Дијана Сосоака, 45-годишна адвокатка, е една од највидливите и највлијателните антиваксерки во Романија. Таа е и пратеник во романскиот парламент. На Фејсбук, изминатата година се регистрирани 24.000 објави и 18 милиони реакции кои го содржат зборот „Sosoaca“. Името „Diana Șosoaca“ се појавува во насловите на 38 Фејсбук страници и групи.
Ширењето на ковид-19 во Европа е „предупредување за остатокот од светот“
Овие бројки ја ставаат оваа членка на Сенатот, горниот дом на романскиот парламент, пред сите други романски политичари во однос на досегот на социјалните медиуми.
Во едно од нејзините најпопуларни видеа на Фејсбук од 27 октомври таа вели: „Отидовте во центрите за вакцинација како јагниња на колење“. Малку земји во Европа се опустошени толку силно од ковид-19 како Романија.
Оваа држава која има околу 19,3 милиони луѓе регистрирала повеќе од 1,7 милиони потврдени случаи на коронавирус со повеќе од 50.700 смртни случаи од избувнувањето на пандемијата. Романија има втора најниска стапка на вакцинација во Европската унија -- веднаш пред соседна Бугарија -- и една од највисоките стапки на смртност од ковид-19 по глава на жител во светот.
Во услови на тековната криза, експертите велат дека многу романски политичари ги влошиле работите. Наместо да се даваат одговорни пораки за јавното здравје, стравот од вакцините го поттикнуваат политичарите кои ја користат својата функција како платформа за ширење дезинформации.
„Ние, адвокатите и лекарите, на кои тоа им беше забрането, ви ја покажавме вистината“, вели Сосоака во нејзиното видео на Фејсбук од 27 октомври, додавајќи: „Тоа е ваша одлука. Ви ги покажав несаканите ефекти, глобалните вести. Сега Центрите за контрола и превенција на болести во Соединетите држави наредија сите вакцинирани луѓе кои умираат како резултат на ковид-19 да се евидентираат како невакцинирани“. За помалку од 24 часа, видеото стана вирално, собра околу 46.000 споделувања и е кликнато од речиси милион луѓе.
Во претходното видео поставено на Фејсбук на 29 јули, Сосоака, без трошка доказ, тврди дека бројот на Романци кои се вакцинирани ќе мора да биде фалсификуван за да „изгледа добро“ во очите на Европската унија.
Сосоака често дава и неосновани тврдења во Сенатот против мерките на претпазливост и ограничувањата наметнати од властите.
Како и другите источноевропски земји кои беа во орбитата на Москва за време на Студената војна, Романија страда од големо непријателство кон вакцинацијата. Земјите на ЕУ со најниски стапки на вакцинација се дел од поранешниот комунистички источен блок, вклучувајќи ги Бугарија, Романија, Полска, Летонија и Естонија.
Сосоака не ги ограничува своите анти-ваксер активности на социјалните мрежи, туку ја носи својата порака и на улица. Таа често се појавува во болници или центри за вакцинација, каде што води жестоки дебати со медицинскиот персонал, сето тоа снимено на видео и емитувано во живо на Фејсбук.
Во почетокот на септември, таа и група следбеници тргнаа во Јаши, град во североисточна Романија, за да ги блокираат возилата што носеле десетина луѓе за да се вакцинираат против ковид-19. Сенаторката беше приведена од полицијата за нарушување на мирот. Сосоака тврдеше дека го послушала „повикот на селаните“ да го запре караванот за вакцинација.
Бугарија „урива црни рекорди “ на починати од ковид-19
„Можеби меѓу ретките кои се вистински верници по прашањето на антивакцинацијата е Сосоака“, вели Ципријан Куку, академик кој се фокусира врз дезинформациите, во коментар за романската служба на РСЕ. „Не знам дали Сосоака отсекогаш била толку посветена, но некако станала таква. Таа гледа заговори насекад , ги зграпчува сите гласини и ги пренесува“, наведува Куку.
Пораката против вакцините на Сосоака е засилена и од други на социјалните мрежи, особено од Луис Лазарус, еден од нејзините најжестоки поддржувачи и самиот популарен антиваксер, На 21 јули, Лазар и Сосоака се здружија на Фејсбук за да ги поттикнат неоснованите гласини дека 21-годишен маж починал во Романија шест дена откако примил вакцина против коронавирус. Ова доби околу милион прегледи и споделено 17.800 пати.
Сосоака можеби е највидливиот политичар кој шири дезинформации за ковид-19 во Романија, но таа сигурно не е сама. Исто така, во анти-вакс авангардата е Џорџ „Џиџи“ Бекали, поранешен пратеник во романскиот парламент, но можеби попознат како сопственик на ФЦСБ, фудбалски тим со своја контроверзна историја поврзана со романскиот гигант Стеауа Букурешт.
Иако тој нема сметка директно поврзана со него, коментарите на Бекали за вакцинациите и ограничувањата против ковид-19 се проширија како шумски пожар на Фејсбук. „Зошто да се вакцинирам? Никогаш не сум бил вакциниран во животот. Дури и да се лекувам од ковид-19, зошто да се вакцинирам? Да направам генетска промена или што?“, наведува Бекали во објава на Фејсбук, повторувајќи го непоткрепеното тврдење дека вакцините против коронавирус ќе го променат генетскиот состав на луѓето.
Клипот е преземен од интервјуто што Бекали го даде на романската телевизија на 24 јануари, помалку од еден месец откако земјата ја започна својата национална кампања за вакцинација. Објавата на Фејсбук со сегментот од неговото интервју собра речиси 2 милиона прегледи, што е многу поголема бројка од првичното емитување на информативниот канал на ТВ Антена 3 или на неговата веб-страница. Клипот потоа беше широко споделен од многу други влијателни профили на Фејсбук.
Како до повеќе вакцини против ковид-19?
Друг романски политичар кој ги проповеда наводните проблеми поврзани со вакцинациите и ограничувањата против коронавирус е Кристијан Терхес, политичар кој моментално е во Европскиот парламент за централно-десничарската Христијанско-демократска национална селанска партија. На неговата Фејсбук страница има над 85.000 следбеници.
„Заедно да ја продолжиме борбата за слобода. Кој им даде право на некои јавни функционери, привремено избрани на јавна функција, да ве изложат на ризици со наметнување на вакцината? Таква одлука секој човек мора да донесе со слободна и информирана согласност! Што мислиш?“, напиша Терхес на 30 септември во објава што ја погледнаа речиси 300.000 луѓе и беше реобјавена 27.000 пати.
Претходната недела, Терхес искористи говор во Европскиот парламент за да шири дезинформации дека вакцините против коронавирус не се безбедни. Ова видео го погледнаа 670.000 гледачи на Фејсбук.
Пораките и говорите во кои се молат Романците да не се вакцинираат доаѓаат во многу критично време за земјата. Речиси една третина од сите смртни случаи поврзани со ковид-19 во Романија се регистрирани само во изминатите неколку недели, објави Ројтерс, наведувајќи дека дневните бројки на зарази се искачуваат на рекордно ниво, а единиците за интензивна нега се полни.
„Постои многу голем дел од романското општество кое не е против вакцината, но е скептично“, вели Николае Тибриган, социолог и експерт за дезинформации. Политичарот Терхес за романскиот сервис на РСЕ изјави дека тој не продава дезинформации туку информации.
„Ако овие експерти за дезинформации го негираат постоењето на овој доказ, имено дека вакцините имаат негативни ефекти или дека властите ги принудуваат луѓето да се вакцинираат, тие се оние кои се погрешно информирани“, наведува тој.