Американскиот дипломат Габриел Ескобар денеска имаше обраќање пред Поткомитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на седницата за ангажманот на САД во Западен Балкан. Ескобар одговараше на прашањето на претседавачачот на Комитетот, Бил Китинг, за тоа што американската администрација може да направи кога е во прашање бугарската блокада на европскиот пат на Северна Македонија.
„Исто така работиме со нашите партнери во ЕУ, кои се согласуваат со нас, дека тој спор треба да се реши што е можно поскоро. Сите имаме договор дека е во стратешки интерес на САД и на ЕУ Северна Македонија и Албанија да станат членки на ЕУ. Се надеваме дека тоа ќе биде решено и дека Северна Македонија и Албанија ќе отворат пристапни преговори оваа календарска година“, рече Ескобар.
Тој вели дека најсилната порака што сега ЕУ може да ја даде е да закаже почеток на преговори за членство на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ пред крајот на оваа календарска година.
„Двете земји завршија тешка работа која се бараше од нив. Одложувањето да започне процес и после одлуката на Европскиот совет од март 2020 сее сомнеж во целиот регион и ризикува да ја наруши надежта на новите генерации кои сакат европска иднина“, порача Ескобар во своето излагање.
Тој потсети дека токму поради тоа американскиот државен секретар Ентони Блинкен и високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел на 14 октомври издадоа заедничка изјава во која потврдуваат дека членството во ЕУ е единствениот пат за регионот да оти напред.
Бриселскиот договор единствена платформа за Србија и Косово
Ескобар во уводниот дел од обраќањето изјави дека САД даваат поддршка на Бриселскиот дијалог со посредство на ЕУ, како најдобар пат за нормализација на односот меѓу Србија и Косово. Тој потсети дека минатиот месец му пружи поддршка на специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак во напорите ЕУ да изврши притисок на Белград и Приштина да ги намалат тензиите за регистарските таблички и да постигнат договор за решение кое остава простор за се фокусираат на покомплицираните прашања.
„Заедно јасно ставивме до знаење дека Бриселскиот дијалог е платформа на која двете страни мора рамноправно да работат на решавање на своите разлики и нормализација на односите“, вели Ескобар. Тој вели дека САД ќе им помогнат на двете страни да ги спроведат договорите кои претходни ги постигнаа.
Ние работиме со нашите партнери од Европската унија на воведување санкции против дестабилизирачките дејствија на Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, соопшти Габриел Ескобар, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и Евроазиски прашања при Стејт департмент.
САД и ЕУ соработуваат за воведување санкции против Милорад Додик
Запрашан од конгресменката Ен Вагнер што прават САД во врска со сецесионистичките изјави на Милорад Додик и опструкциите на институциите, Ескобар рече дека Вашингтон гледа на БиХ „исклучиво како на мултиетничка, инклузивна и демократска земја“ и најави дека ќе пристигне во ноември официјална посета на БиХ.
Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), најголемата партија на босанските Срби, во октомври повеќе пати изјави дека ќе прогласи независност на РС за шест месеци, освен ако не се вратат надлежностите на овој ентитет.
Ова подразбира повлекување на одобренијата за формирање на вооружените сили на БиХ, Високиот судски и обвинителски совет на БиХ и Управата за индиректно оданочување на БиХ.
Во своето воведно обраќање пред Поткомитетот за надворешни работи, Габриел Ескобар рече дека САД и ЕУ „вршат притисок“ врз БиХ да ги забрза реформите на патот кон европската интеграција.
На прашањето на конгресменката Клаудија Тени дали 26 години по Дејтонскиот мировен договор, со кој се стави крај на војната во БиХ, би поддржал создавање на нов договор „Дејтон 2“, Ескобар одговори дека не би учествувал во тоа.
За Црна Гора е важен демократскито напредок, а не националистичката реторика
Ескобар во своето обраќање пред членовите на поткомитетот рече дека партнерството на САД со Црна Гора е „партнерство со земја, нејзиниот народ и нивните демократски институции, а не со која било политичка партија“.
Тој додаде дека американската администрација е спремна да работи со сите црногорски партнери „кои ја делат визијата за суверена, инклузивна, демократска земја“ и која напредува во неопходните реформи „како аспирант за членство во ЕУ, држејќи се до своите свечени ветувања како цврст сојузник во НАТО“.
„Ова може да се унапреди низ инклузивен дијалог, кој го вклучува и граѓанското општество и кој е фокусиран на целите кои ги обединуваат граѓаните на Црна Гора – мир, демократски напредок, економски развој, отколку на политиката на идентитети и националистичката реторика која го дели“, рече Ескобар.
По ланските парламентарни избори, на кои по 30 години на власт изгуби Демократската партија на социјалистите на актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ, се зголемија меѓуетничките тензии во Црна Гора.
Во меѓувреме, експертската влада на Црна Гора, која ја сочинуваат стручњаци, во најголем дел блиски до просрпскиот Демократски фронт и Српската православна црква, со исклучок на вицепремиерот Дритан Абазовиќ, кој е лидер на граѓанското движење УРА, е во криза.
Од почетокот на септември се водат разговори за надминување на кризата преку реконструкција на владата. Се предвидува политичките партии да кандидираат свои претставници, но засега најмалата членка на мнозинството УРА се противи на тоа.
На прашање на конгресменката Клаудија Тени што прави американската администрација за да се осигура дека црногорската влада се држи до зацртаниот пат кон ЕУ и обврските кон НАТО, со оглед на влијанието на прорускиот Демократски фронт, Ескобар рече дека минатата недела црногорската делегација го посетила Вашингтон и дека американската страна извршила Притисок за Подгорица да го задржи проевропскиот курс и оти добиле уверување на владата ќе се држи до договорот.
„Ја истакнавме нашата загриженост поради Демократскиот фронт и тие признаа дека секој член на владејачката коалиција ќе го застапува членството на Црна Гора во НАТО, ќе продолжи да ја поддржува независноста на Косово и ќе продолжи да ја спроведува политиката на европски интеграции“, рече Ескобар.
Тој најави дека за време на посетата на Западниот Балкан во ноември ќе ја посети и Црна Гора.
Влијанието на Русија и Кина
Москва и Пекинг активно се спротивставуваа на западната интеграција на Западен Балкан со ширење на дезинформации и со искористување на ранливоста за да одвратат земјите од регионот од нивните демократски патишта, порача Ескобар. А во исто време, вели тој, Русија и Кина прават економско и политичко упориште во Европа.
„Русија ги користи како оружје своите енергетски капацитети за да ги принудува политичарите, да ја поттикнува корупцијата и да го спречи потенцијалот за раст. Народна Република Кина исто така работи на проширување на своите влијание во критичната инфраструктура и со економска присила. Не можеме да им дозволиме да успеат“, рече Ескобар.
Тој објасни дека Кремљ има „значајна мрежа за ширење дезинформации и пропаганда“ која активно работи на Западниот Балкан и оти САД соработуваат со ЕУ и НАТО за да им помогнат на балканските држави да ги идентификуваат тие закани.
Ескобар рече дека САД пружиле помош од над 2,4 милијарди долари во регионот во изминатата деценија, а само оваа година се издвоени над 145 милиони долари за помош на Западниот Балкан на неговиот европски пат.
Ова е прв состанок на Комитетот за надворешни работи во Претставничкиот дом на тема напредокот на Западен Балкан.