Министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев уште од ноември лани најавија дека може да се надеваме на вакцини кои ќе ни ги отстапи Грција. Од секоја количина што ќе стигне во Бугарија ќе се оддели една и за нас, уверуваше Филипче. Иако Србија понуди помош од 8000 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ тие се уште не се пристигнати во земјава, иако со донесувањето на измените на Законот за лекови беше надмината и последната пречка за набавка на вакцините на Фајзер. Со измените на законот за лекови всушност се создадени законски основи за издавање на одобрение за ставање во промет на вакцините против Ковид-19 кога подносителот на барањето нема седиште на територијата на државата.
Од Министерството за здравство велат дека вакцините доцнат поради динамиката на испорака на истите до земјите кои ни ветија помош преку солидарниот фонд.
„На нашата земја помош во обезбедувањето на вакцини преку солидарниот фонд и ветија Грција, Полска, Австрија и Бугарија, но поради динамиката на испораката на вакцини во нивните земји, според најавите кои ги добивме од амбасадорите на некои од тие земји, испораката на вакцини ќе започне после март. Што се однесува до вакцините на производителот Фајзер, кои треба да стигнат од Република Србија, се уште се чека на дозвола која до Белград треба да ја испрати компанијата производител на вакцините“, ни одговорија од Министерството за здравство.
И политичкиот аналитичар Петар Арсовски е убеден дека доцнењето на вакцините од Србија е само поради техничките проблеми и дека не се работи за неспособност на надлежните власти да ги обезбедат ветените дози.
„Во случајот со Србија не верувам дека се работи за некаква лекомисленост кај нашите власти имајќи ја предвид добрата волја што тоа му ја обезбеди на српскиот претседател Александар Вучиќ во македонската јавност. Се појавија и некои информации дека од Грција доцнат затоа што и тие добиле само 10 отсто од тоа што го порачале, па не можат да си дозволат да ни дадат вакцини, веројатно истото е случај и со Бугарија“, вели Арсовски.
Но брзањето на политичарите со најавите дека обезбедиле вакцини, иако подоцна се соочуваат со други проблеми и доцнење на истите, според Арсовски, е поради големиот притисок од јавноста за ова прашање.
„Мислам дека политичарите брзаат со најавите за вакцини за да го намалат притисокот во јавноста, па дури потоа се соочуваат со технички проблеми околу пристигнувањето на истите“, вели Арсовски.
Последната најава е дека наскоро ќе пристигнат и 200.000 вакцини од Кина. Дали ќе бидат дистрибуирани вакцините за Ковид-19 од Кина до 20 февруари како што најави премиерот Зоран Заев останува да се види. Како и дае, Министерот за здравство Венко Филипче денеска го потпиша Договорот за набавка на вакцини против Ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“.
„За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими по 21 ден, што значи дека од првата пратка имаме две дози за вакцина и ревакцина за 100.000 лица. Заштита од оваа доза се обезбедува со две дози вакцина“ објасни деновиве Филипче.
Во меѓувреме, остануваат најавите дека следниот месец треба да пристигнат 5.800 вакцини на компанијата Фајзер, а до крајот на годината 800.000. Вкупно 833.000 дози се обезбедени преку Ковакс системот. Тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација којшто овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам. Тие вакцини се наменети за околу 400 илјади луѓе, оти вакцината треба да се прима во две дози.
Во светот расте интересот за руски и кинески вакцини
И додека поголемиот дел од европските земји веќе ја започнаа втората фаза од имунизацијата на населението, а другите земји од регионот или почнаа со вакцинација или се на чекор од имунизацијата, Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина останаа единствените земји во Европа каде вакцинацијата против Ковид-19 се уште не е почната.
Инаку, според планот за вакцинација, прво ќе се вакцинираат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа. Вакцината ќе биде бесплатна и незадолжителна, но не има силни препораки да се прими.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 94.798, бројката на оздравени пациенти е 83.999, на починати е 2.924, а бројот на активни случаи изнесува 7.875.