Достапни линкови

Вести

Фајзер очекува годинава да заработи 36 милијарди долари од продажба на вакцини

 „Фајзер“ очекува 36 милијарди долари приход оваа година од продажбата на вакцините против ковид-19
„Фајзер“ очекува 36 милијарди долари приход оваа година од продажбата на вакцините против ковид-19

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ објави дека очекува 36 милијарди долари приход оваа година од продажбата на вакцините против ковид-19. Компанијата заработи 13 милијарди долари во третиот квартал, повеќе од очекуваното, иако продажбата на вакцината падна во САД. На крајот на вториот квартал Фајзер предвиде дека во 2021 година ќе заработи 33,5 милијарди долари, што е двојно повеќе од прогнозите од почетокот на годината кога почна да продава вакцини. Американската компанија ги дели трошоците и приходите со германската компанија БионТек.

Израел: ефикасноста на вакцината Фајзер е 90 проценти

Во САД, продажбата на вакцини падна на 1,59 милијарди долари во третиот квартал од нешто повеќе од 2 милијарди долари во претходниот квартал. Тоа го очекуваа аналитичарите, бидејќи побарувачката падна по првичниот голем интерес. Американската агенција за борба против дрогата (ФДА) минатата недела ја одобри вакцината Фајзер за деца на возраст од пет до 11 години, отворајќи го патот за неизбежно започнување на нова голема фаза на вакцинација за 28 милиони деца во земјата.

Во Романија и Бугарија расте трговијата со лажни сертификати за вакцини

Американската влада веќе купи 115 милиони дози вакцини за деца, што е доволно за имунизација на целата најмлада популација. Според аналитичарите, Фајзер очекува зголемен профит врз основа на договорот за продажба на третата доза и со проширување на вакцинацијата на децата.

види ги сите денешни вести

Во Германија е потврден првиот случај на новата варијанта на мајмунски сипаници

илустрација
илустрација

Во Германија за првпат е откриен новиот клад 1b варијанта на вирусот мпокс (мајмунски сипанци), соопшти денеска Институтот Роберт Кох (РКИ), пренесе ДПА.

Првиот случај на кладот 1b варијантата на мпокс надвор од африканскиот континент беше потврден во Шведска во средината на август.

„РКИ во моментов не прогласува зголемен ризик од кладот 1 вируси во Германија, но ја следи ситуацијата многу внимателно и ќе ги приспособи своите препораки доколку е потребно“, објави институтот на својата веб-страница.

Симптомите на мпокс вклучуваат типичен осип и често општи симптоми како треска, главоболка и мускулна болка. Фаталните случаи се ретки, особено во земјите со добри стандарди за лекување.

Се смета дека кладот 1b е потежок од кладот 2b и постојат сомневања дека е позаразен. Сепак, експертите за јавно здравје предупредуваат дека во моментов нема доволно веродостојни податоци за варијантата.

Инфекции од другата варијанта на вирусот мпокс, клад 2b, се откриени во многу земји, вклучително и Германија од мај 2022 година.

Според Институтот Роберт Кох, во Германија не се регистрирани смртни случаи од мпокс

Европратениците го одобрија заемот од 35 милијарди евра за Украина

Европски парламент (илустрација)
Европски парламент (илустрација)

Европскиот парламент на денешното заседание во Стразбур со 518 гласа „за“, 56 „против“ и 61 „воздржан“ го одобри новиот пакет за макрофинансиска помош за Украина, наречен Украинскиот механизам за заемна соработка, кој предвидува исплата на заем за земјата во износ до 35 милијарди евра.

Заемот е дел од пакетот договорен на ниво на Г7 во јуни годинава за финансиска помош за Украина во вкупен износ од околу 45 милијарди евра (50 милијарди американски долари).

Сумата што ќе ја исплати ЕУ би можела да биде и помала во зависност од висината на заемите што ќе ги доделат другите партнери на Унијата од Г7.

Предвидено е сервисирањето и отплатата на заемот да се врши од идните приходи од профитите од замрзнатите средства на руската Централна банка во ЕУ. Средства од позајмицата ќе и се исплаќаат на Украина до крајот на 2025 година.

Исплатата на средствата од заемот е условена со „континуирана посветеност“ на Украина на одржувањето на ефикасни демократски механизми, почитување на човековите права и спроведување на условите утврдени во Меморандумот за разбирање.

Пред гласањето, известувачот за ова прашање, шведската либерална европратеничка Карин Карлсбро изјави дека во услови кога Украина продолжува да се спротивставува на руската агресија и нејзините храбри граѓани се борат не само за сопственото опстојување и слобода, туку и за одбрана на демократијата, човековите права, слободата и меѓународното право за сите, потребна и е огромна и итна финансиска поддршка.

Украинскиот механизам за заемна соработка веќе го поддржаа земјите членки на Унијата и по неговото одобрување во Европскиот парламент, потребно е уште формално усвојување од страна на Советот на ЕУ. Регулативата за Механизмот ќе стапи во сила следниот ден по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ.

Европската комисија минатиот месец најави дека ќе и одобри заем на Украина во износ до 35 милијарди евра, како дел од планот за финансиска помош на Г7, што ќе биде финансиран од замрзнатите руски државни средства. Одлуката за исплатата на заемот уследи откако земјите членки на ЕУ се согласија за користење на профитот од замрзнатите руски средства за воени поддршка и обнова на Украина.

По руската агресија на Украина во февруари 2022 година, ЕУ замрзна приближно 210 милијарди евра средства од Централната банка на Русија што се наоѓаа во европските земји.

Елвис Шаќири е добитник на наградата на Стејт Департментот за глобален двигател против расизмот

Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC), доделена од државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, Вашингтон, 21 октомври 2024
Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC), доделена од државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, Вашингтон, 21 октомври 2024

Извршниот директор на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC) која лично му беше доделена вчера (21 октомври) во Вашингтон во Стејт департментот од страна државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Оваа престижна награда на глобално ниво е признание за неговата значајна работа во застапувањето на правата на ромската заедница во нашата земја.

Елвис Шаќири беше номиниран од страна на амбасадата на САД во нашата држава вреднувајќи ги напорите што ги направи како поединец и како организација за борба против дискриминацијата, промовирање на еднаквоста и обезбедување пристап до основните човекови права за Ромите.

„Наградата значи многу, бидејќи на некој начин е тестамент на она што го имаме направено особено во последниот период. Делот со лична документација е нешто кое што го работевме особено изминатиов период. Со измената на неколку законски решенија успеавме поголем дел од лицата без документи да добијат веќе лична документација. Меѓутоа, нешто што е исто така критично е големиот процент на лица кои што немаат завршено основно образование. Најголемо прашање, каде што е горливо и треба да се реши е во делот на домување, односно урбанизација на ромските населби“, изјави Шаќири во интервју за македонскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Самата награда им оддава почит на лидери од граѓанското општество на глобално ниво кои покажале исклучителна храброст, лидерство и посветеност за унапредување на човековите права и борба против системскиот расизам, дискриминација и ксенофобија во нивните заедници.

Лидерите се номинираат од амбасадите и конзулатите на САД ширум светот и секоја година се избираат шест лидери со исклучителен придонес во нивните заедници.

Најмалку 13 загинати и 57 ранети во вчерашниот израелски напад врз Бејрут

Спасувачите бараат преживеани на местото на израелскиот напад во близина на Универзитетската болница Рафик Харири во Бејрут, Либан, 22 октомври 2024
Спасувачите бараат преживеани на местото на израелскиот напад во близина на Универзитетската болница Рафик Харири во Бејрут, Либан, 22 октомври 2024

Најмалку 13 лица загинаа, а 57 се ранети во израелски напад во Бејрут, во близина на најголемата државна болница во Либан, е новиот официјален биланс од вчерашниот напад.

Меѓу загинатите, како што е соопштено, има и дете.

Болницата Рафик Харири, која беше оштетена во нападот, се наоѓа на периферијата на јужните предградија на Бејрут, која е и упориште на проиранското движење Хезболах.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Министерството за здравство соопшти дека 17 ранети се хоспитализирани, а седум од нив се во критична состојба.

Најмалку 1489 луѓе се убиени во Либан од 23 септември, кога се интензивираа израелските напади врз цели на Хезболах, наведуваат француските медиуми, повикувајќи се на официјални извори.

Дводневен самит на организацијата БРИКС во Казан

Казан, градот домаќин на годинешниот самит на организацијата БРИКС
Казан, градот домаќин на годинешниот самит на организацијата БРИКС

Рускиот претседател Владимир Путин е домаќин на самитот на организацијата БРИКС кој почнува денеска во градот Казан.

Форумот, на кој ќе учествуваат 24 шефови на држави и влади, Путин го смета за дел од иницијативата за создавање нов светски поредок за ставање крај на доминацијата на САД. Средбата ќе продолжи до четврток.

Меѓу поважните гости се издвојува кинескиот претседател Си Џинпинг. Ќе присуствуваат претставници од вкупно 32 земји.

На оригиналните членки на БРИКС - Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка - неодамна им се приклучија земји како што се Обединетите Арапски Емирати, Египет, Етиопија и Иран. Статусот на Саудиска Арабија се уште е нејасен.

Русија, која е ротирачки претседавач со организацијата, најави дека Саудиска Арабија ќе биде примена за членка на почетокот на годината, но се уште нема потврда од Ријад, а самото кралство на состанокот ќе го претставува странски министер.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков најави дека на средбата ќе се разјасни прашањето за статусот на Саудиска Арабија.

Во него како заинтересирана страна ќе учествува и Турција.

Во пресрет на форумот, Путин најави дека една од главните цели на состанокот ќе биде унапредување на финансиската соработка и обезбедување алтернатива на системот СВИФТ (SWIFT), со кој се вршат меѓународни банкарски плаќања. Многу руски банки беа исклучени од него по инвазијата на Украина.

На агендата на БРИКС е и основањето на заедничка банка.

Блинкен во Израел во обид да ги рестартира мировните преговори

Американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Тел Авив, 22 октомври 2024
Американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Тел Авив, 22 октомври 2024

Американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Тел Авив за да одржи состаноци со израелски официјални претставници додека САД се обидуваат да ги унапредат напорите за изнаоѓање дипломатско решение за ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

Последната посета на американскиот шеф, негова 11-та во регионот откако палестинските борци на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, предизвикувајќи ја војната во Газа, доаѓа откако израелската војска ја интензивираше својата кампања во палестинската енклава, како и во Либан против милитантната организација Хезболах.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Планираното еднонеделно патување на Блинкен, кое ќе вклучи застанувања во Јордан и во Доха во среда (23 октомври), исто така доаѓа додека регионот се подготвува за одговорот на Израел на иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври. Одмаздата би можела да ги наруши нафтените пазари и да ризикува да предизвика војна меѓу старите непријатели.

„За прашањето за Газа, Блинкен ќе се фокусира на дискусиите за тоа како да се стави крај на војната, плановите за енклавата по завршувањето на борбите и како да се подобри хуманитарната помош“, изјави висок претставник на Стејт департментот, кој сакаше да остане анонимен, пишува Ројтерс.

Минатата недела Блинкен и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин побараа од израелските власти конкретни мерки за справување со влошената ситуација во Газа или да се соочат со потенцијални намалувања на американската воена помош.

Официјалниот претставник рече дека за време на неговите средби со Израел и претставниците на арапските земји, Блинкен детално ќе го проучи прашањето за „денот потоа“, особено безбедноста, управувањето и реконструкцијата.

Договорот за деталните планови за секој од нив се смета за предуслов за постигнување на какво било трајно решение на конфликтот.

„Државниот секретар, исто така, ќе разговара со Израел и со другите земји како да се обезбеди дипломатско решение за конфликтот со Хезболах и ќе ја продолжи разговорот на Вашингтон со Израелците за нивниот очекуван одговор на иранскиот ракетен напад“, вели претставникот на Стејт Департментот.

Петнаесетгодишно момче убило пет лица во куќа во Сиетл

илустрација
илустрација

Пет лица се убиени во куќа во близина на Сиетл, а за убиствата е осомничено 15-годишно момче, соопштија денеска властите на американската сојузна држава Вашингтон.

Двајца возрасни и три деца се убиени, а едно девојче е рането во престрелка во округот Кинг, соопшти полицијата.

Портпаролот на Одделот на Шерифот, Мајк Мелис, на местото на настанот изјави дека осомничениот е приведен без инциденти.

Засега не е познат мотивот на злосторството, ниту дали сите инволвирани во овој трагичен настан се поврзани со семејството.

Полицијата добила повеќе повици за пукање во дом во Фол Сити, на околу 10 милји источно од Сиетл. Пред да пристигнат лекарите на местото на злосторството, на повредените им била укажана прва помош од соседот.

Осомничениот 15-годишен е приведен во малолетнички притвор и денеска или најдоцна утре треба да се појави пред судот.

Украина ќе добие заем од 2, 4 милијарди долари од Велика Британија

Знамињата на Велика Британија и Украина
Знамињата на Велика Британија и Украина

Велика Британија ќе и обезбеди на Украина заем од 2,26 милијарди фунти (2,4 милијарди долари) за набавка на повеќе системи за оружје, изјави министерот за одбрана Џон Хејли на 22 октомври.

Соопштението доаѓа во период кога силите на Киев се борат со жестока руска офанзива на исток, додека се соочуваат со секојдневни напади врз градовите и енергетската инфраструктура.

Во последниот таков напад, три лица, меѓу кои и едно дете, беа убиени на 22 октомври во југоисточниот регион Суми, кој граничи со Русија, објавија регионалните власти.

Сумата на која се осврна Хејли е дел од поголемиот заем од 50 милијарди долари за Украина објавен во јуни од Групата седум развиени земји (Г7). Заемот треба да се сервисира од приходите генерирани од руските суверени средства замрзнати на Запад по почетокот на неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина во февруари 2022 година. Замрзнатите руски средства се проценуваат на околу 300 милијарди долари.

„Заемот е „наменет како буџетска поддршка за воените трошоци на Украина, овозможувајќи им на Украинците да инвестираат во клучна опрема за поддршка на нивните напори против Русија, како што се противвоздушна одбрана, артилерија и поширока поддршка за опрема“, рече Хејли во соопштението објавено од британската Влада.

Заемот е дополнување на постоечката годишна програма на Велика Британија за воена помош од 3,9 милијарди долари за Украина и доаѓа покрај 16-те милијарди американски долари што Лондон веќе ги посвети за воена, економска и хуманитарна поддршка за Киев.

Русија рече дека употребата на нејзините замрзнати средства е незаконска и се закани со одмазда.

Хелји и британската министерка за финансии Рејчел Ривс го објавија заемот при посетата на обуката на украинските војници во Британија.

„Нашата поддршка за Украина и нејзините мажи и жени во нивната борба за слобода од агресијата на рускиот претседател Владимир Путин е непоколеблива и ќе остане таква се додека е потребно“, се вели во соопштението од Владата.

Европската Унија, каде што се наоѓаат најголемиот дел од блокираните руски средства, веќе има преземено 35 милијарди евра (38 милијарди американски долари) како дел од уделот на 27-члениот блок во рамките на шемата за вонредно забрзување на приходите (ЕРА) за Украина на групата Г7.

Тројца цивили, меѓу нив и дете, загинаа во руски напад со дронови врз Суми

илустрација
илустрација

Тројца цивили, меѓу кои и едно дете, загинаа во текот на ноќта во руски напад со дронови врз станбена зона во украинскиот град Суми, соопшти регионалниот гувернер Ихор Калченко, пренесуваат украинските медиуми.

„Три лица, меѓу кои и едно дете, беа убиени во ноќен напад на непријателските беспилотни летала врз станбени згради“, наведе Калченко во порака на каналот Телеграм.

Гувернерот додаде дека руските сили изутринава продолжуваат да го гранатираат Суми, пренесува Укринформ.

„Утринава непријателот погоди станбена зграда и витални инфраструктурни објекти. Се утврдуваат последиците од утринскиот напад“, изјави украински функционер.

Воената управа на овој регион соопшти дека украинските сили утринава собориле 25 руски беспилотни летала, пренесе Укринформ.

Борел и ЕК ги пофалија резултатите од изборите и референдумот во Молдавија

илустрација
илустрација

Високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел и Европската комисија ги поздравија резултатите од првиот круг од претседателските избори во Молдавија, како и уставниот референдум за продолжување на патот на поранешната советска република кон членство во Европската Унија.

Во соопштението на дипломатската служба на ЕУ (ЕЕАС) се наведува дека „Русија и нејзините полномошници активно се обидувале да го поткопаат демократскиот и изборниот процес во Молдавија“.

„Без оглед на тоа, ги пофалуваме молдавските власти за успешната организација на изборите и уставниот референдум“, се додава во соопштението.

Исто така, се истакнува дека двата гласачки процеси, „според прелиминарните наоди и заклучоци на меѓународната мисија за набљудување на изборите при Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), биле добро организирани“ и дека „кандидатите имале слободни кампањи во средина оптоварена со стравови од недозволено странско мешање и активни напори за дезинформации“.

Борел и Европската комисија особено ги поздравија резултатите од уставниот референдум на кој, како што се наведува, „молдавскиот народ изрази желба да ја врзе својата иднина со Европската унија“.

Како што се додава, „Европската Унија внимателно ќе ги следи настаните за време на вториот круг од претседателските избори на 3 ноември и пред парламентарните избори во 2025 година“.

„Посветени сме да продолжиме да го поддржуваме демократскиот развој, реформите и економскиот раст на Молдавија, како и да ја зајакнеме отпорноста на Молдавија, особено на нејзиниот пат кон Европската унија. Европската унија и Молдавија споделуваат заедничка иднина“, се вели во соопштението.

На уставниот референдум за вклучување на членството во ЕУ во Уставот како државна цел, европската опција победи со многу тесно мнозинство, а актуелната, проевропска шефица на државата, Маја Санду, доби најголем број гласови во првиот круг од претседателските избори.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG