Mинистри за здравство, за информатичко општество и администрација и без ресор задолжен за дијаспората, заменици министри во образование, култура и најверојатно во земјоделство. Ова е суминараната вест за владини позиции што ги договорија Алтeрнатива и СДСМ за влегување на досега опозициската партија во Владата. Веста е дополнета и со добивање на директорски позиции во десетици сектори.
Но, она што останува нејасно е зошто токму тие сектори, кои се измените што ги планира партијата во нивното раководење, зошто ги бара, кои различни политики ќе ги спроведе?
Според политичкиот аналитичар Јордан Шишовски и од овие преговори се покажа тоа што, како што вели, го констатираат и некои меѓународни организации, дека се уште Македонија е заробена држава, со длабоко партизиран клиентелистички систем кој е метастазиран во сите пори на власта.
„Ваков систем постои веќе 30 години во оваа држава. СДСМ дојде на власт во 2017 година токму со ветувањата дека ќе го смени овој систем и огромен број граѓани излагаа на улица токму за промена на тој систем. Меѓутоа, овие преговори покажуваат дека системот е недопрен, дека се уште имаме заробена држава и дека се уште Македонија не е република туку е еден вид акционерско друштво во кое партиите се акционери“, вели Шишовски.
И додека се уште не се знае кои се приоритетите на Алтернатива во новите министерства, какви измени би донеле и зошто партијата ги добила токму тие, главните гласини се поврзани за кадровските решенија односно кои би биле новите министри.
Менталитет на политички феудализам
Сефер Селими, политички аналитичар од Демокраси Лаб вели дека одамна е тука присутно мислењето дека преговорите за владини коалиции се само политички пазар од кои владиниот колач зависи само од бројката на пратеници со што се зголемува и нивната важност во стабилноста на владата.
„Кај нас не се бара човек за одредена позиција или професионалец за одредена позиција туку се бара позиција за одредени членови на политичката партија. Тука има менталитет на политички федуализам каде што се задоволуваат интересите на поединци во партијата, а не се зборува за квалитетни решенија за одредени позиции во државната управа“, вели Селими.
Програмата на Алтернатива, пак, ја нема на нивната интернет страница, но се наоѓа на страницата на Алијанса за Албанците бидејќи поради заедничкиот настап на ланските парламентарни избори и програмата им е заедничка.
Во неа за делот здравство и справување со пандемијата, сектор кој сега го добиваат, се наведува дека ќе воведат масовно серолошко тестирање, дека покрај Градската болница „8 Септември“ во Скопје за лекување на ковид 19 ќе вклучат и други клинички болници низ државата кои ги исполнуваат условите, дека итно ќе ги реновираат инфективни одделенија во Клиничката болница во Тетово и други болници. Но, што од ова е дел од програмата на Алтернатива, а што на Алијанса за Албанците останува нејасно оти се работи за заедничка програма.
Исто така, нејасно е чиј е ставот презентиран летово во име на двете партии дека рестрикициите за невакцининираните граѓани кои ги донесе владата го зголемуваат стравот на граѓаните за да ја прифатат вакцината и дека се спротивни со основните човекови права, дека со нив се крши правото на слободен избор на граѓаните.
Како е во други земји?
Во соседството,пак има и поинакви примери. Во Бугарија, каде што се во тек преговорите за составување на новата влада, коалиција меѓу Продолжуваме со промените, Има таков народ, Демократска Бугарија и Бугарската социјалистичка партија, се преговараше на ескпертско ниво по сектори за да се усогласи програмата на сите партии. Некои од темите беа и јавно покриени па така за областа меѓународни односи имаше шестчасовни преговори кои се емитуваа во живо.
Во Германија коалицискиот договор за формирање на новата влада меѓу Социјалдемократите, Зелените и Либералите е на дури 177 страници и во него детално е договорено кои се целите на владата и каде сакаат да ја видат Германија за четири години.
Инаку, во вака договорениот владин состав, седум министерства се по предлог на СДСМ- одбрана, внатрешни работи, правда, транспорт и врски, труд и социјала, образование и наука и култура. Не се знае во чии раце ќе биде министерство за земјоделство, кое досега го раководеше кадар на Беса кои одлучија да излезат од владината коалиција. ДУИ ги води министерство за надворешни работи, финансии, економија, животна средина и политички систем и односи меѓу заедниците. ЛДП, кои имаат двајца пратеници имаат еден министер, за локална самоуправа, а сега Алтернатива со своите четири пратеници добива три министерства- здравство, информатичко опшетство и дијаспора.
До ова дојде откако Беса која има два пратеника излезе од владата со што се намали владиното мнозинство кое имаше 62 пратеника. Сега, со влегувањето на Алтернатива тоа ќе брои 64 пратеници.