Достапни линкови

Македонската и грчката младина во една мрежа: Без младите нема помирување


Фотографија од форум за вмрежување на младите од Македонија и Грција
Фотографија од форум за вмрежување на младите од Македонија и Грција

Младите да зборуваат едни со други, а не едни против други, беше една од потенцираните идеи на Форумот за младинско вмрежување меѓу Македонија и Грција, на кој учесниците ги претставија младинските врски како важен клуч за целосно помирување на двете држави

Создавање неформална мрежа за соработка која ќе го поддржи и забрза дијалогот, помирувањето, толеранцијата и отвореноста за соработка меѓу младите од Македонија и Грција беше темата на „Форумот за врмежување на релевантни чинители од Македонија и Грција“, кој викендов се одржа во Скопје. Стремежите, како што беше потенцирано на Форумот, се младите да зборуваат едни со други, а не едни против други и затоа треба да се вложува во таква пријателска мрежа. Само така, заклучија учесниците, ќе има вистинско помирување.

„Секој цент инвестиран во младите луѓе е добро потрошен цент. Затоа мора да продолжиме да ги поддржуваме напорите за соработка на младите од Северна Македонија и Грција, бидејќи без младинска соработка не е возможно да дојде до вистинско помирување“, изјави германската амбасадорка во Македонија, Анке Холштајн, која учествуваше на Форумот.

Грчкиот амбасадор во Македонија, Русос Кундурос, додаде дека „Младинската размена меѓу нашите две земји ќе придонесе кон сигурност и стабилност на регионот на Западен Балкан и на неговата иднина во ЕУ“.


На Форумот учествуваа над 50 претставници на академската заедница, граѓанскиот сектор и јавните институции од Македонија и Грција. Организатор беше „Младински сојуз Крушево“.

„Клучната улога во развојот на младинската соработка меѓу Северна Македонија и Грција ја има граѓанското општество од двете земји. Сепак, тоа не значи дека граѓанскиот сектор и младите треба да се остават сами да ги развиваат овие прелиминарни канали на соработка туку треба сите чинители здружено да се вложат за создавање институционален механизам за младински активности и размена меѓу двете земји“, беше еден од заклуоците донесени по завршувањето на Форумот.

„Фондацијата Фридрих Еберт ја поддржува младинската соработка која се стреми да ги зближи младите и да ги поттикне да зборуваат едни со други, а не едни портив други. Само со размена и соработка може да се создадат нови пријателства, да се скршат долгогодишните предрасуди и стереотипи и со здружени прогресивни иницијативи и идеи да градат подобра иднина за двете општества“, рече на Форумот Рене Шлее, директор за Северна Македонија на Фондација „Фридрих Еберт“.

Дел од учесниците на форумот за младинско вмрежување во Скопје
Дел од учесниците на форумот за младинско вмрежување во Скопје

Учесниците нагласија дека „натамошното унапредување на соработката меѓу двете земји, особено зависи од зајакнувањето на контактите меѓу младите луѓе, воспоставување мрежа меѓу младите, градење доверба и споделување идеи засновани на младинскиот интерес, приоритетите, реалноста на земјата“.

Форумот е дел од втората фаза на спроведување на иницијативата за основање на канцеларии за младинска соработка помеѓу Македонија и Грција, предводена од “Младински сојуз” од Македонија, а во соработка со “Association of Active Youths of Florina” и “SEE in Action” од Грција. Иницијативата е поддржана од амбасадите на Германија и САД.

XS
SM
MD
LG