Достапни линкови

Вести

Со трета доза досега вакцинирани над 2300 граѓани

Заклучно со 20 октомври вкупно против ковид се вакцинирани 800.357 граѓани, ревакцинирани се 766.521 а трета доза примиле 2.365 граѓани, соопшти министерството за здравство.

Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 2.919 дози вакцини, од кои 565 се аплицирани како прва доза, 1.286 се ревакцинирани, а 1.068 граѓани примиле трета доза вакцина.

Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Од крајот на минатиот месец и во Македонија почна вакцинација со трета доза. Одлуката првин важеше за лица над 60 години, здравствени работници и луѓе со послаб имунитет, а условот беше да поминеле шест месеци од последната доза. Потоа се донесе одлука тоа да важи за сите без разлика на возраста, доколку сакаат. Пред неколку денови Националниот комитет за имунизација препорача, граѓаните кои се вакцинирани со „Синовак“ и „Синофарм“, да може да примат трета доза Фајзер три месеци по вакцинирањето.

види ги сите денешни вести

Муцунски на средба со новите членови на Комисијата за историски прашања

Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија
Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска одржа протоколарна средба со новите членови на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија.

На средбата, Муцунски пред членовитете на Комисијата истакна дека министерството „со сите свои капацитети им стои на располагање во процесот на одговорно и непречено понатамошно извршување на нивните редовни активности“.

„Министерот посочи дека одлуките и дискусиите во рамки на комисијата треба да бидат водени врз основа на научни аргументи и со целосно почитување на академската слобода. Воедно, ја истакна и личната заложба за независност во одлучувањето на комисијата, без никакви политички влијанија и притисоци“, се наведува во соопштението на министерството.

Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември. За нејзин претседател е назначен Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје.

Членови на комисијата се и Александар Литовски, научен соработник при Институтот за национална историја во Скопје, Митко Панов, научен советник при Институтот за национална историја во Скопје, Никола Минов, вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје при УКИМ, Сашо Додевски, насловен доцент избран на Филозофскиот факултет во Скопје, Бесник Емини, виш научен соработник на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците - Скопје и Димитар Љоровски, научен советник при Институтот за национална историја во Скопје.

Заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Украина има 10 милиони жители помалку по руската инвазија

Локалните жители зборуваат додека застануваат пред локалната административна зграда, уништена по штрајкот во селото Шевченко, во регионот Доњецк, на 20 октомври 2024 година
Локалните жители зборуваат додека застануваат пред локалната административна зграда, уништена по штрајкот во селото Шевченко, во регионот Доњецк, на 20 октомври 2024 година

Населението на Украина се намали за повеќе од 10 милиони од февруари 2022 година, кога започна руската инвазија, што предизвика егзодус и пад на стапката на плодност, соопштија Обединетите нации (ОН) на 22 октомври.

Регионалната директорка на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), Флоренс Бауер, за новинарите во Женева изјави дека падот е поврзан и со други фактори бидејќи „и пред војната Украина се соочуваше со значителни демографски предизвици“.

„Но, со целосната инвазија на Русија, која започна во 2022 година, ситуацијата значително се влоши“, рече Бауер.

6,7 милиони луѓе ја напуштија Украина, а „значителен број загинаа за време на конфликтот“, додаде претставничката на ОН.

Се проценува дека Украина имала 38 милиони жители пред избувнувањето на војната во 2022 година.

Киевските сили се борат со жестока руска офанзива на исток, додека секојдневно се соочуваат со напади врз градовите и енергетската инфраструктура.

Во последниот таков напад, три лица, меѓу кои и едно дете, беа убиени на 22 октомври во југоисточниот регион Суми, кој граничи со Русија, објавија регионалните власти.

Продолжуваат политичките превирања за Законот за бранители во Собранието

Илустрација
Илустрација

Политичката партија „Левица“ денеска на 22 октомври поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши за Законот за бранители. Од ВМРО-ДПМНЕ додека не ја видат, нема да ја коментираат кривичната пријава, а од СДСМ велат дека не се откажуваат од носењето на овој закон и дека следните денови ќе ги обелоденат чекорите што ќе ги преземат.

Според „Левица“, претседателот на Собранието не ја исполнил својата деловничка обврска во врска со законот за бранители кој е заглавен во собраниска процедура.

„Законот за бранители е заглавен во собраниска процедура откако претседателот на матичната Комисија реши да не свикува седница односно реши да го блокира законот. Во ваква ситуација, кога претседател на Комисија решава да не свикува седница по одреден закон, должност и надлежност на претседателот на Собранието е да ја одблокира законската постапка односно согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието е тој кој треба да ја свика Комисијата и да назначи член кој ќе ја води седницата на таа Комисија. Претседателот на Собранието уште пред 10 дена на 16 септември во изјава за медиумите рече дека нема намера да го одблокира законот за бранители, дека нема намера да свика седница за законот за бранители и до денес таква седница не е свикана“, изјави денеска пратеникот Сашко Јанчев од Левица.

Од СДСМ од чии редови е поднесено ова законско решение велат дека не се откажуваат од носењето на законот и најавуваат дека во следните денови ќе излезат со информација кои чекори ќе ги преземат.

„Вчера имавме координација на пратеничката група, разговаравме за идните чекори за законот за бранители. Во следните денови ќе излеземе во јавност со сето она што ќе ги преземеме во однос на овој закон. Не се откажуваме во однос на донесувањето на законот за бранители“, изјави Јована Тренчевска на прес-конференција во Собранието.

Од ВМРО-ДПМНЕ додека не ја видат, нема да ја коментираат кривичната пријава на „Левица“.

Пратеникот Бојан Стојаноски денеска изјави дека во изминатиот период имало неколку случаи каде Левица ги повлекувала кривичните пријави и барала тоа да се реши на начин така што нивниот претседател ќе се види со оние кои директно ги тужеле.

За законот за бранители, Стојаноски рече дека направиле неколку чекори за да се одблокира носењето на ова законско решение.

„И покрај тоа што гласавме, го повикавме и претседателот да ја закаже Комисијата. Потоа се потпишавме пет пратеници и ја повикавме Илире Даути да ја свика Комисијата и оставивме две празни места да се потпишат Тренчевска и Битиќи, но тоа тие не го направија. Отидивме уште еден чекор понатаму и побаравме да поднесат интерпелација за Даути и најавивме дека ќе гласаме. Ниту тоа не го направија. Отворено прашувам дали можеби беше техничка грешка ставот на Богданка Кузеска каде што рече дека се отворени да дискутираат и во тоа законско решение поднесено од Славјанка Петровска да бидат инволвирани и ветераните на ОНА“, праша Стојаноски.

Законот за бранители е поднесен од пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска од СДСМ и ја доби поддршката во Собранието да оди по скратена постапка. Откако претседателката на Комисијата за социјална политика, млади и демографија Илире Даути не го стави законот на дневен ред, претседателот на Собранието во неговото образложение посочи дека нема ингеренции да назначи друг член за да се одржи седницата затоа што Даути ја свикала седница согласно роковите.

„Деловникот во член 126 не вели дека „ако претседателот на комисијата одбива да стави конкретен закон“, туку „ако претседателот на комисијата не свика седница“. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата. Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку комисијата за деловнички прашања - тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот Деловник“, изјави Гаши на 16 септември.

Во Германија е потврден првиот случај на новата варијанта на мајмунски сипаници

илустрација
илустрација

Во Германија за првпат е откриен новиот клад 1b варијанта на вирусот мпокс (мајмунски сипанци), соопшти денеска Институтот Роберт Кох (РКИ), пренесе ДПА.

Првиот случај на кладот 1b варијантата на мпокс надвор од африканскиот континент беше потврден во Шведска во средината на август.

„РКИ во моментов не прогласува зголемен ризик од кладот 1 вируси во Германија, но ја следи ситуацијата многу внимателно и ќе ги приспособи своите препораки доколку е потребно“, објави институтот на својата веб-страница.

Симптомите на мпокс вклучуваат типичен осип и често општи симптоми како треска, главоболка и мускулна болка. Фаталните случаи се ретки, особено во земјите со добри стандарди за лекување.

Се смета дека кладот 1b е потежок од кладот 2b и постојат сомневања дека е позаразен. Сепак, експертите за јавно здравје предупредуваат дека во моментов нема доволно веродостојни податоци за варијантата.

Инфекции од другата варијанта на вирусот мпокс, клад 2b, се откриени во многу земји, вклучително и Германија од мај 2022 година.

Според Институтот Роберт Кох, во Германија не се регистрирани смртни случаи од мпокс

Европратениците го одобрија заемот од 35 милијарди евра за Украина

Европски парламент (илустрација)
Европски парламент (илустрација)

Европскиот парламент на денешното заседание во Стразбур со 518 гласа „за“, 56 „против“ и 61 „воздржан“ го одобри новиот пакет за макрофинансиска помош за Украина, наречен Украинскиот механизам за заемна соработка, кој предвидува исплата на заем за земјата во износ до 35 милијарди евра.

Заемот е дел од пакетот договорен на ниво на Г7 во јуни годинава за финансиска помош за Украина во вкупен износ од околу 45 милијарди евра (50 милијарди американски долари).

Сумата што ќе ја исплати ЕУ би можела да биде и помала во зависност од висината на заемите што ќе ги доделат другите партнери на Унијата од Г7.

Предвидено е сервисирањето и отплатата на заемот да се врши од идните приходи од профитите од замрзнатите средства на руската Централна банка во ЕУ. Средства од позајмицата ќе и се исплаќаат на Украина до крајот на 2025 година.

Исплатата на средствата од заемот е условена со „континуирана посветеност“ на Украина на одржувањето на ефикасни демократски механизми, почитување на човековите права и спроведување на условите утврдени во Меморандумот за разбирање.

Пред гласањето, известувачот за ова прашање, шведската либерална европратеничка Карин Карлсбро изјави дека во услови кога Украина продолжува да се спротивставува на руската агресија и нејзините храбри граѓани се борат не само за сопственото опстојување и слобода, туку и за одбрана на демократијата, човековите права, слободата и меѓународното право за сите, потребна и е огромна и итна финансиска поддршка.

Украинскиот механизам за заемна соработка веќе го поддржаа земјите членки на Унијата и по неговото одобрување во Европскиот парламент, потребно е уште формално усвојување од страна на Советот на ЕУ. Регулативата за Механизмот ќе стапи во сила следниот ден по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ.

Европската комисија минатиот месец најави дека ќе и одобри заем на Украина во износ до 35 милијарди евра, како дел од планот за финансиска помош на Г7, што ќе биде финансиран од замрзнатите руски државни средства. Одлуката за исплатата на заемот уследи откако земјите членки на ЕУ се согласија за користење на профитот од замрзнатите руски средства за воени поддршка и обнова на Украина.

По руската агресија на Украина во февруари 2022 година, ЕУ замрзна приближно 210 милијарди евра средства од Централната банка на Русија што се наоѓаа во европските земји.

Елвис Шаќири е добитник на наградата на Стејт Департментот за глобален двигател против расизмот

Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC), доделена од државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, Вашингтон, 21 октомври 2024
Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC), доделена од државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, Вашингтон, 21 октомври 2024

Извршниот директор на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, Елвис Шаќири ја доби престижната награда за глобални двигатели против расизмот (GARC) која лично му беше доделена вчера (21 октомври) во Вашингтон во Стејт департментот од страна државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Оваа престижна награда на глобално ниво е признание за неговата значајна работа во застапувањето на правата на ромската заедница во нашата земја.

Елвис Шаќири беше номиниран од страна на амбасадата на САД во нашата држава вреднувајќи ги напорите што ги направи како поединец и како организација за борба против дискриминацијата, промовирање на еднаквоста и обезбедување пристап до основните човекови права за Ромите.

„Наградата значи многу, бидејќи на некој начин е тестамент на она што го имаме направено особено во последниот период. Делот со лична документација е нешто кое што го работевме особено изминатиов период. Со измената на неколку законски решенија успеавме поголем дел од лицата без документи да добијат веќе лична документација. Меѓутоа, нешто што е исто така критично е големиот процент на лица кои што немаат завршено основно образование. Најголемо прашање, каде што е горливо и треба да се реши е во делот на домување, односно урбанизација на ромските населби“, изјави Шаќири во интервју за македонскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Самата награда им оддава почит на лидери од граѓанското општество на глобално ниво кои покажале исклучителна храброст, лидерство и посветеност за унапредување на човековите права и борба против системскиот расизам, дискриминација и ксенофобија во нивните заедници.

Лидерите се номинираат од амбасадите и конзулатите на САД ширум светот и секоја година се избираат шест лидери со исклучителен придонес во нивните заедници.

Најмалку 13 загинати и 57 ранети во вчерашниот израелски напад врз Бејрут

Спасувачите бараат преживеани на местото на израелскиот напад во близина на Универзитетската болница Рафик Харири во Бејрут, Либан, 22 октомври 2024
Спасувачите бараат преживеани на местото на израелскиот напад во близина на Универзитетската болница Рафик Харири во Бејрут, Либан, 22 октомври 2024

Најмалку 13 лица загинаа, а 57 се ранети во израелски напад во Бејрут, во близина на најголемата државна болница во Либан, е новиот официјален биланс од вчерашниот напад.

Меѓу загинатите, како што е соопштено, има и дете.

Болницата Рафик Харири, која беше оштетена во нападот, се наоѓа на периферијата на јужните предградија на Бејрут, која е и упориште на проиранското движење Хезболах.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Министерството за здравство соопшти дека 17 ранети се хоспитализирани, а седум од нив се во критична состојба.

Најмалку 1489 луѓе се убиени во Либан од 23 септември, кога се интензивираа израелските напади врз цели на Хезболах, наведуваат француските медиуми, повикувајќи се на официјални извори.

update

Започна собирот на лидерите на самитот на БРИКС во Русија

Кинескиот претседател Кси Џинпинг на церемонијата за добредојде на аеродромот во Казан по неговото пристигнување за да учествува на самитот на БРИКС, Русија, 22 октомври 2024 година
Кинескиот претседател Кси Џинпинг на церемонијата за добредојде на аеродромот во Казан по неговото пристигнување за да учествува на самитот на БРИКС, Русија, 22 октомври 2024 година

Кинескиот претседател Си Џинпинг, индискиот премиер Нарендра Моди и други официјални лица пристигнаа во рускиот град Казан на 22 октомври на самитот БРИКС, блок на земји во развој за кои Кремљ се надева дека ќе стане собирна точка за да се спротивстави на западниот либерален поредок. јавува Асошиетед Прес.

За рускиот претседател Владимир Путин, тридневниот состанок е начин да се покаже неуспехот на напорите предводени од САД да се изолира Русија поради нејзината агресија во Украина.

Советникот за надворешна политика во Кремљ, Јуриј Ушаков, го опиша самитот како „најголемиот надворешнополитички настан досега одржан“ во Русија, на кој присуствуваа 36 земји, од кои повеќе од 20 беа претставени на ниво на шефови на држави.

Рускиот претседател Владимир Путин е домаќин на самитот на организацијата БРИКС кој почнува денеска во градот Казан.

Форумот, на кој ќе учествуваат 24 шефови на држави и влади, Путин го смета за дел од иницијативата за создавање нов светски поредок за ставање крај на доминацијата на САД. Средбата ќе продолжи до четврток.

Меѓу поважните гости се издвојува кинескиот претседател Си Џинпинг. Ќе присуствуваат претставници од вкупно 32 земји.

На оригиналните членки на БРИКС - Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка - неодамна им се приклучија земји како што се Обединетите Арапски Емирати, Египет, Етиопија и Иран. Статусот на Саудиска Арабија се уште е нејасен.

Пред почетокот на самитот во Казан, Путин се сретна со премиерот на Индија, при што изјави дека двете земји се стратешки партнери.

Моди рече дека Индија верува дека конфликтот меѓу Русија и Украина треба да се реши по мирен пат и дека Њу Делхи е подготвен да одигра каква било улога во поддршката на мирот и стабилноста.

„Имаме уште една можност да разговараме за овие прашања денеска“, рече Моди на почетокот на средбата со Путин на самитот на БРИКС.

Русија, која е ротирачки претседавач со организацијата, најави дека Саудиска Арабија ќе биде примена за членка на почетокот на годината, но се уште нема потврда од Ријад, а самото кралство на состанокот ќе го претставува странски министер.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков најави дека на средбата ќе се разјасни прашањето за статусот на Саудиска Арабија.

Во него како заинтересирана страна ќе учествува и Турција.

Во пресрет на форумот, Путин најави дека една од главните цели на состанокот ќе биде унапредување на финансиската соработка и обезбедување алтернатива на системот СВИФТ (SWIFT), со кој се вршат меѓународни банкарски плаќања. Многу руски банки беа исклучени од него по инвазијата на Украина.

На агендата на БРИКС е и основањето на заедничка банка.

Блинкен во Израел во обид да ги рестартира мировните преговори

Американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Тел Авив, 22 октомври 2024
Американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Тел Авив, 22 октомври 2024

Американскиот државен секретар Антони Блинкен пристигна во Тел Авив за да одржи состаноци со израелски официјални претставници додека САД се обидуваат да ги унапредат напорите за изнаоѓање дипломатско решение за ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

Последната посета на американскиот шеф, негова 11-та во регионот откако палестинските борци на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, предизвикувајќи ја војната во Газа, доаѓа откако израелската војска ја интензивираше својата кампања во палестинската енклава, како и во Либан против милитантната организација Хезболах.

Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Планираното еднонеделно патување на Блинкен, кое ќе вклучи застанувања во Јордан и во Доха во среда (23 октомври), исто така доаѓа додека регионот се подготвува за одговорот на Израел на иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври. Одмаздата би можела да ги наруши нафтените пазари и да ризикува да предизвика војна меѓу старите непријатели.

„За прашањето за Газа, Блинкен ќе се фокусира на дискусиите за тоа како да се стави крај на војната, плановите за енклавата по завршувањето на борбите и како да се подобри хуманитарната помош“, изјави висок претставник на Стејт департментот, кој сакаше да остане анонимен, пишува Ројтерс.

Минатата недела Блинкен и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин побараа од израелските власти конкретни мерки за справување со влошената ситуација во Газа или да се соочат со потенцијални намалувања на американската воена помош.

Официјалниот претставник рече дека за време на неговите средби со Израел и претставниците на арапските земји, Блинкен детално ќе го проучи прашањето за „денот потоа“, особено безбедноста, управувањето и реконструкцијата.

Договорот за деталните планови за секој од нив се смета за предуслов за постигнување на какво било трајно решение на конфликтот.

„Државниот секретар, исто така, ќе разговара со Израел и со другите земји како да се обезбеди дипломатско решение за конфликтот со Хезболах и ќе ја продолжи разговорот на Вашингтон со Израелците за нивниот очекуван одговор на иранскиот ракетен напад“, вели претставникот на Стејт Департментот.

Петнаесетгодишно момче убило пет лица во куќа во Сиетл

илустрација
илустрација

Пет лица се убиени во куќа во близина на Сиетл, а за убиствата е осомничено 15-годишно момче, соопштија денеска властите на американската сојузна држава Вашингтон.

Двајца возрасни и три деца се убиени, а едно девојче е рането во престрелка во округот Кинг, соопшти полицијата.

Портпаролот на Одделот на Шерифот, Мајк Мелис, на местото на настанот изјави дека осомничениот е приведен без инциденти.

Засега не е познат мотивот на злосторството, ниту дали сите инволвирани во овој трагичен настан се поврзани со семејството.

Полицијата добила повеќе повици за пукање во дом во Фол Сити, на околу 10 милји источно од Сиетл. Пред да пристигнат лекарите на местото на злосторството, на повредените им била укажана прва помош од соседот.

Осомничениот 15-годишен е приведен во малолетнички притвор и денеска или најдоцна утре треба да се појави пред судот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG