Вести
Министерот за земјоделство гарантира дека ќе се откупи целото грозје
Гарантирам дека ќе се откупи целото произведено грозје, Министерството за земјоделство е секогаш отворено за сите проблеми на лозарите, им рече денеска министерот Арјанит Хоџа, на производители на грозје кои излегоа на протест во Неготино.
„Жал ми е што протестирате бидејќи вратите на Министерството за земјоделство се отворени да дојдете да разговараме. Но, еве сме тука, го имате целото наше внимание. Слободно кажете кои се проблемите. Ние како и секогаш, стоиме на располагање за решавање на сите проблеми на земјоделците, па и на лозарите“, рече министерот, одговарајќи им на присутните лозари на нивните прашања.
Тој рече дека дошле да ги слушнат барањата на лозарите кои протестираа.
„Се договоривме протестот да прекине, до среда ќе им се одговори на нивните барања. Им кажав дека поголем дел од поголемите винарски визби одредиле цени за грозје од оваа реколта. Им го кажав ставот на Министерството и на Владата дека остануваат дополнителните два денара за килограм, се работи на тоа, тоа да важи за сите сорти и за висококвалитетни сорти на грозје. Сигурно ќе имаме подобра гроздоберска година од ланската и од претходните“, рече Хоџа.
Зошто не е почнат откупот на најзастапената винска сорта ,,вранец” иако грозјето ја има потребната шеќерност и зошто се доцни со објавата на цените за килограм грозје, се интересираа меѓу другото лозарите присутни на протестот. Тие рекоа дека се одлучиле на протест поради ниските откупни цени на грозјето и игнорантскиот однос на винарии кои со овие цени ги демотивираат лозарите.
Со години наназад „смедеревката“ се откупува до 11 денари по колограм, а винската сорта „вранец“до 13 денари по килограм. Лозарите бараат да им се исплаќа по 16 и 17 денари.
види ги сите денешни вести
Комисиска расправа за Предлог буџетот за 2025 година
Во Комисијата за финансирање и буџет ќе се расправа по Предлог-буџетот за 2025 година. Проектиран е на приходи во вредност од 5,8 милијарди евра, што е за 13 проценти повеќе од овогодишниот буџет. Предвидено е расходите да изнесуваат 6,5 милијарди евра.
Mинистерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска посочи дека Предлог-буџетот содржи мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење, и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.
Во Предлог-буџетот, според министерката, се намалуваат средствата за непродуктивни трошења како што се ставките за мебел и возила, а обезбедени се средства за поддршка на животниот стандард на хграѓаните, односно средства за зголемување на пензиите за 2500 денари во март за што се предвидени 105 милијарди денари. За исплата на плати обезбедени се 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемување на платите во образованието, како и пари за поддршка на ранливите категории за кои се предвидени 14,5 милијарди денари, за здравствена заштита 5,2 милијрди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари.
За социјалдемократите предложениот буџет е нереален, неразвоен и недомаќински. Тврдат ќе продуцира нови долгови. Од оваа партија поднеле над 200 амандмани во кои, како што рече лидерот Венко Филипче, главниот фокус е на зголемување на платите во јавниот сектор и обезбедување подобри услови за работат и квалитетни јавни услуги.
„Проектираниот раст на БДП е нереален, бидејќи и Народна банка и Светска банка одат со многу пониски прогнози“, изјави Филипче.
Според него се зголемуваат парите за непродуктивните трошоци, а има кратење во клучните сектори.
Според процедурата, првите 10 дена од расправата за Буџетот се резервирани во матичната комисија. Откако ќе помине амандманската расправа, Предлог-буџетот се сели на пленарна седница, каде има пет дена расправа и потоа усвојување на државната каса за 2025-та година.
Нови напади на Хезболах на северот на Израел
Либанскиот Хезболах соопшти дека истрелал проектили врз армиски позиции во северен Израел, откако ја презеде одговорноста за нападот врз израелските војници распоредени во јужен Либан.
Проиранското движење соопшти дека „проектили биле насочени кон израелските непријателски сили во Саса“.
Како што се додава, нападот се случил синоќа (13 ноември) во 23:50 часот по локално време.
Израелската армија објави дека шест израелски војници загинале во нападите на Хезболах, кој ја презеде одговорноста за нападите, додека најмалку осум лица загинаа во нападите врз Либан.
Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Украина негира дека ќе развие нуклеарно оружје
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Георгиј Тихи, го демантираше написот на „Тајмс“ дека Украина може да направи нуклеарна бомба и рече дека Киев не планира да развива нуклеарно оружје.
„Украина се придржува до НПТ (Договор за неширење нуклеарно оружје), ние не поседуваме, развиваме или имаме намера да создаваме нуклеарно оружје. Украина тесно соработува со МААЕ и е целосно транспарентна во мониторингот, што ја исклучува употребата на нуклеарни материјали за воени цели“, рече Тихи, коментирајќи го написот на британскиот весник „Тајмс“ дека Киев може да развие елементарна нуклеарна бомба користејќи плутониум за неколку месеци доколку Доналд Трамп ја прекине воената помош на САД.
„Тајмс“ се повикува на „аналитички документ подготвен за Министерството за одбрана на Украина“ од девет нуклеарни реактори во украинските нуклеарни централи.
Инаку руските власти се заканија дека евентуалната одлука на Западот да му дозволи на Киев да користи донирано оружје за подлабоко напаѓање на руската територија ќе резултира со голема ескалација на неговата војна против Украина, што може да вклучи употреба на нуклеарно оружје.
Русија ја почна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.
Републиканецот Џон Тун е новиот претседател на Сенатот
Републиканците во американскиот Сенат го избраа Џон Тун за претседател на тоа тело, со што е завршена значителна промена во нивното раководство со враќањето на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.
„Тоа е нов ден во Сенатот на Соединетите Држави“, им рече Тун на новинарите веднаш по изборот.
Тој рече дека неговото мнозинство ќе работи на заострување на законите за гранична безбедност, намалување на трошоците за енергија и укинување на регулативите што тие ги сметаат за оптоварувачки.
„Возбудени сме што ќе го вратиме мнозинството и ќе работиме со нашите колеги во Претставничкиот дом за спроведување на агендата на претседателот Трамп“, рече Тун.
Трамп му честиташе на Тун за неговиот избор за лидер на мнозинството во Сенатот. Во објава на својата социјална мрежа, тој рече дека со нетрпение очекува да работи со Тун и другите членови на раководството на републиканците во Сенатот за „Да ја направиме Америка повторно голема“.
Републиканците ќе имаат најмалку 52 од 100 претставници во Горниот дом и тие се на пат да го задржат мнозинството во Долниот дом, кој се уште ги чека конечните резултати од изборите.
Тун е 63-годишен ветеран претставник кој важи за умерен и близок со многу републиканци.
Во моментов тој е вториот највисоко рангиран републиканец во Сенатот, а на новата функција ќе го наследи 82-годишниот Мич Меконел, лидер на тој дом со најдолг мандат во историјата.
Тун ги победи сенаторите Џон Корнин од Тексас и Рик Скот од Флорида, близок сојузник на Трамп поддржан од влијателни непартиски личности како милијардерот Илон Маск и конзервативниот коментатор Шон Ханити.
Трамп јавно не поддржа ниту еден од кандидатите.
Француското обвинителство бара затворска казна за Марин Ле Пен
Jавниот обвинител синоќа (13 ноември) побара лидерката на француската десница Марин Ле Пен да биде прогласена за виновна за проневера, осудена на затвор и забрана да се кандидира за јавна функција, вклучително и за претседател на Франција, во следните пет години.
Ле Пен, нејзината партија Национален митинг и уште 24 луѓе, меѓу кои и сегашни и поранешни пратеници и европратеници, се обвинети за незаконско користење на средствата на Европскиот парламент за плаќање на парламентарните асистенти, што тие го негираа, пишува Политико.
Обвинителите сакаат Ле Пен да добие најстрога казна, истакнувајќи дека таа била и член на Европскиот парламент и лидер на партијата кога биле извршени кривичните дела. Тие побараа од судијата да ја осуди на пет години затвор, од кои три години се условни, заедно со парична казна од 300 000 евра.
Забраната за кандидирање за јавни функции би траела и по 2027 година, кога треба да се одржат следните претседателски избори.
Што е најважно, обвинителите сакаа казната да стапи во сила веднаш, без разлика дали Ле Пен ќе поднесе жалба до понискиот суд.
Бајден и Трамп се сретнаа во Белата куќа – ветија мирен трансфер на власта
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, и актуелниот претседател Џо Бајден, долгогодишни политички ривали, денеска (13 ноември) се сретнаа во Белата куќа, за првпат откако Трамп победи на изборите минатата недела. Двајцата ветија непречена транзиција на власта во јануари.
Во мирна атмосфера прекривајќи ги тензиите меѓу нив двајцата, Трамп и Бајден седнаа еден до друг во Овалната соба.
Бајден го победи Трамп на изборите во 2020 година, но оваа година се откажа од претседателската трка откако во јули имаше катастрофален настап на дебата со Трамп. Тој ја препушти кандидатурата на потпретседателката Камала Харис, која загуби.
„Очекуваме да имаме, како што рековме, непречена транзиција“, рече Бајден додавајќи кон Трамп: „Добредојдовте, добредојде назад“.
„Политиката е тешка, и во многу случаи тоа не е многу убав свет, но денес е убав, и навистина ја ценам транзицијата која е мирна онолку колку што може да биде. Навистина го ценам тоа, Џо“, рече Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.
Средбата меѓу Бајден и Трамп беше контраст на критиките што тие ги разменуваа меѓу себе низ годините наназад. Нивните тимови имаат многу различни ставови за политиката, почнувајќи од климатските промени, па се до Русија и до трговијата.
Поворката со автомобили во која се наоѓаше Трамп помина низ силно обезбедената капија на Белата куќа, по што Бајден го пречека поранешниот и идниот претседател во Овалната соба.
Првата дама Џил Бајден му се придружи на Бајден во пречекот на Трамп. Белата куќа соопшти дека таа му дала на Трамп рачно напишано писмо со честитки за неговата сопруга Меланија Трамп и „ја изразила подготвеноста на нејзиниот тим да помогне во транзицијата“.
Во меѓусебните критиките што претходно си ги упатуваа, Бајден (81) го прикажуваше Трамп како закана за демократијата, додека Трамп (78) го прикажуваше Бајден како некомпетентен. Трамп и лажно тврдеше дека имало широко распространети нерегуларности на изборите во 2020 година, кои ги загуби од Бајден.
Претходно во текот на денот, Трамп ја прослави својата победа со републиканците во Претставничкиот дом кои имаат големи шанси да ја задржат контролата врз Долниот дом на Конгресот, за што сè уште се очекуваат резултатите од гласањето на 5 ноември.
„Зарем не е убаво да се победи? Убаво е да се победи. Секогаш е убаво да се победи“, рече Трамп.
За седум места во Советот на АВМУ во трка се 22 кандидати
По десет години, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) би требало да добие нов состав.
Во трка за седумте места во Советот на АВМУ се 22 кандидати кои денеска (13 ноември) се претставија во Собранието, пред Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајковски, на крајот од седницата рече дека верува оти седумтемина што ќе бидат избрани „ќе го дадат максимумот“ за да се подобрат медиумските услуги, но и дека со нивниот ангажман во Советот на ААВМУ ќе се овозможи и подостоинствена работа на новинарите.
„Верувам дека секој од нив би дал максимален придонес зашто на денешната јавна расправа слушнавме импресивни настапи и идеи за следниот период на ААВМУ“, рече Сајковски.
Профилот на кандидатите за членови на Советот е разнолик и дел од нив, меѓу другото, се и правници, новинари, аналитичари, информатичари … Меѓу нив има и актуелни членови на Советот, но и вработени на други позиции во АВМУ.
На јавниот конкурс беа пријавени 31 кандидат, во меѓувреме еден се откажал, а шестмина беа дисквалификувани зашто не донеле уверение за државјанство.
Останаа само 24, но непосредно пред денешната седница на собраниската комисија, се откажаа двајца од кандидатите: Миле Бошњаковски и Виктор Грозданов.
22 кандидати од кои пратениците понатаму треба да го изберат новиот состав на АВМУ се: Сашо Стефановски, Нафије Селмани, Драгица Љубеска, Петар Џуровски, Емилија Петреска Камењарова, Шабан Даљипи, Андријана Скерлев Чакар, Лазо Петрушевски, Зоран Фиданоски, Арбен Саити, Емилија Јаневска, Давор Башоски, Даут Даути, Гордана Мајнова, Виктор Павловски, Владимир Ѓорѓиевски, Елена Стојковска, Зеријета Хајро Јајага, Цветанка Миновска, Стојанче Наумов, Афрона Верзиволи и Борис Арсов.
Законот забранува за член на Советот да биде избрано лице кое е именувано од страна на Собранието или Владата. Законот, исто така, забранува за членови на Советот да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политичките партии во последните 10 години. Законот бара кандидатите да имаат работно искуство од најмалку осум години во струката и кои во јавноста се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото.
Сегашните членови беа избрани во 2014 со мандат од 7 години. Законот потоа се смени за мандатот да се скрати на 5 години, но беа донесени и измени мандатот на актуелните членови да им трае додека не се изберат нови. Со години Собранието не можеше да изгласа нови, што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.
ФБИ уапси маж обвинет за оддавање разузнавачки информации за израелските планови за Иран
Американското Министерство за правда го обвини Асиф Рахман, кој работел за Централната разузнавачка агенција (ЦИА), за наводно оддавање доверливи разузнавачки информации на САД поврзани со плановите на Израел за одмазднички напад на Иран, објавија американските медиуми.
Според медиумските извештаи, претходно овој месец Рахман бил обвинет и за намерно пренесување информации за националната одбрана.
Тој во вторникот беше уапсен од Федералното истражно биро (ФБИ) во Камбоџа и треба да се појави пред судот во Гуам, американски остров во Тихиот Океан.
Судските документи покажуваат дека тој бил вработен во американската влада. Според лице запознаено со неговото вработување, Рахман бил ангажиран во ЦИА која му овозможила пристап до чувствителни информации.
Њујорк Тајмс, кој прв ја објави веста, пишува дека Рахман е обвинет во врска со објавувањето разузнавачки информации на социјалната мрежа Телеграм во средината на октомври.
Објавените информации ги вклучуваа и плановите на Израел за преместување на муниција и за вежби на израелските воздухопловни сили.
Сослушани над 60 лица за несреќата на железничката станица во Нови Сад
За несреќата на железничката станица во Нови Сад, каде при уривање на настрешницата загинаа 14 лица, досега се сослушани повеќе од 60 лица, објави денеска (13 ноември) новосадското Вишо јавно обвинителство.
Меѓу загинатите беше и македонскиот државјанин Васко Саздовски, кој последните години работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад каде се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството.
Обвинителството во моментов води предистрага за несреќата.
Како што наведуваат оттаму, во тек е градежно вештачење за утврдување на причината за падот, како и анализа на примероци од остатоците од урнатата настрешница.
„По завршувањето на вештачењето и утврдувањето на причината, обвинителството ќе може да утврди одговорност за пропустите кои довеле до трагичните последици“, се додава во соопштението.
Од Обвинителството наведуваат дека несреќата има апсолутен приоритет во нивното постапување и оти во соработка со полицијата била подигната целата документација од сите надлежни институции и поединци, чија детална анализа е во тек.
Откако на 1 ноември при уривањето на бетонската настрешница на реновираната железничка станица во Нови Сад загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени, дел од граѓаните, активистите и опозицијата ја повикуваат власта на одговорност.
Беа одржани повеќе протести на кои се бара утврдување на кривична одговорност за несреќата, како и оставка на српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Неколку дена по несреќата оставка поднесе само министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.
Меѓу барањата кои произлегоа од протестите е и објавување на сите тајни договори поврзани со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, а се бара и контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати и реализирани во последните десет години во Србија.
СДСМ против предлог-буџетот за 2025, поднесе над 200 амандмани
Нереален и неразвоен, е оценката на опозицискиот СДСМ за предлог-буџетот за 2025 година што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го усвои на крајот на октомври и за кого наскоро треба да започне собраниската расправа.
Социјалдемократите, соопшти денеска партискиот лидер Венко Филипче, нема да го поддржат ваквиот предлог-буџет. Тие подготвиле и поднеле над 200 амандмани во кои, како што рече Филипче, главниот фокус е на зголемување на платите во јавниот сектор и обезбедување подобри услови за работат и квалитетни јавни услуги.
„Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Владата предвидува раст на БДП од 3,7 отсто за 2025 година, кој нема да може да го оствари, а потврда за тоа се проекциите на Народна банка, која го определи на 3,3 отсто и очигледно најреалната проценка на Светска банка 2,5 отсто. Владина проекција за висок раст на БДП е поставена на нереална основа и има за цел да оправда поголем буџетски дефицит“, рече Филипче додавајќи дека ваквиот пристап на власта ќе води кон зголемување на јавниот долг без притоа да има некаков развој.
Со други зборови, посочи Филипче, „ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе го враќаме во иднина веројатно со многу повисоки даноци“.
Социјалдемократите очекуваат дека власта ќе има конструктивен пристап кон нивните амандмани кои, велат, ги подготвиле по направела анализа со експерти од повеќе области.
„Нашите амандмани не се само бројка. Тие се инструмент преку кој бараме вистински промени кои директно ќе влијаат на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Воведуваме зголемување на платите за вработените во јавниот сектор, почнувајќи од образованието и здравството, што ќе ја подигне мотивацијата на работниците и ќе овозможи поквалитетни услуги за сите“, изјави Филипче.
Тој наведе дека предлагаат и зголемување на платите на полицијата за 20 проценти, како и нова технолошка опрема за поголема безбедност на граѓаните. Понатаму, посочи, амандманите предвидуваат субвенции за младите земјоделци, како и за домаќинства и компании кои ќе преминат на електрични возила итн.
Со слични констатација, дека предлог-буџетот не е ниту демократски ниту развоен денеска излегоа и од ДУИ.
Додека опозицијата критикува, власта е на став дека предлог-буџетот за 2025 година ќе донесе „вистински развој на државата“. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска во предлогот се содржани мерки кои ќе донесат фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење, како и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.
Инаку, предлог-буџетот за следната година е „тежок“ 6,5 милијарди евра. Во него приходите се проектирани на 5,8 милијарди евра, што е за 13 проценти повеќе од овогодишниот буџет. Расходите, пак, е предвидено да изнесува 6,5 милијарди евра, што е за 10 проценти од претходниот буџет.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете