Новоизбраниот претседател Доналд Трамп го избра сенаторот Марко Рубио да биде шеф на дипломатијата додека администрацијата што доаѓа се подготвува да се постави кон светот во кој беснеат војни во Европа и на Блискиот Исток и во кој расте конкуренцијата од Кина и Азија.
Во изборот на Рубио, сенатор познат по цврстиот став за многу прашања од надворешната политика, новоизбраниот претседател бара некој кој во голема мера ги споделува неговите ставови за најитните меѓународни прашања, смета Бехнам Бен Талеблу, аналитичар од Фондација за одбрана на демократиите, со седиште во Вашингтон.
„Рубио е некој што има идеолошка и политичка усогласеност со Трамп за неколку клучни прашања од националната безбедност, како што се конкуренцијата на големите сили, спротивставувањето на Кина, спротивставувањето на Исламската [Република] Иран и враќањето на кампањата за максимален притисок“, вели Талеблу за РСЕ.
Во опсежно интервју минатата недела, пред да биде избран за државен секретар, Рубио рече дека повеќедеценискиот период на неприкосновеност доминација на САД по распадот на Советскиот Сојуз е завршен и е заменет со нова ера слична на Студената војна. Тој предупреди дека Соединетите Држави не можат премногу да се оптеретуваат со глобални обврски, велејќи дека Вашингтон мора да биде „прагматичен“ во своите активности во странство.
„Ние сме најмоќната земја, но и ние имаме ограничени ресурси … така што мораме да ги инвестираме и нашето време и нашите пари на работи што им служат на нашиот суштински национален интерес“, рече Рубио во интервјуто на 7 ноември за EWTN, кабелска мрежа со седиште во САД.
Рубио, Американец со кубанско потекло, одигра влијателна улога во обликувањето на политиката на Трамп за Венецуела за време на неговиот прв како претседател од 2017-2021 година. „Њујорк тајмс“ тогаш го опиша Рубио како „виртуелен државен секретар за Латинска Америка на Трамп“.
Трикратниот сенатор од Флорида, кој го предизвика Трамп на републиканските претседателски прелиминарни избори во 2016 година, доаѓа на функцијата со доволно искуство во надворешната политика со оглед дека служеше и во Комитетот за разузнавање во Сенатот и во Комитетот за надворешни работи.
Доколку Сенатот го потврди неговиот избор, 53-годишниот Рубио ќе биде првиот Латиноамериканец кој ќе ја извршува функцијата државен секретар.
И додека Латинска Америка сигурно ќе биде важен фокус за Рубио, таа се очекува да биде во заднина на итните прашања кои предизвикуваат грижа за американската надворешна политика, односно глобалниот раст на Кина, иранската закана за Блискиот Исток и руската инвазија на Украина.
Приоритет бр. 1: Кина
Кога се во прашања барањата за американските воени, политички и финансиски ресурси, Рубио сака фокусот да биде ставен на Кина.
„Мислам дека иднината на 21-от век во голема мера ќе биде дефинирана од она што се случува во Индопацификот. И мислам дека Кина би сакала да бидеме заглавени во конфликт во Европа и да не се фокусираме на она што се случува во Индопацификот“, рече Рубио на 7 ноември.
Рубио, кој беше копретседател на двопартиската Конгресно-извршна комисија за Кина, постојано се залагаше за цврст став кон оваа држава.
Тој ги предводеше напорите за вооружување на Тајван, самоуправната демократија за која Пекинг тврди дека е негова. Тој повика на директни пратки со американска муниција и напредни воени технологии со надеж дека тоа ќе ја одврати Кина од напад на островот.
Рубио, исто така, беше гласен за досието на Пекинг за човековите права, се залагаше за американската индустриска со цел подобра конкуренција со Кина и ги поддржуваше царините за кинеските стоки.
Тој се обиде да го забрани увозот на кинески стоки направени со принудна работа од Ујгурите и другите муслимански малцинства во западна Кина, како и да ја спречи Кина да ги заобиколи царините воведени од времето на Трамп со преместување на производството во Мексико.
НАТО и Украина
Рубио повеќе пати го поддржа суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзината одбранбена војна против Русија и ги опиша Украинците како „неверојатно храбри и силни“.
Во февруари 2022 година, веднаш по целосната инвазија на Русија, тој го ко-спонзорираше Законот за NYET во Сенатот, кој имаше за цел „да ги зајакне одбранбените способности на Украина“ и да воведе санкции кон Русија.
Сепак, Рубио исто така рече дека руската војна против Украина е доведена во „ќорсокак“ и „треба да се донесе до крај“.
Тој беше меѓу малцинството сенатори кои претходно оваа година се спротивставија на нацрт-законот за странска помош кој вклучуваше 60 милијарди долари помош за Украина. Предлог-законот сепак беше усвоен во април, со што вкупната помош од САД за Украина од февруари 2022 година се искачи на речиси 175 милијарди долари – приближно исто толку помош Украина доби од цела Европа заедно.
Рубио ја истакна таа нерамнотежа, нагласувајќи дека Вашингтон треба да ја натера Европа да преземе поголема улога во справувањето со сопствените безбедносни прашања со цел да се овозможи САД да дадат приоритет на предизвикот на Кина во Индо-Пацификот.
Во минатонеделното интервју за EWTN, Рубио рече дека е „нереално“ да се очекува САД да одобруваат десетици милијарди долари за Украина на секои 10 месеци. Тој порача дека европските членки на НАТО треба да го засилат својот придонес во Алијансата.
„Секој ден во нашата земја се бориме со прашањето како да им пружиме помош на Американците, иако ги имаме овие одбранбени барања за кои трошиме многу пари, додека европските земји во НАТО не го прават тој избор“, рече тој.
Иако Рубио ја гледа Русија како безбедносна закана за САД и го поддржува суверенитетот и независноста на Украина, рече дека Киев ќе мора да преговара за крај на војната. Рубио посочи дека Русија има премногу ресурси на располагање, вклучително и оружје и луѓе, што и дозволува да продолжи со борбите и покрај тоа што претрпела големи загуби.
Иран: „Нема помирување“
Кога е во прашање Блискиот Исток, Рубио долго време зазема цврст став кон Иран, опишувајќи ја неговата теократска влада како „терористички режим“ за финансирање на групи како Хамас и Хезболах, и двете прогласени за терористички организации од страна на САД.
Како сенатор, тој беше жесток критичар на иранскиот нуклеарен договор (JCPOA) на претседателот Барак Обама од 2015 година, кој ја ограничи нуклеарната програма на Техеран во замена за ослободување од санкциите.
Критичарите на договорот тврдеа дека тој го засилил Иран, нудејќи премногу олеснување од санкциите без гаранции дека еден ден оваа држава нема да произведе нуклеарна бомба. Во 2018 година, Трамп, кој тогаш беше претседател, ги повлече САД од договорот и повторно воведе санкции кон Иран.
Неодамна, Рубио беше коавтор на три нацрт-закони со кои се казнува Иран, кои стапија на сила оваа година. Законите дозволуваат санкционирање на иранскиот извоз на нафта, на највисоките ирански лидери за кршење на човековите права, како и на странски ентитети и влади кои го поддржуваат Хамас. Ирански сателит, Хамас го нападна Израел во октомври 2023 година, предизвикувајќи регионална војна што се заканува да се прошири низ повеќе држави.
Рубио во септември ја критикуваше администрацијата на Бајден дека се одолговлекува спроведувањето на санкциите за нафтата, кои имаат за цел да го секнат финансирањето на владата. Исто така, администрацијата на Бајден не успеа да направи чекор и во однос на санкциите за кршење на човековите права.
Во зависност од тоа со што ќе се соочи идната администрација во Иран, кога ќе ја преземе власта, вели аналитичарот Талеблу, потенцирајќи ја нестабилната ситуација на Блискиот Исток, може да се очекува Стејт департментот предводен од Рубио да го се фокусира на спроведување на санкциите.
Гласниот поддржувач на Израел, Рубио го поддржа правото на земјата да се брани од иранските закани. По ракетните напади на Техеран врз Израел на 1 октомври, Рубио јавно поддржа асиметричен одговор.
Авганистан
Рубио, исто така, зазеде цврст став кон Талибанците, тврдејќи дека милитантната исламистичка група треба да биде прогласена како „терористичка организација“ од Вашингтон. Во март, сенаторот од Флорида поднесе предлог-закон во Сенатот со кој се повикува на прекин на американската помош за Авганистан за време на владеењето на Талибанците, тврдејќи дека дел од тие пари може да завршат кај „терористички групи“.
Во забелешките до Сенатот, Рубио наведе: „Авганистан контролиран од Талибанците претставува директна закана за американските национални безбедносни интереси и за нашите сојузници на Блискиот Исток и Централна Азија“.
Во соработка со Рид Стандиш