеграција на земјата во Европската Унија.

„Сакам да ја изразам нашата благодарност до Северна Македонија за нивната континуирана поддршка и посветеност кон НАТО и исто така сакам да ја изразам силната поддршка на нашата администрација за брза евроинтеграција на Северна Македонија и ние работиме со нашите европски партнери да обезбедиме тоа да се случи многу брзо. Мислам дека сите може да се согласиме дека Северна Македонија културно, историски и сè повеќе економски е дел од Европа и вие треба да имате свое место на масата. Во тој поглед, ние ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да покажете флексибилност во процесот на интеграција и во спроведувањето на натамошните реформи тоа да стане реалност. Дополнително, истражуваме можности за зајакнување на водечкото место на Северна Македонија во меѓународните односи за да најдеме решение за прашањата кои се предизвик за Алијансата и за регионот на Балканот и Европа во целост“, изјави Ескобар на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи се заблагодари за поддршката на Соединетите Држави, која како што рече, е стратешка и недвосмислена.

Ескобар - На Северна Македонија местото и е во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:24 0:00

„САД биле со нас и не поддржувале и во добро и во лошо. Во моменти на големи искушенија и кризи ни помогнале да останеме на вистинскиот пат посветени на нашите заеднички евроатлантски вредности. Тоа не беше секогаш лесно, ама секогаш беше неопходно да се продолжи напред и покрај различните предизвици и проблеми. Охридскиот рамковен договор и договорите со Бугарија и Грција се наш успех и заедничка вредност за сите. Ги постигнавме затоа што секогаш ја имавме поддршката од нашите партнери на прво место САД. Заедно успеавме да ја трансформираме нашата држава, да ја зајакнеме демократијата, да ги подобриме односите со соседите и да ја зголемиме регионалната соработка. Продолжуваме заедно и во иднина со посветена работа да ги реализираме нашите заеднички и стратешки цели и интереси“, истакна Османи.

На новинарско прашање дали Ескобар ќе оди и во Софија и дали се очекува притисок и врз бугарска страна, Османи не сакаше да коментира во негово име, но истакна дека на средбата со Ескобар забележал сериозна посветеност и проактивност на САД за Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите. Османи вели дека разговорите со Бугарија се интензивни и продолжуваат.

„Нам ни е таргет декември. Слушам во јавноста дека не требало да ги креваме очекувањата. Но јас немам намера да го спуштам интензитетот за започнување на преговорите. Јас ќе работам тоа да се случи до 14 декември, но ќе работам и после тоа до крајот на словенечкото претседателство, а и потоа“, рече Османи.

На 14-ти декември е формалниот состанок на Советот за општи работи на министрите на ЕУ, но тоа не значи дека тоа е единствената шанса за декември, рече Османи. Тој додаде дека словенечкиот министер за надворешни работи го уверил дека и после 14-ти во било кој ден до крајот на годината, словенечкото претседателство може да свика вонреден состанок на министри за Европа доколку дојде информации од Бугарија дека се подготвени да ја поддржат преговарачката рамка и одлуката за почеток на преговори.

Претходно, Ескобар се сретна и со премиерот Зоран Заев и со претседателот Стево Пендаровски, од чиј кабинет соопштија дека двајцата разговарале за севкупните билатерални односи помеѓу Република Северна Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.

„Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративниот процес позитивно ќе се одрази на севкупната стабилност и развојот на регионот. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката на американската администрација, и лично на заменикот помошник државен секретар Ескобар, во однос на потребата за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ“, соопштија од претседателскиот кабинет.

Инаку Габриел Ескобар ја презеде новата должност- заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи во американскиот Стејт департмент на седми септември годинава.

Ескобар има дипломатско искуство на Западен Балкан каде што во периодот од 1998 до 2001 година имаше четири последователни мандати во повеќе држави. Покрај заменик амбасадор во Србија тој беше на служба и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG