Целта на Пекинг е да наметне влијание со испраќање на своите вакцини во посиромашните земји - пополнувајќи го вакуумот што го оставија западните земји кои ги откупија сите достапни дози и се соочуваат со доцнења во производството за нивните домашни потреби.
Додека Србија е руски сојузник и има аспирации за влез во Европската унија, врските на земјата со Кина се проширија и се продлабочија под претседателот Александар Вучиќ.
Кинеските вакцини пристигнаа во Србија
За време на пандемијата, тој не се воздржа гласно да зборува за силните врски на неговата земја со Пекинг - одржувајќи неколку настани од висок профил за да ја пофали помошта на Кина и славно го бакнуваше кинеското знаме во март лани откако медицинската помош од Кина пристигна во Белград.
Стратегијата на Вучиќ се покажа како успешна, бидејќи Белград ги искористи своите односи во услови на пандемија да ги диверзифицира своите извори на вакцини и да вакцинира најголем процент од своето население од која било друга земја во континентална Европа.
Србија досега вакцинира над 11 проценти од своите скоро 7 милиони жители, надминувајќи ја ЕУ, предводена од Данска, со 6,9 проценти од нејзиното население што ја добиле првата доза.
Најголемиот дел од овие дози - околу 1,5 милиони - се од кинеската државна фирма „Синофарм“, иако Србија исто така ја користи и руската вакцина „Спутник V“, како и американско-германски вакцини на „Фајзер-БиоНТех“.
Најновата пратка со вакцини на Синофарм пристигна на 11 февруари на белградскиот аеродром Никола Тесла и беше пречекана од српската премиерка Ана Брнабиќ и кинескиот амбасадор во Србија Чен Бо.
За Кина, обезбедувањето вакцини за Србија служи како важна геополитичка победа, бидејќи се соочува со посилни ветрови од сè поскептичниот Запад.
Белград исто така станува важна лансирна рампа за кинески скок во Европа бидејќи Пекинг бара поголемо влијание во регионот и пошироко.
Вакцините против ковид-19 дополнително ја делат Босна и Херцеговина
„Србија долго време беше полигон за Кина“, вели за РСЕ Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика и поранешен српски дипломат, додавајќи:
„Го видовме тоа со одбраната, градежништвото, технологијата и сега со вакцините. Тоа е местото каде што Пекинг се надева дека ќе ги тестира своите политики во Европа“.
Од маски до вакцини
Кина во снабдувањето со вакцини ја следи сличната логика на таканаречената „дипломатија на маски“. Со оваа стратегија се обезбедија многу потребни маски и медицинска опрема за земјите во кинеската иницијативата Појас и пат - од Африка до Југоисточна Азија и Блискиот исток - во почетокот на пандемијата на коронавирусот.
Тоа беше некаков начин да го намалат гневот и критиките во врска со справувањето на Пекинг со епидемијата, но и да ја зајакне својата мека моќ.
Во Србија, кинеските вакцини и помогнаа на земјата да стане лидер во вакцинирањето. Добриот пристап до вакцини, исто така, му обезбеди на Вучиќ корисна фолија за да ја критикува ЕУ и нееднаквостите во глобалниот пристап до вакцините.
На крајот на јануари, Вучиќ ја спореди глобалната кавга за вакцини со катастрофата Титаник. „Светот го погоди санта мраз, како Титаник: Богатите и најбогатите само се спасуваат себе си и своите најблиски“, рече Вучиќ, додавајќи:
„Земјите на ЕУ подготвија скапи чамци за спасување за нив, а оние од нас кои не се богати, кои се мали, како земјите од Западен Балкан - се давиме заедно како со „Титаник“.
„За Кина тоа е златна можност пошироко да ги посрамоти ЕУ и Западот“, изјави за РСЕ Димитар Бечев, соработник на Институтот за хуманитарни науки во Виена, оценувајќи: „Ова е шанса за Пекинг да ја поправи својата глобална репутација и да ја продолжи својата кампања за замена на Западот како столб на меѓународната соработка“.
ЕУ вети дека ќе им даде на шесте потенцијални членки на ЕУ од Западен Балкан - вклучувајќи ја и Србија - 85 милиони долари за купување вакцини, но испораките се одложени.
Доза транспарентност и релевантност, пред доза вакцина
Моќниот блок, кој купува вакцини во име на своите 27 земји-членки, сè уште не ги одобрил руските и кинеските вакцини, иако производителите на трите вакцини во Германија, САД и Британија се борат да им ги достават ветените дози на земјите.
Наместо да чека помош од ЕУ, Белград се сврте за да добие дози од Кина, Русија и САД директно - стратегија што другите земји можеби сакаат да ја следат.
Пекинг побрза да и понуди поддршка на Србија, откако прогласи вонредна состојба во март, откако се најде исклучен од пристапот до медицинска опрема поради ограничувања на извозот во ЕУ.
Вучиќ ја нарече европската солидарност „бајка“ и истакна дека само Кина е подготвена да ѝ понуди рака на Србија. Како и во раните денови на пандемијата кога земјите се справуваа со недостиг на медицинска опрема, помалите земји од периферијата на ЕУ бараат на друго место помош за набавка на вакцини.
Северна Македонија во моментов бара да купи 200.000 дози на Синофарм со надеж дека брзо ќе го вакцинира своето население. Босна и Херцеговина доби 2.000 дози на рускиот Спутник V, со планови за уште 200.000 кои треба да пристигнат во следниот месец. Црна Гора исто така очекува 100.000 дози на руски вакцини - значителен број за нејзиното мало население од 625.000.
„Оние земји надвор од ЕУ немаат друг избор“, вели Бечев. А една земја од ЕУ, Унгарија, го следи примерот на Србија со набавка на кинески и руски вакцини. Будимпешта еднострано ја одобри вакцината на Синофарм за итна употреба на 29 јануари и нарача 5 милиони дози, од кои првата пристигна на 16 февруари.
Другите исто така може да го земат истиот пристап. Чешкиот премиер Андреј Бабиш изрази отвореност да го следи ваквото прифаќање, како Унгарија и Србија, на кинеските, руските и западните.
Пандемична политика
Сè поголемиот успех на Србија во стратегијата за вакцинирање е производ на надворешната политика што гледа и на исток и на запад, што беше целосно прикажано во вакцинирањето на членовите на српската влада.
Првиот контингент вакцини од Србија стигна во Црна Гора
Премиерката Брнабиќ ја прими вакцината на Фајзер, додека министерот за внатрешни работи Александар Вулин и спикерот на парламентот Ивица Дачиќ ја зедоа вакцината Спутник. Да не остане никој надвор, министерот за здравство Златибор Лончар се фотографираше со кинеската вакцина на Синофарм. Вучиќ исто така посочи дека најверојатно ќе го засука ракавот за кинеската инјекција.
Но, и покрај јасните нијанси, српската влада инсистираше на тоа дека нејзината стратегија за вакцини не е водена од светската политика, туку е насочена кон враќање на јавното здравје во земјата.
„За нас, вакцинацијата не е геополитичка работа. Тоа е прашање на здравствена заштита“, изјави Брнабиќ за Би-Би-Си во интервјуто на 10 февруари.
Според Вуксановиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика, прифаќањето на српската дипломатија за вакцини треба да се гледа во контекст на поширокиот акт за балансирање на надворешната политика на земјата.
„Тоа е исто така начин да се испровоцира и поттикне ЕУ да стори повеќе“, рече тој. „Кинескиот фактор е важен начин да извлечете што повеќе од Пекинг, но и потенцијално да ги мотивирате Европејците да направат повеќе“.
По критиките на Вучиќ за европската солидарност и пофалбите за Кина во март лани, ЕУ на крајот ѝ испорача медицинска опрема на Србија како дел од пакетот од 112 милиони долари.
Но, се чини дека стратегијата на Пекинг остварува придобивки: Анкетите покажуваат дека Кина е претежно позитивно гледана во земјата, што покажува дека нејзините дипломатски напори за време на пандемијата биле плодни.
Поголемото прашање за Кина е дали може да се потпре врз своето место во Србија и да оствари придобивки на друго место во Европа. Пекинг беше домаќин на виртуелен самит за блок земји од Централна и Источна Европа на 9 февруари.
И покрај тоа што го раководеше кинескиот лидер Си Џинпинг, состанокот доби најниско ниво на застапеност од основањето во 2012 година - со шест европски држави кои не испратија ниту премиер ниту претседател.
И покрај таквата блага незаинтересираност за голем настан, многу земји во регионот сакаат да ги задржат своите врски со Пекинг недопрени во услови на неизвесност и блокада во ЕУ околу вакцините.
„Дури и оние земји во Источна Европа кои се разочаруваат од Кина сепак може да ја одржат својата карта во Кина за да играат во зависност од тоа како ќе се одвиваат работите“, вели Вуксановиќ.