Со вакцинација на здравствените работници започна процесот на имунизација против ковид-19 во државата. Први ја примат вакцината од производителот Фајзер вработените во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје како најизложени на ризик. Прим. д-р Добринка Наунова Јовановска по примањето на вакцината изјави дека се чувствува одлично.
„ Самото аплицирање на вакцината е безболно и може да препорачам секој од нас кој е во оваа држава и сега веќе имаме вакцини да ја прими, по сопствен избор нормално, кој сака Фајзер или некој друг тип на вакцина. Меѓутоа тоа е единствен начин да се заштитиме од овој тип на инфекција што не задеси последнава година дена со која цел свет се бори, а богами и ние добро се истрениравме“, вели таа.
Втората доза се прима по 21 ден, а имунитетот според Јовановска, потоа се стекнува за две до три недели.
„Ќе се чувствувам посигурна ако случајно дојдам во контакт со некој што е инфициран и многу полесно ќе се справам со таа инфекција и тој контакт. За мене ќе биде една голема сигурност тоа што сум примила вакцина и веројатно ќе бидам заштитена многу повеќе од поние што не примиле вакцина“, додаде Јовановска.
Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација од кои околу 2.000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. Пунктот во модуларната болница каде се спроведува имунизацијата со првата пратка има шест вакцинални позиции и во наредните денови ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање се на 10 минути.
Главната сестра на Инфективната клиника Габриела Темелковска ги повика сите граѓани да се пријават за вакцинација.
„Секако дека се чувствуваме посигурни и дека со вакцинацијата ќе се намали бројот на новозаболени и дека ќе почнеме да се враќаме во нормален живот“, порача Темелковска.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека вакцините се безбедни, со развиени безбедни платформи, и се единствен начин за развивање на колективен имунитет. Тој очекува за максимум 10 дена да се вакцинираат сите здравствени работници.
„Планот засега е вакцинацијата да се одвива тука во Скопје, заради тоа што овој персонал е трениран и едуциран за оваа вакцинација. Понатаму, вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава, изјави Филипче во одговор на прашање, по почетокот на вакцинацијата во Модуларната болница“, рече Филипче.
Тој додаде дека капацитетот на пунктот е максимум 500 лица на ден, но, во план е да се вакцинираат 300 до 350 лица на ден. Засега има 4680 дози кои беа донација од Србија, а следната количина од 4000 дози директно од Фајзер се очекува да стигне наредната недела.
Граѓаните пак, кои се заинтересирани за вакцинирање против Ковид-19, во меѓувреме се пријавуваат на веб-страницата vakcinacija, на министерството за здравство и кај матичните лекари.
Инаку, според планот на министерството, предвидено е откако прво вакцина ќе примат здравствените работници, кои работат со Ковид - пациенти во клиники и домови за стари лица , како и матични лекари и вработени во лаборатории, потоа можност за вакцинација да добијат и сите граѓани над 70 години. Станува збор за бројка од околу 14.200 здравствени работници и над 170 илјади лица кои имаат над 70 години. Во првата фаза треба да се имунизираат 100 илјади лица-здравствени работници и луѓе над 70 години, кои во рок од 21 ден треба да ја примат и втората доза.