Достапни линкови

Јавното здравје и правата на невакцинираните во јавниот сектор


Ако Владата ги спроведе најавените здравствени мерки против невакцинираните административци, Конфедерацијата на синдикати се закани со органиозација на штрајкови. Министерството за здравство бара пак, поддршка за мерките. В понеделник за нив ќе одлучува кризниот штаб.

Протести и штрајк се дел од мерките кои ќе ги преземе Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија доколку в понеделник кризниот владин штаб ги усвои предложените мерки на Комисијата за заразни болести, а кои се однесуваат на невакцинираните против ковид-19 во јавниот сектор. Станува збор за мерки со кои се предвидува невакцинираните во јавниот сектор да мора или да се вакцинираат или два пати неделно да се тестираат на сопствен трошок за да одат на работа. Според претседателот на КСС Благоја Ралповски, ова се неуставни и незаконски мерки, и доколку се усвојат тие ќе преземат радикални мерки за да се спротивстават.

„Верувајте дека и колегите кои се вакцинирани се спротивставуваат на овие мерки затоа што мислам дека нехумано некого да тераме со сила да прави нешто што со закон не е одредено. Впрочем и Уставот на Македонија кажува дека вакцинирањето треба да биде доброволно и не може никој да не присили да примиме вакцина“ вели Ралповски.

Од Министерството велат дека протести или други форми на изразување на незадоволство против мерките се демократско право, но исто така, спротивно на здравствените препораки кои доаѓаат од светските здравствени институции.

„Бараме поддршка за мерките кои се во интерес на јавното здравје и заштита на здравствениот систем кој трпи огромен притисок пред сè од лица кои не се вакцинирани, а имаат потреба од болничко лекување“, велат од Министерството за здравство.

Остра реакција за новите предлог здравствени мерки стигна и од Сојузот на синдикатите.

„Ниту еден работодавач нема можност и право согласно било кој важечки Закон, ( Закон за безбедност и здравје при работа, Закон за работните односи и др) да го упатува работникот да презема одредени активности во врска со своето здравје , а при тоа да го задолжи работникот тоа да го прави на сопствен трошок“, реагира ССМ.

Доктор Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија вели дека вакцинацијата е сериозна алатка во справувањето со пандемијата.

„Ние оставаме многу долг простор и споро одиме со вакцинацијата, за да ги намалиме шансите на вирусот за прескокнување од еден на друг. Затоа мислам дека од рестриктивни мерки има потреба, нив ги гледаме и во земји кои имаат висока стапка на вакцинација, бидејќи овој бран почнува многу интензивно. Секако дека со рестрикции шансите за пренесување на вирусот ќе бидат намалени и ќе има позитивни резултати, “ вели Петличковски.

Петличковски – Вакцините функционираат одлично, но има малку вакцинирани
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:19 0:00

Според најавените мерки над 130 илјади административци за да одат на работа ќе мора да бидат вакцинирани, а доколку не сакаат да се вакцинираат ќе треба од свој џеб да платат ПСР тест. Цената на еден ПСР тест се движи од 1,500 до 2,500 денари. Ако треба најмалку еднаш неделно да се тестираат, за еден месец административците кои нема да се вакцинираат , ќе треба да плаќаат најмалку 8 илјади денари од својот џеб само за ПСР тестови.

Ралпавски вели дека мнозинството од вработените во јавниот сектор примаат минимална плата и ПСР тестовите ќе им бидат дополнителен трошок кој нема да може да го поднесат.

„Работниците во јавниот сектор се најсиромашните работници, 70 до 80 илјади од тие вработени зимаат минимална плата и да ги оптоваруваме со ПСР тестови за да можат да одат на работа мислам дека не е ни хумано ни човечки, тука се кршат основните човекови права“ вели тој.

Од друга страна пак, вакцината против ковид-19 е бесплатна. Дилемата за право на избор за една група на работници, не треба да го оспорува правото на безбедност и заштита на здравјето на другите работници. Затоа во таква ситуација КСС предлага пред да се воведат ригорозни мерки потребно е да се воведат позитивни мерки по примерот на другите соседни земји каде што преку едукација на работниците ќе се зголеми степенот на вакцинација.

Засега нема информации колкав е опфатот на имунизирани административци. Министерството за здравство ја споделува само информацијата за вкупен број на вакцинирано население, без анализа во кој сектор припаѓаат имунизираните, иако тие се заведени со матичен број во единствената база на вакцинирани.

Според податоците на синдикатите, најголем број на невакцинирани во администрацијата брои групата на млади луѓе на возраст од 25 до 35 години. Но, досега во јавноста нема официјални податоци дали е тоа така, нити зошто оваа група не сака да се вакцинира против ковид-19.

Дополнително имунизацијата за здравствените работници ќе биде задолжителна. Околу 30% невакцинирани здравствени работници исто ќе имаат обврска да се имунизираат. Ако во кој сектор работат околу 22,000 лица, сега ќе треба уште 4 до 5 илјади медицински персонал задолжително да се вакцинираат. Министерската Мила Царовска неодамна изјави дека е задоволна што најголем процент од наставниот кадар е имунизиран, односно како што вели таа, околу 75 до 80% од наставниот кадар е вакциниран.

Од министерството за здравство велат дека истите мерки кои сега ги предлага Комисијата за заразни болести се веќе воведени во многу земји во Европа и регионот, како на пример во Словенија, Хрватска и Грција, каде одамна се во сила.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG