Достапни линкови

Безбедно ли е комбинирањето на вакцини?


илустрација
илустрација

Директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, професор Александар Петличковски, вели дека е сосема безбедно да се прими трета доза вакцина на Фајзер, иако претходните две аплицирани дози биле од друг производител

Иако бројот на заразени од ковид 19 бележи раст во последните две недели, вакцинацијата во земјава стагнира. Статистиката говори дека само 39% од целата популација во нашата земја се вакцинирани, а 37% од популацијата во државата примиле две дози вакцина. Трета доза примиле над 48 илјади граѓани.

Кај оние кои се заинтересирани за трета доза се уште се присутни дилемите дилеми околу тоа дали и колку е безбедно да се прими трета доза на Фајзер, доколку првите две дози биле од друг производител. Директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика Александар Петличковски вели комбинирањето вакцини е безбедно и може да биде ефикасно.

„Теоретски и практично се покажува дека комбинирањето на вакцините може да има позитивен ефект на ефикасноста притоа без пријавување на некакви несакани реакции. Во моментот и најавторитетните светски агенции кажуваат дека мешањето на вакцините е безбедно и ефикасно, бидејќи е згодно теоретски кога имаме прва вакцинација со некаква инактивирана вакцина втората да биде МРНК или аденовирусна вакцина со цел да се комбинираат ефектите и од двете различни платформи. Значи комбинирањето на вакцините е безбедно и од оние студии кои се достапни е јасно дека ефектот е значително подобар. Значи кога би имале човек вакциниран со две дози на спутник, третата доза на Спутник нема да предизвика толкаво засилување на имунитетот како трета доза од Фајзер“, вели Петличковски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде емитувано во недела.

Професорот препорачува да се прими трета доза бидејќи, како што вели, сите вакцини после одреден период ја намалуваат својата ефикасност. Објаснува дека и после шест месеци вакцинираните имаат добра шанса да се справат со болеста, но дека после 6 месеци од примањето вакцина, е полесно да се инфицирате, а дел од инфицираните и да имаат симптоми.

„Тргнувајќи од сознанието дека после шест месеци имунитетот предизвикан од вакцини и веројатно и имунитетот после помината болест слабее, воведена е стратегијата за трета доза. Таа доза прави освежување на имунитетот, засилување на имуниот систем, создавање на нови антитела, поттикнување на памтечките клетки и подигување на нивото на имунитет односно враќање кон тие 90 тина проценти ефикасност која ќе трае во наредните шест или повеќе месеци, никој не може да каже“, посочува Петличковски.

Во меѓувреме, упатените апелираат дека граѓаните масовно да се вакцинираат, укажувајќи дека клучни за излез од пандемијата се имунизацијата и почитувањето на мерките, односно носење маска и држење дистанца.

Професорот Дејан Трајковски кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со корона вирусот, не очекува стапката на вакцинација да порасне.

„Секако дека цело време треба да има вакцинација, но еве се гледа дека спласна интересот. Повеќе нема нови вакцинации. Она што е парадоксално е тоа што еднаш вакцинираните одат по трета доза, а нема нови за прва доза. Се обидоа и со вакцинални сертификати, но се виде дека само 8 проценти повеќе вакцинираност, толку е се, има ограничено дејство. Оној кој не сака да се вакцинира, нема да се вакцинира, нема да оди ни во кафеани, и пак нема да се вакцинира“, вели професорот Трајковски.

Министерот за здравство Венко Филипче деновиве изјави дека во последните две недели бројот на заболени од ковид 19 е зголемен за 25 проценти, за разлика од претходниот период. Министерот Филипче смета дека неимунизираните го оптоваруваат здравствениот систем, но оти засега не се размислува за задолжителна имунизација.

Инаку, заклучно со вчера во земјата се регистрирани 432 нови случаи на ковид-19 од направени 2.663 тестирања, а пријавени се 13 починати. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 207.998, бројот на оздравени пациенти е 192.370, на починати е 7.294, а бројот на активни случаи изнесува 8.334.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG