Достапни линкови

Вести

ЕУ бара од Русија да го укине законот за странски агенти

Петер Стано, портпаролот на шефот на европската дипломатија Џозеп Борел
Петер Стано, портпаролот на шефот на европската дипломатија Џозеп Борел

Европската унија побара од Русија да го укине контроверзниот закон за странски агенти кој се користи против медиуми на руски јазик меѓу кои и Радио Слободна Европа. Денешниот повик на ЕУ, кој дојде преку портпаролот на шефот на европската дипломатија Џозеп Борел, следува откако руските власти го проширија опфатот на законот донесен пред девет години и ја засилија неговата примена.

Мината недела судски извршители од Москва почнаа со процес за запленување на имотот на сервисот на РСЕ во рускиот главен град, барајќи список со опрема која би можела да биде запленета. Извршителите добија и судска наредба за замрзнување на сметката на радиото.

Претходно рускиот медиумски регулатор ги додаде Втајмс, онлајн медиумски портал основан од поранешни вработени во весникот Ведомости, на списокот странски агенти.

“ЕУ постојано бара од руските власти да го укинат овој закон и да ги почитуваат нивните меѓународни обврски за слобода на изразување и здружување“, рече Петер Стано, портпарол на Борел.

Русија го усвои таканареченитот закон за странски агенти во 2012 година и подоцна го видоизмени. Со него се бара невладините организации кои имаат странска поддршка а за кои владата смета дека имаат политичка активност да бидат регистрирани и да се идентификуваат сами како странски агенти. Со подоцнежните измени тие обврски важат и за медиумите финансирани од странство.

„Такви акции имаат јасна интенција да ги попречат операциите на РСЕ во Русија како дел од поширок тренд да се задуши независноста на медиумите и критичките гласови во земјата“, рече Стано.

види ги сите денешни вести

Закажана конститутивна седница на Собранието на Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, за време на свое обраќање во Собранието на Косово.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, за време на свое обраќање во Собранието на Косово.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го одреди 15 април како датум за одржување на конститутивната седница на новиот парламентарен состав произлезен од редовните избори одржани на 9 февруари.

Ова е прв конкретен чекор во формирањето на новите државни институции, откако Централната изборна комисија ги потврди изборните резултати на 27 март. Во спротивно, според Деловникот на Собранието на Косово, Парламентот би се состанал на 30-ти ден.

Што се случува на конститутивната седница?

Конститутивната седница ја подготвува претседателот на претходното свикување, кој пет дена пред седницата мора да свика состанок на претседателите на политичките партии застапени во Собранието, за да го подготви дневниот ред.

На дневен ред треба да биде формирање на привремена комисија која ќе го верификува кворумот и мандатот, давање заклетва на нови пратеници, избор на претседател и потпретседател на собранието, гласање за извештајот на споменатата комисија и утврдување на пратеничките места во салата според политичката сила.

Со конститутивната седница претседава најстариот заменик, со помош на најмладиот заменик.

Законите не предвидуваат дека не може да има расправа на седницата.

На оваа седница пратениците полагаат заклетва - отсутните тоа можат да го сторат на следната седница - а првата партија, во случајов движењето Самоопределување, предлага кандидат за претседател на Собранието.

Потпретседателите, пак, се предложени од една од најголемите партии и немнозинските заедници, вклучително и српската заедница.

Согласно Деловникот на Собранието, конститутивната седница завршува со избор на претседател и потпретседател.

Прекините на конститутивната седница не можат да бидат подолги од 48 часа“, се вели во член 12 точка 5 од Деловникот на Собранието.

Според резултатите, во новиот парламентарен состав Движењето Самоопределување ќе има 48 пратеници, Демократската партија на Косово 24, Демократскиот сојуз на Косово 20, Српската листа девет, а коалицијата Алијанса за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива осум пратенички места.

Избор на Влада

Распределбата на мандатите во Собранието значи дека ниту една партија не може сама да формира Влада, што е следен чекор по одржувањето на конститутивната седница.

Што се однесува до резултатите, Движењето Самоопределување веќе се обрати до Уставниот суд, оспорувајќи ја одлуката на Врховниот суд за поштенските гласови, тврдејќи дека Демократскиот сојуз на Косово манипулирал со нив. Партијата на вршителот на должноста премиер Албин Курти побара од Уставниот суд времена мерка во врска со одлуката на Врховниот суд за тие гласови.

Доколку Уставниот суд донесе одлука за ова прашање, тогаш може да дојде до прекин на изборниот процес на Владата. Сепак, додека Уставниот суд не го реши прашањето што го покрена Движењето Самоопределување, претседателката на државата има неколку законски рокови кои мора да ги почитува.

Според законите, Османи мора да го довери мандатот за формирање нова влада на првата партија на изборите, во случајов на движењето Самоопределување.

Во Уставот стои дека мандатарот потоа има рок од 15 дена да го претстави составот на новиот извршен орган до Собранието и да побара 61 глас за негово одобрување.

Во случај првата партија да не добие поддршка од најмалку 61 пратеник, претседателот Османи има рок од десет дена да назначи друг претставник.

Ги повикува страните на консултации и има дискреционо право да определи кого ќе овласти да ја формира извршната власт.

И вториот претставник има рок од 15 дена да го претстави составот на владиниот кабинет пред Собранието.

Но, доколку и по вториот обид не се формира Влада, тогаш претседателот Османи, според член 95 од Уставот, мора да распише нови избори, кои мора да се одржат најдоцна за 40 дена.

Изборите одржани на 9 февруари беа првите редовни парламентарни избори одржани во Косово по прогласувањето на независноста.

Финска се повлекува од договорот за нагазни мини поради Русија

Финските граничари и нивното куче Нита патролираат на финско-руската граница, во источна Финска, на 5 јуни 2024 година.
Финските граничари и нивното куче Нита патролираат на финско-руската граница, во источна Финска, на 5 јуни 2024 година.

Членката на НАТО Финска планира да ја напушти глобалната конвенција за забрана на противпешадиски мини и да ги зголеми трошоците за одбрана на најмалку 3 отсто од бруто домашниот производ до 2029 година како одговор на растечката воена закана од Русија, објави во вторникот нејзината влада.

Полска и балтичките земји, Естонија, Летонија и Литванија, минатиот месец објавија дека ќе се повлечат од Конвенцијата од Отава од 1997 година поради заканата што соседна Русија ја претставува за нив и за Европа.

Со напуштање на договорот, Финска, која ја чува најдолгата граница на НАТО со Русија, би можела повторно да започне со обезбедување на залихи на нагазни мини за да и бидат достапни доколку се појави потреба.

На прес-конференцијата премиерот Петри Орпо рече дека во моментов нема непосредна воена закана за нордиската нација, но дека Русија претставува долгорочна опасност за цела Европа.

„Повлекувањето од Конвенцијата од Отава ќе ни овозможи да се подготвиме за промени во сегашната безбедносна средина на посеопфатен и разноврсен начин“, рече тој.

Премиерот Орпо додаде дека Финска ќе одвои дополнителни три милијарди евра за одбраната, со што ќе го подигне нивото на воени трошоци од 2,41 отсто во 2024 година на 3 отсто од бруто домашниот производ до 2029 година копно и балтичките држави дека Русија би можела повторно да се вооружи и да ги нападне наместо Украина.

Финска се приклучи на воената алијанса НАТО во 2023 година, во промена на политиката по децении на неврзаност предизвикана од руската инвазија на Украина.

Финска почна да размислува за повлекување од Договорот од Отава во ноември минатата година, кога нејзиниот воен началник рече дека ова прашање треба да се разговара поради руската употреба на такво оружје во Украина.

„Финска ќе ги користи мините на одговорен начин, но тоа е одвраќање што ни треба“, рече министерот за земјоделство и шумарство Сари Есајах за новинарите во вторникот.

Противпешадиските нагазни мини се дизајнирани да бидат скриени во земјата и автоматски да се активираат кога некој ќе стапне или оди во нивна близина.

Финска уништи над милион нагазни мини по 2012 година, со што стана последната земја на ЕУ што ја потпиша Конвенцијата од Отава, која ја ратификуваа или пристапија повеќе од 160 земји - но не и Русија.

Договорот од 1997 година беше еден од низата меѓународни договори направени по крајот на Студената војна за промовирање на глобалното разоружување. Борците против мини ја добија Нобеловата награда за мир истата година.

Нагазни мини убија или осакатија десетици илјади цивили ширум светот, многу од нив долго по завршувањето на војните.

За напуштање на договорот ќе биде потребно одобрение од финскиот парламент.

Полицајци осомничени дека незаконски земале патни трошоци

Илустрација
Илустрација

Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 10 полициски службеници од Единицата за брзо распоредување. Службениците се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, со што го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи за 1.098.120 денари. Тие примале парични средства за патни трошоци за денови кога не патувале до работното место во Скопје. Против нив ќе биде поднесен и предлог за дисциплинска постапка.

Како што стои во соопштениот од МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано оддделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против полициските службеници К.Ѓ., Г.Д., Н.С., И.Г., Д.Д., Д.Д., Н.М., С.С., З.Т. и Д.Т., сите вработени во Единицата за брзо распоредување, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ казниво по член 353 од Кривичниот законик.

„Пријавените, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, искористувајќи го стекнатото право за надомест на патни трошоци, поради тоа што по лична карта се воделе со место на живеење надвор од Скопје, ја злоупотребиле службената положба на начин што примале парични средства од Министерството за внатрешни работи за денови во кои не патувале од своето место на живеење до работното место во Скопје и обратно, со што во периодот 01.12.2023 до 17.09.2024 го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи во вкупен износ од 1.098.120 денари, стои во соопштението од МВР.

Дополнуваат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за пријавените полициски службеници ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.

Вучиќ верува во создавање воен сојуз меѓу Србија и Унгарија

Потпишување на договорот за соработка меѓу Србија и Унгарија во областа на одбраната, Белград, 1 април 2025 година.
Потпишување на договорот за соработка меѓу Србија и Унгарија во областа на одбраната, Белград, 1 април 2025 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека верува оти новиот договор меѓу Белград и Будимпешта во областа на одбраната, потпишан на 1 април, ќе продолжи во натамошното приближување кон создавање на воен сојуз меѓу Србија и Унгарија.

„Тоа го бара унгарската страна, а унгарскиот и српскиот парламент. Нашите односи се повеќе од добри, а премиерот Виктор Орбан и јас изразивме желба да продолжиме со забрзување и натамошно приближување на нашите позиции во одбранбената сфера“, рече Вучиќ по потпишувањето.

Вучиќ не даде повеќе детали за идејата за српско-унгарски воен сојуз. Унгарската и српската страна не разговараа за тоа, се додека по потпишувањето на договорот не беа дозволени прашања од новинарите.

Во средината на март, Белград остро реагираше на декларацијата што тогаш ја потпишаа Албанија, Хрватска и Косово во Тирана, која учесниците ја опишаа како документ кој ја зајакнува соработката во одговорот на безбедносните предизвици кои можат да ја загрозат регионалната стабилност. Од друга страна, Србија го окарактеризира како провокација и закана за стабилноста.

Хеликоптерски вежби и обуки

Криштоф Салаи-Боровнички и Братислав Гашиќ, министрите за одбрана на Унгарија и Србија, потпишаа документ во вторник во Белград со кој се прецизира договорот за стратешка соработка меѓу Унгарија и Србија во областа на одбраната од 2023 година на посветени индустрии, сајбер безбедност, мировни операции, воено образование и медицина.

„Унгарија е секогаш на страната на зачувување на мирот и Србија е секогаш нејзин сојузник во тоа“, изјави унгарскиот министер за одбрана Кристоф Салаи-Боровнички.

Вучиќ во оваа прилика рече дека Белград, откако минатата година купи оклопни транспортери БТР-80А од Будимпешта, е заинтересиран за набавка на други системи останати во Унгарија од советскиот период, како и за новите борбени возила Lynx KF-51 што Унгарија ги произведува во соработка со германската компанија Rheinmetall.

Тој додаде дека Унгарија купува муниција со калибар 7,62 од Србија и дека е заинтересирана за борбени возила 8х8 од српско производство.

На воено поле нè очекува многу заедничка работа. Се што правиме значи поголема безбедност за граѓаните на двете земји“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека наскоро очекува средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Беше објавено дека трговската размена меѓу Унгарија и Србија надмина три милијарди евра и дека земјата е петти економски партнер на Србија.

Две децении неутралност

Србија е членка на програмата на НАТО Партнерство за мир од декември 2006 година. На крајот на 2007 година таа прогласи воена неутралност преку парламентарната резолуција за заштита на суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок.

Во последните десет години има одржано десетици воени вежби со земјите од НАТО алијансата, вклучително и Соединетите Американски Држави, како и со Руската Федерација и Белорусија.

Од руската инвазија на Украина, Србија не учествуваше во воени вежби ниту со Истокот, ниту со Западот.

Исклучок направи во 2023 година, кога на своја територија вежбаше 15 дена со САД и другите земји на НАТО во маневрите наречени „Платинест волк“ одржани во воената база „Југ“.

Владата со идеја да купи 120 еколошки автобуси

Илустрација
Илустрација

Владата денеска на седница усвоила Информација за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 се ургентно потребни за обнова на возниот парк на ЈСП- Скопје и подобрување на јавниот превоз, а останатите 40 ќе бидат распределени согласно економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа.

„Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерство за транспорт во врска со доставените писма за интерес од единиците на локалната самоуправа за потребата од набавка на еколошки автобуси за јавен превоз. Имајќи ги предвид финансиските средства обезбедени во рамки на буџетот на Министерството за транспорт за оваа намена, предвидена е набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 се ургентно потребни за обнова на возниот парк на ЈСП- Скопје и подобрување на јавниот превоз, а останатите 40 ќе бидат распределени согласно економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа, информира владината прес-служба.

Набавката на еколошките автобуси за јавен превоз, додаваат од Владата, ќе придонесе за подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните, како и намалување на загадувањето на воздухот во општините, одржлив развој и заштита на животната средина.

Се забранува користење на пиротехника во затворен простор

Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17.03.2025
Опожарената дискотека „Пулс“ во Кочани, 17.03.2025

Пиротехнички сретства во затворени простории нема да смее да се користат. Вакви законски измени донесе Собранието денеска кое го изгласаа 87 пратеници, иницирани од трагедијата во Кочани каде загинаа 59 луѓе, а повеќе од 200 беа повредени. Измените на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир беа предложени од ВМРО-ДПМНЕ и донесени по скратена постапка.

„Констатиравме многу пропусти кои треба да се надминат за да нема импровизации кои ќе резултираат со вакви хаварии и несреќи“, рече пратеникот Тони Јаревски.

Со измените на законот, двојно се зголемени казните за непочитувачите на законот. Доколку прекршокот се повтори, се предвидува и затворска казна.

Инаку вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Со истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.

Тимот од јавни обвинители кој работи на случајот, како што информира претходно, работи на активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци, како и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области.

Јавните обвинители од тимот кој ја води предистражната постапка за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени, континуирано преземаат повеќе истражни дејствија за обезбедување докази, а такви дејствија, кои вклучуваат распити, анализи и вештачења од голем обем и во однос на повеќе различни институции се во тек и денеска, информираат од прес-службата на ЈОРСМ.

Меѓутоа, за да се зачува тајност на постапката и да се спречи компромитирање на доказите, од Обвинителството посочуваат дека не е во можност во моментов да открива повеќе детали за активностите.



Во однос на барањата на опозициската СДСМ да се формира Анкетна комисија за трагдедијата во Кочани, и на барањето на ДУИ во истрагата да се вклучат и странци, премиерот Христијан Мицкоски, завчера рече дека „не бегаат од никаква Анкетна комисија, но би сакале да ја прошират и за останатите случаи освен за Кочани.

„Јас апсолутно не бегам од никаква Анкетна комисија, претпоставувам ниту пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата нема да бега, но би сакал да ја прошириме со сите овие останати судски случаи кои завршија на начин на кој завршија. Така што, подготвени сме да разговараме, да дебатираме со секој оној којшто може да помогне или да додаде вредност, изјави премиерот Хрстијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање по посетата на Ново Село.

Според премиерот, СДСМ и ДУИ не биле задоволни од истрагата за Кочани, но како што рече би ги прашал дали биле задоволни од истрагата за модуларната болница во Тетово, дали беа задоволно од истрагата за Ласкарци, дали беа задоволни од истрагата за Беса транс, за Трговскиот центар „Соравија“ во Скопје и уште многу други истраги кои изминатиот период беа познати во јавноста.

Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, денеска на прес-конференција во Собранието рече дека би поддржале предлог за таква Анкетна комисија, како и дека „оставаат шанса на институциите за професионална и неселективна истрага за трагегијата во Кочани, потоа ќе излеземе со нашите идни дејствија“.


„Оставаме шанса на институциите. Истрагата е во тек и затоа нашиот став е дека треба професионално, неселективно да се заврши целата истрага. Да не опструираме во текот на истрагата. По завршување на истрагата како СДСМ ќе излеземе со став за нашите идни дејствија. Во моментот кога ќе заврши истрагата зависно од резултатите од истрагата, рече Тренчевска одговарајќи на прашањето дали СДСМ ќе ја поддржат идејата на ДУИ за формирање на собраниска Анкетна комисија за неселективна правда за случајот во Кочани.

Од ДУИ, денеска повторно побараа независна истрага за „Пулс“, надвор од рацете на оние што, како што велат, ја овозможиле трагедијата.

„Јасно е дека на Власта не ѝ е потребна правда, туку алиби. Тоа не смее да се премолчи и затоа јавно бараме: Итна суспензија на целата командна структура по вертикала во МВР и Бирото за јавна безбедност, кои знаеле за проблемите со ПУЛС, а не реагирале“, изјави Арта Билали Зендели од ДУИ.

Синдикатите утре на протест, барањето за поголем минималец ги „скара“ со Владата

Генерален штрајк на ССМ, архивска фотографија
Генерален штрајк на ССМ, архивска фотографија

Нападите кон Сојузот на синдикатите на Македонија нема да го запрат синдикатот во барањата за повисоки плати и подобрување на животниот стандард на работниците - порача денеска (1 април) претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов во пресрет на утрешниот протест во Скопје.

Тој денеска потсети дека Советот, претседателството и надзорниот одбор на ССМ утре со почеток во 12:05 часот ќе одржат јавна седница пред Собранието, Стопанската Комора и Владата.

„Со нечовечкиот однос кон синдикалните претставници не само што е повреден Уставот и законите во Македонија, туку има повреда и на меѓународните конвенции на трудот и за тоа веќе се известени Меѓународната организација на трудот, Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати кои даваат целосна поддршка на ССМ“, истакна Трендафилов.

Тој ги повика функционерите да ги симнат, како што рече, „розовите наочари со кои гледаат во нивните скапи и луксузни кабинети“.

Според првиот човек на Сојузот, синдикалците се загрижени за состојбата во која 250.000 работници примаат плата до 32.000 денари, а 380.000 работници примаат плата под просечната плата во земјата.

Синдикална јавна седница против одлуката за поголем минималец

Појасни дека јавната седница е против одлуката на Владата да ја зголеми минималната плата за само 1.800 денари, што синдикатот го смета за незаконско и недоволно.

ССМ бара минималната плата да изнесува 30.000 денари, наместо предложените 24.300.

„На 2 април во 12:05 часот, Сојуз на Синдикати на Македонија (ССМ) излегува на улица, онака како што ветивме пред еден месец, затоа што 12 часот помина тогаш, кога Владата одлучи еднострано да утврдува износ на минимална плата на штета на работниците во Македонија, не прифаќајќи ги нивните предлози за утврдување на висината на износот на минималната плата“, порача Трендафилов.

Утрешната Јавна седница од пред ССМ ќе продолжи пред Парламентот, каде што синдикатот ќе порача дека не може да има подобрување на платите за пратениците без подобрување на платите за работниците. Пред Стопанската комора, ССМ ќе истакне дека поддршката на работниците е од суштинско значење за стабилноста на економијата. Завршниот дел од протестот ќе биде пред Владата, каде што синдикатот ќе побара и работниците да се вклучат во одлуките за нивните плати.

Манасиевски: Демаскирани се синдикалците на батерии

Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека луѓето од раководството на Сојузот на синдикати „дебело профитираат“ и ги нарекоа „синдикалци на батерии“.

„Дали Иван Пешевски е гласен синдикалец затоа што зема 80.000 денари плати? Според информациите, кои до нас ги доставија свиркачи од ССМ, на кои им е преку глава од злоупотребите на Трендафилов и Пешевски, овие двајца дебело профитираат. Имено, според информациите кои ги добивме, платата на Пешевски, кој деновиве глуми загрижен синдикалец е трипати поголема од минималната“ , рече на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тој во 2024 и првите два месеци од 2025 година остварил и приходи по други основи со договори на дело и заедно со плата инкасирал 1.3 милиони денари. Демаскирани се синдикалците на батерии Слободан Трендафилов и Иван Пешевски. Нивните игри се прочитани и никој не им верува“, порача Манасиевски на денешната прес конференција.

Првиот човек на ССМ пак, Трендафилов денеска изјави дека битката со поединци од ВМРО-ДПМНЕ е да нема зголемување на платите и како што истакна, да ги држат во заложништво и сиромаштија работниците.

Тој обвини и за упади во синдикалните организации и за притисоци кон работниците да преминат во друг синдикат.

Тренчевска: Животниот стандард на граѓаните е на дното

Зголемување на минималната плата денеска на прес конференција побара и пратеничката Јована Тренчевска од редовите на СДСМ.

„На денешната собраниска седница е Законот за ослободување од плаќање придонеси за зголемени плати поднесен од СДСМ. Со оваа мерка платите може да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари, Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за зголемениот дел, 400.000 работници со плата до 65.380 денари ќе добијат повисоки примања“, изјави Тренчевска.

Таа реагираше и дека две минимална плати не се доволни за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство потсетувајќи дека потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари, и за 100 евра е зголемена во споредба со лани.

Стармер: Царините на Трамп веројатно ќе ја погодат Велика Британија

Британскиот премиер Кир Стармер
Британскиот премиер Кир Стармер

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е веројатно оти царините на Доналд Трамп ќе ја погодат Велика Британија и вети дека ќе дејствува во националниот интерес како одговор.

Стармер посочи дека одмазднички царини се можни, но нагласи дека не сака да види трговска војна.

„Обединетото Кралство ќе се обиде да издејствува ослободување“, изјави секретарот Џонатан Рејнолдс, но не можеше да даде временска рамка за тоа кога очекува да се сменат даноците за увозот во Велика Британија.

Трамп утре треба да претстави огромни царини за стоки од целиот свет, настан што американскиот претседател го нарече „ден на ослободувањето“.

Владата на Стармер се обидуваше да преговара за економски договор со Соединетите Држави, за кој се надеваат дека би можел да ги заштити британските бизниси од најлошите влијанија на плановите на Трамп.

Премиерот додаде дека „сите опции остануваат на маса“ како одговор. Стармер изјави дека се надева оти договорот за кој се преговара со САД ќе ги ублажи царините.

„Нашата одбрана, нашата безбедност, нашето разузнавање се поврзани на начин на кој не се поврзани други две земји. Значи, очигледно е во наш национален интерес да имаме блиски работни односи со САД, кои ги имавме со децении, и сакам да гарантирам дека ќе имаме и во децениите што доаѓаат“, рече Стармер.

Тој додаде дека „разговорите за економски договор вообичаено ќе траат месеци или години, но „за неколку недели ние добро напреднавме во тие дискусии“.

Трамп веќе најави дека ќе биде воведен данок на увоз од 25 отсто за сите автомобили увезени во САД, мерка што ќе биде удар за автомобилската индустрија во Велика Британија.

Србија и Унгарија потпишаа договор за одбранбена соработка

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ

Во Палатата Србија во присуство на претседателот на државата, Александар Вучиќ денеска (1 април) беше потпишан документ од областа на одбраната меѓу Србија и Унгарија.

Планот за билатерална воена соработка меѓу министерствата за одбрана на Србија и Унгарија за 2025 година - документ за операционализација на стратешката соработка во областа на одбраната меѓу двете земји, го потпишаа министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ и министерот за одбрана на Унгарија, Криштоф Салаи-Бобровнички.

Клучни елементи на договорот се можноста за заеднички вежби и воено-техничка соработка во набавката на оружје.

Вучиќ по средбата изјави дека Србија има најразвиена и најинтензивна соработка на полето на одбраната со Унгарија во регионот и изрази уверување дека „договорот за заеднички активности ќе продолжи во натамошното зближување и создавање воена алијанса или воен сојуз меѓу Србија и Унгарија“.

„Секако, за тоа се прашува унгарската страна, се прашуваат унгарскиот и српскиот парламент и сите други“, рече Вучиќ на заедничката конференција. Тој додаде дека денеска е потпишан документ со кој се операционализира и конкретизира договорот за стратешка соработка во областа на одбраната постигнат во 2023 година.

Со Документот кој беше потпишан денеска се договорени 79 активности за оваа година.

Вучиќ најави и претстојна средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, на која ќе продолжат разговорите за стратешка соработка. Лани, трговската размена меѓу двете држави надминала три милијарди евра.

Триесетдневен притвор за член на обезбедувањето на премиерот

Затвор Скопје - Шутка
Затвор Скопје - Шутка

Полицаецот од Шестата управа во Министерството за внатрешни работи, кој до вчера беше дел од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски се наоѓа во притвор во КУП Затвор Скопје, потврди за МИА, директорот на установата, Бобан Утковски.

Скопскиот кривичен суд му одредил 30 дневен притвор на А. С., кој е осомничен за кривично дело „оддавање службена тајна“.

МВР вчера соопшти дека на 30 март по претходно добиени сознанија за сторено кривично дело „оддавање службена тајна“ по член 360 од Кривичниот законик, од страна на полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со ОЈО ГОКК спроведена е координирана полициска акција и реализирани се истражни дејствија за претрес на дом, возила и лица на подрачјето на СВР Велес.

„При спроведувањето на полициската акција и преземените мерки и активности, на паркинг просторот пред хотел во Велес, во возило “бмв” затекнати се А.С., полициски службеник во Одделот за заштита на определени личности и објекти и Б.К., а при извршен претрес во возилото пронајден е ранец со службени материјали од МВР и од лицата се одземени мобилни телефони, по што се лишени од слобода“, наведоа од МВР.

Во рамки на акцијата, дополнително биле извршени претреси на повеќе локации, при што биле пронајдени и одземени електронски уреди, службени документи и други предмети релевантни за истрагата. Исто така, од преземените мерки и активности во процесот на проверка, ОВККИПС констатирал дека полицискиот службеник постапувал спротивно на законските и подзаконските акти на Министерството за внатрешни работи, со што истиот неовластено поседувал службени материјали, нивно откривање на трети лица надвор од министерството, а со кои дејствија го извршил кривичното дело по член 360 од КЗ.

„Од страна на ОВККИПС до ОЈО ГОКК на 31.03.2025 година ќе биде поднесена кривична пријава против А. С., за кривично дело „оддавање службена тајна“ по член 360 од Кривичниот законик, соопшти вчера МВР.

Дел од медиумите објавија дека според првичните информации тајните полициски информации се продавани на припадници на криминалниот клан Грчец. По апсењето, од Владата нагласија дека истрагата треба да утврди што се случило и потенцираа дека безбедноста на премиерот не е загрозена.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG