Достапни линкови

Колективен ковид имунитет или вирусот станува ендемски


Коронавирусот се рашири низ светот кон крајот на 2019 и почетокот на 2020 година. Оттогаш имаше бројни оптимистички или песимистички прдвидувања за тоа кога пандемијата ќе заврши. По изминати две години, одговорот на ова прашање и натаму останува непознат.
Коронавирусот се рашири низ светот кон крајот на 2019 и почетокот на 2020 година. Оттогаш имаше бројни оптимистички или песимистички прдвидувања за тоа кога пандемијата ќе заврши. По изминати две години, одговорот на ова прашање и натаму останува непознат.

Едно од најпесимистичките сценарија е коронавирусот да биде присутен со години, односно глобално да не се постигне колективен имунитет, вели д-р Злате Мехмедовиќ. Според него, актуелните мерки на земјите се мерки од очај, а светот со технологија што ја поседува ќе може да ја заврши пандемијата за краток период, но само доколку за тоа има силна волја.

Додека делта варијантата на коронавирусот зема силен замав во голем дел во светот, научниците ја ставаат под прашање можноста за достигнување на колективен имунитет со вакцинација или преку природна инфекции, односно наместо тоа, се зборува за можноста вирусот да стане ендемски и да биде присутен значително голем период.

Вакцината против Ковид-19 е достапна скоро една година, нивото на вакцинација во земите е различно, но светот во моментов бележи околу половина милион инфекции дневно. Ситуацијата со новозаразени е загрижувача во повеќе европски земји како Бугарија, Хрватска, Чешка, Словачка, Словенија, Австрија, Ирска, Германија...

Доктор Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија во Скопје вели дека иако веројатно ќе биде тешко светот да достигне колективен имунитет, тој ја посочува Португалија како позитивен пример на земја која успеала да ги убеди над 80 проценти од своите граѓани да се вакцинираат. Доколку тоа се случи во други земји, вели д-р Мехмедовиќ, тогаш колективниот имунитет е реалност.

„Во однос на тоа што би било кога не би успеале да создадеме колективен имунитет, тогаш ова ќе трае со години. Најоптимистичкото сценарио дека преминувањето од пандемија во ендемски вид на болеста од коронавирусот, ќе биде во период од три до четири години. Најпесимистичкото сценарио вели дека тој период може да трае и 30 до 40 години. Ова е една од анализите која пред неколку месеци ја направија научници од САД за тоа какви се можните сценарија за движење на оваа пандемија“, вели д-р Мехмедовиќ.

Иако бројот на инфекции расте, одредени научни студии покажуваат дека вакцините против ковид се доста ефикасни во превенција на хоспитализации и смртни случаи од болеста. Но, засега никој не може да обезбеди докази за блокирање на трансмисијата на вирусот.

Д-р Мехмедовиќ вели дека е убеден оти е можно да се постигне колективен имунитет преку вакцините, бидејќи светот ја има потребната технологија и капацитети на глобално ниво. Според него, потребна е само волја и светот ќе може да достигне колективен имунитет во период од една година.

„Мислам дека тоа е можно со производство на високо ефикасна апдејтирана вакцина против актуелната делта варијанта која е се уште доминантна. Потоа нејзина дистрибуција на глобално ниво во многу кратко време, на пример од еден месец и масовна вакцинација на најмалку 75 отсто од населението со таква вакцина, која ќе има процент на ефикасност од над 95 проценти. Тогаш ќе можеме да ставиме точка на пандемијата во период од шест месеци“, вели Мехмедовиќ.

Што треба државите да направат во моментов?

Словенија во моментов е на врвот на листата земји со околу 1.600 дневно потврдени случаи на еден милион жители, како и Чешка која бележи голем раст. Ситуацијата е сериозна во Хрватска, Грција и Црна Гора, иако овие земји бележат намалување во изминатата недела, како и Германија и Британија. Ситуацијата во Северна Македонија е просек од околу 200 новозаразени случаи во седумдневен период.

График за новопотврдени ковд случаи на еден милион жители. Извор Универзитетот Џонс Хопкинс.
График за новопотврдени ковд случаи на еден милион жители. Извор Универзитетот Џонс Хопкинс.

Кризната состојбата поради високиот број на инфекции во Европа не треба да се гледа зачудувачки, со оглед дека во 99 отсто од случаите доминира делта варијантата но коронавирусот, вели д-р Мехмедовиќ. Тој го потенцира фактот дека делта сојот има зголемена преносливост за 60 проценти и зголемена инфективност од три до четири пати.

Дали треба државите посериозно да пристапат кон ситуацијата? Мехмедовиќ смета дека пристапот е сериозен во Европа и дека едниот во моментов е одење кон порадикални мерки за контрола на пандемијата, како што прави Австрија, а другиот е се уште да се апелира населението да го зголеми процентот на вакцинација, каков што е случајот во Германија.

„Треба да се оди кон репресивни мерки. Тоа ќе бидат мерки кои што се од очај, мерки кои се резултат на тоа што не беше направено нешто позначајно во изминатиот период, бидејќи требаше повеќе да се едуцира населението, помалку да се остави простор за дезинформации и за ширење невистини околу ефикасноста и безбедноста на вакцините. Тоа не се случи кај нас, не се случи ниту во многу од земјите кои ги набројавте. Затоа доаѓаме во ситуација кога земјите од очај мора да применуваат репресивни мерки и практично да ги принудат своите граѓани да мора да бидат вакцинирани“, вели Мехмедовиќ.

Стапка на вакцинација

Засега меѓу земјите со највисока стапка на вакцинација против ковид се Португалија и Шпанија со над 80 проценти од граѓаните кои примени две дози вакцини против ковид. Канада, Белгија, Италија и Франција се движат на ниво од околу 70 проценти. Над 60 отсто целосно вакцинирани се во Велика Британија, Германија, Австрија и Грција. Стапката во Северна Македонија е над 37 проценти, што е пониско во однос на доста земји од регионот, но повисоко од Бугарија каде две дози примиле околу 24 проценти од населението.

Ново на целосно вакцинирани жители против Ковид-19 во неколку земји. Извор Универзитетот Џонс Хопкинс.
Ново на целосно вакцинирани жители против Ковид-19 во неколку земји. Извор Универзитетот Џонс Хопкинс.

Мехмедовиќ вели дека иако делта сојот многу полесно се шири дури и меѓу оние кои се вакцинирани, според него тоа не треба да сфаќа како пораз на науката дека не можела да испорача вакцина која ќе може да ја контролира и оваа варијанта.

„Напротив, кога ќе имаме случаи на новозаразени меѓу оние коишто се вакцинирани, тоа значи дека во моментот они имаат квалитетен имунитет кој го неутрализира вирусот којшто веќе е вдишан и е населен на слузницата. Меѓутоа, за тоа треба да помине одреден временски период и тој период е значително пократок од периодот којшто му е потребен на човек кој што не е вакциниран, нема имунитет и поради тоа ќе треба да создава дополнително имунитетот за да го неутрализира вирусот“, вели д-р Мехмедовиќ.

Во Северна Македонија посилен бран на инфекции започна уште на почетокот на август, кој се намали, но од срдината на октомври повторно имаше зголемување. Во последните седум дена има намалување на инфекциите од околу 8 проценти, според податоците на Институтот за јавно здравје.

Комисијата за заразни болести вчера предложи во земјава вработените во јавниот сектор, локалната самоуправа и во сите државни институции да треба да покажат потврда дека имаат примено барем една доза вакцина против ковид за да одат на работа, а тие што не се вакцинирани, а работат во јавната администрација, да треба еднаш неделно да прават ПЦР тест на своја сметка. Се предлага како важечки документ да се земе и доказот за прележаност на вирусот во последните 45 дена сметано од денот на оздравувањето. Комисијата предлага луѓето кои поради здравствени причини не смеат да се вакцинираат ќе треба да достават специјалистички извештај за причината. Исто така се препорачува кон овие мерки да се приклучат и приватните компании.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG